(By Roger Mortis, 296/176)
Демоните на физичката болка се интресна појава. Иако крајно досадни, неповторливо иритантни - тие понекогаш знаат да го упатат човек низ широчините на меморијата, низ булеварите на паметењето и да ископаат зборови и реченици од некои одамна заборавени времиња, искажани или запишани на некои сосема небитни места.
Едно од основните прашања на кое сеуште нема конечен, јасно дефиниран одговор е што е тоа што не` дефинира како луѓе.
Генетиката кажува дека сме физичка инкарнација на ДНК записот, психологијата и социологијата објаснуваат дека се работи за влијанието на програмите кои ги даунлодираме преку нашиот биолошки хардвер и понатаму ги процесираме преку нашиот софтвер во главата, религиите кажуваат за творба на Семоќно битие според "Неговиот лик".
Еден феномен кој малку се судира со сите овие ситуации (а можеби и подржува некои од нив) е оној за Дивите деца, кои од најмала возраст или како бебиња се оставени да умрат а потоа по игра на случајот (или судбината ако така сакате) биднуваат “усвоени“ од животни при што живеат, јадат, се однесуваат и социјализираат исто како животните со кои се движат, на пример одат на четири нозе, лаат, гризат...
Можеби сте слушнале од баби и дедовци дека во некое село имало дете кое што го оставиле на мечките или волците и слично, Цепенков пишува за дивото дете "Мечо", а низ интернетот се пронаоѓаат стории како онаа за Оксана Малаја, жената-пес.
Оксана била пронајдена во Овидјополскиот реон во Југозападна Украина.
Нејзината појава би била типична за една девојка од тие простори.
Но Оксана не е девојка.
Не е ниту е човек.
Оксана е куче.
Родена во семејство од дното на доцната советска реалност, татко и мајка алкохоличари но и своевидни пионери на тешката наркоманија во тој реон од Украина via новопристигнатиот "афганистанец", хероин кој го довлечкале воените ветерани во раните осумдесетти.
Крајно сурови и сирови, парот човеколики отпадоци ја оставиле Оксана покрај некаква шумичка, за среќа немајќи доволно социопатија да ја убијат, но во секој случај претпочитајќи го Коњот пред осуммесечната ќерка.
Оттогаш па се до раните деведесетти, никој не се заинтересирал за судбината на Оксана.
Останувале само повремените муабети на локалната раја дека слушнале од некого за некакво девојче кое се движи четвороношки вклучено во глутница на кучиња.
Овој пат информацијата не била урбан мит туку реалност. Не се знае точно како но после неколку средби со девојчето кое лаело, завивало, душкало и уринирало поткревајќи ја "шепата", било организирано враќање на Оксана меѓу хомо-сапиенсите при што била фатена после голема борба која содржела и касање. Не знаејќи што да прават, луѓето ја одвеле во локалниот дом за ментално заостанати деца.
Оттогаш започнува мачна епопеја на една личност која морала да го изоди патот на драматична метаморфоза од пес во човек. И тоа во пост-советска Украина.
Низ годините до полнолетство, Оксана тешко се привикнувала на животот во домот. Ќотекот станал вообичаена воспитна мерка а околијата во која Оксана постојано бегала од домот станала магнет за луѓе кои сакаат да видат нешто невообичаено, да се уверат во нешто митско. Украинските неверни Томи ја пронаоѓале како се приклучува на песји глутници и превртува канти за отпадоци, како глода коски и како им `ржи во обид за отпор.
Враќана постојано во домот, со текот на времето Оксана започнала да учи да оди на две нозе, некако да го користи гласниот апарат за формирање зборови, да врши нужда во тоалет...
Релативна слава Оксана доживеала преку документарец на ББЦ кога имала дваесетина години кога сеуште била повеќе пес него човек.
Денес Оксана е сепак повеќе човек него куче, живее некаде во Украина, зборува со извесна потешкотија во говорот, се лути кога ја нарекуваат "жената-пес", во настап на сентименталност (чисто човечка особина) има желба еден ден да ја најде мајка си која ја оставила како бебе да умре во шумата...и има дечко со кого што живее.
Познати се илјадници слични случаи уште од најстари времиња, документирани и потврдени случаи за деца-кучиња, деца-шимпанза, деца-горила, деца-кенгури, деца-мечки, деца-леопарди...
