Tuesday, September 11, 2012

Што сакам ?

(By The Marked One, 154/035)
Атракција родена и одгледана во апатија. Мислев дека е невозможна. Дали опседнатоста со нашите мании ја диктира процентуалноста на совпадливост, множејќи ја со нула. Фрлени во заблудите на сопствената десолација сонуваме иднина без наше присуство. Одвратниот град е мојата муза. Метафоризирана смрдеа. Ако сум аватар на идеите, тогаш светов отиде по ѓаволите. А што си ти?

Мислев дека сум луд. Ми недостасува спротивното, она што во целост е послано пред нозеве. Но јас не сум исполнет. Дали сум ненаситен или некомпатибилен?

Низ долгите разговори кои ги водевме...не, зарем не зборував со себеси? Ако постои, дали нереалноста е препрека? Идејата е моќен адут во рацете на фантазерите. Дај ни ја неизбрусана и крута. Нова. Како деца, радосни ќе ги испитуваме сите нејзини ќошиња, сите можности. Сите крајчиња.
Обожувам да другарувам со сопствените идеи. Долги разговори во малата соба. Сами, интелектуално се интимизираме, ги истражуваме крајностите на мојата психа. Деновиве по се изгледа имам време и волја за мала доза сентименталност.


Ќе претпоставам дека истата е само нус продукт на оваа фаза. Конекција која ја воспоставувам со себеси, олицетворена во имагинарна личност.
Да негирам дека досега не постоеле вакви, нематеријални животни копилоти во мојот живот е апсурдно. Мојата фантазија ми позволува да си поигрувам со карактерите на луѓето. Ги земам и ги групирам во замислени човечки трупови кои подоцна се реинкарнираат во моите советници.
Колку глупав начин да си помогнеш себеси.

А дали ми треба помош? Сеуште сум несигурен околу тоа прашање. Би го преформулирал во “Што ми треба?” само за да сфатам дека информацијата е излишна.

Што сакам?

No comments:

Post a Comment