Wednesday, January 18, 2017

Неславно минато

(By Roger Mortis, 284/164)
Интересна и псевдо-трогателна е желбата на извесен дел од популацијата да ломоти за семејните традиции.
Ако се знае дека на оваа територија аристократија не постоела, буржоазија имало само од онаа најситната а интелектуала скоро никаква - чуден е поривот за обид да се состави семејно стебло, генеолошко дрво на некаква си фамилија Митревци.
Wow, they survived for a long time. Just as anyone else!

Никогаш не сум имал желба да копам по минатото на моите биолошки претци.
Барем не надвор од она кое живее во меморијата на родителите (најдалеку до нивните баби и дедовци т.е. мои прабаби и прадедовци). Не се сомневам во припадноста на моите далечни претци кон ниските социјални слоеви (кметови/закрепостени селани/робови), нивната тотална обичност, анонимност и неисклучителност и мислам дека и тие не би сакале да бидат вознемирени во вечниот мир кој секако е подобар отколку нивниот скапан живот.


Рандом предок во 17.век на пример. Дури и да има начин да се дознае нешто (а нема) што е тоа што би го дознал? Дека се родил и умрел некаде на балканот, го проживеал животот во радиус од 15 км, писмо не пеел, `рмбал за физички да опстане и да ги спаси децата од глад, неколку од нив и ги погребал малечки, имал некаква невеста јадна, за жалење кутрата вечно под закана за смрт при пораѓање и умрел сиромав, каков и што се родил. Човек само би се натажил врз многуте генерации претци кои се раѓале во маки, не виделе никаков живот и умреле како кучиња. Ако се визуелизира тогаш тоа би довело до визуелизација на ликови какви што играа Ванчо Петрушевски и Џокица Лукаревски. И секако Лазар Бараков. Во најдобар случај некој како Раде Рогожаров.

Не ја разбирам потребата од самозалажување и пусти фантазии дека постојат прецизни генеолошки стебла тука кои досегаат пред 500 или повеќе години.
Освен ако не се работи за свештеничка фамилија (и тоа од повисок ранг), не ја бидува таа работа, не е ова Англија па да има "Книга на Судниот Ден" со попис на население од 1086 година.
Рајата била неписмена, османлиите не издавале изводи од матично а аристократија која ќе црта семејни стебла немало. Не знам на кој начин би можело да се дознае за некој си предок од некое планинско село во 1699 при немање никаква документација.

Веројатно никако.
Што не спречува некои луѓе да си замислуваат славни, богати и моќни претци.
А тоа е само пресликување на она кое го прават државните фрикови од историчари на едно помало, лично ниво.

No comments:

Post a Comment