Ралф МекБантер ја подигна крагната на својата дебела јакна во обид да се заштити од ветрот.
Шансите да се запали цигара при таков ветар беа еднакви на шансите на Сан Марино да се квалификува на Светско во фудбал. Тоа го нервираше другарот Ралф многу повеќе од брзиот леден ветар кој ги мрзнеше белките во очите...
А времето минуваше бавно, во исчекување на неговата пријателка Фумико Ранташима која требаше да стигне пеш до некогаш напуштената истражувачка станица `Вилкс` на југоисточниот брег на Антарктик. Девојката тргна после кратката радио комуникација кога најави дека ќе стигне за најмногу шест часа бидејќи новата населба не беше премногу оддалечена од првичната локација на која се истоварија, веќе наведената станица `Вилкс`.
Сепак со задоцнување од околу еден час, низ бескрајната белина почна да се наѕира темна прилика која се приближуваше. Тоа беше Фумико.
Наредниот ден, другарката Ранташима и другарот МекБантер удобно седеа на кауч донесен од страна на американската морнарица во уште во педесетитте. Брендито и никотинот служеа за да се разврзат подмрзнатите мозоци, гласни жици и усни. Да се почне разговор.
Муабетот полека но сигурно сам од себе се насочи кон проблемите и дилемите на лицата кои себеси се идентификуваат како aнархисти, на чија идентификација впрочем и опишаните два лика беа дел.
Ралф започна во својот типичен флегматичен стил - `Претерано е...постојат беспотребни поделби на ионака не премногубројните анархисти во светот па и на оние кои за такви се сметаат. Иако живеат и работат под системот кој наводно го мразат, сепак остануваат цел живот робови и слуги на таквиот систем.`
`Биди малку појасен`, прошепоти Фумико.
`Пааа......вака, имаме две основни струи - анархисти и анархисти-после-ручек-пред-дремка-сакам-да-сум-интересен-ќе-фатам-пиче и слични на нив, особи кои никогаш не го надраснале својот адолесцентен период...а изборот е едноставен - или си за или си против системот`.
`Не ти се чини дека тоа е премногу поедноставено гледање на ситуацијата?`, запраша госпоѓицата Ранташима.
`Воопшто не`, одговори МекБантер и продолжи `Знам како се движи насоката на тие размислувања. Ако ѕирнеш во главата на самопрокламиран анархист, ќе ги чуеш следниве мисли - Абе види сега, лом ќе праиме бе само да завршам факс, само да се вработам, само да се оженам или омажам, само да ги израснам деците, само да заработам за станче или куќа, само да се пензионирам...или во превод - ќе останам роб на системот, нема да ја напуштам својата комфорна зона, нема да направам апсолутно ништо во поглед на мојата слобода или слободата на мојата заедница кон која припаѓам по свој избор...и следуваат рационализации од типот - ама ионака нели треба свееестааааа кај рајата да се зголеми па да дојде до Анархија...има време, за едно 114 века, ние сме само Пророци и служиме како квасец за новата свест. До тогаш ќе слушам панк, ќе читнам малку од Кропоткин и ќе носам чудна фризура...ионака нема да постојам за 114 века.`
`Ух, те мразам, Ралф, пријателе мој`, преку насмевка напомена Фумико, `знам дека веројатно си во право но сеуште имам проблем да се прилагодам кон таа реалност`
`И јас те мразам љубов моја, се насмевна МекБантер и продолжи, оставајќи ја својата новостекната пријателка со подотворена уста...`Како што викаат америте, you either sell your ass to the system...or you don`t. Nevermind the anarcho this or anarcho that...И на локално и на глобално ниво нема разлика. Што мислиш од каде сите овие поделби на анархо-ова, анархо-она, мислиш дека тоа доаѓа од некои практични луѓе?
Се` тоа ти е од теоретичари и премногу образувани луѓе кои немаат ништо заедничко со `класите` во чие име наводно говорат, а фабрика виделе само на слика.`
На Фумико пред очи и излезе една непријатна сцена поврзана со прераната смрт на нејзиниот татко кој гордо работел цел живот за една од бројните филијали на филијалите на моќните Заибатсу корпорациски кланови.
Се обиде да ја истера таа сцена од умот...
Но Ралф веќе влезе во ритам - `Со денешново ниво на технички развој и можностите кои скоро секој ги има на дофат, барем во половина од светот е многу поедноставно да се биде надвор од системот отколку некогаш. Но тоа бара привремено лишување од некои од скромните удобности и пред се расчистување со самиот себе, кој си и што си...и колку си искрен во намерите. Луѓето забораваат дека дури фантазираат за тоа како би требало да изгледа Анархијата во 114.век...таму некогаш после паѓањето на системот - дека секој ден го `хранат` тој исти систем кој наводно го мразат.
Има луѓе кои веројатно не слушнале за анархизмот како политичка теорија но кои се сепак анархисти. Таков пример постои меѓу рајата на Бугенвил, еден остров североисточно од Австралија каде Анархијата успеа во пракса.
Повеќе може да се научи за Анархијата од тие едноставни луѓе отколку од целиот опус на Кропоткин на пример. Иако се необразувани, сепак секојдневниот живот и секојдневните потреби развиле кај нив многу способности и квалитети од кои практично може да се научи многу.`
Другарката Ранташима воздивна, се напи од брендито и реши да не го прекинува другарот Ралф кој по се изгледа и` се допаѓаше и надвор од идеолошката колегијалност.
