Saturday, April 28, 2012

Низ окното

(By The Marked One, 141/032)
Упорно ја подаваше главата нанадвор. Како прваче кое за прв пат го спознава општеството во придружба на нови лица додека го гледа татка си како полека исчезнува на хоризонтот. Мало лице, облеано во солзи кои полека капеа по студениот камен под и чиниш вдахнуваа живот во тие безмилосни плочи.
Мртвите настојници, вечни стражари кои во себе ги содржеа спомените на нејзиното монотоно секојдневие. Ќелијата беше тесна, како да беше создадена да ја исцеди сета позитивна мисла која нејзиниот уморен мозок ја генерираше, допуштајќи им на мизеријата и безнадежот вечно да тлеат.  Овој продорен студ во нејзината кревка внатрешност беше исклесал длабоки лузни, расчеречувајќи ги сништата на уште една млада душа. Амбиција која одамна се извлекла низ вратата како стаорец кој ја насетил поплавата на она што некогаш било раскош.

Времето овде не течеше. Беше сосем невозможно да бидеш сигурен колку долго тие застрашувачки ѕидини го задушуваат оној кој ги запоседнува. Во секоја ќелија имаше мал отвор ограден со дебели челични  прачки кој вршеше некоја илузорна филтрација на воздухот. Од време на време, сонцето успеваше да се вметне низ тие метални пранги и да искраде макар една насмевка од нејзиното лице. Се преливаше низ нејзината златеста коса давајќи и изглед на ореол, како ангелски аскет кој стоички гледа во црнилата кои го кријат лицето на џелатот на нејзината иднина. Фрустрирачки на моменти, во неа избиваше порив да го загради окното со дел од парталите кои го прикриваа нејзиното фрагилно тело,  опустошено од суровоста на заточеништвото.


Агонизирачки се повлекуваше во темните агли на таа клета кутија, бескрајното ништовило кое кореспондираше со состојбата на нејзиниот дух. Го преколнуваше секој центиметар кој ја оддалечуваше од небесното синило, таа света возвишеност која долги години за неа беше обично исмевање на нејзината клета судбина.  Стисокот на беспомошноста одамна силно ја приклешти, без воопшто да ја допушти рожбата на сомнеж кој ќе побуди барем ронка надеж. Не, тој збор нејзиниот речник одамна го испушти.
Силен тресок го прекина нејзиниот транс. Можеше да начуе тешки метални чизми  низ мрачните коридори на затворот, одекнувајќи, расцепувајќи ја тишината, воедно и моменталната кратка благопријатност која ја чувствуваше. Окното полека ја расветлуваше келијата, наговестувајќи ги мугрите.

Пред келијата се појавија тројца стражари. Mрзеливо ја поткрена главата и изнасилено им се насмевна. Се поткрена и полека ги подаде рацете нанапред, како да сакаше да го карикира ултимативното оддавање во ледените прегратки на смртта. Кротко, послушно како мала срна која гази во стапалките на мајка си ги проследи стражарите. Невообичаено тивките ходници ја зголемуваа тензијата што ја чувствуваше додека се обидуваше да ја проголтне кнедлата која се имаше заглавено во нејзиното грло.
Кога конечно излегоа низ малата дрвена вратичка топол ветар проструи низ крошните на околните дрвја кои возвратија со морбидно весела мелодија. Стравот конечно ја доживуваше својата кулминација и таа почна неконтролирано да се тресе, безуспешно обидувајќи се да ги сопре солзите кои навираа на нејзиното убаво лице.

Стражарот до неа не успеа да ја смири и таа падна наназад, енергетски докрајчена за последен пат погледна во мајското небо. Тензијата за миг исчезна, како краткиот поглед кон синилото за неа да претставуваше вечна расправа со Бог. Застана на коленици, ги затвори очите вцрвени од солзи и го зеде последниот здив.

