Wednesday, May 9, 2012

Бело

(By The Marked One, 145/033)
Нежен женски глас се распространи во малата соба. Тапетите исполнети со вселенски летала и картикатури на планети и ѕвезди со весели насмевки, дрвениот кревет во облик на формула и купчето роботи неуредно стокмени во мал темен агол во собата се изјаснија дека станува збор за детска соба. Кензо сеуште врткајќи се, полуразбуден, во малиот син јорган сеуште ја игнорираше мајка си. Потребата за сон сеуште го стегаше, а и училиштето не беше забавно. Прекривките беа студеникави и делуваа освежувачки во тоа топло летно утро. Мајка му повторно го повика, овој пат нејзиниот глас одлучувачки продирајќи низ превезот на тишината како мал зрак светлина, надеж која се изборила дотрајувајќи низ густата темнина. Потстана и набрзина се откри кога мајка му конечно влезе во неговата соба. Се чувствуваше како да му е потребен титански напор само да ги отвори очите и да погледне кон светлината која се искраде во собата кога таа ја отвори вратата.
-Појадокот е готов, Кензо.

***

“Утро, еднакво мизерно, еднакво одбивно, еднакво смрдливо и го мразам еднакво како сите други утра. Го презирам. Сакам да видам како утрото, облеано во топла крв со безброј рани на грбот, крунисано со венец од густи трње на главата го носи крстот на кој ќе биде распнато пред сиот свет.”

***

-Возот кон индустриската пристигнува за тринаесет минути.
Шисуи се стресе и потстана од столчето во кое лежерно, скоро безгрижно дремеше последниве четириесетина минути. Утрото беше исцрпувачко за него и металниот глас кој се забоде во неговите уши како длето не беше од голема корист. Станицата изгледаше пост-апокалиптично. Повеќето столчиња беа скршени, ѕидовите затрупани од натписи и разни плакати не дозволувајќи белите плочки со кои беше обложен ѕидот да излезат на виделина.
Политички гракања на младата квази-интелектуална фела... – помисли Шисуи.

На старите звучници поставени на ѕидовите, или барем оние кои сеуште функционираа, тихо се разгласуваше Глинка дополнително нагласувајќи ја бедотијата на таа мала станица. Целата глетка беше жалосна, на човека му емулираше чувство на надоаѓачка смрт, смрзнувајќи му ги вените, безмилосно труејќи го со тага. Во тие мигови, тие проклети утра кои мораше да ги споделува со осамената станица за Шисуи претставуваа ѓаволовата реклама, пробна верзија на пеколот. Обид на злите сили на универзумот да му го загорчат животот, како зли црни верверички кои фрлаат со лешничиња кон загубените шумски патници. Вака замислен се качи на експресниот воз и како зомби, скоро ползејќи отшета до едно од празните места во средината на вагонот и се спушти до една средовечна жена. Шисуи со доза на презир кој едвај го прикри набрзина на одмери од глава до петици. Изгледаше сосем нормално, и веројатно тоа страшно му пречеше. Правата црна коса, чиниш математички пресметано беше спастрена со неколку шноли и ластичиња давајќи и повеќе изглед на бојадисана статуа отколку на живо битие. Имаше мало, сериозно лице со јадри светло зелени очи кои го правеа нејзиниот поглед прониклив и болно продорен. Човек се чувствуваше сосем соголен пред моќта на тоа длабоко зеленило. Правилните црти и малото носе од неа правеа една сосем убава жена, можеби и подмладувајќи ја десетина години и принудувајќи го секој маж да се чувствува делумно несигурно во нејзино присуство. Шисуи ја мразеше. Секој нејзин атом беше разорувачки, генератор на неподнослива болка во егото на младиот научник. Се чувствуваше толку деминутивно, како бебе на валканиот под со раце испружени кон заслепувачкото сонце. Беше невозможно човека да и се спротистави на љубовта на прв поглед, безнадежно беше одрекувањето од сите примитивни пориви кои се побудуваа во стомакот со самото присуство на таа доминантна женска фигура.

