(By Roger Mortis, 292/172)
Живот пише романе.
Барем така гласи релативно популарната фраза произлезена од третокласните србијански тв-серии.
Можеби има нешто во таа фраза.
Но како и да е, романот за Д.В. никогаш нема да биде напишан.
Бидејќи никој не сака романи за губитници. За наивни. За сиромаси. За добричини.
Д.В. беше добар човек.
Во време кога добрите луѓе беа презирани.
Роден во меѓувреме, во недефинирана земја, во расчекорот на историјата, во моментот на непознатото, под сивото небо, Д.В. не беше амбициозна личност. Воспитуван според прилично застарени концепти израсна во нормален човек, лик со скромна самодоверба и прикриена сентименталност.
Сивото небо под кое живееше донесе време во кое работата во приградското село повеќе не носеше ниту гол опстанок. Неговата детска воља која се приклонуваше кон желбите на дедо му за останување на имотот беше игнорирана и тој се најде на сивиот асфалт во градот помеѓу двете исушени речни корита.
Траумата на замената на руралниот свет со урбаниот живот остана кај него низ тинејџерските години па и понатаму во младоста. Потекнуваше од традиционално семејство на некогашни чувари на шумата. Одамна изумрена должност која се пренесувала од колено на колено низ вековите, низ сите промени и замени, преку сите војни, епидемии и моќници, се` до времето кога небото стана сиво.
Тешко му беше меѓу школските клупи. Претешко за неговата едноставна душа да може да најде вербален израз за теретот кој го носеше секој ден, по шест часа, па и повеќе.
Не беше лесен и патот по кој што тргна подоцна, со занаетот, но сепак му изгледаше бескрајно полесно да работи по цел ден отколку да слуша монотон глас на средовечен монструозен дебил пред табла или да го прашува дали смее да оди да моча.
Школото потполно ја уби желбата за читање и интелектуален развој кај Д.В. Се плашеше од книгите како од бесно куче. Карактерот пак не му дозволуваше да верува во било какво божанство и така Д.В. повторно се најде на сред пат, под сивото небо.
Небото беше сиво и оној ден кога замина во странство.
Сиво беше небото и кога се ожени.
И кога му се роди ќерка.
Па и кога сфати дека заработил сосема добра сума низ двете децении престој во земјата чиј јазик не успеа сосема да го совлада. Можеби ќе го научеше подобро да немаше страв. Од читање.
Барем да успееше да се приврзе кон некој колектив, да се запали по некаква идеологија, да навлезе во водите на организираниот мистицизам - неговиот животен пат веројатно ќе имаше поинаков расплет. Но таа можност ниту еднаш не му дојде на ум.
Сончев беше денот на неговиот погреб.
Присутни беа околу седум лица на кои им беше криво што таков прекрасен ден мораат да го минат навидум тажни. Сопругата одамна го напушти за друг, а ќерката беше единствена на која срцето и беше скршено на повеќе парчиња отколку што имаше штурци на гробиштата.
Поп по службена должност недостасуваше бидејќи оние кои си го одзеле животот и онака ќе горат во пеколот.
Во последните пар години од животот Д.В. некако успеваше да го потисне стравот од читање и пишување и прв пат после завршувањето на средното школо купи молив и тетратка. И во неа ставаше наивни, несмасно сентиментални мисли, крајно детински и лоши цртежи и понекоја дамка од солзите кои понекогаш не можеше да ги совлада.
Ќерка му ја наследи заштедата и целосно исплатената куќа, но она кое и беше најмило беше тетратката. А во неа имаше дрвја, поточиња, недефинирани птици, слаба црна мачка која ја имаше повеќе отколку другите елементи, куќи и едноставни сцени на рурален живот сместени помеѓу тагата која извираше од наивните и не особено смислени реченици.
На една страница таа се препозна и себеси во еден лошо нашкрабан цртеж...
Не знаејќи да си објасни зошто, девојката не даваше никому да ја види тетратката. А за нејзина среќа, никој тоа и не го сакаше. И таа беше воспитувана според прилично застарени концепти. И таа израсна во нормален човек, лик со скромна самодоверба и отворена сентименталност.
Таа беше добар човек.
Во време кога добрите луѓе беа презирани.
Tuesday, August 15, 2017
Saturday, August 12, 2017
Јадни врабац
(By Roger Mortis, 291/171)
Врапците се птици кои никој не ги приметува.
Нивното постоење се подразбира, посебно во урбани средини, исто како она на станбените блокови или паркинзите. Едноставно се тука.
Тие се битија кои си летаат наоколу, малечки, јаднички, плашливи, најчесто во кафено-црно-сиви невпечатливи бои, кутри само како што врапчињата на сред зима можат да бидат.
Не знам зошто но скоро секогаш кога ги гледам (а ги гледам секој ден) - ми предизвикуваат чувство на блага меланхолија. Дали поради тоа што симболизираат сиромаштија или маргинализираност или нешто десеето или поради некој лош филм во главата, кој би знаел.
Иако имаат сосема добар глас и си пеат врабји песни секое утро, тоа чувство на меланхолија сепак се појавува непокането, од страна, од непознат правец, без особена причина надвор од појавата на врапците.
Но тоа чувство после извесно време беше наподополнето со чувство на некаква милост. Мали, јадни, бедни, некои бушави, некои шарени, слаби и дебели, тажни и весели - почнав да ги приметувам и да им давам храна и вода на малите јадничиња.
А тие пак, од своја страна носат подароци.
Можеби зад постоењето на врапците се крие тоа дека тие се малечок пердувест контејнер за заробените души на невидливите, на сиромасите, на исклучените, на изолираните, на заточените, на немоќните, понижените, несреќните...
Легендата зборува за злобната страна на Гаутама Сидарта познат и како Буда кој ги проколнал врапците да бидат неприметни до крајот на светот. Имено, во моментот кога Буда се просветлил - сите живи створови дошле да се поклонат пред него. Тигри, кобри, пци и стаорци, оси, комарци и луѓе.
Единствено ги немало врапците кои понесени од својата игра, барање храна и безделничење не сметале дека тој настан е којзнае што. И така при крај на церемониите, привлечени од огромниот број животни и птици - се појавиле колку да видат за што станува збор. Искрената љубопитност, а не величината на Буда биле причина за нивното присуство.
Буда, просветлено гневен на тоа што врапците се дрзнале да не се поклонат - ги проколнал никој да не ги приметува до крајот на светот, да останат на маргините на постоењето, на крајот од перцепцијата...Јадни мали Врапко.

Subscribe to:
Posts (Atom)