Saturday, July 9, 2016

Табу 2.0

(By Roger Mortis, 274/154)
Многу навидум јасни ситуации никогаш не успеав да ги распоредам во соодветен фолдер во мозокот а една од тие е и онаа во која болестите кај луѓето, во случајов ексклузивно кај мажите - се сметаат за нешто срамно и поради некаква причина, состојба која предизвикува потсмевање.

Се разбира, муабетот е за последното табу на машката популација, поимот од кој се тресат коски и поради кој се бара утеха во Етанолот и несмасно насочената агресија, the problem that dare not speaks it`s name, апсолутот на стравот и ужасот - Импотенцијата!

За поентата на овој рант крајно се неважни причините и последиците, класификациите за тоа за каква болест станува збор и начините со кои мажите се носат со еден таков проблем.
Интересно е нешто друго а тоа е што оваа болест како поим има стекнато право на граѓанство и смее да се користи во навредлива конотација па дури и со цел да се испровоцира рандом лик, многу често од страна на женската раја. Уште повеќе лишено од логика е кога се користи од страна на машка раја...

Никој, ако не ги сметаме психопатите и социопатите, не би се потсмевал на слеп човек или на човек без нога. На маларичен или туберколозен? Не верувам. Деменција и Алцхајмер? Сифилис можеби? Тешко...Без евентуално рандом листање на медицинска енциклопедија во која би се пронашле болести кои кај некого би предизвикале потсмев, не сум сигурен дека такво нешто како комична болест може да постои.


Дали причината е неизбежната сексуалната конотација, дали и покрај површинската `еманципација` на населението и користењето на смартфони и слична електро-егзотерија која има процесорска моќ да ја посрами сметачката машинерија на НАСА за вселенската програма Аполо за пат на месечината - имаме само силна делузијата на еманципација и прогресивност зад која се крие вековна затупеност и која само чека некој малку да загребе под површина...кој би можел да знае...

Тука е и традицијата на машка трпеливост и перцепцијата на мажите како битија помалку осетливи на болка, па така разни воени ветерани со унштени тела и психа, разни жртви на несреќи на работно место или пак само на `обични` болести како гниење на вилица - морале низ вековите да `стиснат заби` (ако останале воопшто за стискање) и својата болка да ја закопаат некаде помеѓу испрекинатиот немирен сон и плачењето на седмото бебе...

А и не е важно во крајна линија. Болест е болест и во никакви околности не би смеело да биде предмет на исмевање и пакост. Барем не за лица кои се сметаат себеси за нешто повеќе од средновековна енклава во годината 2016.

`Еј брат слушнав дека Митре не можел да види бела мачка пред него, ќор бил скроз, абе слеп, така од раѓање знаеш...земај мобилниот ако се акне од некоја греда ќе биде јако...`
Дебилно?
Дебилно...

No comments:

Post a Comment