Свирежот на сопирачките на возот делуваше како атмосферски анастетик, инстантно аболицирајќи ја тензијата која постепено ескалираше за време на патувањето. Шисуи несмасно се исправи, задржувајќи се на една од полурѓосаните метални шипки кои беа поставени низ вагонот и полека, тетеравејќи се слезе по металните скалила.
Платформата на која се симна беше станица сама по себе која фирмата во која беше вработен последните единаесет години ја имаше поставено специфично за своите работници. Индустриската зона беше свет издвоен од останатиот дел од Токио. Овде, оџаците на фабриките и централите се издигаа стотици метри над тлото како да сакаа да ескивираат од сиот тој механизиран живот. Oблакодерите заканувачки се надвиваа од сите страни, злокобно и заканувачки како архајски демони кои произлегле низ процепите на астралот во потрага по човековата спокој. Во совршен ред, како пиони во првите борбени редови на сите страни се гледаа контејнери со радиоактивен отпад и ладилници и филтри за отпадните води. Животот беше синоним за оскудност во овие предели. Немаше ни трага од било каква фауна и флора, згора на се, самиот воздух беше застоен и блуткав а ветрот како да ја насетуваше морничавоста на ова проколнато место па се чинеше како свесно да го избегнува. Смртта и очајот одамна загосподарија со срцата на оние кои ја имаа несреќата да се најдат овде како вечни агитатори на умствениот распад. Неотповикливи џелати на емотивното кралство кои сласно, со палецот минуваа по сечилото на нивните секири. За Шисуи, ова беше уште еден ден на работа.
Внимателно се спушти по скалилата кои водеа удолу, кон еден од отворите, воедно и споредните влезови на фирмата. На вратата го пречека Хирако, стариот портир кој на волшебен начин знаеше многу од интригите кои како сублимат се провлекуваа низ тихите разговори на вработените. Старецот денес само мило се насмевна и го пропушти Шисуи низ големата, тешка метална порта.

Коридорот беше празен, и прилично темен. Овие ходници ги користеа само персоналот кој се занимаваше со одржување на институтот и од време на време од научниците кои поради оваа или онаа причина беа приморани да го користат експрес транзит системот. Шисуи брзо се провре низ нив и конечно излезе на светлина, точно на главниот влез. Големата соба која наликуваше на болничка чекална беше осветлена од висечки неонки кои за миг го заслепија, па така делумно замижан пројде низ неколкуте клупи и белата овална маса, оставајќи ја Акико, младата згодна рецепционерка со прашален израз на лицето. Ходникот се распостилаше право, огромен поплочен тунел осветлен со безброј мали жолтеникаво-бели светилки. Целата архитектура и ентериерот му даваа многу стерилен изглед на институтот. Изгледаше како некој да ја исцицал секоја емоција од внатрешнините, изоставајќи бело мртвило зад себе.
Конечно ја здогледа познатата челична врата зад која се наоѓаше неговиот кабинет. Во неа, како што очекуваше го најде Исаму.


-Знам зошто си овде. И веројатно можам да одговорам на сите твои прашања уште пред да ги поставиш. Затоа... те молам. Имам работа.
-Како можеш да бидеш толку индиферентен, по ѓаволите?! Зарем ова не те засега и тебе? Зарем ова утро излезе од дома, преправајќи се како денес да е уште еден обичен ден? Дали го погледна син ти пред да излезеш? Ова не е обично...
-ДОСТА! Мислиш дека мојот збор навистина е битен овде? Мислиш дека доколку, како тебе, го кренев гласот како би се спротиставил на одлуките на бордот би променил нешто во судбината на сите тие луѓе? Колку време мислиш дека овој план ми е познат? Колку време мислиш дека го чувствувам ова бреме на моиве гради, ја проколнувам натежнувачката судбина?!
-Ќе го кренеше ти! Ќе го кренев јас! Ќе го кренеа уште многу! Ќе...
-Ќе не убиеја без понатамошни дискусии, и планот повторно ќе си течеше по распоред. Зошто мислиш дека јас или ти сме некакви вредни фигури во оваа безумна партија шах? Освен тоа, експерименталниот метод е метод на науката, а ние, Исаму, сме НАУЧНИЦИ! Облекуваме стерилизирани бели костуми, носиме стерилизирани бели маски, навлекуваме стерилизирани гумени бели ракавици. Ние сме пропагатори на белото, на стерилното. Во нашата работа нема време за...

