Monday, December 7, 2020

Премиер Лига, прва епизода

(By Roger Mortis, 309/189)

Во овие несреќни и хаотични времиња, една од ретките константи кои ја ублажуваат ситуацијата се елементите од кои се состои најдобрата забава на светот, подобра и од Холивуд и Боливуд, а тоа е професионалниот Фудбал.

Во таквиот Фудбал најдобар продукт е оној наречен англиска Премиер Лига, чии корени датираат од 1888/89 а под третото по ред ребрендирање е позната од 1992/93.

Во наредниве постови ќе ги претставам годинешниве учесници во Премиер Лигата. Од натпреварувачки значај е тоа што првопласираните четири одат директно во Лигата на Шампиони, петто и шесто пласираните, заедно со победниците на Лига и ФА купот одат во Лига Европа. Во наредната сезона седмопласираниот ќе се натпреварува во Европската Конференција, ново такмичење што би било нешто измеѓу поранешниот Куп на купови и Интертото Куп.

Да не должиме и да ги преставиме достигнувањата на секој еден од 20-те клуба. Мал дисклејмер, во бројот на титули во Лига Купот се додадени и оние од воените Лига Купови од двете светски војни, двата Супер Лига купови и оние на Фул Мемберс купот којшто бил професионален куп кој постоел 1985-92 односно за време на изолацијата на сите англиски клубови од европските натпреварувања пост Хејсел-катастрофата 1985. За да се надокнадат финансиите кои се остварувале со настап во Европа, ФА одлучила да воведе уште еден, привремен Лига Куп.

За да можеме да направиме листа на најуспешни клубови, мораме да земеме "калап" според кој би се вреднувале сите титули според однапред зададена тежина. Така освојување на ПЛ би рекол дека носи 5 поени, освојување на ФА куп 2 поени а освојување на Лига Куп = 1 поен. ЛШ носи 6 поени, ЛЕ и нејзините еквиваленти 3 поени а СП носи 4 поени бидејќи за да се доведе клуб во позиција да го освои треба да има зад себе освоена ЛШ и да биде најдобар од 8-те клуба од сите континенти.

Започнуваме со Ливерпул, најтрофејниот англиски клуб :

Ливерпул - 45 титули (167 поени)

Основан - 1892

Стадион - Енфилд Роуд, Ливерпул, 54.194

Никнејм - Reds (Црвени)

Сезони во ПЛ - 106

Најголем успех во лигашки систем - 19 пати Шампиони на Англија (1900/01, 1905/06, 1921/22, 1922/23, 1946/47, 1963/64, 1965/66, 1972/73, 1975/76, 1976/77, 1978/79, 1979/80, 1981/82, 1982/83, 1983/84, 1985/86, 1987/88, 1989/90, 2019/2020) - 95 поени

Најголем успех во ФА Куп - 7.титули (1964/65, 1973/74, 1985/86, 1988/89, 1991/92, 2000/01, 2005/06) - 14 поени

Најголем успех во Лига Куп - 9.титули (1980/81, 1981/82, 1982/83, 1983/84, 1985/86 Super League Cup, 1994/95, 2000/01, 2002/03, 2011/12) - 9 поени

Најголем успех во ЛШ - 6 пати Европски Шампиони (1976/77, 1977/78, 1980/81, 1983/84, 2004/05, 2018/2019) - 36 поени

Најголем успех во ЛЕ и еквиваленти - 3.титули (1972/73, 1975/76, 2000/01) - 9 поени

Најголем успех на Светско клупско првенство - Еден пат Светски првак (2019) - 4 поени

Манчестер Јунајтед - 43 титули (157 поени)

Основан - 1878

Стадион - Олд Трафорд, Манчестер, 76.324 (Најголем во ПЛ)

Никнејм - Red Devils (Црвени ѓаоли)

Сезони во ПЛ - 96

Најголем успех во лигашки систем - 20 пати Шампиони на Англија (1907/08, 1910/11, 1951/52, 1955/56, 1956/57, 1964/65, 1966/67, 1992/93, 1993/94, 1995/96, 1996/97, 1998/99, 1999/2000, 2000/01, 2002/03, 2006/07, 2007/08, 2008/09, 2010/11, 2012/13) - 100 поени

