Friday, November 17, 2017

Симпатични животинки

(By Roger Mortis, 297/177)
Патувајќи низ алеите на перцепцијата, човек понекогаш се прашува зошто некои ствари ги доживува како симпатични а некои како антипатични?
Кој е и каков е мистериозниот тај-брејкер кој одлучува дали нешто ќе ни биде симпа а нешто бљак?

Како класичен пример можеме да земеме споредба помеѓу две птици, Тукан и Тигресто папагалче. Додека папагалчето е на врвот на симпатичноста, Тукан никој не сака, не го чуваат по кафези, не го галат по главата, не снимаат видеа со него како се врти на седалката и не ги аплоудираат на Јутјуб.
А за тоа можеби е виновен фактот што туканот е чудна птица. Уствари може да се каже дека целиот организам на туканот постои само како носач на импозантниот клун. Туканот пред се` се состои од клун кој зафаќа некои 70% од неговата појава. Зошто еволутивните процеси забегале натаму не е познато.
Сепак, Туканот, жител на Јужна Америка, е своевидно чудо на природата, летечки клун, интересна птица со живи бои за која човек би се чудел како воопшто се одвојува од тлото со сиот тој клун на себе. I like the Tucano.


Под сводот со лисја и светот во кој живее туканот се мота едно друго симпатично животинче а тоа е тапирот. Тапирот нема ниту една гламурозна особина, не е брз, не е особено бистар и нема особен осет за мирис - но затоа барем е дебел, здепаст и релативно спор. Иако служи како храна за гламурозниот Јагуар и славните и одвратни анаконди, ова битие кое наликува на несреќен спој помеѓу дебел Штакор, Мравојад и Магаре - е бескрајно мило и фино нешто.
Освен во Амазонија, го има и по Малајските џунгли.
Сепак, мора да се каже дека тапирот има една особина која ја нема ниту еден вид меѓу милионите во Амазонија. А тоа е феноменалниот осет за излез од опожарено подрачје. Ако во таа шума има пожар и има Тапир - следи го тапирот и ќе се избавиш од смртта. Игнорирај го тапирот и ќе завршиш како јагленисан леш.
Како и на кој начин ова животно го прави тоа, дали е шесто чуло, дали е некаков мистериозен радар во главата, дали се некои вирбации низ тлото - не се знае. Без разлика на тоа, стои фактот дека тапирот е мајстор за излегување од огнениот лавиринт.


Но врвот на симпатичноста е достигнат од една друга животиња а тоа е Вомбат, сосема необичен торбар од Австралија. На прв поглед делува како зголемена и дебела варијанта на познатата Коала, сепак се работи различно створење, коцкасто и несмасно. Си јаде трева и лисје, си пушта чудни звуци и последно време станува мода да биде домашен миленик.
Нема ништо спектакуларно ниту кај вомбатот, тој е таков каков што е, само си постои и мрзеливо се движи низ австралиските пространства.


Во релативна близина живее едно бизарно, нејасно и нежно животинче кое го нарекуваат Човечка Рипка. Иако не е риба а уште помалку човек, ова змијолико и јагуловидно суштество со раце и нозе (!?) евентуално е некаква роднина на саламандерот или некој сличен облик на водоземство. Нејзината боја е иста со онаа на човечката кожа, нејзините очи се само за украс бидејќи е полуслепа. А таква е бидејќи се прилагодила да живее во подземни води, во пештери, во понорници, во вечен мрак, како и сите балканци уствари. Крајно ендемична, живее само во Динарскиот појас со акцент на Постојнска Јама како место кое привлекува раја од светот да ја види. На тој начин таа е осудена да гледа по цел ден сталактити и сталагмити и да го слуша гадниот јазик на грдите Јанези.


