Thursday, August 23, 2012

The score so far

(By The Marked One, 151/035)
Ноти, една до друга нанижани низ најразлични интервали, наговестуваат дефиле на ураган. Колку и да мразам рекурзивни сеќавања, или мразев кога бев дете, ме удри силно во глава “repetitio est mater studiorum” .  Премотување на филмот, како да отворив кутија-албум со слики и наеднаш да минав низ сите, некои од нив доживувајќи ги како денот на кој се сликани. Веројатно е она што ме прави сентиментален. Иако деновиве немам време за тоа.

Во одекот на минатото, или барем сребреникавата линија на помраченото небо која ја потенцира подобрата утрешнина сеуште ги гледам скалилата. На почетокот на оваа етапа пред многу години, во миговите кога мислев дека истата завршила мислев дека ќе преминам со голема емотивна експлозија. Сега, мислам дека немам време ни за тоа.

Разоткривањето на вистинското наравоучение на секоја животна фарса е од суштинско значење во секој случај, барем дотколку еволуирав. Да го разберам очигледното.


Имав, па и имам луѓе што ме сакаа. Ме сакаат. Не сум сигурен колку ги сакам или ги сакав за возврат.
Калкулациите ми избегаа. Единаесетката од време на време ми се појавуваше во фокусот. Бев почитуван и презрен. Можеби затоа што се проституирав за внимание, а бев скапа курва.

Стариот карактер, се она што го изгради мојот лик низ неколкуве години сега е излишeн кожурец. Немам никаква интелектуална потреба да се навраќам на некое старо заборавено доба и повторно да се валкам во арам и катран. Барем не без да аквизирам нешто, а сега сум сигурен дека нема.

Дури и да добијам нешто од таа реинкарнација, бенефицијата од застарена технологија е мала и ништожна. Зарем не се стремев кон иднината? Тие богатства ги оставам на некој друг, некој кој ќе ја има среќата да ми чекори во стапките. Не сум егоцентричен, само имав добар живот.

Она што ме прави горд, а е продукт на годиниве е непокајанието. Ја разбив догмата на јавното мнение, секој комшиски муабет, секој стереотип, секоја родителска замерка кои ме прогонуваат до ден денес. Не жалам ниедна постапка, ниеден збор кој го упатив. Бев дете и се однесував како што и доликува на мојата возраст. Единствено можеби пораснав малку пребрзо, додека вчера бев млад и бунтовен, денес се чувствувам стар и намќор.

Не ме држи, ниту на било кој начин спречува да продолжам да еволуирам. Се менувам без да сакам, иако ќе речат на полошо. Восприемив доволно мудрост од луѓето од кои ја побарав, луѓе кои сепак не беа секогаш тука за мене. Но, не бев ни јас. Благодарам ќе го чувам за друг пат, иако можеби некој некогаш го заслужи.

No comments:

Post a Comment