Најголем успех во ФА куп - 12.титули (1908/09, 1947/48, 1962/63, 1976/77, 1982/83, 1984/85, 1989/90, 1993/94, 1995/96, 1998/99, 2003/04, 2015/16) - 24 поени

Најголем успех во Лига куп - 5.титули (1991/92, 2005/06, 2008/09, 2009/10, 2016/17) - 5 поени

Најголем успех во ЛШ - 3 пати Европски Шампиони (1967/68, 1998/99, 2007/08) - 18 поени

Најголем успех во ЛЕ и еквиваленти - 2.титули (1990/91, 2016/17) - 6 поени

Најголем успех на Светско клупско првенство - Еден пат Светски првак (2008) - 4 поени

Тотнем Хотспур - 17 Титули (39 поени)

Основан - 1882

Стадион - Њу Вајт Харт Лејн, Лондон, 62.303

Никнејм - Spurs (Мамузи)

Сезони во ПЛ - 86

Најголем успех во лигашки систем - 2 пати Шампиони на Англија (1950/51, 1960/61) - 10 поени

Најголем успех во ФА куп - 8.титули (1900/01, 1920/21, 1960/61, 1961/62, 1966/67, 1980/81, 1981/82, 1990/91) - 16 поени

Најголем успех во Лига куп - 4.титули (1970/71, 1972/73, 1998/99, 2007/08) - 4 поени

Најголем успех во ЛШ - Едно второ место/финале (2018/19) - 0 поени

Најголем успех во ЛЕ и еквиваленти - 3.титули (1962/63, 1971/72, 1983/84) - 9 поени

Манчестер Сити - 20 Титули (52 поени)

Основан - 1880

Стадион - Сити Стејдиум, Манчестер, 55.017

Никнејм - Citizens (Граџани)

Сезони во ПЛ - 92

Најголем успех во лигашки систем - 6 пати Шампиони на Англија (1936/37, 1967/68, 2011/12, 2013/14, 2017/18, 2018/19) - 30 поени

Најголем успех во ФА куп - 6.титули (1903/04, 1933/34, 1955/56, 1968/69, 2010/11, 2018/19) - 12 поени

Најголем успех во Лига куп - 7.титули (1969/70, 1975/76, 2013/14, 2015/16, 2017/18, 2018/19, 2019/2020) - 7 поени

Најголем успех во ЛШ - Едно 1/2 финале (2015/16) - 0 поени

Најголем успех во ЛЕ и еквиваленти - 1.титула (1969/70) - 3 поени

***

Поради естетски причини, клубовите ќе бидат поделени во пет постови, четири од кои следат наскоро.

Friday, December 27, 2019

Инселство и Фемселство, четврти дел

(By Roger Mortis, 308/188)
Мојата надеж дека оваа секта е присутна само кај машкиот дел од популацијата се покажа дека е залудна бидејќи фактите укажуваат и на постоење на женски пандан познат како Фемсел, жени кои за разлика од Инселите, самите се откажале од сексот како дел од својот живот, има тука речиси-асексуалки, екс-лезбачи, морбидно дебели девојки, жени на кои како и на нивните машки "колеги" им фали по некоја даска, жени кои дигнале раце од грижа за себеси...

Има уште една значителна разлика, најдраматично изразена преку спектакуларното самоубиство пред прајм-тајм ТВ екраните на некоја си новинарка-фемсел во седумдесеттите. Тоа е што фемселките го насочуваат насилието кон себе, а не кон надвор.
Имало линкови по дип веб од тој немил настан каде што типката чита вести, ладнокрвно вади револвер од ташничката и си го истура мозокот на среде пренос, главата само и паѓа уназад и тоа е тоа, никаква драма, ништо, облаче од чад, тотално надреално. Но сепак не би препорачувал да се гледа јадниот крај на Кристина Чабук, паметна и симпатична жена-фемсел, бидејќи некако остава чудна дилема, колку девојки би дале све да изгледаат и имаат кариера како неа, а таа ете...ионака језа има доволно...


