Friday, October 14, 2011

Варијации на тема Индивидуалност

(By The Marked One, 082/019)
Збор-два на тема на која би сакал да зборувам со денови но ситуацијата е поставена така па немам којзнае колку време. А ни место.

А и не сум љубител на огромни есеи кои на прв поглед наликуваат на зборник на синоними.
Темата е индивидуалноста и сите нејзини мутагенези.
Забавни се, оние кутри мали хрчки кои упорно бладаат за нивната уникатност, нивниот единствен начин на битисување.

Грешни души, позаблудени од простиот малограѓанин кој пред само десетина минути го исмеваа и го китеа со погрдни епитети кои двојно повеќе би им одговарале ним самите.
Слуги на левата хемисфера, очајни патници во потрага по афирмација на сопствената квази-интелектуалност која самите тие ја перцепираат како позитивна карактеристика
на сопственото битие.

Можеби звучам претенциозно, дури можеби и арогантно.
Верувам дека поседувам одредена грамажа горделивост и вообразеност во стомакот. Можеби малку повеќе одошто е препорачливо, па затоа сега малку и ми е подуен.


Но постојат и едни кои во себе го гледаат новиот месија.
Нивната потисната игнорантност во нивните глави полека родила желба и идеја за промовирање на сопствената некомпетентност во форма на псеудо мед-и-млеко-реченици низ кои од време на време можат да се забележат ефтини жилети за бричење, малку зарѓани од претерана употреба.

Истите жилети со кои тие утре ќе си ги сечат сопствените вени додека од носот веќе им се лие крв помешана со дневната доза кокаин.
Комично е, но истовремено и тажно како ваквите се токму оние кои се издигаат на пиедесталот како изградени индивидуи, посебни личности, ракотворби на сопствените убедувања.
Комично е, бидејќи истите се обична екстензија и бледа копија на оние на кои потајно им се поклонуваат.

Истите оние чиишто белосветски зборови ви предизвикуваат верижни оргазми и ве поттикнуваат на ментална мастурбација, всушност не се ништо повеќе од Абибос, или Пумо, или Наке.
Навистина, да бев барем пет проценти убеден во нивните ДМТ приказни, глупештини пофантастични од стариот и новиот Завет воедно, можеби ќе размислев дали би го признал оној минијатурен труд вложен во ваквиот развој на сопствената личност.
Да не се давев во ова море од медиокритет, да не бев до нос во нивните гомна, можеби ќе ја подотворев устата во нивна одбрана.

Вака...тешко.

Saturday, October 1, 2011

Раздор

(By The Marked One, 081/019)
Не генерализирајте.
Не глобализирајте.

Со самиот обид баш и не ја потврдувате својата интелектуална моќност...знаете.

Она што се случува, а вие очигледно сте премногу субјективно-критички (квази интелектуално ?!) настроени се вика - раздор.
И се случува токму сега, како последица на преголемата слободоумност која конечно добива глас последниве децении.

Во Македонија, пред триесетина години, во Титово време, кога бил закочен секаков духовен напредок а Водачите се крстеле во секуларност, навидум во пораст била интелектуалната моќ на населението.

Се разбира, во пракса, вистина е дека луѓето биле описменувани, но бидејќи и онака биле неписмени било лесно да ги излажеш дека there is nothing beyond.
И пукна Титова Југославија, прангите (видливи само за малкумина) кои дотогаш го држеа слепото население ги снема и ние буквално не знаевме што да правиме.


Сега, кога ти се отворени толку патишта стварно е тешко да одлучиш на каде главата да ја завртиш.
Тогаш таборот бил еден и едно, денес можеш да бираш, но сеуште сме во транзиција и бирањето, не дека не е опција, но едноставно сеуште го чекаме Комитетот за Бирање да гласаме за што ќе бираме.

Сеуште чмаеме во тој сон (Кошмар?!)...

Раздорот за кој зборувам, симплифицирано можеме да го поделиме на два интеграли.
Младина која е под влијание на медиумите и старото време и дијагностицирана со патриотизам и слични болештини на минатото, e истата младина која дреме на фејлбук и sparknotes.
Оваа младина се карактеризира со мрзливост и навидум неспособност и ниска интелигенција.
Ова е состојбата која вие пробувате да ја генерализирате.

Од друга страна се повеќе имаш нердови.
Интелектуално надмоќни битија, асоцијални, начитани.
16 годишни деца кои дебатираат за субатомска физика.
Вие нив ги знаете како “доташите“.
Штребер.
Затоа и не им обрнувате внимание.Затоа нив ги вработуваат Џонсон-Мети и сличните на нив.
Затоа што вам не ви е дојдено до дискусија со нив.

Во штреберот е царството божјо.