Wednesday, May 9, 2012

Бело

(By The Marked One, 145/033)
Нежен женски глас се распространи во малата соба. Тапетите исполнети со вселенски летала и картикатури на планети и ѕвезди со весели насмевки, дрвениот кревет во облик на формула и купчето роботи неуредно стокмени во мал темен агол во собата се изјаснија дека станува збор за детска соба. Кензо сеуште врткајќи се, полуразбуден, во малиот син јорган сеуште ја игнорираше мајка си. Потребата за сон сеуште го стегаше, а и училиштето не беше забавно. Прекривките беа студеникави и делуваа освежувачки во тоа топло летно утро. Мајка му повторно го повика, овој пат нејзиниот глас одлучувачки продирајќи низ превезот на тишината како мал зрак светлина, надеж која се изборила дотрајувајќи низ густата темнина. Потстана и набрзина се откри кога мајка му конечно влезе во неговата соба. Се чувствуваше како да му е потребен титански напор само да ги отвори очите и да погледне кон светлината која се искраде во собата кога таа ја отвори вратата.
-Појадокот е готов, Кензо.

***

“Утро, еднакво мизерно, еднакво одбивно, еднакво смрдливо и го мразам еднакво како сите други утра. Го презирам. Сакам да видам како утрото, облеано во топла крв со безброј рани на грбот, крунисано со венец од густи трње на главата го носи крстот на кој ќе биде распнато пред сиот свет.”

***

-Возот кон индустриската пристигнува за тринаесет минути.
Шисуи се стресе и потстана од столчето во кое лежерно, скоро безгрижно дремеше последниве четириесетина минути. Утрото беше исцрпувачко за него и металниот глас кој се забоде во неговите уши како длето не беше од голема корист. Станицата изгледаше пост-апокалиптично. Повеќето столчиња беа скршени, ѕидовите затрупани од натписи и разни плакати не дозволувајќи белите плочки со кои беше обложен ѕидот да излезат на виделина.
Политички гракања на младата квази-интелектуална фела... – помисли Шисуи.

На старите звучници поставени на ѕидовите, или барем оние кои сеуште функционираа, тихо се разгласуваше Глинка дополнително нагласувајќи ја бедотијата на таа мала станица. Целата глетка беше жалосна, на човека му емулираше чувство на надоаѓачка смрт, смрзнувајќи му ги вените, безмилосно труејќи го со тага. Во тие мигови, тие проклети утра кои мораше да ги споделува со осамената станица за Шисуи претставуваа ѓаволовата реклама, пробна верзија на пеколот. Обид на злите сили на универзумот да му го загорчат животот, како зли црни верверички кои фрлаат со лешничиња кон загубените шумски патници. Вака замислен се качи на експресниот воз и како зомби, скоро ползејќи отшета до едно од празните места во средината на вагонот и се спушти до една средовечна жена. Шисуи со доза на презир кој едвај го прикри набрзина на одмери од глава до петици. Изгледаше сосем нормално, и веројатно тоа страшно му пречеше. Правата црна коса, чиниш математички пресметано беше спастрена со неколку шноли и ластичиња давајќи и повеќе изглед на бојадисана статуа отколку на живо битие. Имаше мало, сериозно лице со јадри светло зелени очи кои го правеа нејзиниот поглед прониклив и болно продорен. Човек се чувствуваше сосем соголен пред моќта на тоа длабоко зеленило. Правилните црти и малото носе од неа правеа една сосем убава жена, можеби и подмладувајќи ја десетина години и принудувајќи го секој маж да се чувствува делумно несигурно во нејзино присуство. Шисуи ја мразеше. Секој нејзин атом беше разорувачки, генератор на неподнослива болка во егото на младиот научник. Се чувствуваше толку деминутивно, како бебе на валканиот под со раце испружени кон заслепувачкото сонце. Беше невозможно човека да и се спротистави на љубовта на прв поглед, безнадежно беше одрекувањето од сите примитивни пориви кои се побудуваа во стомакот со самото присуство на таа доминантна женска фигура.

