Friday, June 17, 2016

Рант за Кичево

(By Roger Mortis, 273/153)
За да се доживее ново и драматично искуство не е секогаш нужно да се патува надалеку.
И локалните краишта во себе кријат неистражени и непознати територии кои знаат да го фрапираат патникот-намерник.

Една таква територија е позната под името Кичево.
Земјата Кичево ми остави силен впечаток.
На влезот на таа мистериозна земја има неколку силоси за жито кои се надвиснуваат над ова населено место како Кришту Редентор над Рио. Сите две ленти по главната (и единствена) улица се маестрално проектирани во вид на права линија. Од лева а богами и од десна страна има згради, некои со по четири а има и такви со по пет ката!

Околу приземјата на зградите се забележуваат исцепени дрва за огрев што упатува на помисла дека таму живее вреден и чесен народ. Некаде околу градската автобуска станица порано имаше семафори, но во поново време тоа технолошко чудо кое ги збунуваше локалните жители беше исфрлено и заменето на кружен тек...кој уште повеќе ги збуни локалните жители.


Постарите лица во лимените биртии на автобуската носеа пресечени ракометни топки на главата. Не знам од каде потекнува тој обичај и дали е тоа резултат на нивната локална религија или се работи за некаква нова мода.
И така човек се движи по тоа место и се прашува дали постои нешто невообичаено...кога таму, настрана од погледите, на парче шина си седи главната туристичка атракција - локомотива со големина на Југо и пар вагончиња. Своевремено, кога ликови со фесови го донеле тоа нешто во градот - сигурно на рајата им бил направен впечаток кој денес би го оставило слетување на вселенски брод. Подоцна системот на тесни шини бил заменет со систем на широки шини, за време на владеењето на ликови со петокраки на главите и вовчето наречено Ќиро останало без работа...

Кога сме кај вселенски бродови, над и околу Кичево е забележана постојана НЛО активност за која понекогаш известуваат локалните и национални медиуми но повеќето такви инциденти остануваат во рамките на месниот фолклор. Се претпоставува дека во 1947 година во околијата навистина слетал вселенски брод. А тоа не е случајност, впрочем поимот Кичево се состои од шест букви, исто како и Розвел! А тоа не може да биде случајност. Друга сличност со Розвел е таа што во Кичево било предвидено снимање на тинејџ серија наречена `Kercove High` која требало да биде овдешен пандан на американските серии кои имаа чудно влијание врз младата популација во неславните деведесетти.

Ако некогаш патот ве однесе низ ова живописно и нималку интересно место - застанете и прошетајте, пружете му шанса на овој европски бисер на досадата и монотонијата да допре до вашето срце. Никогаш не се знае, и Лас Вегас некогаш бил само пар салуни, пар корали, еден бордел и една бензинска на сред пустелија. Така и Кичево може да прерасне во нешто значајно. А во тој случај, ако го посетите местото, еден ден на вашите правнуци гордо ќе им расправате - `да, јас сум бил во Кичево!!!`

Saturday, June 4, 2016

Комшилук

(By Roger Mortis, 272/152)
Бесмртните Монти Пајтон во својата позната нумера The Galaxy song на духовит начин зборуваат за ништожноста на човекот во огромната, темна и студена вселена. Сепак една сатирична песна тешко може да го долови местото на човекот во вселената. А човекот како човек - си ја поделил бесконечноста за да може подобро да ја разбере.

Како што знаеме уште од деновите на оскудниот и грозоморен образовен систем - земјата е трета планета по ред во Сончевиот систем кој до скоро се состоеше од девет а денес од осум планети, после дисквалификацијата на далечниот Плутон од екипата. Тука веќе ја достигнуваме границата на сознанијата добиени преку медиумот на монотон глас на рандом даскал и одиме понатаму.
Сончевиот систем се протега на некои педесетина Астрономски единици (една астрономска единица е далечината помеѓу Сонцето и Земјата или 150 милиони километри) што му доаѓа отприлика 7,5 милијарди километри, горе-долу.
Напуштајќи го сончевиот систем ги оставаме километрите на раат бидејќи не вршат повеќе работа и се префрламе на Светлосни години (растојание кое светлината го поминува за една година). Парсеците ги оставаме на астрономите.

Нашиот скромен Сончев систем бил само дел од облак на ѕвезди и најмалку 200 други сончеви системи со големина од околу 30 светлосни години. Тоа е нашето малку подалечно соседство.
Облакот од своја страна бил дел од Локалниот меур со разни облаци од звезди/сончеви системи над некои 800 светлосни години. Збир од повеќе локални меури сочинувал појас од меури наречен Гулдов појас и се протегал на барем 3000 светлосни години.


Понатаму доаѓаме до Орион гранката како збир на меури и појаси со големина од 10.000 светлосни години и како составен дел од галаксијата Млечен пат, скромна галаксија од 100.000 светлосни години. Заедно со неколку галаксии кои гравитирале кон неа сочинувале подгрупа на галаксии низ 2,7 милиони светлосни години.
Таа подгрупа била дел од група на 54 галаксии во распон од 10 милиони светлосни години познати како Локална група.
Повеќе локални групи сочинувале Кластер на галаксии, ние сме биле во Девица кластерот (преку 1500 галаксии низ 54 милиони светлосни години) кој пак бил дел од Девица Суперкластерот кој од своја страна бил собир на кластери на групи на галаксии и имал барем 100 кластери со галаксии низ своите грубо земено, 120 милиони светлосни години...

Девица суперкластерот бил составен дел од Ланикеа мегакластерот, кој се состоел од мноштво суперкластери и имал барем 100.000 галаксии низ него распространети низ 520 милиони светлосни години.
Ланикеа е последна поделба, како составен дел на Универзумот, барем оној за кој се претпоставува дека му е позната формата и големината низ 13,8 милијарди светлосни години а во својот состав содржи над 100 милијарди галаксии како дел од целосниот универзум.

А тој од своја страна може да е само еден од трилионите постоечки универзуми...

Ако на просторот се додаде и времето (а поинаку и не може) тогаш доаѓаме до најмалку четири милијарди години перипетии, подударности и коинциденции само на Земјата и во нашиот Сончев систем кои резултирале со појавата на живот и на крај секако - Човекот, сосема нова појава со неговите 200.000 години постоење.

Не знам за вас но мене ваквите информации не ми делуваат депресивно ниту пак ме прават да се чувствувам ништожен. Напротив, сите ние сме екстремно ретка ситуација во Универзумот и можеби е крајно време да се откажеме како врста од тривијалностите кои доминираат низ кратковечниот престој на секоја единка во оваа реалност. Јасно е дека тоа е невозможно и само се надевам, дури би рекол дека навивам да не бидеме единствена самосвесна врста во Универзумот бидејќи тоа би било, да го парафразираме Карл Саган - навистина ненормално трошење на простор.

Не, најсериозно...се надевам дека Митре од Ресен не е највисоката форма на живот во Универзумот.