Tuesday, April 10, 2012

Херои во празно

(By The Marked One, 138/032)
Забавен момент на кој секогаш сакам да му го обрнам вниманието кое ни од далеку не го заслужува се душегрижниците кои веруваат дека се способни да им помагаат во животните искушенија на нивните ближни. Оние самопрогласени витези на каузалност индуцирана и родена во ароганција.

Претераниот алтруизам, кој се граничи со ароганција и во себе носи доза фанатицизам верувам дека доживотно ќе ми влијае како гасот за смеење,  на некој начин, иако не тој на кој се надеваат овие псевдо мини-месии, значително ќе ми го подобри животов.  Можеби бигоров кој го одамна го опседнал ова срце накратко ќе ги олабави прангите. Можеби за момент ќе почувствувам како безбојните шепи полека се креваат од мојот граден кош, дозволувајќи краток проток на кислород. Како раните на Прометеј, преку ноќ ќе бидам исцелен за утре повторно да ме колваат.   Или барем оние моменти кога сум депримиран и мизерен ќе се изнасмеам на тие јадри души кои се секогаш тука за да им помогнат на понесреќните да ги надминат сопствените животни премрежја.

Освен кога не се.


Смешното, а воедно и фрустрирачкото се наоѓа токму во тој месијански комплекс кој ја подгрева потребата да се помогне, дразнејќи и стимулирајќи ги центрите за задоволство. Ваквите компакт спасители на човештвото активно бараат шанса да херојствуваат во нечиј живот, спасувајќи распаѓачки љубовни врски, тешење и слично. Комичното се состои токму во актот на помош, од луѓе кои најчесто не можат да си помогнат ни себеси. Де факто слепиот ти ги нуди очите за да можеш да гледаш.

Трагедијата се раѓа кога нашиот нео-Христос не ја наоѓа својата damsel-in-distress. Потребата да биде херој во неговите очи ќе создава ситуации во кои тој треба храбро да дојава како витез облечен во златно-бел оклоп и да го избави својот “штитеник” од канџите на несреќата.

Она што успешно ќе избега е идејата за фер двобојот со сопствената судбина.  Идејата дека помагањето не секогаш се состои во помошта. Не секој беден алтруистички обид е навистина алтруизам на големата резолуција. Допуштајќи им тет-а-тет судир со немирите на сопственото минато и сегашноста, генерираме прилика повторно да се издигнат по победата, со уште една животна лекција. Поразот, болката кој ја на носи самиот по себе е силен учител, неиздвоив Вергилиј низ животните перипетии.

Помошта од денес за утре, инстатно ги дразни центрите за задоволство како кај субјектот така и кај објектот во дејствието. Обид кој заборавот брзо ќе го проголта, оставајќи ја жртвата, жртва.

No comments:

Post a Comment