Свирежот на сопирачките на возот делуваше како атмосферски анастетик, инстантно аболицирајќи ја тензијата која постепено ескалираше за време на патувањето. Шисуи несмасно се исправи, задржувајќи се на една од полурѓосаните метални шипки кои беа поставени низ вагонот и полека, тетеравејќи се слезе по металните скалила.
Платформата на која се симна беше станица сама по себе која фирмата во која беше вработен последните единаесет години ја имаше поставено специфично за своите работници. Индустриската зона беше свет издвоен од останатиот дел од Токио. Овде, оџаците на фабриките и централите се издигаа стотици метри над тлото како да сакаа да ескивираат од сиот тој механизиран живот. Oблакодерите заканувачки се надвиваа од сите страни, злокобно и заканувачки како архајски демони кои произлегле низ процепите на астралот во потрага по човековата спокој. Во совршен ред, како пиони во првите борбени редови на сите страни се гледаа контејнери со радиоактивен отпад и ладилници и филтри за отпадните води. Животот беше синоним за оскудност во овие предели. Немаше ни трага од било каква фауна и флора, згора на се, самиот воздух беше застоен и блуткав а ветрот како да ја насетуваше морничавоста на ова проколнато место па се чинеше како свесно да го избегнува. Смртта и очајот одамна загосподарија со срцата на оние кои ја имаа несреќата да се најдат овде како вечни агитатори на умствениот распад. Неотповикливи џелати на емотивното кралство кои сласно, со палецот минуваа по сечилото на нивните секири. За Шисуи, ова беше уште еден ден на работа.
Внимателно се спушти по скалилата кои водеа удолу, кон еден од отворите, воедно и споредните влезови на фирмата. На вратата го пречека Хирако, стариот портир кој на волшебен начин знаеше многу од интригите кои како сублимат се провлекуваа низ тихите разговори на вработените. Старецот денес само мило се насмевна и го пропушти Шисуи низ големата, тешка метална порта.

Коридорот беше празен, и прилично темен. Овие ходници ги користеа само персоналот кој се занимаваше со одржување на институтот и од време на време од научниците кои поради оваа или онаа причина беа приморани да го користат експрес транзит системот. Шисуи брзо се провре низ нив и конечно излезе на светлина, точно на главниот влез. Големата соба која наликуваше на болничка чекална беше осветлена од висечки неонки кои за миг го заслепија, па така делумно замижан пројде низ неколкуте клупи и белата овална маса, оставајќи ја Акико, младата згодна рецепционерка со прашален израз на лицето. Ходникот се распостилаше право, огромен поплочен тунел осветлен со безброј мали жолтеникаво-бели светилки. Целата архитектура и ентериерот му даваа многу стерилен изглед на институтот. Изгледаше како некој да ја исцицал секоја емоција од внатрешнините, изоставајќи бело мртвило зад себе.
Конечно ја здогледа познатата челична врата зад која се наоѓаше неговиот кабинет. Во неа, како што очекуваше го најде Исаму.


-Знам зошто си овде. И веројатно можам да одговорам на сите твои прашања уште пред да ги поставиш. Затоа... те молам. Имам работа.
-Како можеш да бидеш толку индиферентен, по ѓаволите?! Зарем ова не те засега и тебе? Зарем ова утро излезе од дома, преправајќи се како денес да е уште еден обичен ден? Дали го погледна син ти пред да излезеш? Ова не е обично...
-ДОСТА! Мислиш дека мојот збор навистина е битен овде? Мислиш дека доколку, како тебе, го кренев гласот како би се спротиставил на одлуките на бордот би променил нешто во судбината на сите тие луѓе? Колку време мислиш дека овој план ми е познат? Колку време мислиш дека го чувствувам ова бреме на моиве гради, ја проколнувам натежнувачката судбина?!
-Ќе го кренеше ти! Ќе го кренев јас! Ќе го кренеа уште многу! Ќе...
-Ќе не убиеја без понатамошни дискусии, и планот повторно ќе си течеше по распоред. Зошто мислиш дека јас или ти сме некакви вредни фигури во оваа безумна партија шах? Освен тоа, експерименталниот метод е метод на науката, а ние, Исаму, сме НАУЧНИЦИ! Облекуваме стерилизирани бели костуми, носиме стерилизирани бели маски, навлекуваме стерилизирани гумени бели ракавици. Ние сме пропагатори на белото, на стерилното. Во нашата работа нема време за...

