Tuesday, September 25, 2018

Првата Генеза

(By Roger Mortis, 302/182)
Познат и признат факт е дека Цивилизацијата, ако со тоа име можеме да го удостоиме организираниот живот на раја под власт на разни психопати и социопати, започнала таму некаде во Сумер, пред некои 6.500 години и оттогаш наваму имаме илузија за линеарно движење на историјата, од поедноставни форми до денешните ултра-компликувани општества (Јапан, јави се).

Но што ако историјата е цикличен циклус, што ако постоела барем една претходна релативно високо развиена глобална цивилизација, или можеби и неколку, што ако таа исчезнала под теретот на сопствените грешки и заблуди и само ни оставила голем број на објекти како предупредување за следните цивилизирани луѓе да не ги повторуваат нивните грешки?

Зошто ваквите хипотези секогаш наидуваат на осуда на официјалната Академија е нејасно, не дека и меѓу нив нема раја која би сакала да истражува во тој правец, но тоа би значело ставање крај на кариера, па тука се кредити за куќа и кола, сопружник и деца, одмор на Бали, така што и најдобрите намери завршуваат таму некаде, во ехото на ходниците на универзитетите.
Има за среќа и такви како Робер Бовал или Роберт Шок, (да, тоа е презиме), високо стручни лица кои ги напуштиле институциите и со помош на нетот створиле не само алтернативни хипотези туку и успеале да ја надминат финансиската уцена на разни начини, од продажба на книги до предавања на места каде алтернативата е ценета.


А за каква хипотеза се работи во основа, што е сржта на потребата од нови откритија?
Се работи за претпоставка темелена на бројни докази и индиции за постоење на високоразвиена цивилизација која егзистирала приближно пред 12.518 години.
Обично погрешно и кобно се именува како Атлантида, Лемурија, Му-Мајката Земја, Хипербореја, Шамбала, Агарти а во игра се и остали поими.
Зошто е тоа грешка? Затоа што не знаеме како самите се нарекувале и можеби затоа често се користат тие поими во опишување на таа цивилизација.
И нашава цивилизација нема име ако сме веќе кај тоа, името кое ќе и го дадат некои наредни цивилизации откако оваа ќе приумре ќе бидат повторно погрешни.
Јас инсистирам на зборот “Прва Генеза“ а оваа пост-Сумеријанската би била “Втората генеза“ на човековата цивилизација.

А што ако имало и пред претпоставената други цивилизации? До таму за жал, мојот ум не може да перцепира иако треба и мора да се остави простор за такво нешто.

Некои луѓе уживаат во поимот "Претпотопна цивилизација".
Под цивилизација се мисли на глобална цивилизација поделена на повеќе држави (!?) или некакви ентитети со многу сличности но и многу разлики од денешнава. Претпоставката која е најлогична е таа дека во одреден момент поради исцрпување на ресурси, судир на интереси, алчност за профит, зони на влијание...избувнала војна која ја уништила таа цивилизација во најголем дел.
А тука е и теоријата која неодамна се појави со цврсти и несоборливи докази дека Земјата минала низ "опашот" на Комета во распад баш во тој временски период што предизвикало огромни уништувања од честите метеорски дождови како последица на тоа, следеле и климатски промени кои го заглавиле светот во последното глобално Ледено доба и тоа бил крајот на светот за тие луѓе.

Но тие луѓе не сакале да си одат од оваа реалност пред да остават барем некаков траг зад себе. Разни споменици кои сеуште науката не може да ги објасни се некоја врста временски капсули кои ги оставиле како порака за идни цивилизации, за денот кога човештвото ќе закрепне и пак ќе тргне по нагорна линија, да ги сфати како предупредување што може да се случи ако се повторат нивните грешки. Или само како потсетник дека ете, некогаш живееле тие луѓе по светот.

Бидејќи оваа претпоставка не е доволно истражена тешко е дефинитивно нешто да се каже што не би претставувало субјективно мислење. Независните истражувачи не располагаат со средства за темелни истражувања, све е препуштено на официјалната наука која упорно ја негира таквата можност, иако сама не е способна да даде дефинитивни одговори.


