Monday, September 26, 2016

Манијаците од нашиот сокак

(By Roger Mortis, 278/158)
Се чини дека во периодот на овие 25 години по паѓањето на претходниот систем земјава ја зафати право Цунами на насилство и криминал. Не навлегувајќи во причините за таквата експлозија на зло - ќе се задржиме на "кремот" на т.н. крвен деликт - сериските убијци и нивните помалку славни колеги "масовните" убијци. За овие вторите дефинициите се разликуваат од едно до друго место но за потребите на овој пост ќе го земеме магичниот број три како појдовна точка за да им овозможиме еднаквост во тој поглед со серијашите.
Дисклејмер, неопходно е да се знае дека се работи за мирновременски убијци, а оние кои убивале во честите, богати по содржина и садизам војни на овие простори припаѓаат во некоја друга категорија.

Прв настан на масовно убиство на оваа територија секако би бил легендарниот поход на Томе Стојановски и неговите четири жртви во кругот на Скопска Пивара. "Томе од Пиварата" се прославил на 10.Февруари 1966 кога вооружен со Чешка Збројевка во калибар 7,65мм тргнал да исправи неколку криви дрини и да се одмазди за неправдите на кои бил изложен на работното место и надвор од него. Отказот од работа и шут-картата од СКМ ја прелиле чашата и во умот на Томе не оставиле простор за поинаков расплет од оној крајно крвавиот. Впрочем, за подетално инфо може да се кликне на следниов линк.


Вториот настан кој би бил на самата граница на дефиницијата пoмеѓу масовно и сериско убиство е ликвидацијата на три члена на семејството Мудинови на 13.Ноември 1995 кога во Струмица биле извршени три поединечни убиства на различни локации во ист ден. Овој случај е и единствениот кој е без официјална правна разрешница и останува во доменот на шпекулациите а таму веројатно има и политичари и локални кримоси и слични крајни продукти на општествениот метаболизам, сепак тоа било време на екот на транзицијата и на матните зделки.

Третиот лик кој извршил масовно убиство е своевиден копикет на култниот Томе.
Употребувајќи нешто појак калибар, стандардниот 9мм Пара, виничкиот осветник Моне Андоновски се упатил во основниот суд во Виница на 25.Септември 1995 и таму им пресудил на три жртви - брачен пар тужители кои долго време се суделе со Моне поради некаква меѓа помеѓу имотите и нормално, нивниот адвокат. Една од најмоќните причини за лишување од живот кај нас - имотно правните проблеми често предизвикуваат испади на смртоносно насилство но најчесто тоа се удари со секира или копач по главата, никогаш испразнување шаржер во неколку лица истовремено. Се` до походот на господинот Моне кој потоа избегал во Италија од каде што бил екстрадиран наредната година за да биде помилуван со указ на тогашниот претседател во 2006 (!?)

Четвртиот во оваа хронологија на манијаци е типот со најоригинално име и презиме од сите наведени. Пироманот од Драчево - Гагарин Зенделовиќ, средовечен семеен човек, пијаница и поклоник на легалната дрога Лексилиум направил најголем зулум од сите бидејќи при неговите дејанија настрадале 35 лица но за среќа (или сепак несреќа?) само четири смртно. 11 поминале со потешки а 20 други со полесни повреди. Како редок пример на пироманство на овие простори, Гагарин (lol), креатура од дното - наоѓал задоволство во посматрање на огнови. Неговиот Магнум опус се случил на 23.Август 2005 во Кисела Вода каде што Гагарин се завлекол во подрум на стамбена зграда, преспал извесно време и потоа запалил некои стари весници и картони во подрумот.


Подоцна се вратил за да го посматра пожарот а наредните денови бил приведен откако признал на домашните што сторил. Во настап на агресија се заканувал дека ќе го запали истражниот затвор Шутка а својот пат на овој свет го завршил обесувајќи се во затворот на 1.Февруари 2006 откако бил осуден на 14 годишен одмор во лудницата во Демир Хисар...


Петтиот на оваа листа е можеби и најефективниот а тоа е Лазе Радески, убиецот на шест менувачи на девизи од Охрид. Кај Лазета нема ништо надвор од баналното користољубие, нема некои "повисоки" мотиви, нема гласови во главата, крајно е досаден во своето зло.
Лазе употребувал чекан како оружје и со изговор за менување поголема сума ги поканувал менувачите во дуќанот за санитарии на "Туристичка" и ги убивал со удари по главата. Сечејќи ги лешевите на делови кои ги пакувал во гепекот на својата "Пезетка" манијакот им го пронаоѓал привременото последно почивалиште на останките на жртвите во околината на Охрид и Струга.
Гласините за наводна мината кариера на Удбашки ''хитмен" веројатно се само тоа - гласини. Уапсен во Април 2008, останува да се види дали ќе одлежи доживотно или ќе биде амнестиран од страна на некој иден Хорхе.