-Се слушаш ли?! Зборуваш како проклета машина. Како обичен куп железо кој едноставно ги пресметал сите возможни исходи, не водејќи грижа за повикот на етичките и моралните должности бидејќи никогаш не го ни почувствувал! Зарем утрово лицето на малиот К...
-РЕКОВ ДОСТА! Што...? Зошто не можеш да разбереш? Нашиот глас. Нашата мисла. Нашиот избор. Нашите деца. Не се наши...Во нашите животи не постои зборот “наше”. По ѓаволите, ни животов не е наш. Се што имав, се што имаше...тоа е одамна надвор од нашиот дофат.
-Се надевав дека ќе ме разбереш, но сега ќе морам да посегнам кон...алтернативни методи.

***

-Прва помош во канцеларијата на Мадараме Шисуи! Побрзо, по ѓаволите!
Акико потскокна. Радиото ја фати неподготвена и зеде неколку секунди за да си го поврати здивот.
-Прва помош во канцеларија 718! Акико! Било кој!
Акико во паника го поврза каналот со обезбедувањето. Сеуште беше во апсолутна конфузија, без грам идеја што всушност прави. Делуваше како механизирана кукла која во се придвижува во дадени услови.
Сега трчаше кон канцеларијата од каде што дојде повикот.
-Шисуи... што ли се случило... – промрморе.
Кога пристигна виде дека обезбедувањето веќе беше внатре во собата. Надвор, на носилка можеше да забележи човечки труп прекриен со бела ткаенина. Се ужасна кога ја забележа огромна дамка крв која полека се прошируваше на средината, таму каде што требаше да бидат градите на трупот.
Од нејзината страна се појави Шисуи. Можеби беше потресен, но сепак некако успеваше да го прикрие ужасот кој би требало да го нагрне на него скорешниот шок.
-Што се случи, господине Мадараме?
-Исаму. Се обиде да ме убие.
-Што?! Зошто?! Добро ли...
-Се е во ред, Акико. Имаме специјалисти кои ќе се справат со него. Ќе преживее.
-Но, вие...
-Јас морам да одам Акико. Кажи ми...имаш ли роднини во Toшима?
-Хм...па не. Всушност, сирак сум. Но...
-Добро. Морам да одам, Акико. Се гледаме подоцна.

***

-Ти се допаѓа ли? Татко ти ги купи завчера, сеуште не сум ги пробала.
-Одлични се.
Низ кујната се беше спуштила тишина. Кратките разговори на Кензо и мајка му, проследени од ѕвечкање на малата лажичка беа единствените знаци на живот во тоа утро. Сонцето беше невообичаено силно за ова време од денот. Како самиот Аполон да напуштил небесата во потера по своите афери.
-Земјотрес?
-Не знам, не изгледа како...
Силна експлозија одекна некаде близу нивната зграда. Во миг ѕидовите паѓаа, апаратите во кујната летаа на сите страни и загушлив прав се крена од сите страни. Тресењето продолжи и по експлозијата, експоненцијално засилувајќи се, не дозволувајќи им на станарите во нивната зграда ни момент да се соземат. Стана невообичаено врело, всушност се чувствуваше мирис на изгорено месо низ рушевините.
Кензо се извлече од под масата. Мајка му ја немаше никаде. Се провлече низ ходникот кој беше делумно затрупан од огромни парчиња бетон, полека напредувајќи до влезот на зградата.
Пламења беснееја на сите страни, предизвикувајќи во малиот Кензо контемплација дали всушност воопшто е жив. Врелиот воздух скоро го кутна, сепак со сета сила се тераше нанадвор. Зградата се затресе и тој падна наназад и поврати врз своите гради.

Полека се исправи и продолжи да се тетерави кон излезот, конечно гледајќи мала светлина низ еден од процепите на бетонските блокови. Сврте лево низ ходникот и здогледа прозорец, или барем би требало да биде прозорец, со оглед на тоа дека прозорците во неговата зграда беа хоризонтални, а овој беше вертикален.
Исползе до отворот и излезе надвор. Сонцето силно блештеше и дополнително му ги влошуваше гадењето и вртоглавицата кои го имаа запоседнатно. Одеднаш погледна надоле, инстантно сфаќајќи дека всушност стои на фасадата на зградата.
Го крена погледот кон небото, и гледајќи еден бесконечен облак сива прашина се струполи под злобниот поглед на жешкото сонце.

***

Влезе во тоалетот и со огромна брзина и драматични чекори се втурна кон една од вратите. Беше заклучена. Се наведна и забележа две стапала обуени во скапи кафени чевли. Одвнатре, пригушено можеше да се начуе тихо липање на возрасен маж.

