Tuesday, January 12, 2016

Утринска војна

(By Roger Mortis, 256/136)
Војната е можеби најгрозниот феномен произлезен во долгите еони на човеково битисување. За да почетокот на овој бантер не испадне несолена шега во стилот `госпоѓо Кенеди, ако за момент го оставиме настрана атентатот, кажете ни како ви се допадна парадата во Далас` - би се осврнал на нешто повеќе од ламентирање околу човечките страдања и материјалните загуби како нешто кое се подразбира при секој еден бантер на тема Војна.
Значи ако баш мораме да ги оставиме наведените зла настрана - повторно ќе дојдеме до погорниот заклучок дека војната е тотално срање бидејќи е најголем трошач на ресурси, ја мобилизира цела економија за крајно деструктивни цели, ја цица до даска целата енергија на популацијата и остава опашки кои се влечат до Судниот ден а можеби и некое време потоа...

Но има и онакви војни кои ако се оди според логиката на `бирање на помало зло` - човек би ги посакал, дури и би бил среќен доколку на животната траекторија мора да прејде преку војна а таа војна е иста или слична со Англо-Занзибарската војна од 1896. Поточно од Август 1896. Уште поточно од 27-ми Август 1896. А најточно од 09:00 до 09:45 утрото според Источноафриканската временска зона.

На прв поглед шега која не изобилува со хумор - сепак таква војна која траела 45 минути се случила и претставува бизарен историски факт. Како и фактот за постоењето на држава на истоимениот остров со име Занзибар. Или фактот што таа држава со големина на шоља за кафе била исправена пред најголемата Империја која човештвото имало несреќа да ја доживее - Британската Империја на кралицата Викторија од Хановер спрема која империите на наводниот бисексуалец од Пела, крајно напалениот монголски Кан, корзиканскиот кепец или монотестикуларниот носител на смешен брк од Браунау на Ин - делуваат смешно и јадно.

И како е можно такво нешто како војна за времетрање кое едвај е доволно за да човек испочитува шоља со кафе, колаче со Марципан и квалитетен Вириџија тутун?


Наоѓајќи се на релативно значајно стратегиско место со поглед кон конкурентната Империја во зародиш, онаа на Хоенцолерните и нивната Тангањика (Германска Источна Африка) - британската империјална власт немала ништо против овој остров да си остане независен се` додека Султанот доаѓа во британскиот конзулат во Градот на камењата на бацување рака и длабоко и понизно поклонение.
После смртта на последниот Султан кој бил доволно рационален да се поклони онолку колку што ќе побараат од него, неговиот наследник наречен Халид бин-Баргаш немал таква намера, што поради наследно лудило, што поради искривена перцепција за храброст (а можеби бил само `фатен` во половината) и по стапувањето на тронот на 25-ти Август 1896 тој го прекршил договорот према кој секој Султан кога стапува на престолот мора да се поклони на британскиот конзул и да го извести за своите намери.
Обземен од грандоманија, бин-Баргаш одлучил да се бори!

Наредниот ден телеграфот донел ултиматум од 24 часа после чие истекување на сцена би стапила британската Кралска морнарица, во тоа време појака од било кои две морнарици во светот - сметани заедно.
Со што би можел Занзибар да се брани? Дали тоа поседувал некакви супер-оружја, дали на своја страна лудиот Султан бин-Баргаш можел да ги повика натприродните Демони на осветата?
За да се спротистави на таа суперсила, Занзибарската флота имала една стара Фрегата (во време кога фрегатите со комбиниран погон на пареа и едра биле веќе реликт на некои одамна минати времиња) која се викала Глазгов (!?), можеби поради тоа што Султанот бил фан на Селтик а можеби дури и на Ренџерс иако се сомневам во тоа. Освен како воен брод - таа служела и како јахта за потребите на размазените владетели на овој мал остров.

Од другите бродови тука бил еден трговски пароброд за долга океанска пловидба (Њанза), два трговски параброда за долга крајбрежна пловидба (Сордсмен и Акола) и три мали параброда за крајбрежна пловидба (Киха, Есплоратер и Барава). Нивната намена била да се бават со трговија а за потребите на војната биле крајно оскудно преуредени со т.н. помошни крстосувачи со ставање на еден до два топа, евентуален митралез и пар пешадиски водови со пушки на нив.

Пешадијата можела да смета на околу 3.000 војници, мешавина од професионални султанови гардисти, понекој вистински и многу самонаречени офицери, граѓани-доброволци кои веднаш се пријавиле за одбрана на својата си држава а `кремот` на оваа армија биле околу 700 Аскари, одлично подготвени африканци во колонијална служба на разните империи.

