Sunday, October 28, 2018

Духот од Тонгва

(By Roger Mortis, 304/184)
Кога гласниот апарат ќе го изговори поимот "дух" најчесто се мисли на натприродна појава налик на холограмска проекција со човеколика структура. Обично тоа се обриси на мртви луѓе кои поради некоја причина сеуште се мотаат во оваа димензија, плашејќи ги суеверните, уверувајќи ги неверните или вршејќи некоја само за нив позната дејност.

Но што е што со ентитетите од неорганска природа?
Зарем предметите немаат своја натприродна репрезентација во вид на 3D визуелен израз?
Зошто и како постои овој вид на дискриминација не е познато, но не би било лошо да се потсетиме дека нашите далечни претци, барем во 90% од времепостоењето на човекот како вид биле закоравени Анимисти и верувале дека и предмети, места, објекти...имаат своја "душа" а некои од нив и свој "дух"!

Годината е сепак 2018-та и наводно нема повеќе место за анимистички пориви меѓу светското население но мора да се каже дека сеуште постојат објекти кои и покрај својата неживост имаат свој дух. Од друга страна пак, може да се забележи дека се` повеќе живи створови немаат душа иако не е исклучено да постанат духови еден ден...
Еден таков анимистички дух се материјализираше неодамна, пред цели два месеци, на 28.Август 2018, пред очите на стотици посматрачи на пат кон Бурманското пристаниште Тонгва. Анимистот во мене веднаш се присети на еден стар Лаптоп кој го употребував цели 11 години и за кој сум сигурен дека имаше некаква "душа", знам дека имав сосема искрени емоции кон него и дека сеуште го чувам завиткан и спакуван на суво и темно место за да ја задржи својата форма. Ако еден ден ме посети духот на мојот омилен "Ејсер 5050" тоа ќе ми биде многу мило.


Бродовите како превозни средства и онака се прилично склони да исчезнат и да постанат духови, океанските широчини се преполни со сведоштва за илјадници бродови-духови кои ги вознемирувале морнарите и патниците низ целиот свет. Но она што е посебно за "Сем Ратуланги", дваесет и седум илјадутонско чудовиште долго 180 метри - е тоа што бродот се вратил во нашата димензија после девет години избивање од неа...
Овој трговски брод за превоз на контејнери со најразлична роба, пуштен во употреба во 2001-ва година, што значи прилично нов, пловејќи под славното Индонезиско знаме (Полско знаме свртено опаку, за неупатените) исчезнал некаде во Септември 2009-та, во близина на Тајван.
Неговиот екипаж, неговиот терет и бродските записи исто така исчезнале, но за разлика од самите труп на бродот кој ќе се појави повторно под сводот небесен - од нив до денес нема никава трага.

Последна фотографија од бродот под полна опрема и екипаж била онаа од Порт Судан во 2008 година. Бурмански рибари, изненадени кога чудовиштето се створило покрај нив во близина на Тонгва - се качиле на бродот за да проверат дали има некого, или барем нешто кое би можеле да го запленат, но за нивна жал, немало ништо. Напуштајќи го лутачкиот брод, ја обавестиле Бурманската воена морнарица која пак упатила Реморкер за да го одвлечка бродот до Читагонг, едно од многуте места на кои завршуваат бродовите, последната станица на ужасот за некогашните моќни бродови кои владееле со морските рути, своевидни гробишта на пловила каде што илјадници раја, при осека, ги раситнуваат до последно штрафче и ги упатуваат на рециклажа при што добиваат понекоја пара на име на килограм "отпадно железо".
Овој ризичен, нископлатен бизнис однесува секоја година стотици жртви, што лешеви што инвалиди, бидејќи не е баш најздраво да се сече метална плоча од два тона со ацетиленска боца или да се залута низ зарѓаните мрачни лавиринти на бродовите, но ја врти економијата на веселите земски репрезенти на Пеколот како Бангладеш, Бурма, Пакистан, Индија и Шри Ланка.

Екипажот на реморкерот после извесно време се откажал од задачата, ги пресекол каблите за влечење и го оставил големиот Сем повторно да лута наоколу. Подоцна, друг Реморкер се упатил на местото на настанот и после 13 мачни денови тегнење некако успеале да го довлечкаат Сем Ратуланги до Читагонг, гнасниот бродски `ад.
Во тоа време на сцена стапила и бирократијата, така што засега не се знае кому ќе припадне оваа олупина дали на Малезиски власници, дали на пронаоѓачите од Бурма према меѓународното поморско право или во игра ќе се замеша уште некој агент. До тогаш Сем ќе си гние на полусувата плажа очекувајќи да биде распарчен и продаден за претопување.


Но ништо од тоа не дава одговор на основното прашање, што се случило со оригиналниот екипаж на бродот, каква дупка на судбината ги проголтала и како тоа цели девет години овој огромен брод не бил забележан на ниту една светска широчина.
Сосема инкогнито, бродот се створил во Андаманското Море доаѓајќи празен, без екипаж, навигација и без гориво од Јужното Кинеско Море, преминувајќи веројатно преку преминот Малака, место со можеби најголема поморска гужва на светот. 3600 Наутички Милји без ниту еден очевидец при сета таа гужва...тоа упатува на помисла за влегување во друга димензија и подоцнежно излегување од неа на сосема друга локација, или било што кое пркоси на секојдневните објаснувања?!
Да, можно е екипажот да го соголил бродот но за тоа е потребен ист таков брод кој ќе го преземе масивниот терет и соодветно пристаниште кое ќе го растовари сето тоа. Секако дека и продажба на сета таа роба би оставила трага и доколку морнарите се согласеле на апсолутна тишина.
А каква тишина ги проголтала најверојатно никогаш нема да се дознае.

Некако е на работ на убавината што и во оваа 2018-та година се случуваат вакви работи, па макар доаѓале и од места кои се викаат Мјанмар, новото име на државата Бурма, а бидејќи ме фаќа туѓ срам при пишувањето на овој лигаво-грд поим, мислам дека подобро би било да си остане стариот симпатичен, Киплинговски поим - Бурма.

No comments:

Post a Comment