Шестиот случај е секако најпознатиот и медиумски најекспонираниот. На 22.Јуни 2008, уапсен бил Владо Танески, кичевски новинар кој наводно убил четири жени над кои потоа извршувал блуд пост мортем.
Наредниот ден после апсењето во колективната свест ќе влезе и "кофата убиец" дотогаш и оттогаш непознат феномен во светски рамки. Таа кофа била садот во кој Владо, според комичните извештаи на полицијата успеал да се удави самиот себе. Во некои други средини можеби ова би било навреда за интелегенцијата на популацијата, но во Кичево и Хунзистан поминале и поминуваат секакви срања, па така помина и смртоносната кофа. За едно од убиствата подоцна припишани на Владо, славното локално правосудство осудило погрешни особи...
Но тука не завршува приказната за Кичевскиот Давител. Во неколку наврати во следните години во кичевската околија ќе осамнат лешеви на средовечни жени убиени со сличен Modus operandi како оној со кој претходно биле одземени четири животи. Дали конечниот број на убиства е над шест или дури и десет и дали вистинскиот кривец слободно шета наоколу е тешко да се каже.


Виктор Карамарков наречен Шеќерко (!?) а потоа и Скопскиот Раскољников е единствениот со наводни литерарни мотиви во оваа тажна галерија на насилството. Како и книжевниот лик од Достоевски и Виктор користел секира за да убие а убивал и иста целна група, постари жени кои не можеле да се бранат...Но за разлика од Родион Романович, Шеќерко убил пет жени и се обидел да убие уште најмалку две, што значи дека посегнал по живот седум пати повеќе од несудениот правник од славната книга. Некогашен првенец на генерација во средно и јак студент, подоцнежен џанак и пропалица - Виктор испириран од Родион започнал да истражува неконвенционални начини за прибирање пари. Одбирајќи ги жртвите според возраста и животниот "стил" (осаменост), убиецот со здравствена книшка во рака се појавувал на врата на жртвите апелирајќи на нивниот мајчински инстинкт со приказна дека му требаат пари за операција на мајка си. Ако проценел дека жртвата е сама, Шеќерко влегувал и со неколку прецизни удари во главата ги ликвидирал жртвите. Потоа се претварал во Термит и собирал се` што има некаква вредност во живеалиштето на жртвата.
Уапсен е во Ноември 2009, после опсежна истрага а бил пронајден во некаков подрум во Ѓорче, тотално "ушлагиран" и неспособен да бега. Осуден бил на доживотен затвор.


Осмиот случај навлегува во водите на организираниот криминал и како таков можеби е на работ на релевантноста но вреди да се спомене поради невообичаеното орудије употребено за убиствата, (нај)славната автоматска пушка АК-47 или веројатно М-70 или друга варијанта на сеприсутниот сејач на смртта, Калашњиков. Имено на 3.Септември 2010, во скопската населба Аеродром во некаква биртија на иста маса седеле колеги по криминал, двајца од онаа и еден од оваа страна на законот, припадник на легализираната рекетарска служба позната како полиција. Во локалот влегол извесен Тони Денковски и испразнил најмалку три рамки во жртвите, по една за секој од убиените. Дали се работело за страв и несигурност или Тони само бил екстремно лош стрелец па морал да прибегне кон overkill не е познато. Се предал самиот следниот ден и подоцна бил упатен на доживотна робија.
Наводно се работело за должничко-доверителски односи во кои убиецот бил во улога на должник, наводно бил стар дилер и екс-колега на убиените, наводно бил само извршител, наводно бил уценет, наводно жртвите му се заканувале со ликвидација на семејството...премногу "наводно" а премалку "сигурно", како што често е случај во ваквиот вид на "уморства"...


Следат пар случаи кои се екстракт на битовиот елемент во својата пост-транзициона екстрема, сопружничките односи затруени со параноја кои често ги полнат страниците на црните хроники. На 9.Ноември 2014, во некое место наречено Кавадарци, се случувал развод помеѓу припадник на специјалните полициски сили, непопуларно познати како Алфи и неговата сопруга. Неколку дена по разводот, имењакот на претходниот убиец, Тони Станоев - веројатно разјадуван од сомнежи и гнев, отишол во домот на семејството на неговата тогаш веќе тазе екс-сопруга и со службениот пиштол ги застрелал нејзиниот татко, мајка и сестра а се обидел да убие и четврто лице. Може да се нагаѓа за причините за ваквиот епилог, но не е далеку од логиката да се претпостави дека убиецот ги сметал жртвите за одговорни за неговиот пропаднат брак.
Полицијата го пронашла и уапсила за неколку часа на мошне симболично место - градските гробишта...


