(By Roger Mortis, 160/040)
Тукушто заврши работното време и Обелиск го здогледа својот пријател Астериск во далечината. Беше премногу напред да го довикува, а кондурите не му беа баш во најдобра состојба за да се обиде да го стигне. Сам тргна накај дома. Беше полусреќен, имајќи предвид дека после долго време успеа да договори состанок. Дејт, како што милуваа да кажат новите и надежни генерации.
На патот кон станот застана во локалниот колонијал и купи нешто за јадење. Ако под купување може да се смета запишувањето на вересија. Циничните примедби на продавачот дека има заостанат долг и дека му прави голема услуга малку ја начнаа полусреќата во која се наоѓаше, но и покрај тоа розефкастиот облак на кој пловеше остана читав.
Спремајќи се за дејтот забележа дека кариесот игра танго во неговата уста, дека жилетот е одамна затапен и дека лосионот мириса премногу агресивно и корне на ефтиност. Но немаше сила да се тревожи иако сите тие факти делуваа корозивно на полусреќата во која се наоѓаше.
Импровизацијата е специјалност на одредени социјални класи па така и кај Обелиск, снаоѓањето беше на високо ниво. Знаеше да направи ручек со било каква завчерашна помија. И тоа на ефтина струја. Знаеше како да се храни за сума која би ги фрлила во очај и жителите на Бангладеш. Со облеката веќе беше малку потешко, а здравјето никогаш не се покоруваше на снаодливоста, за жал.
Дејтот како дејт, започна со букет цвеќе. Имаше старомодна црта во карактерот Обеликсов која сакаше да даде на знаење на женското дека е женско. Теориите за полова еднаквост му беа сомнителни.
Семипирамида, неговата партнерка таа вечер не беше којзнае што, но не беше и било што. Горе долу од иста класа како и Обелиск, знаеше што може да очекува но сепак не пропушти да инсистира на некој ресторан кој не му беше познат на Обелиск.
Сепак се согласи и отидоа таму.
Дејтот беше добар, без некоја драматика но и без лапсуси. Таа забележа дека Обелиск е нервозен. Тој само се молеше таа да оди во тоалет за да може убаво да го простудира менито, да направи пресметка, да види да не` се крие некаква замка, стапица во која би загинало кутрото Его обеликсово.
За несреќа, Семипирамида никако не одеше во тоалет, `Зарем има и такви жени` си помисли Обелиск. Очигледно имало. А имало и такви кои пијат барем по 750 милилитри вино на еден дејт. Но што е тука е. Снаодлив е Обелиск, ќе се снајде. Изјави дека бил на терапија поради нешто па нема да пиел алкохол таа вечер. Вистината беше дека буџетот не му дозволуваше две шишиња вино во ресторан, но мораше да даде крила на импровизацијата.
Моментот на вистината дојде, келнерот како митско чудовиште со сметката во рака полека се приближуваше до масата. Кутриот Обелиск, сега знаеше како им било на војниците во рововите на западниот фронт пред јуриш. Таа нешто зборуваше но тој беше фокусиран на келнерот како наведувана ракета кон некоја цел.
И пресудата падна. Седумстотини и дваесет шинтери. Мрак се спушти на очите на Обелиск, темница го обви неговиот мозок, просторијата му се причинуваше дека се стеснува и ќе го згмечи. Имаше само 750 шинтери, скоро половина плата. Што сега?
Келнерот очекуваше бакшиш, а дејт е дејт, долгорочни планови беа во прашање со госпоѓицата Семипирамида.
Отидоа сите 750, а време беше за такси.
Божицата на импровизацијата не го напушти, се досети за можноста за долго пешачење поради прекрасната вечер. Таа го погледна со нелагодност, штиклите не и беа предвидени за маршови од шест километри а од друга страна таа сепак си беше некаква полуромантична природа и сепак се согласи.
Обелиск скоро се насмевна и задоволен се осмели да испрати бакнеж. Во образот, како што доликува на џентлемен од позади плинарата.
Ако божицата на импровизацијата беше наклонета кон Обелиск, богот на времето не беше. Имаше можеби проблеми со синдикатот на богови во Пантеонот па реши да го истури гневот врз обичните смртници. Да...почна да истура како да претстои потоп. Обелиск и Семипирамида се обидоа да се засолнат на неколку места но ветрот го носеше дождот право во нивните лица. На крај најдоа место и Обелиск забележа дека нозете му се поплавени. Кинеските кондури си беа достојни на својата репутација. Дури беа склони и да направат напор повеќе за нашиот Обелиск со тоа што ѓонот почна да се одлепува и да виси.
Овој пат Обелиск имаше само еден начин да го спаси своето Его од масакр а тоа е да се раздели со неа веднаш за да не се слушне шлапањето на одлепениот ѓон. И кажа дека дејтот бил феноменален но дека мора да ја земе терапијата на време инаку ќе биде попусто. Промрморе неколку извинувачки фрази и си отиде, оставајќи ја Семипирамида сосема разочарана.
Знаеше дека таа разбра во што е работата. И не очекуваше повторно да се видат.
Стигнувајќи во станот го забележа најлонот со набавки од колонијалот. Конзерва со сардини, вчерашен леб, шампон во ќесичка, сијалица.
Не беше гладен, и си помисли да си легне откако ќе ја допуши последната цигара.
И онака не вредеше да се разочарува. Можеби нема да го дочека утрото во прегратка на полу-убавата Семи, но затоа го чекаше појадок-гозба со сардини. Не обични туку од оние со доматен сос !
И потоа.... пак на работа.
No comments:
Post a Comment