Инаку пред два-три месеци се случил инцидент од типичен вид, некој инсел / mall rat пар години се припуштавал на женски особи во трговскиот центар во Минесота, и после десетици одбивања од страна на привлечни жени, го опфатил инселски бес, во настап на манијакална агресија, умот помрачен од глетките на стегнати женски задници какви никогаш нема да лежат на неговиот кревет, удрил по самарот ако не по магарето (магарето е самиот тој, под име Дешон Аранда).
Овој идиот едноставно грабнал пет годишно машко детенце и го фрлил од спрат 12м кон подот на трговскиот. Детето за среќа имало втор роденден тој ден па преживеало некако, после пола година престој во болница. Пресудата била 19 години за обид за убиство.

Досега избегнував да пишувам за Империјата, свесно или не, но сега одненадеж, шокиран и затечен и потполно необавестен за оваа секта, морам да пишувам за овој стравичен феномен, за овој крајно деструктивен секташлук.


Не бев свесен и за бројноста на инселите, што по нивна кривица, што поради каприците на судбината да се родат во срање територија, пример поради религиска причина (Сауди Арабија и остали), или пак поради демогрфаски ужаси (НР Кина). 125+ милиони повеќе машки од женски на "љубовниот пазар".

Во следниот пост ќе се запознаеме и со Месијата Роџер и со останати проминентни инселисти кои оставиле стотици жртви зад себе и мотивирајќи нови и нови следбеници и копикети на кои мозокот им е само за декор...

Wednesday, December 25, 2019

Инселаштво, трет дел

(By Roger Mortis, 307/187)
Во претходните два дела се поткрадна ненамерна грешка а тоа е дека инселизмот е исклучиво северноамерикански феномен, но испадна дека тоа воопшто не е точно.
Британија, Јапонија, Јужна Кореја (е не, Северна), Австралија, инселизмот полека но сигурно се шири по светот, но засега само во земјите од првиот свет.

Кој би можел да знае. Дали овој феномен прераснал во епидемија поради тоа што, лишени од било какви егзистенционални проблеми, немајќи генерациска цел (Војна која ќе ги укине сите војни, Војна против фашизмот или ладната вс. комунизмот, Сексуална-хипи-џанак револуција) новата генерација Икс и понекој Ипсилонаш се наоѓаат на ничија земја, немајќи цел и вредност, куча-посо(школа)-комјутер-кревет-посо, сето тоа измиксано со немањето на човечки и емоционален контакт со особи од спротивен пол, потенцијална темпирана бомба која ќе експлодира во многу повеќе глави отколку што може да се замисли.


Како што напоменав, инселизмот го премина Атлантикот и прогодно се вгнезги во Британското пристаниште Портсмут, каде што Инселаш-Геронтофил (Геронтофилија е сексуална возбуда кон стари лица) се обидел да измасакрира три женски лица...
Некаков си Бен Мојнихан, 17-годишен средношколец, опседнат со читање материјал за сериски убијци и опседнат со тоа да ја загуби невиноста пред 18 по секоја цена, па макар и смрт, пристапил кон три женски особи, на 20, 46 и 67 години, но од сите бил грубо одбиен кога споменал секс.
Еве како овој дебил кој делува како да излегол од србијански дизелашки филм од 90-те, со обавезниот златни ланац имал да каже :
"When hot women won’t talk to you, it’s heartbreaking, why are they fussy with men nowadays? I think every girl is a type of slut. They do not give boys like us a chance." Напишал Бен на соц.мрежи пред да тргне во поход.
Тоа во Бен предизвикало жестока и неповратна омраза кон све женско па така во Јули 2014-та Бен се латио чакије не затоа што така сакал ами затоа што манијакално строгите закони за оружје во Британија ги заменија традиционалните двоцецни сачмарки и револвери со ножеви, секири и сатари при извршувањето на крвни деликти.


Кој Морон. Не само што сакал да копа женски очи, сакал и да им сече месо од телото.
Трите жени биле сталкани некои месец дена пред Бен да удри, да почне да касапи, да коле.
Но, за среќа неговата некадарност била таква да во сите три случаи на освета не успеал да погоди со ножот ниту еден витален орган, иако нанел тешки повреди, жените за среќа не само што преживеале туку се на нога ден денес.
И така господинот Мојнихан, кој сега има чак 22 години ќе ја чека 2035-та година за да се пријави за помилување, бидејќи е осуден на 30 години од кои 21 година без можност за тоа.
Овој напад иако без фатални последици и смешен во споредба со идолот на Бен, инслашкиот маченик бр.1, иснелскиот Мојсие со име Елиот Роџер за кој ќе стане збор понатаму, е само показател дека и океаните, морињата и планините се немоќни да го запрат секташкото лудило.