И покрај милијарди долари и евра кои секоја година ги трошат, археолозите, историчарите, палеонтолозите...со еден мал дел од таа цифра конечно би се дошло до одговор на прашањата кои сеуште постојат под името “мистерии“...но тоа веројатно нема да се случи, наследените интереси, катедрите, его-триповите, фондовите, издаваштвото...си имаат своја инерција и свој наследен интерес. Затоа ќе слушаме навредливи објаснувања од типот на 100.000 робови и работници кои влечкале камења од 80 тони а немале сеуште измислено тркало, и како за 50 години, за пар генерации, се усовршило градењето на пирамиди од Џосеровата скромна до величествената Кеопсова, и после имаме повторно драматичен пад во изградбата на пирамиди низ цела староегипетска историја, или ако немаат одговор како на пример во случајот со линиите од Наска...ќе измислат некоја религија заради која наводно биле градени тие линии и отстранет цел еден врв на планина за таа цел, од страна на лица кои немале технологија за тоа.
Иако ситници како немањето авиони пред 2000 години и неможноста за проектирање такви колосални цртежи на простор од десетици километри кои се видливи само од воздух воопшто не ги вознемирува.

Тоа секако не значи дека алтернативата е секогаш во ред. Многу луѓе паѓаат во стапицата на црно-белото резонирање, па така ако официјалното е некогаш погрешно, алтернативното мора да биде точно. Не. Алтернативците не се ниту 50% во ред, можеби не се ниту 10%. Многу од нив си предат лажни сказни, има тука од све за секого, од вонземјани до супер-херои, од богови до лудило. Но барем поставуваат понекое одлично прашање и ја одржуваат широката маса во љубопитна состојба.
А заедничко на двете страни им е што зборот "Не знам" ги плаши и ужаснува повеќе од било што на светот.

Важно е да се земе плата
И да се оди на одмор со фамилијата.
И да се вози теренско возило кое никогаш нема да напушти асфалт.

Истото тоа би го имале и во случај да ги отворат умовите за дел од алтернативните хипотези.
Како што некој забележал, на истражувањата на Стариот свет не му недостасуваат египтолози, археолози и лингвисти. Потребни се инженери, геолози, историчари кои се бават со економска и финансиска историја, специјализирани за стариот свет, people of some Grit, луѓе кои знаат дека не можеш да подигнеш 80 тона на 100м висина без сериозна механизација, раја која цел живот работи со подигање терети и не верува во ефтини приказни.
Египтологот нема проблем да поверува дека тоа е можно. И без тркало, и со 1,3 милиони раја популација во Египет за време на Кеопс (денешна РМ има повеќе), половина жени, одреден процент деца и старци, власт, голем клер и војска, па инвалиди, болни и луди...и таа раја што останува како воопшто способна за активност на платото Гиза требало за 21 година да го суспендира животот, да ја замрзне економијата, да престане да јаде и пие и повторно нема да им било доволно тоа за стварање на било каква економска можност за изградба на такви објекти.
Освен ако Кеопс не бил Пол Пот.
А и да бил, немало да успее, не за друго, затоа што е невозможно.

Зошто повеќе луѓе не се осеќаат навредени од такви прикаски ми е нејасно.

Sunday, September 16, 2018

Пијаниот Кинез

(By Roger Mortis, 301/181)
Годината е 2017-та, локацијата е Јужна Кина, поточно градот Гвангжу, орудието на Судбината се пар риби познати како Барски Јагули а причината е Алкохол, многу лош Алкохол помешан со наплив на лудило, веројатно појавено некаде помеѓу нискиот свод на изнајмената соба, внатрешниот бес и надворешниот притисок.

Но која е личноста која излезот од анонимноста го побарала преку туркање на двете Јагули во сопствениот Анус? Дневниот весник Хуанчу не го соопштува името на машката особа, ниту пак неговите сексуални афинитети, семеен статус или музички вкус, само кажува дека имал 45 години, работел на околните градилишта и дека бил зависник од Алкохол.
Сепак, човекот за кој станува збор не бил забележан да направи сериозен инцидент под дејство на Алкохол се до тој значаен датум, 10.Март 2017, кога Јагулите како вид веројатно за прв пат стапија во човековата утроба.


