Friday, April 24, 2015

Стариот Мачор

(By Roger Mortis, 161/041)
Стариот мачор, излитен, ќор и сакат реши да си подлегне малку под стреата на болницата. Мирисите на урбаната џунгла на кои беше навикнат беа поинакви овој пат.
Нешто недефинирано како да висеше во воздухот, нешто непрепознатливо за доменот на мачешкиот ум но сосема конкретно за неговиот инстинкт.
Кој му кажуваше да бега, да трча некаде надвор од градот на паднатите ангели, исфрлени од неонскиот рај со декрет на власта.

Тоа и би го направил ако беше млад и силен, во времето кога беше страв и трепет за локалните ривали, татко на десетици мачиња.

Но не беше повеќе ништо... и се` што можеше е да најде суво место и да си прилегне.
Подлижувајќи си ги шепите, наглув каков што си беше не придаде особено значење на жестокиот звук, звук од приближувањето на ударниот бран на сто килотонската бомба која тукушто експлодира над градот.


И да знаеше за што се работи ќе беше доцна. Никогаш не ги сакаше луѓето кои му ја газеа опашката и го удираа со камења кога ровареше низ кантите за ѓубре. Како ѓубрето да имаше којзнае каква вредност за луѓето... И подобро што беше ограничен во мачешкиот опсег на перцепција, барем немаше да се ужаснува од човекот, врвот на еволуцијата, кој решил да фрли тактичка нуклеарна бомба врз членови на својот род.

На местото каде што стоеше стариот мачор остана само сенка. Сенка на мачор на ѕидот, со се` уши и опашка, феномен на радиоактивното зрачење кој го овековечи неговото присуство на Земјата. Штета што не остана никој за да го види тоа.

А мачорот си продолжи понатаму, како во прикаските на Прат - во мачешкиот рај каде што имало изобилство на врапчиња, риби, млеко... и секако глувци, убаво сортирани и свежи, на радост на заминатата мачешка душа. Неговиот израз поприми задоволна гримаса која премина преку искривената усна. Препозна неколку мачки во далечината кои не ги беше видел одамна.

Тоа не требаше да го зачуди. Бидејќи сите мачки одат во рајот.

No comments:

Post a Comment