Saturday, May 5, 2012

Џган

(By The Marked One, 144/033)
Џган!
Зошто е градов преполн со џган?!
Фрустрацијава која навира од сите страни како проклета делта од лава, гнев кој претекува од сите страни, несомнено каузалноста на рацеве кои се тресат чиниш страдам од Паркинсон. Скопје. Мизерна савана инфестирана од змијарници и свински буништа запоседнати од новиот џган со кој безволно кохабитирам која во мене раѓа контемплација околу прашањето “Што ме спречува да одам на човечко сафари?!”.


Од сиот џган, стар и нов, што најмногу мразам денес?!
Спасението за оваа безвредна сурија одамна го избришав од опциите кои се нудат на пазарот. Скептичен, со неверица на лицето одмавнував со главата пред секое протеже кое душегрижниците par exellance го возвишуваат, валидизирајќи ја неговата интелектуална немоќ. Низ годиниве кои изминаа лаев, се препелкав на земјата и плукав пена и крв во агонија, обидувајќи се да потенцирам на оваа несопирлива општествена чума. Ги проституирав сопствените нерви, неврони и мускулна маса со желба да придонесам до репарација на дефектите, едукативниот хендикеп на џганот. Мајчински од мене. Сожалував, гласен во поддршката на слабиот, природно обележан за екстинкција. Бев помлад, умот ми леташе, нормативизмот на кој ги калемев своите мислења наивно го распостилав пред нечистотијата на свинските стапала на џганот. Бев помлад, и кревок. И имав надеж. За човештвото како раса. Сега тоа зло, таа застрашувачки моќна алатка во рацете на изнемоштените и слабите повторно ја заклучувам во кутијата од која и дозволив да одлета.
Summa Summarum, го ремоделирам сопствениот терк, систем на вредности кој очигледно ме доведува до погрешни заклучоци и ја амплифицира мојата толеранција која во мое присуство ја сметам за непожелна. Најстрого ја осудувам секоја желба да се вознесе џганот, оваа дамка во еволуцијата. Со сета сила ќе ја сатанизирам сатанизирам умствената немоќ, неуморливо атакувајќи на секоја родилка на стагнацијата. Нови цени!

The Leviathan, birth

(By Roger Mortis, 143/033)
Да се осврнеме малку на настанокот и развојот на најголемиот масовен убиец на родот Хомо-сапиенс-сапиенс, неслучајно истовремено и најомилена причина за умирање кај наведениот вид. The Plague people love. 
Основниот механизам веројатно е Организираниот мистицизам кој се инкарнирал во своите најподли и најдеструктивни форми - државата и организираната религија. За разлика од мистицизмот кај поединци или мали групи кои ја користат туѓата лековерност или суеверие за свои цели, тука имаме глобална појава која ретко кој ја доведува во прашање. А глобални се и последиците.

Зошто е тоа така и каде се крие “суштина пријеваре“.


Државата настанала кога одредена група на луѓе, немоќни да го обезбедат својот физички опстанок со работа која продуцира конкретни резултати (производи и услуги) се организирале за да можат да живеат на туѓ грб. 
После првобитното такво организирање, еден од дефинирачките моменти во историјата на нашата цивилизација е раѓањето на организираниот мистицизам со кој отишле чекор понатаму откривајќи дека можат да живеат сосема одлично на туѓ грб, а не само да си го обезбедат физичкиот опстанок. Тешко е без да се располага со соодветни факти да се шпекулира, но веројатно со напуштањето на лутачкиот начин на живот на заедниците ловци-собирачи и трајното населување со раѓањето на земјоделството и сточарството се раѓа и вишокот на продукти од една страна и одреден тип на Хомо-сапиенси кои сфаќаат дека не мораат да зависат од милоста на заедницата за својот опстанок и покрај својата тотална непродуктивност.
Секако, им биле потребни соодветни механизми со кои ќе ја остварат целта.

Enters the State.
Enters the organized religion.
They got married and spawn atrocities in millenia to come.

Сами по себе, психо-физички инфериорните лица, а под такви се карактеризираат не поради недостиг на интелигенција и способност за манипулирање туку поради немоќта за створат ништо креативно, да додадат вредност на било што, не би можеле ниту да дојдат до власт ниту долго да владеат без мистицизмот. Тука доаѓаме до семоќните богови или бог, зависи која варијанта на која територија била на сила. Анонимниот авторитет. Гласот во главата. Гласот на стравот. Наводниот дарител на правото на владетелот да владее, наследно. Divine right to rule. Сите носители на власта се повикувале на “правото“ дадено од некоја виша сила да седат на власт за време на нивниот овоземен живот. Да бидат наследувани од членови на семејството. И не само тоа туку тој систем подоцна опфаќал цели класи на врвот на општеството и економијата. Раѓањето на носителите на организираниот мистицизам, Аристократијата и свештенството.