Артилеријата покрај двата модерни топа во калибар 75мм, подароци од страна на комшискиот владетел, германскиот Кајзер и десетина прастари топови од Наполеонско доба со ѓулиња и црн барут поседувала и барем еден 9-цевен Гетлинг (тоа се оние чудесии кои пукаат со помош на вртење на курбла) и 6 модерни Максим митралези кои можеби биле највредниот инвентар во оваа скромна војска.

Британците реагирале скоро лаконски, собирајќи ги најблиските бродови во околните води кои имале доволна брзина за да стигнат навреме да го енфорсираат ултиматумот предводени од супер-модерниот оклопен крстосувач Сент Џорџ од 7.500 тони - кој сам по себе бил неспоредливо посилен од целиот занзибарски арсенал.
Ад-хок составената флотила содржела и два лесни крстосувачи (Ракун и Филомел) и два слупа (мал брод за колонијална патрола), Траш и Спероу.
На нив и на неколку трговски брода се наоѓале и десантните сили со околу 1.100 војници од кои 900 Аскари и 200 припадници на морнаричката пешадија (познати и како `маринци`).

Ултиматумот истекувал утрото на 27.08.1896 во 09.00 и затоа новата занзибарска власт имала потполно незаборавни 24 часа во кои се обиделе да издејствуваат признавање од странските сили, брзајќи од конзулат до конзулат- биле одбивани и од американците и од германците и од португалците...што значи дека мора да имале луда ноќ во исчекување на британската реакција. Султанот, охрабрен од гласовите во главата, воопшто не одговорил на ултиматумот...

А реакцијата била жестока и брутална, на самата минута на истекување на рокот - британските бродови отвориле оган кон султановата палата, пристаништето и занзибарските бродови, истовремено истоварувајќи ги десантните сили кои се упатиле да го заштитат својот конзулат, царинските објекти (!?) и разни клучни точки низ градот.
Наидувајќи на спорадичен и крајно неефикасен отпор тие ги постигнале своите цели за триесетина минути. Комичната занзибарска артилерија се обидела да ги гаѓа британските бродови од брегот пред да биде уништена од релативно прецизниот оган на противникот.
Поморската `битка` била најинтересниот момент, фрегатата Глазгов отворила оган врз Сент Џорџ во момент на неочекувана храброст. Првиот плотун на британците бил доволен за дрвениот Глазгов да биде потопен а после дваесетина минути на плиткото дно пред пристаништето се нашле сите преостанати занзибарски бродови. Сцена за паметење било пукањето на занзибраски морнари со пушки кон челичните британски бродови...


Меѓувремено палатата била претворена во руина, `домашните` Аскари немоќни против `странските` во последниот обид за одбрана а пристигнале и маринците подржувани од бродска артилерија бидејќи британските бродови веќе се укотвиле во пристаништето...и лагодно, како на вежба ги гаѓале противничките пешадинци.
На улиците се појавило и засилување од една чета со 150 Сики, брадати носители на турбани и професионални војници кои биле последен чин кој довел до безусловна капитулација на занзибарските сили во 09.45 часот.

Султанот чија вистинска природа на обична кукавица очекувано изронила на површина - преплашен и хистеричен избегал со педесетина гардисти во германскиот конзулат. Британците барале екстрадиција но таа била одбиена поради високата самодоверба на германските чиновници и поради пркосење на својот колонијален ривал. Среќна околност која го спасила султанот од судбината на Џулијан Асанж било тоа што конзулатот се наоѓал на самиот брег а водата била доволно длабока за да дозволи впловување на поголем брод, во случајот германскиот лесен крстосувач `Зеадлер` кој го натоварил султанот со бегалската свита и пред носот на британската флота го одвел во Дар ес-Салам.
Сепак британците како особени злопамтила се присетиле на овој лик при падот на колонијата во нивни раце за време на Големата војна во 1916. кога Халид бин-Баргаш бил затворен а подоцна ја имал сомнителната чест да биде протеран на островот Света Елена, последното уточиште на веќе споменатиот корзикански кепец.

На негово место бил поставен неговиот роднина Хамуд бин-Мохамед, халал-Султан, скроен према потребите на британските интереси.

Тоа биле тие драматични 45 минути кои завршиле со антиклимакс и без херојска последна одбрана на својата си света земја од страна на ментално нестабилниот владетел.
Секако најкратка војна во познатата историја, овој настан ќе остане повеќе познат од многу поголеми и крајно крвави конфликти поради својата бизарност и невообичаеност и поради погодноста да се најде на разни Топ Тен листи и рубрики за историски куриозитети.
Она што нема да биде запаметено е дека 45-минутната потрага по слава на една дебиласта власт чинела 540 мртви, ранети и исчезнати особи, сите славни занзибарски синови, доволно неуки да го положат својот живот за...што? Па за ништо, фала на прашањето. Како и милиони други лица низ светот.

Британските загуби биле - еден ранет морнар...

No comments:

Post a Comment