Saturday, March 11, 2017

Дивите луѓе

(By Roger Mortis, 285/165)
Групи дезертери за време на Големата војна, затечени на ничија земја или по планините, шумите и пустините на разни фронтови - ги отфрлиле дотогашните лојалности и препуштајќи се на своето лудило се втурнале во ограбување и канибализам.

Потполно ослободувајќи се од стегите на националната припадност, религиозните упатства и добрите манири, фанатично здружени во своето зло - припадници на разни војски се збратимувале по две основи.
Првата била онаа типична дезертерска приказна каде што уплашени и разочарани млади луѓе решиле да се обидат да преживеат без многу врева, криејќи се заедно со довчерашните непријатели со кои се знаеле преку нишанот, оптички или механички.
А втората...тоа била погореопишаната група на побеснети пореметени фрикови, решени да се одмаздат на целото човештво, да ги искинат сите смоквини листови, да ги прегазат сите норми, да ја убијат сета таа трагична наивност поради која завршиле таму, во дупките покриени од тенок слој жолтеникав Сарин. Низ облаците со Хлор, помеѓу лешевите низ чии очни дупки ровареле штакори - не било тешко да се дојде до радикална промена на перцепцијата.


Душевно уништени од страданијата, можеби посклони кон лудило од останатите, или само како сублимат на општото лудило во неговата најчиста форма, овие бивши војници касапеле ранети екс-колеги и правеле едноставни кулинарски специјалитети од нив.

Пред тоа темелно ги лишувале од сиот можен материјален имот, колку и да бил скромен. Не се ограничувале на тоа туку напаѓале и цивили, фарми и оази, овчари и козари, патници и уседелици. На рабовите на сите фронтови вирееле мали но впечатливи групи на Дивите Луѓе, сенки во маглата, паника во очите на регрутот тукушто пристигнат на фронтот кој слушал нервозно шепотење меѓу постарите војници за тоа како болните крици на ранетиот Гијом или Гери или Генадиј или Гинтер биле прекинувани од неколку тапи удари во далечината а смрдеата на печеното човечко месо зафатило место во умот на војникот кое со ништо не можело да се исфрли оттаму, до судниот ден.

No comments:

Post a Comment