Tuesday, April 24, 2012

Смртта на Платон

(By The Marked One, 140/032)
Утринското кафе во тоа мало запуштено локалче за неа беше последниот хабитат во кој илузијата на емоционална безбедност сеуште не беше разрушена.
Прилично мало кафуле, со неколку маси со извалкани прекривки и поткршени порцелански пепелници. Воздухот беше тежок и мирисаше на мошус, оддавајќи им на гостите чудно чувство дека се наоѓаат во бордел. Оддалеку беше сосем невозможно да се одреди функцијата на објектот, всушност ако се осмелиме да аргументираме дека воопшто изгледа функционално. Па сепак, ваквиот визуелен впечаток на кафулето му овозможи мала но редовна клиентела.

Во оваа група спаѓаше и Минерва. Четириесет и четири годишна жена со петнаесет годишна адвокатска кариера и еден пропаднат брак во своето резиме. Беше воочливо дека времето ни одблизу не било нежно со неа. Иако беше слаба, со загрижувачки големи подочници и чудно нанесена шминка, внимателниот набљудувач можеше да ги забележи правилните црти на нејзиното лице, остатоците од еднаш бујните облини кои очигледно потенцираа дека пред вас седи нешто што некогаш било атрактивна зрела жена.

Со вкрстени нозе уредно скротени во модерни хулахопки го читаше денешното издание на Тајмс, од време на време фокусирајќи се на одредена статија, откривајќи ги брчките на лицето.
Вратата се отвори и на неа се појави фигура на маж. Висок, со црна коса која слободно се спушташе до неговите рамења, наметнат во долг тежок мантил. Момче, не постаро од дваесет и пет-шест години. Тазе член во интелектуалната фела на општеството. Имаше проникливо, но генерално наивно лице, веројатно должејќи му го тоа на фактот дека минал повеќе време студирајќи го животот наместо да го живее. Ставот зборуваше за неговата ароганција, надменост која минијатурните успеси му ја всадија во инаку емотивно нестабилниот светоглед.

Се приближи до шанкот, лежерно потпирајќи се на едно од високите столчиња и нарача седум дупли текили.
-Седум? Некој е нерасположен денес...хм?
До него нечујно се беше шмугнала Минерва. Нејзините продорни зелени очи похотно шараа по неговото тело. За миг погледите им се сретнаа, и таа реши повторно да иницира.
-Елоиза, мило ми е.
-Луиџи,  задоволството е мое.
-Џентлмен? Денес? Овде? Мислам дека ќе се вратам на кафето...
-Зарем тоа е до толку запрепастувачки? Очигледно не сте го шетале светов...хм?
Минерва се насмевна. Светот за неа беше уште една уста која секојдневно плукаше во нејзиното лице. Уште едно стапало врз нејзината гордост, голема капка киселина која секојдневно го разјадуваше нејзиното битие.


Разговорот продолжи. Двајца туѓинци на ничија земја ги соголуваа своите души низ возвишени реторики во кои притаена демнеше првобитната желба. Умствено, агресивно во огнен изблик на eмоции се нафрлаа еден на друг вешто испалувајќи oраторски проектили кон соговорникот. Мошусот во кој беше превиткана таа напната атмосфера упорно ги исполнуваше нивните ноздри, оставајќи му на разумот се помалку место да се искаже.
Мекиот џез полека испари од старите звучници во аголот.

-Затвораат, малечок. Ќе си одиш ли?
-Малечок? Имам автомобил.
-Ммммм. Велиш, голем си? Да видам да не верувам.
-Сум.
-Доволно голем да ме одведеш дома? Ајде, малечок. Не планирам да пешачам до дома.

На паркингот осамен беше паркиран зелен СААБ. На метар од него слабо пулсираше една улична светилка, морбидизирајќи ја целата сцена. Тој од далеку го отклучи и Минерва влезе во него. Седнувајќи почувствува како нешто брзо се сви околу неговиот појас.
-Голем? Колку голем?
Се насмевна и страствено го бакна. Вешто го раскопча црниот тексас и пред тој да може да контемплира околу последните две минути таа веќе цврсто го имаше зграбено малиот Луиџи.
-Па?
 -Сум видела и поголеми.
-Несомнено...
-Што требаше да значи тоа?