Последниот, десетти случај на масовно или сериско убиство е скоро карбон-копија на претходното а се случило само две недели подоцна, на 24.Ноември 2014, во некое населено место Злетово со скромна разлика што убиецот бил професионален војник наместо полицаец. Драган Маноилов, прогонет од можноста за брачно неверство од страна на неговата сопруга - го напуштил работното место заедно со својата автоматска пушка, повторно роднина на АК-47 и со неа во настап на избезуменост и јарост одлучил да убива! Не можејќи да го лоцира наводно неверниот субјект, Драган одлучил дека самарот крепи повеќе трагика отколку магарето и отишол во домот на семејството на жена си, каде што после кратка расправија со рафална стрелба ги убил таткото и мајката на сопругата и чичкото на наводниот заводник на избраничката на неговото...па што и да имал наместо срце.
Незадоволен од "скорот" од три убиства и со сеуште незадоволена жед за крв, Драган отишол во заедничката куќа каде пребивал и братот на жена му. Но за среќа, овој пат целта се покажала жилава и во настанатата тепачка, несудениот леш успеал физички да го совлада манијакот и да му го одземе оружјето. Манијакот избегал и наредниот ден се обесил во кочина во Злетовската околија...


Во познатата екс-ју хорор комедија која се бавеше со темата на сериско убивање "Давитељ против давитеља" беше приметено дека град кој никогаш немал серијаш на своите улици - не може да се смета за метропола. Тој сомнителен услов за стекнување на урбано признание за метрополаштво засега го имаат Скопје, Охрид...
И неверојатното Кичево!

Битола нема аеродром...и нема сериски убиец.

4 comments:

  1. Во меѓувреме се случи уште едно масовно убиство, овој пат во некакво населено место Глумово, во Губернијата Сарај во Скопје каде што лицето Шабан Сулејмани со истрели од пиштол, на сред улица и на сред бел ден го убил својот брат Авдиљ и неговите двајца синови.
    Кратко потоа, соочен со пристигнатата полиција - убицата Шабан си го одзел животот со истрел во сопствениот череп.
    Овој случај не доби голем публицитет во медиумите, можеби поради тоа што убицата и жртвите се качаци а не хунзи.
    А знаеме дека се е во најдобар ред кога качаци убиваат качаци. Или хунзи - хунзи.
    Убиството станува убиство во колективната свест на рајата само ако жртвата и сторителот припаѓаат на различен колективен идентитет.

    Крвна освета, апдејт на содржина од канонот на Лека Дукаѓини или психијатриски случај - сеуште не е познат мотивот за овој масакр.

    ReplyDelete
  2. Неполн месец пред настанот опишан во првиот коментар се случил уште еден бизарен злочин.

    Секако се работи за најстариот spree killer на територијата на РМ ever, можеби најстар убиец со огнено оружје, евентуално најстар убиец општо или дури и сторител на крвен деликт.

    Сторителот бил некаков одамна пензиониран цајкан за кого медиумите сеуште не објавуваат име и презиме, само иницијалите П.Т.

    На свои 84 години западнал во убиствен бес и со својот пиштол калибар 7,65мм, веројатно некаква стара Црвена Застава од времето на Милицијата - го ликвидирал својот внук на лице место со истрел во главата.
    Потоа го испразнил шаржерот врз својата ќерка и својата сопруга. Втората починала наредниот ден во болница поради а ќерката подлегнала на раните два дена подоцна.
    Потоа си го одзел животот со истрел во сопствениот череп, на тој начин заштедувајќи извесна сума пари на граѓанството на државата наменети за правна разврска.

    Информациите кои ги има на нет се премногу штури што нема ниту една шпекулација околу причините за настанот, а тоа е прилично чудно.
    Манијак кој својата жед за крв стекната во милицијата ја потиснувал до 1.Јуни оваа 2017, немоќен старец врз кого се изживувала фамилијата, хаотично имотно-правни односи или само добра стара психопатија...остануваат само нагаѓања.

    ReplyDelete
  3. На 26.Јули 2018 се случи бизарен настан во извесно место со име Дебар, кое освен со повремено крвопролевање нема со што да се пофали.
    Тројно убиство на брачен пар и нивна ќерка.
    До тука ништо необично за светот на масовните убиства, но фактот што другата ќерка на истиот пар и сестра на едната жртва била сторител.
    Конечно имаме и женски масовен убиец, hurrah, кој стрелал со пиштол додека жртвите спиеле, имала пар соучесници кои и набавиле нелегално оружје и фалсификувани документи за да може да побегне во Италија од каде е екстрадирана.

    26-годишната Б.Поцеста, криминогена особа во наводна врска со талијански мафијаш, ладнокрвно ги ликвидирала своите родители и 15-годишната сестра со мотиви кои сеуште не се јасни, шпекулациите најчесто се движат кон финансиски или имотен интерес. Сепак и овој злостор не е оригинален, се дави во баналноста на алчноста и освен полот на убицата и бројот на лешеви - не е нешто особено во овдешниот летопис на криминалот.
    Но има време, може ќе излезе ново инфо кое ќе го смени сето тоа.

    ReplyDelete
  4. Деновиве беше уапсен извесен М.В. од село Добрејци, Струмичка околија, кој има сериозни претензии да постане првиот селски серијаш во РСМ, засега бројката на лешеви се нишка како клатно на смртта помеѓу 2 и 3 лешеви, а со тоа и статусот на убиецот. Убиствата се случиле летото 2019-та, а истрагата после половина година го пронашла наводниот сторител. Овој блог ќе го следи случајот и наскоро следат нови информации.

    ReplyDelete