Tuesday, May 1, 2012

Кон надвор

(By The Marked One, 142/032)
Крошните на високите листопадни дрвја беа небото на коe таа ги посочуваше своите молитви. Огранок од густа шума, ограда која ја штитеше од малициозното денес.
Оној исконски хорор кој некогаш се прелеваше низ нејзините вени лежеше уредно стокмен во сандак на дното на нејзиниот ум. Седејќи на нејзината омилена полјанка со вкрстени нозе и боси стапала вкопани во сочната трева уживаше во сончевите зраци кои весело продираа низ гранките и танцуваа по нејзиното лице.
Свежото мајско ветре од време на време се разгласуваше низ околните стебла, струејќи,
придавајќи му на моментот една невообичаена свечена амбиенталност, како да го одбележуваше почетокот на некој барокен бал.

Овие моменти целосно ја исполнуваа. Со восклик ја пречекуваше хармонијата што ја опседнуваше таа чистинка,  поетските крици на природата кои мајчински ја негуваа со една поинаква, чиста љубов. Обожуваше да шета и едноставно да ги допира корите на старите врби, внимателно милувајќи ги нивните ливчиња. Едноставна убавина, пријател и сопатник на кој можеше да му ги преточи мислите, се чинеше дека во таа компактифицирана утопија го наоѓаше својот Ангел-чувар.


Божествена атракција, детска симпатија која секојдневно ја носеше на оваа ширина и родителски ја положуваше во слаткава луцидност. Честопати се предаваше на своите емоции, во вокална придружба на музиката која се чинеше дека доаѓа од секаде наметнувајќи и чувство дека се  наоѓа во огромна сала на класичен концерт. Нејзиниот глас дополнително ги китеше звуците кои тлееа низ воздухот, перфекционистички а сепак без воопшто да вложи било каков труд ја вткајуваше својата песна во таа убавина, како солист кој  бил повикан да свири со некој огромен оркестар.
Блаженството кое нејзината милозвучна мелодија го воспоставуваше во живиот свет околу неа можеше да се почувствува секаде каде што допираше нејзиниот глас. Високите дабови чии врвови мрзеливо се нишкаа лево-десно за миг оставаа и впечаток како да танцуваат на ритамот на нејзината песна.
Весело им се смешкаше додека кокетираше наоколу како да сакаше ги повика да ја следат, да копнеат по нејзиниот бесконечен шарм. Не постоеше некој кој не беше целосно маѓепсан од нејзиното присуство. Всушност, целата манифестација наликуваше на собир во кој се обожува токму таа, чиниш сиот тој мал свет изолиран од секојдневието беше создаден токму за неа.
Наликуваше на некоја античка кралица која се воздигнала од сенките на минатото, женствена фигура по која толпата безрезервно лудувала.
Трофејот кој надворешниот свет од се срце сакаше да го заклучи во малата стаклена витрина и така да собира прашина, покажувајќи го само на избрани гости.

Сонцето полека се повлекуваше, доаѓаше до крајот на својата дневна траекторија. Сенките полека избледуваа, како потчинети на мракот се повлекуваа во неговото надоаѓачко присуство.
Топлото ветре како да го загуби здивот, незабележливо се внесе во молчалив уметнички пост и звуците срамежливо исчезнаа.  Дабовиот танц  ја достигна својата величенствена каденца и таа се поклони на средината на чистинката додека на нејзиното лице се отчитуваше мал немир.
Ја префати косата, спаструвајќи ги и најмалите прамени во уредна пунџа и го проследи малото земјено патче кое полека се спушташе по едната страна на ридот.

                                                                  ***

Вратата се отвори и двајцата радосно истрчаа од нивната соба. Проструеја низ широкиот ходник натежнат со ренесансна уметност и се натегнаа на белиот дрвен гелендер кој го надгледуваше ходникот.
Таа погледна нагоре и се насмевна.
-Здраво милички, денес беше навистина напорен ден. Да не сте гладни?

No comments:

Post a Comment