Тој се созема и ја презеде иницијативата. Новиот тапацир потемне од пот. Полека, прилепени еден за друг прогресираа кон ултимативниот танц на вечноста. Воздишките ја затегаа атмосферата во автомобилот како некој ѕвер кој во сета своја бруталност се извил над својот плен. Со раката се проби под здолништето и ги потегна хулахопките. Разумот одамна абдицираше и божествена страст како магма се прелеваше од нивните усни. Цврсто ја префати и како мала плишана кукла ја смести во скутот. Во еминентен примитивизам доминираше врз неа како диво животно. Силно ја стискаше и бесно ја движеше угоре-удолу, чиниш играчка. Светилката надвор конечно згасна, конечно допуштајќи му на мракот да настапи. Тотално мртвило го сви паркот, прекршено само од кланкањето на зелениот автомобил и тихите воздишки кои произлегуваа од неговата внатрешност.

Во тој миг продорен крик го расцепи мракот. Звук кој ги замрзнуваше вените, повик на  дивината прикриена во нејзината утроба. Се префрли на совозачкото седиште и се накашла. За момент ја погледна и на нејзиното лице ги виде годините кои ја пиеја нејзината душа, ја згрутчуваа нејзината младост. Во тој миг бескрајно ја сожалуваше. Се почувствува како да гледа во јама, како самиот абисал на океанот да бил спростран пред неговите очи.
-Каде?
-Градски парк, стариот влез.

Наскоро возеше низ живиот дел на градот. Светилките овде ги бојадисуваа улиците и зградите, давајќи му го на градот тој таинствен ноќен шарм. Таа мистериозна привлечност, како странец кој се појавил во некое кафуле и за момент го привлекол вниманието на сите во него.
Конечно запре и го паркираше автомобилот на тротоарот на еден напуштен сокак. Од сите страни се извиваа згради кои изгледаа скоро напуштено. Taжна слика, обвиена во депресивна темнина. Се заврте, повторно се насмевна, го бакна во челото и излезе од автомобилот.
СААБ-от сврте и си замина оставајќи ја во апсолутен мрак. Во зелениот автомобил, еден младич гледаше лична карта на која пишуваше Френк Питерсон. Тој извлече цигара од задниот џеб, ја запали и силно потегна.

Monday, April 23, 2012

Време

(By The Marked One, 139/032)
Дали неможноста да ја одредам траекторијата по која движењето е најповолно е причина да аболицирам од моментот во кој бдеам? Дали воопшто е неможност?

Воздухот е застоен, неподнослив.
Дамарите ми баботат од проклета монотонија и полека емотивно асфиксирам. Патеката која внимателно ја трасирав, агресивно пресекувајќи низ игнорантноста се губи во натежнувачката магла. Белата густина опсегајќи се до бескрај, сурово разорувајќи ги моите клетки, на патот остава уште еден обичен човек, испиен и емотивно мртов.

Апсолутно исклучен од терминалот, закотвен во сопствените мисли. Потрагата по веродостојност на идентитетот, валидизирање на светогледот, едноставно е премногу исцрпувачка а божемните награди аквизирани на крајот од тунелот се, во најмала рака,  незадоволителни. По се изгледа, скршениот компас повторно и повторно ме доведува до безизлезни ситуации. Зомби во кои е олицетворена сеопштата стагнација во слеп бес ме раскинуваат и полека тонам, длабоко во абисалот на глупоста. Проклети да се синџирите во кои ме оковавте! Темните зандани во кои насилно ме фрливте додека очајно ја барав вашата помош повеќе не се предизвик за овој ум. Сега, кога се надвиснав  над вашите скршени тела како самиот ѓавол кој настапил при кулминацијата на претставата, се што можат вашите погани усти да генерираат се безуспешни обиди да се зачува колку што може повеќе вашето еродирано его.


