Пишувам. Ткаам реченици, потковувајќи ги со времето минато низ оние мали прашливи книжулиња. Оние стотици илјади страници, сите човечки приказни кои ме пронижале. Хартијата со вистинска вредност. Кога бев помал, читајќи понекогаш позеленував од завист и љубомора, посакував да сум на местото на творецот на приказната во која лелеев. Таа книжевна хармонија истовремено ме ужаснуваше и вознесуваше во божествена екстаза. Посакував да бидам Тој.
Низ годиниве кои пролетаа, безмилосно и остро атакувајќи на мојата игнорантна младост можеби најмногу и посветив време на сопствената творечка моќ. Илјадниците реченици кои се излеаа од моите неразумно трошени мозочни ќелии постепено како мускул ја зацврстуваа оваа способност. Решив активно да пишувам.
Што?
Го пишувам она што го мислам бидејќи сакам да го кажам, или барем она што сметам дека мора да се каже. Малку генерично и магливо опишано. Но всушност тоа е и поентата. Моите мисли, моите размислувања, се што ме допрело а вредело да се спомне сум го навезел на тие листови, инаку безначајни. Се соголев себеси пред публиката. До коска, ја положив секоја моја клетка пред критичките очи на масата. Театрално, со многу емоции, урнебесно се распнав себеси за туѓата информираност и угодност. Мислам дека тихото вниманието кое проследи беше цената за која ја продавав душата.
Ми годи. Бидејќи сакам да го кажам, и сакам да бидам чуен. Затоа го правам на најдобриот можен начин. Метод кој ми овозможува да го привлечам вниманието и потоа да го насочам кон она што е битно. Она што треба да биде потенцирано. Истовремено, моето его постојано се храни и згојува. Како богато дебело дете кое ги краде чоколадите под елката ден пред Нова Година.
Вооружан со артилеријата која сиве овие години ја акумулирав, воедно и подобрувањата кои ги извршив на истите. Секоја дебата ја гледам како судир. За мене бојното поле е таму, бидејќи таму сум челичен. Би сторил се како би ја зголемил мојата моќ да се изразам, воедно да триумфирам против практично секого бидејќи сакам да победувам, или пак, морам да победувам. Велат дека на светов постои куршум на кое е испишано твоето име. Јас на секој испишан збор закачувам по еден куршум.
No comments:
Post a Comment