Friday, September 30, 2016

Треш

(By Roger Mortis, 279/159)
После гледањето на филмот The Room и соодветното уживање во тоа ремек дело на нискобуџетната продукција некако природно следува инспирација за уште еден рант.

Легендата вели дека филмот започнал еден ден во 2003 кога бесмртниот Томи Висо започнал да приоѓа на машки и женски особи на шанк во некоја биртија во некој град во Канада.
Не заклучувајте пребрзо, не се работи за бисексуалец (најверојатно Томи како и секој бесмртник е асексуален) туку за филмски ентузијаст кој понесен од филмовите со Џејмс Дин (!?) решил да сними свој филм.
И така Томи приоѓа на некоја на шанк и почнува `Хеј...ду ју вона плеј ин а филм хах?` Не се познати реакциите на женските особи околу тоа прашање, дали мислеле дека тоа е дебилен старт или покана за снимање ефтин порнич...сепак Томи бил искрен и навистина на крај снимил филм кој веднаш се нашол на разни листи на најлошите филмови на сите времиња.

Зошто е филмот толку лош, ако се шпекулира со сума од шест милиони долари како буџет? Затоа што филмот нема ни главе ни репа да се изразиме по северњачки, делува како несмасно намонтирани снимени делови а целината избегала во страв од ужас од Томи Висо, можеби поради неговата појава.
Но можеби Томи сака да пренесе на гледачот дека изгледот лаже па еден таков језив лик со лузни на фацата, некоја ацтечко-мајанска фризура, поглед како да планира да ти збрца шрафцигер во бубрег и акцент кој е можно да е последица на живеење во некое немачко село а можно е да и од Сибир...испадна да ти бил прав добричина, памук од чоек, романтичен до даска, склон кон сексиљави сцени со свеќи и сета таа корни ситуација.


Животот е непредвдлив и бидејќи во светот покрај искрени филмофили кои се грозат од такви дела постојат и онакви (како мене) кои се неискрени и обожаваат филмови каде што те јаде туѓ срам, каде што има толку киксови што прераснуваат во комедија, каде што потенцијалот за сеир, ремет и смеа е толку јак што веднаш решаваат дека уствари таквиот филм страшно им се допаѓа и на тој начин таквиот филм прераснува во култен.
Родоначелник на овој феномен е Ед Вуд, трансвестит-режисер-проуцент-глумец кој во педесеттите снимал ужасно лоши сај-фај-хорори но денес е ценет режисер на треш филмови благодарејќи на незаборавиот биографски филм со Џони Деп и Мартин Ландау кој за својата улога на Бела Лугоши (маџарски глумец-џанак-легенда-вампир) освоил и Оскар.

Да се разбереме не` секој лош филм е треш филм, бидејќи за да биде таков мора да го поседува оној шарм на тешко објаснивото "its so bad its actually good" или барем да знае да го насмее и расположи гледачот. Македонските филмови на пример се so bad they are actually just bad.

Во минатото Јапонија не била позната како извозник на Аниме, Манга и Хентаи туку како извор на сериозна треш продукција. Годзила како евергрин чудовиште го предводел јуришот на азиски треш по светот. За неупатените, се работи за нешто налик на Тираносаурус кој мутирал поради радијација и почнал да напаѓа градови.

Инаку добро е да се напомене дека филмовите се делат на играни (feature film) и телевизиски а според квалитет на А, Б, Ц и Д продукција (која често се нарекува и Z бидејќи е последна буква во латиничниот алфабет и природно симболизира нешто долно, лошо, ефтино)...


А-продукција е секому позната и омилена, таму треба да бидат задоволени извесни строги стандарди во поглед на буџет, глума, техникалии, пост-продукција и сето тоа, после Водениот свет и Титаник сумите кои се трошат за филмови пораснаа драматично до над 200+ милиони долари по филм.
Б филмовите се послаби во поглед на сите наведени параметри но сепак се професионално работени. Кај Ц веќе имаме мешавина меѓу профи и аматеризам а Д (Z) е веќе тотален аматеризам.
Во ТВ-филмовите има и такви кои комотно можат да се сместат во филмска А-продукција (Панчо Виља на пример со Антонио Бандерас и Џим Броудбент) скапи и одлично реализиран филмови кои би можеле да се даваат и во кино и да не бидат ограничени на малите екрани.