Friday, December 20, 2019

Инселантство, втор дел

(By Roger Mortis, 306/186)
Чудно е како одредени злодела остануваат на маргините на злосторничкиот летопис, без разлика на бројот на жртви и начинот на извршување, а други, многу "полесни" дела добиваат широк медиумски простор и преку тоа пат кон меморијата на рајата.
Така и масакрот во Килин, Тексас, САД, во Октомври 1991 бил брзо заборавен, недостоен за нешто повеќе од траумата на најблиските на жртвите. А тие биле - 53, поприлична цифра и за цели 21 повеќе од испадот на Лепен во Канада две години пред тоа.

Извесен инселанец - Џорџ Хенард, десничар, расист, праф маш, женомрзец, невработен, со долгови кои му виселе над душата, разјадуван од својата обичност, слабо приметуван од особите од спротивен пол, слабиот одзив на роденденските покани претходниот ден поради неговиот 35-ти роденден, се одлучил на трајно решение - убистен поход. Уживател на марихуана и алкохол, овој сосема обичен лик со ништо не отскокнувал од White trash поднебјето кое му било судбина. Освен секако, инселанството и социопатијата.
Како повремен стокер (Stalker) и чест говорник против жените, овој екс-профи-војник и екс-трговски морнар како да бил предодрен да ја подели судбината на други 52 лица на тој кобен ден.

Судбинскиот ден, Џорџ влетал со Пикап возило низ големиот стаклен излог на локалното кафуле "Либи" и излегол од него извикувајќи нешто дека сите жени се змии и дека ќе видат кој е тој !
Вооружен со Глок-17 и Ругер П-89, обата пиштоли со шаржери од по 15 куршуми, настрана резервните шаржери кои инселот ги имал, започнало пукање по све женско низ кафиќот.
Иако настрадале и мажи, Џорџ свесно одбегнувал да ги убива освен ако не се обидувале да побегнат.

По пристигањето на локалната полиција, инселашот започнал престрелка со нив, полесно ранувајќи двајца од нив, но затоа тој бил два пати погоден од полициски куршуми во стомакот.
Повлекувајќи се кон ќенефот, свесен дека му останале уште неколку куршуми а болките почнувале да му го земаат и она малку мозок - решил истиот да го разнесе со еден погодок...
И така, со делови од череп и мозок разнесени низ ѓеризот - завршиле петте минути на првиот Американски масовен убица - инселист.
23 мртви во кафиќот од кои 14 жени (сите присутни во тој момент во кафиќот), 29 ранети и едно самоубиство или вкупно 53 жртви бил билансот на овој масакр, втор извршен од инселист.


Вебот бил само една година стар, и немало Твитер подршка од страна на милион инсели, но ликови кои мразат жени можеле во весници да прочитаат подетално околу случајот и да се препознаат себеси во овој манијак, небитниот, досаден и обичен Џорџ Хенард.

А небитноста, досадата и обичноста се карактеристиките кои според инселите би требало да им обезбедат секс со убави жени. Би требало да имаат секс со убави жени само затоа што - постојат ?!

Во наредните денови ќе се запознаеме со идеолошката склоност и останатите гадотии кои се причина за постоење на оваа хипер-активна секта, масовна и сосема актуелна секта...

Wednesday, December 18, 2019

Инселизам, прв дел

(By Roger Mortis, 305/185)
Конечно !
После прилично долга пауза на светската секташка сцена се појави нова, пост-модерна секта која има страшен потенцијал да се запише со кафеави букви на матно-белата книга на секташката историја.

Оваа секта е толку постмодерна што нема ниту име, едноставно нејзините членови се самоидентификуваат како Инсел (од англиското Involuntary celibate). Не можам да се снајдам во именувањето на множина од Инсел, дали е тоа Инсели, Инселани, Инселаши? Кое и да е е неважно, а важното е што оваа секта засега се протега само низ Северноамериканскиот континент и постои точно три децении.