Со израз на неверица на лицето ги набљудувам прашливите излози, застарените методи кои циркуларно се продаваат, старите приказни во кои веќе ретко кој верува. Сиот тој театар на интелектуален разврат претставен пред моите крвави очи. Принуден да бирам од зла, со заврзани очи да посочам со прстот по клетвата која сам ќе си ја напишам. Сакрамент во кој со сопствената крв ја пишувам фактурата на сопствената индивидуалност.

Време. Репетицијата стана досадна. Повторно и повторно влетувам во истиот оглупавувачки кошмар, канцер во мојот напредок без никаква надеж за ремисија.
Време. Конечно, повторно ќе се нурнам во сопствениот пламен, ќе ја анихилирам секоја трага од се што некогаш сум бил.
Време. Книгата на лагите испишани сиве овие мизерни години ќе биде закопана длабоко во сенките на минатото.  Величенствена експлозија проследена од злокобна тишина, последна порака од тинејџерот до неговиот наследник.

Tuesday, April 10, 2012

Херои во празно

(By The Marked One, 138/032)
Забавен момент на кој секогаш сакам да му го обрнам вниманието кое ни од далеку не го заслужува се душегрижниците кои веруваат дека се способни да им помагаат во животните искушенија на нивните ближни. Оние самопрогласени витези на каузалност индуцирана и родена во ароганција.

Претераниот алтруизам, кој се граничи со ароганција и во себе носи доза фанатицизам верувам дека доживотно ќе ми влијае како гасот за смеење,  на некој начин, иако не тој на кој се надеваат овие псевдо мини-месии, значително ќе ми го подобри животов.  Можеби бигоров кој го одамна го опседнал ова срце накратко ќе ги олабави прангите. Можеби за момент ќе почувствувам како безбојните шепи полека се креваат од мојот граден кош, дозволувајќи краток проток на кислород. Како раните на Прометеј, преку ноќ ќе бидам исцелен за утре повторно да ме колваат.   Или барем оние моменти кога сум депримиран и мизерен ќе се изнасмеам на тие јадри души кои се секогаш тука за да им помогнат на понесреќните да ги надминат сопствените животни премрежја.

Освен кога не се.


Смешното, а воедно и фрустрирачкото се наоѓа токму во тој месијански комплекс кој ја подгрева потребата да се помогне, дразнејќи и стимулирајќи ги центрите за задоволство. Ваквите компакт спасители на човештвото активно бараат шанса да херојствуваат во нечиј живот, спасувајќи распаѓачки љубовни врски, тешење и слично. Комичното се состои токму во актот на помош, од луѓе кои најчесто не можат да си помогнат ни себеси. Де факто слепиот ти ги нуди очите за да можеш да гледаш.

Трагедијата се раѓа кога нашиот нео-Христос не ја наоѓа својата damsel-in-distress. Потребата да биде херој во неговите очи ќе создава ситуации во кои тој треба храбро да дојава како витез облечен во златно-бел оклоп и да го избави својот “штитеник” од канџите на несреќата.

Она што успешно ќе избега е идејата за фер двобојот со сопствената судбина.  Идејата дека помагањето не секогаш се состои во помошта. Не секој беден алтруистички обид е навистина алтруизам на големата резолуција. Допуштајќи им тет-а-тет судир со немирите на сопственото минато и сегашноста, генерираме прилика повторно да се издигнат по победата, со уште една животна лекција. Поразот, болката кој ја на носи самиот по себе е силен учител, неиздвоив Вергилиј низ животните перипетии.

Помошта од денес за утре, инстатно ги дразни центрите за задоволство како кај субјектот така и кај објектот во дејствието. Обид кој заборавот брзо ќе го проголта, оставајќи ја жртвата, жртва.

Sunday, April 1, 2012

Како убив Сон

(By The Marked One, 137/032)
Лежерно испружен на тревата оросена од ефтино вино, празни стаклени шишиња и пластични чаши, плашливо лазев по работ на ретроспективата, животот премотувајќи го напред-назад како дете, премотувајќи ја лентата со пенкало.
Атмосферично и евентуално мотивиран да извршам увид на дамнешното минато и истото да го споредам со скорешните настани, пасивно барав одговор на прашања често поставувани додека пишувам некое есејче, метафоризирајќи го секој аспект од животната трка на безнадежот.