(To be continued)

Tuesday, May 1, 2012

Кон надвор

(By The Marked One, 142/032)
Крошните на високите листопадни дрвја беа небото на коe таа ги посочуваше своите молитви. Огранок од густа шума, ограда која ја штитеше од малициозното денес.
Оној исконски хорор кој некогаш се прелеваше низ нејзините вени лежеше уредно стокмен во сандак на дното на нејзиниот ум. Седејќи на нејзината омилена полјанка со вкрстени нозе и боси стапала вкопани во сочната трева уживаше во сончевите зраци кои весело продираа низ гранките и танцуваа по нејзиното лице.
Свежото мајско ветре од време на време се разгласуваше низ околните стебла, струејќи,
придавајќи му на моментот една невообичаена свечена амбиенталност, како да го одбележуваше почетокот на некој барокен бал.

Овие моменти целосно ја исполнуваа. Со восклик ја пречекуваше хармонијата што ја опседнуваше таа чистинка,  поетските крици на природата кои мајчински ја негуваа со една поинаква, чиста љубов. Обожуваше да шета и едноставно да ги допира корите на старите врби, внимателно милувајќи ги нивните ливчиња. Едноставна убавина, пријател и сопатник на кој можеше да му ги преточи мислите, се чинеше дека во таа компактифицирана утопија го наоѓаше својот Ангел-чувар.


Божествена атракција, детска симпатија која секојдневно ја носеше на оваа ширина и родителски ја положуваше во слаткава луцидност. Честопати се предаваше на своите емоции, во вокална придружба на музиката која се чинеше дека доаѓа од секаде наметнувајќи и чувство дека се  наоѓа во огромна сала на класичен концерт. Нејзиниот глас дополнително ги китеше звуците кои тлееа низ воздухот, перфекционистички а сепак без воопшто да вложи било каков труд ја вткајуваше својата песна во таа убавина, како солист кој  бил повикан да свири со некој огромен оркестар.
Блаженството кое нејзината милозвучна мелодија го воспоставуваше во живиот свет околу неа можеше да се почувствува секаде каде што допираше нејзиниот глас. Високите дабови чии врвови мрзеливо се нишкаа лево-десно за миг оставаа и впечаток како да танцуваат на ритамот на нејзината песна.
Весело им се смешкаше додека кокетираше наоколу како да сакаше ги повика да ја следат, да копнеат по нејзиниот бесконечен шарм. Не постоеше некој кој не беше целосно маѓепсан од нејзиното присуство. Всушност, целата манифестација наликуваше на собир во кој се обожува токму таа, чиниш сиот тој мал свет изолиран од секојдневието беше создаден токму за неа.
Наликуваше на некоја античка кралица која се воздигнала од сенките на минатото, женствена фигура по која толпата безрезервно лудувала.
Трофејот кој надворешниот свет од се срце сакаше да го заклучи во малата стаклена витрина и така да собира прашина, покажувајќи го само на избрани гости.

Сонцето полека се повлекуваше, доаѓаше до крајот на својата дневна траекторија. Сенките полека избледуваа, како потчинети на мракот се повлекуваа во неговото надоаѓачко присуство.
Топлото ветре како да го загуби здивот, незабележливо се внесе во молчалив уметнички пост и звуците срамежливо исчезнаа.  Дабовиот танц  ја достигна својата величенствена каденца и таа се поклони на средината на чистинката додека на нејзиното лице се отчитуваше мал немир.
Ја префати косата, спаструвајќи ги и најмалите прамени во уредна пунџа и го проследи малото земјено патче кое полека се спушташе по едната страна на ридот.

                                                                  ***

Вратата се отвори и двајцата радосно истрчаа од нивната соба. Проструеја низ широкиот ходник натежнат со ренесансна уметност и се натегнаа на белиот дрвен гелендер кој го надгледуваше ходникот.
Таа погледна нагоре и се насмевна.
-Здраво милички, денес беше навистина напорен ден. Да не сте гладни?