Главната појдовна точка на членството е што се работи за исклучиво машка секта и што членството воопшто нема сексуални односи со особи од спротивниот пол. Немањето секс е резултат на нивната психофизичка одбивност, агресивност и сомнителна лична хигиена, но тие не сметаат дека тоа е одговорот, напротив!
Со неприфаќањето на реалноста започнува и rationale-то на сектата, нејзината главна доктрина, а тоа е дека сите бели машки особи почнувајќи од одредена возраст (тинејџерство) имаат однекаде дадено право на секс со убави припаднички на понежниот пол. Од каде го влечат тоа право е нејасно, не се повикуваат на некое божанство ниту на некаква традиција, само знаат дека такво право имаат и дека тоа право им го ускратуваат медиумите, феминизмот, општеството и т.н. Алфа-мажјаци, непостоечки конструкт кој доживеа популарност поради Јутјуб. Тие мажјаци ги нарекувале Чед (Chad), американско машко име, а женките кои ги пенетрираат Чедовците ги нарекувале Стејси (Stacy) американско женско име !?


Бесот према медиумите, феминизмот, алфа-мажјаците и општеството оваа секта го канализирала преку интернетски војни низ социјални мрежи и форуми (Редит, Форчан, Најнгег и остали збиралишта на раја), но неодамнешното убиство на некоја си Бјанка Девинс, убава 17-годишна девојка со Инстаграмски аспирации во Јули 2019-та од страна на Инселот под име Брендон Кларк повторно го сврте вниманието врз десетиците ако не и стотици лешеви кои оваа секта ги остави до денес зад себе и стотиците кои ќе ги остави низ годиниве што следат. Кларк ја искасапил Бјанка и се обидел да ја декапитира при шо не успеал, а неговото лузерство кулминирало со неуспешниот обид за суицид, за жал бил спасен од брзата помош.
Немајќи централизирана хиерархија, немајќи лидери и гуруа, не оставајќи можност за интервенција на органите за ред и мир како кога би се пресметувале со класична секта - ја прави оваа секта сериозно опасна и болесна појава. А припадници има многу, секако над милион лица ако не и двојно по толку.

Најбизарно е што овие забегани лица, без разлика на нивниот сопствен изглед, привлечност, харизма, тежина (телесна, не општествена), карактер or lack there of, сметаат дека имаат неотуѓиво право на секс со женски лица кои според нивната скала на убавина се од 8 до 10. Оние од 0-8 не ги тангираат, можеби понекоја седумка, ако е баш нивни тип.
Како мислат дека привлечните жени сексуално ќе се возбудат кога ќе ги забележат инселашите е нејасно, но ете едноставно мора така да биде бидејќи Инселите така замислиле дека треба да биде. Shit so sweet.

Како пра-татко на Инселаштвото се јавува некојси Канук-Квебекоа масовен убиец кој измачен од своето лудило, клаустрофобија во сопствениот череп, јаросен и агресивен поради тоа што никој не го почитува неговото право на секс со убави жени, еден мрачен ден земал полуавтоматска пушка и војнички нож и тргнал во поход низ просториите на Монтралскиот политехнички факултет каде што оставил 32 жртви зад себе.
Да појасниме, жртва се смета секоја особа која е погодена од постапката на извршителот, не е нужно тоа да секоја жртва е леш, како што оди популарната заблуда, тоа може да е со фатални последици, со доживотна  инвалидност, тешка или полесна рана која со тек на време зацелува и секако PTSD.
И така, во Ноември 1989, Марк Лепен, канадскиот манијак убил 14 студентки, ранил 17 студентки и студенти и си го одзел животот со истрел во ненормалната си глава кога видел дека снемува муниција, станувајќи 32-ра и последна жртва на овој немил настан. Една од убиените девојки била измасакрирана со нож поради погореспоменатата состојба со муницијата која ја имал Лепен во тој момент, останатите биле застрелани.


Во тие времиња, точно година дена пред појавата на WWW во светот, луѓето биле шокирани и збунети од овој мизогинистички испад кој ќе добие контекст многу години подоцна и трае и денес, сега, баш во овој момент додека ги читате овие редови, некаде, некој Инселаш оштри нож или мачета, проверува муниција и чисти пиштол, револвер, сачмарка, репетирка или автоматска пушка, припремајќи нов напад...

