(By Roger Mortis, 168/048)
Си бил фиљан чоек под име Роалд Амундсен.
И така си скитал по светот, шо би се рекло денеска, адреналин џанки бил. Не му одел муабетот со луѓе многу, повеќе го разбирале албатросите и пингвините. И таков каков шо го родила мајка, непрокопсан, тргнал по седумте мориња да ака, а не како сите мажи домаќини да се фати за работа, да си напраи девет деца, да си ги плати сметките на време, да посади на бавча по нешто - како шо е ред, оти утрешнина куќа не крепи, со скитање никој маж не се сторил, требало да се свести, да работи, да организира семејна на слава и да покани родбина и пријатели за да го докаже домаќинлакот, па и свадба да исчека од синовите, како глава на семејството...
Инаку сериозно забегана појава, Роалд успеал во 1906 прв да го преплови Северозападниот премин, рута која 400 години ги праќала сите оние кои се осудиле да се обидат да ја освојат - во смрт.
После тоа се упатил на Југ каде прв стапнува на Јужниот пол во 1911 а подоцна се враќа на север повторно каде станува прв кој доаѓа и до Северниот пол во 1925, иако тоа се утврдило подоцна.
Она што никогаш не се утврдило е - каде исчезнал последниот голем херој на планетарното истражување?
Со цел да помогне и да го спаси еден свој колега скитник и истражувач од Италија кој со Цепелин се обидувал да го прелета Северниот пол и по пат доживеал катастрофа - организирал спасувачка експедиција со уште еден норвежанец и тројца французи. Групата требало да ги бара преживеаните низ непрегледното арктичко пространство со помош на хидроавион Латам Л-47, опремен за да издржи лет низ суровите услови на крајниот север.
Амундсен и друштво полетале во Јуни 1928...и никој никогаш повеќе не чул или видел било што од нив. До денешен ден е непозната причината и начинот на смртта на Роалд. Спасувачки и истражувачки експедиции подоцна се обидувале да најдат некаков траг, но попусто. Амундсен заминал во димензијата на исчезнатите пионери кои го пробивале патот за остатокот од човештвото.
Италијанецот Нобиле кој бил цел на спасителната експедиција поради која исчезнал Амундсен бил пронајден жив (иако не баш здрав) од друга спасувачка екипа. Половина членови на италијанската експедиција настрадале.
Амундсен никогаш не бил физички пронајден како што не бил и психолошки - никој не може да каже од каде доаѓа потребата за доживотно скитање по предели низ кои никогаш не стапнала човечка нога. А можеби е подобро што е така.
Во чест на Роалд Амундсен, светецот заштитник на сонувачите и скитниците.
No comments:
Post a Comment