Има и филмови кои се тешки за класификација како оној "Clerks" со Кевин Смит кој бил снимен за 28.000 долари но за тие пари е феноменален, таа дупка во класификацијата ја пополниле поими како независни/авторски/инди или нешто така. Кулминација беше хоророт со камерата во шумата (Вештицата од Блер) кој чинел шака долари а се стекна со култен статус и фина заработка или оној со еден тип за кој се испостави дека е Исус а се случуваше во една барака при што паднаа добри муабети поради феноменалното сценарио (Земјанинот)...
Друга категорија се филмови стрејт-ту-видео (порано ВХС касети, денес ДВД или во Нигерија стрејт-ту-ЦД) каде што нема диструбиција на филмот низ кино сали а нема ни негово емитување на тв туку може само да се рента од видеотеки или да се купи и да се гледа. Обично тоа се тешки акции со основна премиса која непоглешливо води кон кршење кичми.

Географски, постојат неколку центри (Боливуд) кои имаат долга и сјајна традиција на штанцање на тежок треш. Хонг Конг е една од земјите кои произведуваат филмови фабрички, на лента, од почеток до крај на снимање и продукција поминувале најмногу две недели, жанровски доминирало споменатото кршење кичми со помош на квази-Кунг-фу, сцените со тепачки ги снимале успорено (глумците како желки ги дигаат рацете и нозете) а потоа тоа го забрзувале во монтажа за да делува како да се тепаат некои експерти во Кунг Фу а не пропалитети. Над тоа се монтира и генерички звук на удар кој верувам му е познат на секој кој погледнал барем еден таков филм.

Тука е и Турција како место каде се продуцирани легендарни треш остварувања, турскиот Стар ворс е класичен пример (може да се види Јутјуб) каде што селџуците имале крадено цели сцени од оригиналот со сечење филмска лента (скапите сцени со вселенски летала на пример) а другото е полуаматерски крш, главен глумец нормално - турскиот Џемс Бонд - Мурат Карамурат (не му е право име ама така останало меѓу рајата, како Брусли на пример). Во турскиот подвид на треш имаме често кршење на физичките закони, па така Мурат знае и да полета по потреба. Или да подигне девет тонска карпа.

Џунејт Аркин е името на најпознатиот турски актер (ова му доаѓа како најпознатиот андорански фудбалер) и во својата кариера отепал барем 99.000 филмски антагонисти и снимил околу 300 (!) филма. Човек се прашува дали си одел дома воопшто или спиел во студиото...


Не треба да се греши душа и да се ставаат сите акциски филмови во категорија на треш. Иако е крајно примамливо филмови каде што се појавуваат галерија на антиталенти како Шварценегер, Чак Норис, Џет Ли, Долф Лундгрен, Ван Дам или Стивен Сигал да бидат карактеризирани како треш - тие тоа не се. Во продукциски смисол се добро скоцкани, буџетски се јаки а покрај главниот глумец кој делува смешно - обично има солидни глумци во кастингот кои го "извлекуваат" ваквиот филм од категоријата треш. Особено е карактеристичен Стивен Сигал, глупава и тромава појава и целосен аналфабет за глума кој не би можел уверливо да одглуми ниту леш и кој е просто роден за ефтини треш филмови но по некоја несфатлива игра на судбината осамнал во скапи и добро продуцирани филмови...

Можеби феноменот на трешот најдобро го доловил некој си режисер од Нигерија кој тврдел дека е најдобар режисер во светот. Кога го прашале дали е подобар и од самиот Мартин Скорсезе типот одговорил нешто во смисол "ајде да го видам тој Скорсезе нека сними филм за 48 часа! Дајте ми 5.000 долари и за 48 часа имате завршен филм и изрежани цедеа со филмот спремни за продажба по тезгите". Нигерија инаку денес е земја каде се снимаат најмногу филмови на светот.

Препорака за гледање - Делата на Иван Рoџерс особено филмот со име "One way out". Тоа нешто не може да се опише преку текст, Тоа мора да се гледа.

No comments:

Post a Comment