Најславниот случај е можеби оној на Дивиот Петар од Хановер во 18.век кој поминал околу 12 години како животиња, пред да биде пронајден и како сензација биде прикажуван низ панаѓури, пазари и селски собири низ Германија и Англија како “човекот-ѕвер“.
Стекнал голема слава и за 60 години колку што поминал во општеството научил цели три збора...
Оксана Малаја денес.
Најчудно е можеби тоа што тие деца се хранат со иста храна со која се хранат и животните, без облека одат наоколу изложени на секакви температури а гласот и движењата воопшто не се разликуваат од оние на животните со кои живеат...и преживуваат и раснат со години и години без некои проблеми.
Овие случаи укажуваат на премостување на генетиката, барем кога се работи за менталниот свет, за човекот како подвижен хард-диск на кој може да се даунлодира, брише и пак префрли животна програма различна од онаа генетски преродредената.
Каде престанува биолошката предодреденост а каде започнува можноста за целосно нова парадигма? Кој е начинот за изнаоѓање на нов пат низ крстопатот на судбината, без трагичните игри на животот и без суровоста на Случајот?
Тоа се прашањата кои си пробиваат пат низ болката и остануваат во меморијата барем неколку дена, низ призмата на нејасната емпатија и понекоја залутана солза...
Friday, October 27, 2017
Friday, October 20, 2017
Петок
(By Roger Mortis, 295/175)
Петок е обично ден кој се поврзува со позитивната страна на животот.
Крај на работната недела, старт на викендот, време кога оптимизмот царува, чашата е половина полна, петокот е крајна спротивност на неговиот зол брат - Понеделникот.
Но тоа е на копното.
Низ морските широчини, каде што викендот не постои, каде што чашата е секогаш полупразна, каде што песимизмот и маглата се еден чекор понапред од разумот - таму Петок значи и нешто друго, значи ден кога не се започнува ништо, ден кој треба да се прескокне, да се заборави.
Крајно суеверните морнари понекогаш знаеле да бидат проблематични при инсистирањето на нивните суеверија. Британската воена морнарица како главен империјалистички играч во светот при крајот на осумнаесеттиот и почетокот на деветнаесеттиот век се соочила со неколку побуни на морнарите кои предизвикале главоболки. Секако дека суеверијата не биле причина за тоа, но знаеле да бидат иницијална каписла.
А на врвот на баксузот било испловувањето на бродовите на ден Петок.
И поради таа причина, а можеби и не баш, околу почетокот на деветнаесеттиот век, Адмиралитетот на Британската кралска флота, се обидува да ги разбие вечните морнарските суеверија околу испловување во петок, решено било еднаш засекогаш да докаже дека нема ништо баксузно да се исплови на тој ден.
Во еден Петок, во Јануари 1818 година, бил нарачан бродот HMS Friday (Брод на Неговото Величество - Петок).
Се работело за Брик, релативно мал и брз едреник чија кобилица била положена на навозот на бродоградилиштето во Петок, бил спуштен на вода во Петок и бил предаден во официјална употреба...во Петок.
Дури и за капетан бил пронајден човек со пезиме Петок, некој си Џејмс Фрајдеј. Првата пловидба била закажана исто за - Петок.
Скромната свечена церемонија служела за да ги потисне стравовите, за да ја совлада Паранојата, да го сузбие гласот во главата на присутните дека сето тоа можеби и не е најдобра идеја...
По испловувањето бродот HMS Friday без проблеми се упатува кон мирната морска шир, запловува кон зајдисонцето, отпоздравува со бродовите со кои се среќава...и неколку дена подоцна исчезнува без трага, никогаш повеќе не е виден ниту некој слушнал што се случило со него.
Некои упатуваат на постоењето на урбан мит со слична тематика, некои се колнеле дека навистина постоел таков брод, трети истражувале низ регистрите на Кралската морнарица но не успеале да пронајдат докази за постоењето на таков брод, барем под тоа име.
И така брикот Петок останува заборавен помеѓу загадочната несигурност на морнарските приказни во пристанишните крчми, помеѓу тутунската магла и мирисот на силниот алкохол, некаде помеѓу тивкиот разговор и незаузданото суеверие се губи трагот на бродот кој требало да означи поинаков пристап и триумф на рационалноста над мистеријата.
Наместо тоа, Петок со своето кратко (не)постоење само послужил како извор на нови легенди, митови и преданија кои до ден денес пловат низ океаните и низ умовите на лицата кои го обожаваат непознатото, кои се радуваат на необичното и недефинираното...

Subscribe to:
Posts (Atom)