Прелистувајќи ги старите текстови, содржински безначајни приказни на тинејџер кој можеби и не се разликува толку колку што посакувам, или проектирам во очите на оние кои немаат друга работа, со згаден израз на лицето атакувам на ликот и делото на малото глупаво дете кое се обиде експоненцијално да порасне.


Смешно е, заслужува потсмев секој беден обид да се самоомаловажувам барајќи поддршка, барајќи признание од некој надворешен спектатор кое мозоков без никаква логична основа ќе го перцепира како валидно. Лицемерен акт кој заслужува врвна осуда, фантомски, подло му забивам нож на вчерашниот јас, притаено без влакна на јазикот плукам врз утрешниот.

Целата еволуција, тој раст кој тукушто започна во кратки реченици успевам да го оцрнам и исквернавам секој збор, верување и став кој некогаш сум ги држел. Фобичен за се она што некогаш минало, живеам во страв дека утре ќе еквивалентира со вчера. Во бизарниот судир на две личности кои декади делеле иста школка веќе се наѕира голотијата на она што се задржало во сите тие спротивставени контури.

Oстанувам конфузен, најповеќе за себеси, сеуште разбиструвајќи ја сликата на која една по една се калемат годините, со секое ново гранче згуснувајќи ја масата, заматувајќи ми го видот оставен на милост и немилост на сопствениот сарказам. Старите текстови се сеуште тука, потсетник, хронолошки водич низ влезот на уште еден обичен тинејџер во светот на возрасните.

Градот и јас - јас и градот

(By The Marked One, 136/032)
Го мразам.
Ја презирам секоја плочка која ја газам, молневито низ глава премотувам сцени во кои го гледам како гори во величенствен оган, кулминација на фрустрираниот живот кој ни го овозможува.
Секоја асфалтна улица по која сум минал барем еднаш ми ја вжештува внатрешноста, секој простак кој ќе ограби старица и ќе нападне девојка која брза на работа.
Секој скитник, секое дете со цигара во раката, секој Ром во стариот дел од паркот, легнат на врелиот асфалт со кеса на лицето. Одвратни се.
Неопислив е тогаш изразот на моето лице. Искривен од ужас, згаденост. Шареноликите светилки кои безуспешно ја кријат неговата мизерија.

Го сакам. Не можам без него.
Ме храни, дрогира со мојот омилен опијат и ми овозможува накратко да ја стишам скрибоманијата.
Се што сум пренел на хартијата, клета да е судбината која и ја приредила таа трагична пресретка со мојава рака. Се што сум напишал, очите кои читаат, умот кој го контемплира сиот тој гнев кој го вентилирам така фуриозно.
Дали умот ќе се запраша? Дали ќе го акумулира гневот?
Дали буквиве ќе променат нечие мислење, дали ќе спасат живот?


Дозата на гнев која секој ден ми ја врачува, компактифицирана и зачинета со блага елоквенција и агресивен сарказам и навреди, убаво стокмена во еден мал есеј. На ова се сведува унифицираното, се она што денот ќе ми го подари. Секоја мисла, добра или не, значајна или не, пожелна или не, градот ќе го помириса огнот кој му гори под нозете. Ќе ја почувствува врелината на омразата која ја зачна некогаш одамна, и сеуште чезнее, одвај задржувајќи се на работ на заборавот.

Секој збор ќе биде всечен во умот на луѓето.
Луѓето. Потребни ми се. А сам сум. Сакам да се до мене. Да ги помирисам тие ефтини парфеми. Таа притаена злоба, прикриена со извештачени пластични насмевки. Сакам да се до мене, за да го мразам секој нивен атом.
Целокупната манифестација на нивното постоење.

Ми требаат. А сепак, сам сум.
Ми требаш за да те мразам. Да те набљудувам, во секој моментум буден, трезвен.
Неразумен.
Биди потсетник на се што ме мрази, се што сака да го уништи мојот вид. Убиј ме, и гледај како се прераѓам, овојпат посилен од тебе.
Ти, музо Сатанска!

