Wednesday, January 18, 2017

Неславно минато

(By Roger Mortis, 284/164)
Интересна и псевдо-трогателна е желбата на извесен дел од популацијата да ломоти за семејните традиции.
Ако се знае дека на оваа територија аристократија не постоела, буржоазија имало само од онаа најситната а интелектуала скоро никаква - чуден е поривот за обид да се состави семејно стебло, генеолошко дрво на некаква си фамилија Митревци.
Wow, they survived for a long time. Just as anyone else!

Никогаш не сум имал желба да копам по минатото на моите биолошки претци.
Барем не надвор од она кое живее во меморијата на родителите (најдалеку до нивните баби и дедовци т.е. мои прабаби и прадедовци). Не се сомневам во припадноста на моите далечни претци кон ниските социјални слоеви (кметови/закрепостени селани/робови), нивната тотална обичност, анонимност и неисклучителност и мислам дека и тие не би сакале да бидат вознемирени во вечниот мир кој секако е подобар отколку нивниот скапан живот.


Рандом предок во 17.век на пример. Дури и да има начин да се дознае нешто (а нема) што е тоа што би го дознал? Дека се родил и умрел некаде на балканот, го проживеал животот во радиус од 15 км, писмо не пеел, `рмбал за физички да опстане и да ги спаси децата од глад, неколку од нив и ги погребал малечки, имал некаква невеста јадна, за жалење кутрата вечно под закана за смрт при пораѓање и умрел сиромав, каков и што се родил. Човек само би се натажил врз многуте генерации претци кои се раѓале во маки, не виделе никаков живот и умреле како кучиња. Ако се визуелизира тогаш тоа би довело до визуелизација на ликови какви што играа Ванчо Петрушевски и Џокица Лукаревски. И секако Лазар Бараков. Во најдобар случај некој како Раде Рогожаров.

Не ја разбирам потребата од самозалажување и пусти фантазии дека постојат прецизни генеолошки стебла тука кои досегаат пред 500 или повеќе години.
Освен ако не се работи за свештеничка фамилија (и тоа од повисок ранг), не ја бидува таа работа, не е ова Англија па да има "Книга на Судниот Ден" со попис на население од 1086 година.
Рајата била неписмена, османлиите не издавале изводи од матично а аристократија која ќе црта семејни стебла немало. Не знам на кој начин би можело да се дознае за некој си предок од некое планинско село во 1699 при немање никаква документација.

Веројатно никако.
Што не спречува некои луѓе да си замислуваат славни, богати и моќни претци.
А тоа е само пресликување на она кое го прават државните фрикови од историчари на едно помало, лично ниво.

Monday, January 9, 2017

Ајс Ајс Бејби

(By Roger Mortis, 283/163)
Скоро никој не се обидуваше да биде пристоен, let alone ожалостен.
Пиејќи шприцер и ждерејќи грав со колбаси, собраната популација како да не можеше да се одвои од секојдневната приглупава атмосфера, од секојдневното однесување макар на два часа и да го испрати покојникот како што треба.
А покојникот...не беше особено добра особа но не беше ниту особено лоша.
Работејќи во библиотека целиот работен век - и немаше особено голем број на пријатели. Се чинеше дека никој и не го забележуваше.

Ако се има предвид дека една од омилените книги на покојникот беше "Невидливиот човек" од Херберт Џорџ Велс - тогаш би можеле да се впуштиме и во кратка аматерска и сосема бесцелмна психоанализа околу проекцијата на особините од својот живот врз вкусовите и ставовите кои човек ги има...но овој блог не е погодно место за такво нешто бидејќи и самиот е невидлив низ виртуелните пространства.
Библиотекарот некако ја забележуваше таа книга низ полиците почесто од останатите и секогаш ја бришеше прашината и влагата од неа. Можеби му беше мило што некој, некогаш се сетил да напише книга и за невидливите луѓе кои се значително малцинство во светот. Точниот број е непознат но секако ги има повеќе од оние кои се идентификуваат како бразилци да речеме.

А се` започна така наивно.
Снегот, кој паѓаше цели 79 минути беше доволен за да дотраениот кров на библиотеката пропадне под тежината на сите 16цм кои паднаа дотогаш. Библиотекарот беше сам на смена и како таков испадна единствена жртва на овој несреќен сплет на околности. Една греда го удри по глава, го раскрвави и го патосира за подот.
Докторот кој дојде да ја завери смртта и да потпише посмртница, чешајќи се во задникот и баздејќи на ракија бараше пенкало низ џеповите. Од нив на светло на денот излегоа сметка за телефон, партиска книшка, список за пазарење и привезок за клучеви со еректиран пенис. Пенкало ни за лек.


Но тоа беше најмал проблем и низ рушевините на библиотеката набрзина се најде пенкало.
А где је печат?
За печат, сепак мораше да се оди до болница а патот беше подмрзнат.
После тричасовна голгота, лекарот сепак стигна до болницата и официјално го прогласи библиотекарот за покојник. Што се однесуваше до државата, библиотекарот беше покоен.

Сандакот веќе беше спуштен а рајата нервозно гледаше кој на часовник кој на мобилниот и се прашуваше уште колку ќе мораат да стојат на ладното. Како стар ерген, библиотекарот не беше особено внимателен кон својата гардероба. Без женска рака во куќа, знаеше сам да сошие дополнителен џеб на палтото или на панталоните, за секој нов гаџет кој излегуваше на пазарот.
А еден таков, имено ефтин кинески смартфон ќе одигра драматична улога во оваа бизарна приказна.

На овој свет секогаш има лица необавестени за нечија смрт па така некое такво лице некаде, го заврте бројот на библиотекарот во тој момент.
Одеднаш, од сандакот почнаа да одекнуваат звуците на рингтонот оние на легендарниот хип-хоп артист Ванила Ајс, "Ајс, ајс бејби, тарадам тарадам тарадам там там Ајс, ајс бејби".
Рајата ненавикната на вакви ситуации почна панично да бега наоколу, некои попаѓаа во за нив непредвидените дупки за сандаци, некои се криеја зад мермерните спомен плочи а трети беа смрзнати на самото место.
Тогаш, уште еден звук се пронесе низ етерот, звукот на удирање во дрво.
Библиотекарот сепак, и покрај упорноста на државните органи да го прогласат за леш, не беше мртов.

Со звуците на ЕмСи Хамер, библиотекарот беше изваден од страна на присебните гробари кои го отворија покровот. Соземајќи се, почна со неверица да гледа наоколу обидувајќи се да сфати како се нашол во дупка и што значат сите тие крстови и раја со изкривени лица наоколу.
"Конечно, ден за паметење!" - се јави оптимистичната страна на мозокот на екс-покојникот.

"Кент тач дис, на на на на, тадам, тадааам, кент тач дис."