Friday, August 24, 2012

Can`t stop me now!

(By The Marked One, 153/035)
Семејството беше една пречка.
Беше апсолутно недозволиво да се каже се` кај мене дома.
Пцуењето беше забрането.
Викањето беше забрането.
Отвореното критикување беше проколнато, фрлено некаде под тепихот.
Во тишината.
Бев долгогодишно размонтиран, разоружан. Моите оружја, зборовите. Не се сеќавам точно на се. Веројатно било потешко отколку сега. Иако не верувам дека било агонизирачко. Можеби само на моменти. Маалото во кое битисував. Тоа веќе беше друга приказна. Секоја секунда мината со џганот беше скапоцена.

Декларацијата како противник на верата на ближните во очите на светот не ја сметав за ништо посебно. Иако мојот свет имаше да каже многу за тоа. Сметав на нивната остроумност, а колку ли само бев заблуден...

Тргнав на исцрпувачка мисија, барајќи го трнот во очите на моите најблиски. Ме интригираше фрустрацијата во нивните очи секогаш кога еден од законите ќе прекршеше. Секој момент кога свесно ја пречекорував вербалната прохибиција.


-Професорке, мислам дека не сте во право!
-Извинете, наставнику. Зарем ова не може и вака да се реши?

Бев дете. Мислев дека сум од помош. Знаев ли дека боцкам во големата вреќа со сало? Знаев ли дека штотуку зачекорив на стаклено его?

Не. Не ми ни беше од посебно значење. Сметам дека бев во право. Дури и денес ги кршам индивидуалните табуа. Отворено, пред секого. Ја разоткривам патетиката. Не сум дете. Но сеуште сметам дека помагам. Иако сум презрен.

Градам имиџ кој биполарно го доживувам. Не знам дали ми годи туѓата фрустрација на моите плеќи. Дали сакам да сум вентил?

По ѓаволите, зарем мотивите се важни?

Ќе продолжам со мојот манифест. Мојата декларација да го правам она кое што сметам дека е правилно. Само, сега веќе не сум дете. Прангите на општеството како да олабавија последниве неколку години. Јазикот ми се одврза. Во есенција, себеси ќе се наречам двигател на себеомразата во секој од вас.

А мразејќи се себеси, ќе ме мразите и мене. И јас ќе ве сакам и мразам поради тоа.

No comments:

Post a Comment