-Се слушаш ли?! Зборуваш како проклета машина. Како обичен куп железо кој едноставно ги пресметал сите возможни исходи, не водејќи грижа за повикот на етичките и моралните должности бидејќи никогаш не го ни почувствувал! Зарем утрово лицето на малиот К...
-РЕКОВ ДОСТА! Што...? Зошто не можеш да разбереш? Нашиот глас. Нашата мисла. Нашиот избор. Нашите деца. Не се наши...Во нашите животи не постои зборот “наше”. По ѓаволите, ни животов не е наш. Се што имав, се што имаше...тоа е одамна надвор од нашиот дофат.
-Се надевав дека ќе ме разбереш, но сега ќе морам да посегнам кон...алтернативни методи.

***

-Прва помош во канцеларијата на Мадараме Шисуи! Побрзо, по ѓаволите!
Акико потскокна. Радиото ја фати неподготвена и зеде неколку секунди за да си го поврати здивот.
-Прва помош во канцеларија 718! Акико! Било кој!
Акико во паника го поврза каналот со обезбедувањето. Сеуште беше во апсолутна конфузија, без грам идеја што всушност прави. Делуваше како механизирана кукла која во се придвижува во дадени услови.
Сега трчаше кон канцеларијата од каде што дојде повикот.
-Шисуи... што ли се случило... – промрморе.
Кога пристигна виде дека обезбедувањето веќе беше внатре во собата. Надвор, на носилка можеше да забележи човечки труп прекриен со бела ткаенина. Се ужасна кога ја забележа огромна дамка крв која полека се прошируваше на средината, таму каде што требаше да бидат градите на трупот.
Од нејзината страна се појави Шисуи. Можеби беше потресен, но сепак некако успеваше да го прикрие ужасот кој би требало да го нагрне на него скорешниот шок.
-Што се случи, господине Мадараме?
-Исаму. Се обиде да ме убие.
-Што?! Зошто?! Добро ли...
-Се е во ред, Акико. Имаме специјалисти кои ќе се справат со него. Ќе преживее.
-Но, вие...
-Јас морам да одам Акико. Кажи ми...имаш ли роднини во Toшима?
-Хм...па не. Всушност, сирак сум. Но...
-Добро. Морам да одам, Акико. Се гледаме подоцна.

***

-Ти се допаѓа ли? Татко ти ги купи завчера, сеуште не сум ги пробала.
-Одлични се.
Низ кујната се беше спуштила тишина. Кратките разговори на Кензо и мајка му, проследени од ѕвечкање на малата лажичка беа единствените знаци на живот во тоа утро. Сонцето беше невообичаено силно за ова време од денот. Како самиот Аполон да напуштил небесата во потера по своите афери.
-Земјотрес?
-Не знам, не изгледа како...
Силна експлозија одекна некаде близу нивната зграда. Во миг ѕидовите паѓаа, апаратите во кујната летаа на сите страни и загушлив прав се крена од сите страни. Тресењето продолжи и по експлозијата, експоненцијално засилувајќи се, не дозволувајќи им на станарите во нивната зграда ни момент да се соземат. Стана невообичаено врело, всушност се чувствуваше мирис на изгорено месо низ рушевините.
Кензо се извлече од под масата. Мајка му ја немаше никаде. Се провлече низ ходникот кој беше делумно затрупан од огромни парчиња бетон, полека напредувајќи до влезот на зградата.
Пламења беснееја на сите страни, предизвикувајќи во малиот Кензо контемплација дали всушност воопшто е жив. Врелиот воздух скоро го кутна, сепак со сета сила се тераше нанадвор. Зградата се затресе и тој падна наназад и поврати врз своите гради.

Полека се исправи и продолжи да се тетерави кон излезот, конечно гледајќи мала светлина низ еден од процепите на бетонските блокови. Сврте лево низ ходникот и здогледа прозорец, или барем би требало да биде прозорец, со оглед на тоа дека прозорците во неговата зграда беа хоризонтални, а овој беше вертикален.
Исползе до отворот и излезе надвор. Сонцето силно блештеше и дополнително му ги влошуваше гадењето и вртоглавицата кои го имаа запоседнатно. Одеднаш погледна надоле, инстантно сфаќајќи дека всушност стои на фасадата на зградата.
Го крена погледот кон небото, и гледајќи еден бесконечен облак сива прашина се струполи под злобниот поглед на жешкото сонце.

***

Влезе во тоалетот и со огромна брзина и драматични чекори се втурна кон една од вратите. Беше заклучена. Се наведна и забележа две стапала обуени во скапи кафени чевли. Одвнатре, пригушено можеше да се начуе тихо липање на возрасен маж.

No comments:

Post a Comment