Give`m their heroes back !

(By Roger Mortis, 135/032)
Count Carl Gustaf von Rosen

Not all of us are born out of same stock

Необична животна траекторија која започнала во сосема обична орбита. Толку необична што во времето во кое живееме не се сомневам дека луѓето би климале сожалувачки со глава. Но тоа не е дека луѓето немаат идеали, или ако ги имаат се разводнети како бензинот на локалните пумпи. Тоа е бидејќи немаат жироскоп во главата.

Роден во Шведска, потекнува од редовите на високата аристократија што го прави неговиот животен пат малку невообичаен, ако се земе дека кај огромното мнозинство припадноста кон одредена социјална и општествена класа ги моделира начините на кои го перцепираат светот и целите кон кои се стремат.
Можеби се започнало со татко му, склон кон преземање на улога на “црна овца“ во семејството, истражувач и пилот кој го донирал својот авион на финските востаници при војната за независност од Советска Русија, 1918-19. Фамилија со добри врски и статус, роднина на никој друг туку Херман Геринг кој бил “кривецот“ за побудувањето на љубовта кон летање на малиот Карл, за време на престоите на подоцнежниот мрсен заповедник на Луфтвафе во домот на Карл и прикаските за неговите (сосема реални) подвизи за време на Големата Војна. Жив пример за дуалноста на сиот светот и околностите кои владеат во него. If there was one, this was it, fatty Herman setting the stage for saving thousands of kids.


Дали пред или после станувањето пилот и не е важно, но кај Карл се јавила потреба за биење однапред осудени битки, замислена идентификација со витештвото од минатите времиња или повремени испади на алтруизам, како и да е после нападот на фашистичка Италија на Етиопија во 1935. се пријавува како пилот на Црвениот крст и лета на мисии на доставување храна и извлекување ранети цивили. Италијаните во немање на воздушен противник од страна на симболичните воздушни сили на царот Селасие, тренирале на понекој авион на хуманитарните организации, па така фон Розен ја става главата во торба многу пати а еднаш е и отруен при напад со боен отров на аеродромот каде бил стациониран.

Неколку години после оваа авантура се пријавува како доброволец при нападот на бољшевичкиот СССР на соседна Финска 1939. Гледајќи ја “бројноста“ на финската авијација, посебно во делот бомбардери се решава за импровизација која ќе му стане заштитен знак понатаму. Располагајќи со доволно средства, што од фамилијарни извори што од плата како пилот на Холандската КЛМ, набавува половен патнички ДЦ-2 кој го претвора во “направи-сам“ бомбардер со импровизирана шахта за исфлање на бомби и оптички нишан. Со него извршува бројни напади на агресорските сили, despite the unthinkable odds.

Откако завршува “зимската војна“ Карл се пријавува во РАФ за да лета како доброволец против Луфтвафе. Но во таа замисла го спречува британската обавештајна служба поради неговите роднински врски со Геринг, потценувајќи ја искреноста на грофот (неговата сопруга загинува како припадничка на холандското движење на отпорот во борба против Германците) и губејќи неверојатно силна пропагандна прилика (Herman`s nephew scored a kill against Luftwaffe, down with the Hun).


После војната се упатува повторно во Етиопија каде неговите подвизи не се заборавени и цела деценија живее таму, организирајќи го новоорганизираното воздухопловство во таа земја. Следува можеби најконтроверзниот период од неговиот живот кога неговите постапки имаат глобално влијание. За време на граѓанската војна во Белгиски Конго лета како личен пилот на генералниот секретар на ОН, Даг Хамаршалд.
Освен на една дата, кога се пријавува дека е болен и препушта на друг пилот да го превезе Хамаршалд.

А случајно или не, тоа е летот кога авионот на генералниот секретар е соборен и Хамаршалд загинува во атентат, најверојатно дело на Белгиски платеници.