Бидејќи ова е тековно секташко лудило и не може да се опфати во еден пост, природно следат продолженија каде што подетално ќе се запознаеме со досега најжестоката форма на мизогинија, и паничниот и несфатлив страв од жени кој е во темелот на доктрината на оваа секта.

Sunday, October 28, 2018

Духот од Тонгва

(By Roger Mortis, 304/184)
Кога гласниот апарат ќе го изговори поимот "дух" најчесто се мисли на натприродна појава налик на холограмска проекција со човеколика структура. Обично тоа се обриси на мртви луѓе кои поради некоја причина сеуште се мотаат во оваа димензија, плашејќи ги суеверните, уверувајќи ги неверните или вршејќи некоја само за нив позната дејност.

Но што е што со ентитетите од неорганска природа?
Зарем предметите немаат своја натприродна репрезентација во вид на 3D визуелен израз?
Зошто и како постои овој вид на дискриминација не е познато, но не би било лошо да се потсетиме дека нашите далечни претци, барем во 90% од времепостоењето на човекот како вид биле закоравени Анимисти и верувале дека и предмети, места, објекти...имаат своја "душа" а некои од нив и свој "дух"!

Годината е сепак 2018-та и наводно нема повеќе место за анимистички пориви меѓу светското население но мора да се каже дека сеуште постојат објекти кои и покрај својата неживост имаат свој дух. Од друга страна пак, може да се забележи дека се` повеќе живи створови немаат душа иако не е исклучено да постанат духови еден ден...
Еден таков анимистички дух се материјализираше неодамна, пред цели два месеци, на 28.Август 2018, пред очите на стотици посматрачи на пат кон Бурманското пристаниште Тонгва. Анимистот во мене веднаш се присети на еден стар Лаптоп кој го употребував цели 11 години и за кој сум сигурен дека имаше некаква "душа", знам дека имав сосема искрени емоции кон него и дека сеуште го чувам завиткан и спакуван на суво и темно место за да ја задржи својата форма. Ако еден ден ме посети духот на мојот омилен "Ејсер 5050" тоа ќе ми биде многу мило.


Бродовите како превозни средства и онака се прилично склони да исчезнат и да постанат духови, океанските широчини се преполни со сведоштва за илјадници бродови-духови кои ги вознемирувале морнарите и патниците низ целиот свет. Но она што е посебно за "Сем Ратуланги", дваесет и седум илјадутонско чудовиште долго 180 метри - е тоа што бродот се вратил во нашата димензија после девет години избивање од неа...
Овој трговски брод за превоз на контејнери со најразлична роба, пуштен во употреба во 2001-ва година, што значи прилично нов, пловејќи под славното Индонезиско знаме (Полско знаме свртено опаку, за неупатените) исчезнал некаде во Септември 2009-та, во близина на Тајван.
Неговиот екипаж, неговиот терет и бродските записи исто така исчезнале, но за разлика од самите труп на бродот кој ќе се појави повторно под сводот небесен - од нив до денес нема никава трага.

Последна фотографија од бродот под полна опрема и екипаж била онаа од Порт Судан во 2008 година. Бурмански рибари, изненадени кога чудовиштето се створило покрај нив во близина на Тонгва - се качиле на бродот за да проверат дали има некого, или барем нешто кое би можеле да го запленат, но за нивна жал, немало ништо. Напуштајќи го лутачкиот брод, ја обавестиле Бурманската воена морнарица која пак упатила Реморкер за да го одвлечка бродот до Читагонг, едно од многуте места на кои завршуваат бродовите, последната станица на ужасот за некогашните моќни бродови кои владееле со морските рути, своевидни гробишта на пловила каде што илјадници раја, при осека, ги раситнуваат до последно штрафче и ги упатуваат на рециклажа при што добиваат понекоја пара на име на килограм "отпадно железо".
Овој ризичен, нископлатен бизнис однесува секоја година стотици жртви, што лешеви што инвалиди, бидејќи не е баш најздраво да се сече метална плоча од два тона со ацетиленска боца или да се залута низ зарѓаните мрачни лавиринти на бродовите, но ја врти економијата на веселите земски репрезенти на Пеколот како Бангладеш, Бурма, Пакистан, Индија и Шри Ланка.

