Tuesday, December 23, 2014

Анархија all over Сомалија

(By Roger Mortis, 159/039)
На прв спомен поимот Сомалија буди непријатни чувства, условени од прекрасниот филм `Падот на црниот сокол`, снимките од џипови кои влечкаат лешеви на амерички маринци по улиците, неизбежните дечиња со подуени стомаци и муви на клепките, пирати кои како пред 300 години и денес ги полнат насловните на светскиот печат, забегани исламисти и општо беззаконие.

Но и на тој начин Сомалија `постои` во колективниот вокабулар на рајата. `Шо е бе то, исто ко во Сомалија` не е нечуена реченица. Во тој колективен ум Африка се состои од Египет (ради пирамидите), Јужна Африка (ради свецкото), Зимбабве (ради името кое им е смешно на луѓето), Нигерија (Фудбал) и Сомалија. Да, и онаа земјата каде што имаше геноцид, како само се викаше...Но тоа е друга прича...

Како што некој во обид да се биде духовит приметил – Сомалија е the real life answer to Mad Max. Можеби се работи за некој црн Баба Занети на брегот на Индискиот океан кој моторот го заменил со чамец.

Она што е сигурно е дека поголемиот дел на територијата на некогашна Сомалија е бездржавна. Државата Сомалија настанала на територијата која била италијанска Сомалија и британски Сомалиленд, со деколонизацијата како антитеза на scramble for Africa.
Подоцна екс-колониите се обединети во една британска колонија која во бранот на декларирање независност при крајот на педесетите и самата станува независна држава. Држава!!!

Од 1960 до 1969 владееле некакви прозападни деспоти за да во 1969 после крвав државен удар на власт дојде марксистот Мохамед Сиад Баре. Следува помош од Источна Европа, неколку војни со комшиите и со домашните `предавници`, глад, мизерија, корупција, Боб Гелдоф, бели униформи и ордени – на рајата и преседнува и во јануари 1991 избувнува востание каде што разни кланови се обединуваат со цел да биде соборен режимот.

Но тука настанува неочекуван пресврт бидејќи не се работи само за соборување на режимот туку и соборување на државата како ентитет.

Водачите на некои од поголемите кланови се обиделе да воспостават државна власт за себе но сето тоа завршувало неуспешно и `власта` обично се протегала на неколку квартови од Могадишу. Секој обид да се воспостави централна власт бил сретнат од вооружен отпор. Започнала граѓанска војна во обидот не само да се искористи вакуумот во моќта туку и да се реставрира државата. Реставрацијата била форсирана од ООН кои веднаш испратиле `плави шлемови` на теренот, тешко вооружени сили кои на крај завршиле неславно и биле повлечени после тешки загуби, вклучително и славните Црни Соколи и пакистанските тенкови.

После  пет години војна и повлекувањето на странските војски и нивната поддршка кон фаворизираните кланови - настапува релативен мир кој трае од 1996 до 2006, Сомалија исчезнува од страниците на печатот и телевизијата и се стабилизира Анархија ол овер Сомалија. Секако, стабилноста не се продава, кој сака да чита и гледа за мир во рогот на Африка!? Нели сите знаат дека таму виреат некакви чудни биолошки целини, еволуциски фрикови од човечко месо со накалемен АК-47 кој сраснал со рацете?


Во делот кој некогаш припаѓал на Круната, државата е реставрирана, Република Сомалиленд ја задржува етатистичката рамка но останува непризнаена од надворешниот свет. Делот кој припаѓал на Италија останува во безвластие и се појавуваат знаци на просперитет.

Арно ама...
Арно ама не може тоа така и во во 2006 доаѓа до подем на исламистите, поддржани од Саудиски петро-долари. Во случајов е тешко да се зборува за исламисти од рангот на Талибаните, повеќе за исламисти кои сакаат долари, алкохол, дрога и скапи теренски џипови. Можеби и рок-ен-рол иако не би се осмелил да тврдам такво нешто.

Но и такви какви што се, успеваат да воспостават контрола врз поголем дел од Сомалија. Тука се вмешува Етиопија која испраќа војска и авијација против исламистите, подрржана од САД и ООН кои се обидуваат преку топовите на абисинската армија да ја протнат повторно идејата за држава. Да, Етиопија of all the countries. Има и нешто патриоцки набој во тоа, ратот за Огаден кога браќата марксисти Менгисту Мариам и Сиад Баре пратиле војска да се коле меѓусебе за неколку километри прашина.

Бај-бај Анархија, државата и религијата се враќаат да ги `спасат` луѓето. Следат осум години нова граѓанска војна со неколку `оази` каде извесни кланови од паганска провиниенција остануваат надвор од хаосот.

После падот на Анархијата, брегот на Сомалија станува интересен за риболовните компании од разни држави, меѓу кои и Јапонија. Огромни рибарски бродови-фабрики го пустошат рибниот фонд од кој зависи опстанокот на стотици илјади жители на крајбрежието.
Соочени со глад, луѓето се вртат кон обновување на еден подзаборавен занает, прославен од романите на Стивенсон – пиратсвото. Пиратите постигнуваат спектакуларни резултати, од освојување на саудиски танкери до теретни бродови под либериско или бахамско знаме кои пренесуваат тенкови и ракети од екс-советските земји за рандом клиенти-африкански деспоти.
Светот се `згрозува` и упатува сериозни поморски сили да стават крај на пиратството. Близу е и протокот Баб ел Мандеб кој е фидер на Суецкиот канал а загрозување на таков поморски пат е злочин против современиот корпоратизам. Fifteen men on a dead men`s chest yohohooo and a barrel of Oil. Извесно е дека бројот на пиратски напади е намален со интервенциите а гладот повторно царува на крајбрежието.

Десет години не се малку за едно човечко битие. А десет години Анархија за една географска целина, претходно разјадена од војни, корупција, глад, епидемии и тиранија? Којзнае. Што би било кого би било фразата повторно изронува на површина.

И денес таму има само сенка на централна влада која владее со два града и ништо повеќе. Има и исламисти кои божанството Држава сакаат да го сменат со божанството Алах.
И двете `опции` се само навидум спротиставени бидејќи се премногу слични една на друга во својата основа.
И двете се зависни од божанството долар.
И двете се финансирани со пари собрани од даночни обврзници преку седум мориња,  многу од кои никогаш не слушнале за Сомалија.
Тоа е непресушен извор.
И тие ќе плаќаат и понатаму, се додека и последниот борец против државата и Алах не падне мртов, од куршум, глад или болест, сеедно.

Две студии кои се бават со Анархијата на рогот на Африка, на следните линкови :
http://www.independent.org/pdf/working_papers/64_somalia.pdf
http://www.peterleeson.com/better_off_stateless.pdf

...а интересно инфо има и во `Господарите на сиромаштијата` од Греам Хенкок кој бил таму на лице место.

No comments:

Post a Comment