Sunday, January 10, 2016

Ресен, град бесен!

(By Roger Mortis, 255/135)
Мора да се признае дека содржините кои се бават со општина Ресен се крајно ретки и оскудни низ медиумскиот простор во Република Хунзистан што лично сметам дека е скандалозно и недопустливо за едно сериозно општество!
За да се направи првиот чекор кон исправување на тој пропуст, спремен сум да дадам свој скромен придонес преку овој блог-пост...

Ресен е град од некои 9.000 жители и се наоѓа во областа Преспа, точно на патот Битола-Охрид, таман онаму каде што завршува калдрмата од стариот коловоз и почнува асфалтот. Не се знае многу за ова населено место освен што се шпекулира дека во околијата растат јаболка и дека во непосредна близина се наоѓа некакво езеро.
Основачите на Ресен по се` изгледа не биле баш најбистри луѓе бидејќи не го основале градот на брегот туку во сред пустелија.
Патувањто Охрид-Битола (и обратно) носи своја неизбежност а тоа е поминувањето низ Ресен. Освен ако не се оди преку Галичица, само што тој пат зимно време е повеќе погоден за обука на Камикази отколку за нормален сообраќај. Не би се заколнал дека планинскиот пат го прави влегувањето во Ресен непотребно, само давам претпоставка базирана на дамнешни сеќавања...

Во Ресен освен луѓе и домашни миленичиња има и инсекти.
По улиците се движат автомобили, камиони и автобуси, најчесто на четири тркала.
Автомобилите имаат жмигавци а регистарските таблички - броеви.
Можно е да се забележи и по некој мопед и скутер.
Навечер се палат градските ламби по улиците и се забележува чад од оџаците на куќите. Куќите имаат врати, прозорци и дрва за огрев по дворовите.


Најпознат објект е Палатата на бегот која што делува бизарно во самиот град, како некој да ја кат-пејстирал од некаде во некоја нова, неприродна средина.
Имам слушнато дека порано правеле убави чоколади во Ресен, а најпознат продукт кој излегол од таму е култната Ресана (Ресен=Ресана, i got it...), сендвич-кекс од тесто и желе со микроскопски слој на чоколадо.

Не знам каков ноќен живот има во Ресен, кои се местата во кои се забавува младината и што нуди овој град за своите жители од аспект на работа, кариери, здравство, литература, спорт, гламур...бидејќи никогаш не сум имал прилика физички да стапнам таму, секогаш сум бил присутен само преку прозорецот на автобус или автомобил и тоа никогаш повеќе од пет до десет минути што ќе се согласите е прекратко за стекнување со едно ново искуство, макар и во град кој не ветува многу во поглед на нови искуства позначајни од слушање на статика на ТВ...

Во чест на ова населено место кое ужива полу-митски статус, следи и соодветна поетска творба :

Ода за Ресен

Ресен е град бесен
посебно во касна есен
Ресен е град тесен
и животот таму не е лесен

Во Ресен се пече леб месен
и се води живот чесен
Ресен е град бесен
особено во касна есен...

No comments:

Post a Comment