`Искреност во намерите и спремност да се биде надвор од системот или барем ако ништо друго да се елиминира колку што се може повеќе улогата на системот во животот на поединецот. Или на групата.
Личниот пример е најубедлив.
Сувото пропагирање и убедување не вродува со плод, барем не во последниве 200 години.
Рајата не се убедува на тој начин.
Кога рајата ќе види дека се живее добро на тој начин (off the grid) можеби ќе размисли. Барем еден дел од неа.
`Најкратко кажано, оние кои се декларираат за анархисти сакаат да се ебат а да не им влезе, секој ден да го примаат до јајца од системот и да останат - невини...`
Фумико не можеше да да премолчи - `Ралфе, изгледа не си читал многу историја`.
`Не премногу, признавам` одговори Ралф и се надоврза - `Нема такви примери од историјата.
Наводното инфилтрирање во системот како начин за негова промена е само покритие за лицемерието и стравот. Тоа е исто како некој да е спремен да се сунетиса или некоја да и го потсечат клиторисот за да станат муслимани и да го менуваат исламот одвнатре. А се кажуваат дека се - атеисти. Комплетна логичка бесмислица. Тоа е очекувано како што е очекувано и оставање на резервна опција...да се биде спремен кога ќе треба да се плати рата од кредит или да се оди на одмор некаде.`
`Системот е корумпиран, нерационален и нечовечен до крајност.
Секој кој е дел од него е делумно или тотално корумпиран, нерационален и нечовечен.
Или си за или против.`
`Можеби сето тоа е само резултат на недоразбирање`, започна Фумико. `Затоа што анархизмот и Анархијата не се синоними, нешто кое и самите анархисти не го сфаќаат.
Првото е теоретска доктрина и политичка идеологија која кажува за општество без држава, без власт, без наметнат авторитет.Анархија е состојба на бездржавност, безвластие и немање вертикални авторитети.
Најтажно е што не треба којзнае какви ресурси.
Само искреност и истрајност.`
`Точно, драга моја, искреност`, се замеша Ралф. `Зошто некој кој би работел во системот, кој би ги користел барем оние трошки кои ги добива, сите малечки удобности и предности кои би му ги овозможила `инфилтрацијата` би се откажал од сето тоа...во име на некаков морален принцип?
Посебно ако доаѓа од сиромашна средина и трошките му делуваат како карпите Гибралтарски...или ако оформил семејство...скраја да е, или ако подигнал кредити...има да стане покајник, знаеш, како оние екс-пушачи или екс-ждерачи на месо или екс-припадници на друго племе кои се најгласни во прогонот на довчерашните `колеги`.
`Е тука веројатно би требало да дојде до израз идеализмот`...се насмевна Фумико и благоиронично додаде...`а можеби и Дедо Мраз и Божиќниот зајак...`
`Би требало но идеализмот е голем луксуз`, се уфрли Ралф - `идеализмот те тера да ја пренебрегнеш биолошката природа, да му кажеш збогум на еволутивно вградените механизми. Затоа е толку редок и преставува највисоко ниво на постоење кое еден Хомо-сапиенс-сапиенс може да го достигне ставајќи ги целосно под своја контрола нагоните, инстинктите, стравовите, да престане да биде роб на биологијата. Иако е многу веројатно дека ќе настрада на тој пат. И покрај се`.
Г-ѓица Ранташима го искористи молкот на Ралф и започна - `Никој не сака слобода.
Бидејќи тоа подразбира целосна одговорност кон своите постапки, своите ставови, својот живот и своето опкружување.
Нема на кого да му се `извезе` таа одговорност. А луѓето би дале бубрег, еден тестис или половина матка да можат што повеќе одговорност за своите постапки да извезат надвор, кон надворешен фактор кој ќе го носи нивниот крст, или барем ќе служи како потпора, штаки кои Исус ги немал кога се пентерел накај Голгота.`
И продолжи - `Орвел нешто мрчеше дека слободата е можност да се каже дека два и два се четири, дека се` друго следува природно. Ако тоа го рефлектираме на времето, а бидејќи не се обидувам да продавам оригиналност - ќе кажам дека од време се состои животот. Нема друга мерка за `единица живот` која е толку сеопфатна како времето.
Во тој случај, слободата би можела да се измери преку пресметка колку од 24 часа дневно ни се на располагање на начин на кој самите ние сметаме дека треба да ги трошиме, колку од времето во животот е “наше“ и можеме да го подариме на самите себе и на оние кои нешто ни значат.`
Неколку моменти Ралф и Фумико молчеа, повремено упатувајќи си понекој поглед.
Ралф имајќи во себе нешто повеќе алкохол продолжи - `Сметката беше поразителна. Тоа и беше почетокот на патот кој не донесе до Антарктик. Бидејќи тука нема држави, нема попови и оџи, нема бирократи.`
`Нема и ништо друго` примери Фумико...`освен нашата желба за Анархија. И онаа на нашите истомисленици кои сепак не се малку. Станицата Вилкс веќе се наполни и се проширува секој месец. Сега градиме и нова населба како што знаеш. Треба да дојдеш и да не посетиш наскоро.`
`Секако`, изјави Ралф.
`Морам да ти кажам дека нема да доаѓам само поради населбата, туку повеќе поради тебе`
`Може и така` одговори Фумико, `зошто да не`.
`Знаеш што Ралф, не верувам дека би ми се допаднал толку кога би живееле во Дамфрис или Осака, но ете тука на Антарктик...`
Под сонцето на поларниот ден, истовремената смеа на Ралф и Фумико навестуваше заискрување на емоциите...
No comments:
Post a Comment