Saturday, April 25, 2015

Ѓаволската пруга

(By Roger Mortis, 163/043)
Во долгата и неславна историја на експлоатацијата и во аналите на градежната мегаломанија, (феномен познат како `Бели слонови` поради нивната бескорисност) - посебно се издвојува Трансамазонската железница во сета своја бесмисла и трагдија.

Однапред осудена на пропаст, проколнатиот проект познат и како пруга Мадеира-Маморе  требало да ја донесе цивилизацијата во срцето на Амазон. Шанси за успех на овој проект постоеле само во главите на политичарите и на ниедно друго место.
Извонредно тешка област за изведување на градежни операции, на почетокот на 20.век, без никаква инфраструктура, непријателски настроени племиња, инсекти, болештини, јагуари и анаконди кои вребаат наоколу. Секако, кога постојат доволно сиромаси кои не пребираат многу за работа и не е проблем. `Џабе работи, џабе не седи`, рекол нивниот балкански пандан. Џабе цркни од маларија во случајов.


366 километри пруга која станала позната под името Ѓаволската пруга, чинела 5 години изградба и 13.000 животи на работници.
Се вели дека до секој дрвен праг врз кои се положени шините е закопан по еден човек. Градбата која предизвикала толку страдања на луѓе кои ионака немале никогаш среќа во животот, немала можност да успее да воспостави сообраќај. Амазонија се покажала посилна од прогресот, така фино извезен на Бразилското знаме и вегетацијата и влагата ја проголтале проклетата пруга, заедно со станиците, резервоарите, локомотивите....краци кои не водат никаде, станици на кои никој не се качува, локомотиви кои не испуштаат чад, мостови по кои не поминува надежта, илјадници гробови на кои нема имиња.


Останал само еден мал дел од пругата кој можел да се одржува и да се чисти од вегетација. Останатото било заборавено како и многу други проекти каде влогот се` нечии туѓи судбини и животи...

Како што некој со доза на морбидна резигнираност приметил, причината поради која се градела пругата било тоа што на `оној свет` имало недостаток од напатени човечки души па затоа овоземските демони се решиле да ја пополнат квотата...

Возот кој треба да ја покори Амазонија сеуште не е тргнат.

No comments:

Post a Comment