Има едно чудо кое е толку симпатично што станува дути и антипатично, so good it`s actually bad. А тоа нешто има и име.
Мрзливец!
Да, навистина постои животно со такво име. А постои и смртен грев со таков назив.
Нестварно во својата спорост и тупост, ова неинтелигентно животинче со вечен cerek na usnama е тешко за перцепција. А можеби не се церека туку се смее? Но тоа може да се каже и за Гвинплен, јунакот од филмот "Насмеаниот", култно дело на доцниот нем филм.
Понекогаш е тешко да се оддели смеата од церекот...но да се навратиме на мрзливецот, тој природен феномен.
Што да се каже за битие кое го мрзи дури и да се почеша? На сметка на неговата мрзеливост, неговото крзно е дом на бескрајни роеви вошки, болви, гниди, црви, муви, крлежи и остали досадни напасти кои паразитираат врз мрзливецот. Не помага тоа што неговото срце отчукува само по неколку пати во минута, што неговата крв се движи нестварно споро низ крвните садови а неговиот метаболизам е толку спор што го мрзи и да се исере.
Едноставно, тој ги собира гомната во за тоа предвиден меур кој го празни еднаш на петнаесетина дена, кога после целодневно симнување низ цели шест метри дрво со помош на огромните и силни канџи - мрзливецот се празни...


Но сите овие погоренаведени животни во овој бесцелен рант бледнеат пред неговото величество, господарот на чудното, доајенот на бизарното - Клунарот. Интересен е неговиот назив на хрватски - Čudnovati kljunaš, што е сосема добро одбрана придавка за ова нејасно животно.
Се работи за недефинирано створење кое е цицач, но и покрај тоа несе јајца, ги квачи (!?) и се испилува како птица, има клун како оној на патка, секако сразмерно зголемен за да одговара на големината на Клунарот. А не е воопшто птица. Има и некакви рудиментарни заби со кои џвака.
Тука се и неговите шепи и нозе кои и поркај тоа што имаат големи канџи тие се искомбинирани со пераи со пловна кожа, повторно птичји елемент накалемен на оној на цицачот.

Ако тоа не е доволно необично, треба да се спомене и отровното осило кое скриено вреба потенцијална опасност и е спремно за дејство и самоодбрана. Осилата се карактеристични за некои инсекти, никако за цицачи.
Неговите очи се длабоко и чудно всадени и делуваат како оние кај змии, крокодили и слични рептилски бештии. Поседува и Сонар, сличен на оној кај китовите, а антена му е клунот преку кој ги собира сигналите кои се одбиваат од околината и на тој начин го лоцира евентуалниот плен.


Кога за прв пат бил забележан при крајот на 18.век во Австралија (каде што единствено живее) луѓето биле шокирани од неговата појава а првите научници пред кои било доведено мртво клунарче биле навредени бидејќи помислиле дека некој се обидува да направи шега, да ги измами и исмее преку франкештајновско спојување на делови од разни мртви животни и птици. Сепак не се работело за превара и реалноста за постоењето на Клунарот набрзо осамнала како непобитен факт.

И покрај дебелото крзно (?!), водата е неговото царство каде што е брз и спретен, а копното е негова резервна територија на која е спор и несмасен. Дебелиот опаш истоветен со оној на дабарите воопшто не му смета во движењето. Подеднакво добро дише и во вода и на суво. Можеби фактот што нема стомак како цицачите туку некаков недефиниран дигестивен тракт е само уште еден во низата поединости кои го прават исклучително интересно животинче. На нет може да се погледнат видеа каде што припитомени клунари уживаат да бидат чешкани како мачките. One cheeky freak of the week.

Абориџинската легенда кажува за времето на Сонот а таму се сонувал и оној сон за Стварањето.
Таму, надлежните божанства биле зафатени измислувајќи животни и птици.
Кога завршиле со работа и ги креирале сите живи битија на планетата - забележале дека во сета таа гужва им останале разни органи и екстремитети како неупотребен вишок.
Бидувајќи несклони на расфрлање, им било жал да ги остават така сите тие органи, сами и бесцелни по себе, туку се решиле да состават една целина од тоа што преостанало.
Таа целина било она што е денес познато под името - Клунар.

No comments:

Post a Comment