`Власта корумпира а апсолутната власта тотално корумпира` изјавил некојси барон Актон - и не згрешил.
Во долгата и траурна историја на власта во глобални рамки постојат ликови кои како да биле надвор од просторно-временскиот континуитет, рожби изродени од утробата на злото, битија зад кои остануваат полумитови и псевдолегенди, мачни траги на страдање и безнадежност.
Еден од нив била креатурата која делувала како прототип на диктатор од третиот свет, Жан Бедел Бокаса, тиранин на Централноафриканската Република во седумдесеттите години од напатениот дваесетти век.
Поранешната француска колонија позната под егзотичното име Убанги-Шари, стекнала `независност` во 1960 година. Позната и славна по ништо, оваа земја како што и самото име и кажува се` наоѓа во гламурозната област позната како Централна Африка или во колоквијлано наречената Субсахарска Африка, поим кој делува како смртна пресуда и предизвикува дистопични визии.
Сепак, во еден релативно краток период оваа земја се нашла на насловните страни на светските медиуми кога нејзиниот лидер, кој следејќи го стереотипот за диктаторисување дошол на власт со државен удар на 1.1.1966.
Жан Бедел Бокаса, поранешен офицер на француската армија, учесник во Втората светска и Првата индокинеска војна, одликуван со Легија на честа поради неговите несомнени испади на храброст во борбени услови - се чувствувал некако недоречено, неисполнето во својата нова `домовина`. Како главен командант на вооружените сили бил одговорен за изградба на новата војска на новата држава што била логична позиција како најславен војник кој се затекнал во Убанги-Шари за време на прогласувањето независност.
Потчинет на врховниот командант, претседателот Давид Дако - филингот на несоодветност ја измачувал психопатската душа на Жан кој набрзо решил дека најдобар чекор би бил државен удар. Но за такво нешто биле потребни предуслови кои за среќа на Бокаса се појавиле на сцена набрзо. Дако започнал да го менува курсот кон Москва и Пекинг со блага наклоност кон копирање на некои други псевдо-левичарски режими на континентот.
Загрижени поради можното излегување на оваа нео-колонија од француската орбита, властите во Париз стапиле во контакт со својот екс-офицер а веројатно сеуште активен разузнавач Бокаса при што било договорено дека при евентуален државен удар официјален Париз ќе гледа благонаклоно со цел да се сузбие комунистичкото влијание од оваа огромна но слабонаселена земја.
И така на новогодишната ноќ на почетокот на 1966 Бокаса и неговите следбеници од армијата извршиле државен удар соборувајќи го Давид Дако, со вообичаената радио порака за широките народни маси со која се известуваат граѓаните дека ќе имаат нов владедел кој ќе ги сака, штити и негува...
Станувајќи калиф наместо калифот, Бокаса започнал со широка и сеопфатна програма на корупција и непотизам, користејќи ги сите проверени и испитани форми на трансфер на јавни буџетски средства во сопствени џебови, давање концесии на странски фирми, продажба на ресурси и присвојување на меѓународната помош. Секако, сето тоа проследено со ликвидации на противниците на режимот, медиумски монопол и пропаганда насочена кон градење на Култ на личноста. Прогласувајќи се самиот себеси за доживотен претседател во 1972, Бокаса се покажал како поклоник на најсветлите традиции на диктаторството.
Со колку жени може да се има секс, колку луксузни оброци можат да се изедат, колку кокаин може да се ишмрка, колку дисиденти своерачно да се убијат? Сето тоа со тек на време здосадува а една од главните карактеристики на психопатите е што работите брзо им здосадуваат. Што понатаму?
И така, Бокаса решил да стане Цар!
Не преносно, не метафорично туку сосема буквално. За таа цел биле купени најлуксузни автомобили, златен престол, круна опточена со дијаманти, биле најмени генеалози за да ја `откријат` и испишат славната историја на `династијата` Бокаса, главниот град Банги бил набрзина претворен во Потемкиново село а од Франција биле донесени камермани за да детално ја покријат церемонијата со филмска документација.
За таа цел биле потрошени еквивалент на денешни 92 милиони долари, манијакална сума во една средина во која најголем дел од жителите живееле во срамна беда.
Уште на 4.Декември 1976 била прогласена Централно-афрканската Империја а следната година се одржала и церемонијата на крунисување. Било планирано римскиот Папа да го круниса најновиот светски цар, но во Ватикан немале разбирање за една таква ситуација, при што останала резервната опција некој локален бискуп да ја стави круната на главата на Бокаса Први.
Бидувајќи Цар на ЦАР, Бокаса засилено почнал да губи контакт со реалноста.
Огромните трошоци произлезени од царувањето, зголемените даноци и економското бунило создало плодна почва за востание. После масакрот на 100-тина ученици и студенти кои немале пари да платат нови задолжителни школски униформи со ликот на Бокаса - официјален Париз решил дека бламажата со поддршка на `царот` излегува од контрола и дека престижот на Франција во светот е сериозно нарушен.
После неколку предупредувања кои останале непослушани, контингент на фрацуски маринци засилен со `одред на смртта` од разузнавателните агенции извршил инвазија на `Империјата`, на 20.Септември 1979 - и за неполни 40 часа го скршил анемичниот отпор на локалните безбедносни сили. Француските специјалци со себе го донеле стариот а од следниот ден повторно новиот претседател Давид Дако кој нагло се излечил од левичарски стремежи...
Она што маринците го пронашле во палатата во Банги било спектакуларно во својата језивост. Имено, во фрижидерите за длабоко замрзнување, спакувани во најлони - се наоѓале човечки бебиња кои Бокаса со својата свита ги користеле како кулинарски специјалитет!
Царот-канибал бил голем љубител на човечко месо, прав гурман кој со свои раце имал убиено неколку деца...
Бокаса за тоа време избегал со својот приватен авион во Брегот на Слонова Коска а после неколку години покајнички се вратил во Париз каде што си купил замок, Шато Ардрикур во близината на Париз! Забегувањето му било простено од страна на француските власти и стариот asset дури добил и воена пензија! Шокот поради канибалските испади почнал да бледнее, во меѓувреме `царот` бил осуден во остуство во ЦАР на смртна казна а господарите на Бокаса `го убедиле` да оди да се предаде во Банги на новата власт, со гаранција дека неговата поширока фамилија може да остане да си живее во замокот во Париз.
Речено-сторено, Жан се вратил во Банги каде што `дилот` меѓу новата власт и Париз стапил на сила, доживотен куќен притвор наместо смртна казна и така Жан Бедел Бокаса, првиот и последен цар на ЦАР постепено потонал во лудило објаснувајќи на понекој залутан новинар дека е инкарнација на 13-тиот Исусов апостол...
Цркнал во 1996 заборавен од сите.
Во една дамнешна епизода на Македонските народни приказни, Ѓорѓи Колозов играше сиромашен селанец кој одненадеж реши да се `воцари` откако го виде `царо` како си пие `каве` додека селанецот црнчи копајќи некаков ров.
Убаво е да се знае дека прикаската собрана од Цепенков имала и свој пандан во реалниот живот, антропофагична гротеска од длабочините на најцрниот континент.
Фантазијата-Реалноста 0-1.
No comments:
Post a Comment