Екипажот на реморкерот после извесно време се откажал од задачата, ги пресекол каблите за влечење и го оставил големиот Сем повторно да лута наоколу. Подоцна, друг Реморкер се упатил на местото на настанот и после 13 мачни денови тегнење некако успеале да го довлечкаат Сем Ратуланги до Читагонг, гнасниот бродски `ад.
Во тоа време на сцена стапила и бирократијата, така што засега не се знае кому ќе припадне оваа олупина дали на Малезиски власници, дали на пронаоѓачите од Бурма према меѓународното поморско право или во игра ќе се замеша уште некој агент. До тогаш Сем ќе си гние на полусувата плажа очекувајќи да биде распарчен и продаден за претопување.


Но ништо од тоа не дава одговор на основното прашање, што се случило со оригиналниот екипаж на бродот, каква дупка на судбината ги проголтала и како тоа цели девет години овој огромен брод не бил забележан на ниту една светска широчина.
Сосема инкогнито, бродот се створил во Андаманското Море доаѓајќи празен, без екипаж, навигација и без гориво од Јужното Кинеско Море, преминувајќи веројатно преку преминот Малака, место со можеби најголема поморска гужва на светот. 3600 Наутички Милји без ниту еден очевидец при сета таа гужва...тоа упатува на помисла за влегување во друга димензија и подоцнежно излегување од неа на сосема друга локација, или било што кое пркоси на секојдневните објаснувања?!
Да, можно е екипажот да го соголил бродот но за тоа е потребен ист таков брод кој ќе го преземе масивниот терет и соодветно пристаниште кое ќе го растовари сето тоа. Секако дека и продажба на сета таа роба би оставила трага и доколку морнарите се согласеле на апсолутна тишина.
А каква тишина ги проголтала најверојатно никогаш нема да се дознае.

Некако е на работ на убавината што и во оваа 2018-та година се случуваат вакви работи, па макар доаѓале и од места кои се викаат Мјанмар, новото име на државата Бурма, а бидејќи ме фаќа туѓ срам при пишувањето на овој лигаво-грд поим, мислам дека подобро би било да си остане стариот симпатичен, Киплинговски поим - Бурма.

Tuesday, October 23, 2018

Безимениот

(By Roger Mortis, 303/183)
Тоа сончево септемвриско утро 1863-та, на брегот на Сенди Ков, во заливот Фанди, собирачите на Морска трева и школки очекувале да имаат пријатен ден. Она што не го очекувале, што изникнало на плажата - тоа бил човек во несвест.
Човек? Да, но не целосно.
Пронајдениот човек на брегот на Нова Шкотска, во она што за четири години оттогаш ќе се нарекува Канада, бил без обете нозе, хируршки прецизно ампутирани под колената и завиени во сеуште свежа и крвава преврска, разјадени од солената морска вода.
Освен тоа, имал крвава повреда на главата и многу расекотини и модрици по телото.

Враќајќи го сознанието после испивање малку Бренди, се испоставило дека овој човек е уште помалку целина од останатите. Бидејќи не си го знаел ни сопственото име.
А не знаел ниту да зборува.
Оштетување на гласните жици, жесток удар во главата или ментална попреченост, претпоставките биле многу, иако оваа последната со текот на времето се покажала како сосема неточна.
Оваа личност која морето необјасниво ја исфрлила на светлото на денот, под екотот на брановите, на рацете на плимата, заедно со трупците и алгите кои се чести гости на песочните плажи - добила експресно име од локалното население кое се насобрало да го види тоа чудо.

Џером. Зошто баш Џером?
Напрегајќи се да објасни нешто, типот испуштал звук кој наликувал на името "Џером" или барем така им се чинело на рајата. А зошто и да не? Можело да биде и Том и Дик и Хари, но ете, сепак доживеал второ крштевање под името Џером.


Извесна фамилија со презиме Олбрајт се сожалила на страдалникот и го прибрала привремено, барем додека не се опорави за да може да продолжи, до домот, до своите, до своето.
Но Џером немал ни дом, ни свои, ни свое. Секако дека некаде по белиот свет имал некого, но што со тоа кога немал меморија? Немање сеќавање значи немање ништо.
Олбрајтови после некое време, притиснати од својата сиротиња биле принудени да го дадат на друга фамилија да го чува Џером, некакви Корзикански емигранти со полукриминогено потекло со презиме Николас. Локалната франкофонска општина Метеган одредила 2 долари неделна издршка за Џером, (околу 60-тина денешни долари) пари кои ги давале на Николасови за да се грижат за најосамениот човек на планетата.