Напуштајќи го Конго за време на тие контроверзни настани, некое време останува off the radar, и се појавува на сцена по неколку години кога ја прави легендата за самиот себе, граѓанската војна во Нигерија 1967-70 поради отцепувањето на народот Ибо од истата и стварањето на Биафра како независна држава.
Освен Израел,Франција и неколку соседни земји, Биафра е блокирана од сите страни и САД и СССР и Британија се ставаат на страна на Нигериската централна власт и ги помагаат да ја вратат “забеганата“ покраина назад. Карл лета како доброволец на доставување на хуманитарна помош на жртвите на блокадата кои масовно умираат од глад. Токму Биафра е местото каде за прв пат светот со помош на камерите гледа сцени на масовен помор на деца.
Но секојдневниот контакт со тие деца и нивниот поглед кој се гаси поради интересите на “поголемите играчи“ е нешто друго од послепладневно воздивнување околу неправдите во светот и утехата со секуларното евангелие кое се повикува (не патејќи од преголема оригиналност) на грешната човекова природа.
Сето тоа го наведува да преземе нешто повеќе.

Со група пријатели платеници, колоритна група на екс-Луфтвафе асови, бивши Јужноафрикански пилоти, Шведски авантуристи и припадници на локални племиња кои се интересираат да научат да летаат - се решаваат да прејдат во офанзива. После неуспехот во набавка на “сериозни“ борбени авиони на меѓународниот пазар за отпадоци и воени вишоци, освен неколку “АТ-6 Тексани“ и “А-26 Инвејдери“ како и еден “Б-25 Мичел“, реликт од Втората светска војна, повторно проработува смислата за импровизација.

Се враќа во Шведска каде купува 5 (или 6 по други извори) двоседи за основна обука МФИ-9 на кои подоцна француски техничари монтираат ракетни фрлачи и оптички нишани.
Со овие “несериозни“ машини со мотор од 100 к.с. го прави она кое ги шокира сите, friends and foes. После обуката на неколку локални пилоти и пробни летови, тргнуваат во најнерамноправната борба во историјата на авијацијата, против Нигериското воздухопловство опремено со современи авиони, радарска мрежа, противвоздушна одбрана и потпомогнато од “инструктори“ од Варшавскиот договор, Египет и Британија.

За време на целата војна, не е забележан случај на удар на нигериската авијација врз герилата. Основна цел - да се убијат што повеќе цивили и да се запрат хуманитарните летови.


Фон Розен и друштво го растураат Нигериското воздухопловсто.
Буквално.
Kickin` the shit out of.
Нема конечни информации за бројот на авиони кои биле изненадени од малите авиончиња на Фон Розен, дваесетина авиони и хеликоптери (Ил-28, МиГ-17, Ц-47, ДЦ-6), неколку аеродроми, неколку противавионски батерии, голем број возила и преку 300 војници, што загинати, што ранети.
И притоа не губејќи ниеден авион и покрај постојаниот оган на кој биле изложени.

Но најважниот дел бил во одвлекувањето на Нигериската авијација од нејзините цели (Genocide Airlines) кон борба со противник кој чинел заедно колку резервен мотор за МиГ-17. Talking about cost-benefit, they were out of this world. Бројот на спасени животи е тешко да се процени, но за жал Биафра не успева да се одбрани и е припоена назад кон “матицата“ а репресалиите продолжиле и понатаму. Even von Rosen and his merry men couldn`t make the final difference. But they dealt a blow.
После евакуацијата од Биафра, повторно лета по Африка на разни летови за доставување на храна и лекови, со години и пркоси на судбината, куршумите и протиавионската артилерија. Кои никогаш нема да го соборат.

Среќата на небото не го напуштила воопшто. За жал, му врти грб на земјата. Карл, веќе 68. годишен, со живот зад себе за кој можат да се пишуваат томови, загинува при напад на Сомалиски војници на некаков помошен аердором, за време на војната меѓу Етиопија и Сомалија во 1977, последното поглавје од драмата во која сосема доброволно, надвор од сите причинско-последични врски на овој свет се нашол еден аристократ и вечен борец за заборавени идеали.