А тој, без свое знаење станал нешто како вашарска атракција, локална занимација, легенда за која се чуло низ цела Нова Шкотска па и подалеку. Раја почнала да доаѓа да го види човекот, да ги слушне звуците кои се обидувал да ги пушти. Џером не бил секогаш расположен да излегува пред народот кој плаќал по некоја цента за да го види тој необичен лик, но во тој случај мотивацијата била во вид на ќотек со кој бил теран надвор од куќата.
На ќотекот се придружиле и другите јавачи на понижувањето како исмевањето, фрлањето предмети во негов правец, имитирањето на неговиот специфичен `од со дрвени нозе и штаки од страна на децата, навредите и погрдните зборови, пуштањето кучиња на него да го плашат, а посебна забава биле неговите реакции во вид на `ржење и мафтање со самоделските штаки во обид да закачи нечија глава и да се одбрани од садистички настроените поединци.

После повеќе од шест години во таа куќа, Џером некако избегал и бил прифатен од друго семејство, овој пат Де Клерови во селото Сен Алфонс во истата општина, кои ќе го одржат во живот уште цели 43 години, грижејќи се за него во рамките на своите можности. А Џером не правел никакви проблеми, ги чувал нивните деца и си играл со нив, поднаучил да чита Француско писмо и најчесто по нешто читал, а врв на животното задоволство бил тутунот, кафето и чајот кои ги употребувал седејќи пред портата на дрвена даска и така чекајќи го зајдисонцето, буквалното и метафоричното, секој ден, скоро половина век...

Никој никогаш не го препознал Џером, негови фотографии биле објавени низ цела Канада, новинарите напишале неколку жалостиви наслови и артикли, сето тоа попусто. Шпекулациите дека е италијански морнар кому гангрената му ги одземала нозете, дека неговата фамилија го унаказила и протерала за да биде спречен да земе наследство, дека е екс-пират...останале само пусти шпекулации. Исто како и онаа најсуровата, дека бил несреќен член на екипажот на некој Канадски трговски брод чиј капетан не сакал да плати за осигурување на здравјето на морнарите и проблемите со нивните тешки повреди ги решавал со тоа што ги оставал на рандом места низ огромното крајбрежје и острови на истокот на Канада, самите да изгнијат по себе...


Невработлив поради чудниот сплет на околности, Џером никогаш не ја напуштил општината Матеган, проминувајќи скоро половина век помеѓу внатрешноста на куќата на Де Клерови и клупата во дворот, ретко патувајќи повеќе од неколку километри во посебни и прилично ретки прилики.
Поимот осаменост е неупотреблив во овој случај бидејќи е блед и неуверлив за да ја опише состојбата на изолираност на кутриот Џером, барем на момент да ја пецне нашата перцепција за болката во неговата душа...а кој збор воопшто и би го можел тоа?!

Седејќи си вечно така пред куќата, Џером го испуштил последниот здив на 15.Април 1912 година, на свои недефинирани, горе-долу околу 85 години.
А токму на тој исти ден, малку на Југоисток, неколку часа пред него, оваа реалност ја напуштиле и 1524 души од патничкиот брод "Титаник". Овој поморски помор ја украл смртта на Џером од насловните страни на локалните весници и осигурал големо друштво на јадниот Џером на патот од другата страна, ако неа воопшто ја има...
Но не и од локалната колектива свест, до денешен ден по Нова Шкотска сеуште било присутно преданието за овој непознат човек, кој дошол од никаде од непознати причини со непознат идентитет и останал сам, само да ја посматра природата, смените на годишните времиња, смените на генерациите, никогаш не присеќавајќи се кој е, што бил и зошто завршил така како што завршил.

Но Џером не е само оној кој заминал на исти ден со Титаник.
Го има во разни форми насекаде, по сиот свет, посебно онаму каде што погледот на луѓето никогаш не допира.
Ако баш не мора.
А за жал, баш и не мора...