Пиејќи сам цела вечер, неименуваниот господин во настап на крајно оригинална самодеструктивност, не знаејќи што да прави со себе и со светот околу себе - ги грабнал една по една двете Јагули од аквариумот и започнал да ги става во својот Анус. За среќа или несреќа, Јагулите имале природен лубрикант во вид на некаква лигава маса околу себе и така се нашле во Ректумот на Кинезот а потоа продолжиле кон дебелото црево. Бидувајќи околу 2,5 цм широки и 15-16 цм долги, не е тешко да се разбере како го направиле тоа.
Оттаму рибите, можеби чувствувајќи се некако клаустрофобично, го пробиле ѕидот на дебелото црево и се нашле во внатрешноста на организмот на ликот, предизвикувајќи стравични стомачни болки и грчеви.

Брзата помош веројатно ја имала најшокантната интервенција во историјата на Гвангжу и пошироко, преполна со досетки за хомоеротска зоофилија, а докторите го упатиле 45-годишниот алкос на Дигитална радиографија со цел да бидат пронајдени неочекуваните гости во телото на Кинезот. Бидејќи рибите биле во движење а инфекцијата присутна, ризикот од Сепса и евентуален крај на животот на овој човек не бил за потценување.
Сепак, после 24 часа од аналната апликација на Јагулите, едната риба била хируршки отстранета од телото.

Втората риба била малку потешка за локација, но поради јасниот отвор во цревото кој јагулата го пробила и крварењето, патот на рибата станал видлив по крвавата трага. Таа била најдена склупчена некаде до желудникот и извадена.


Бидејќи не нарушил ниту еден закон, Кинезот бил само пратен на Интензивна нега да се опорави од операциите и оттаму повторно, брзо и сигурно се вратил во анонимноста на непрегледната кинеска раја. Понатамошната судбина на овој човек не е позната, што се случило во овие година и пол откако си ги ставил јагулите во чмарот е мистерија, дали сепак станал славен и богат и се оженил со Царската ќерка или понатаму останал да чмае во малата соба, во крајно загаденото и пренаселено предградие, во бескрајните работнички блокови, продолжувајќи ја рутината соба-посо-соба-ракија,  нема никогаш да дознаеме.
Останува надеж дека нема да ја прекинува таа рутина со својата перцепција за оригиналност.

Како што нема да дознаеме ништо и за тоа како се осеќале двете јадни риби кои морале да пројдат низ една чудна, смрдлива и грозна авантура...

Tuesday, May 8, 2018

Жалната Лили

(By Roger Mortis, 300/180)
Еден тотално безначаен квази-јублилеј, на дното на виртуелната реалност - тоа би бил овој тристоти блог-пост, поттикнат од вечната и несовладлива љубов кон необичното, бизарното, мистичното и необјаснетото, беспотребен текст на некаков лик кој куца на тастатура за да се справи со болката преку воајеризам на нечија туѓа болка, некогаш, низ изгубените страници на малите истории, никогаш напишани и (скоро) од никого запомнети...

Некаде заглавени помеѓу ураганот на судбината и фанатизмот на индивидуалецот, затекнати во пркосот и никогаш до крај разјаснети - остануваат животните приказни кои не може да ги замисли ни најголемиот фантазер помеѓу сценаристите во Холувид.
Дури никој од нив не се осмелува да напише нешто за, да кажеме Жил Бургле познат како Кожниот Човек кој го носел својот Крст низ вечниот круг на североистокот на САД или за Лилиан Алинг, жената која тргнала во еден правец, во окото на Бурата, во самракот на предодреденоста, во очајот на осаменоста, од Њу Јорк кон Беларус.
А што беше тоа Беларус?
Па да, Белорусија.
Некаква територија на север од Чернобил.

Да. Таа тргнала од ТОЈ Њу Јорк кон Беларус.
Пешки.

За Лилиан Алинг или едноставно Лили, не дигаат галама ниту безбројните псевдо-феминистички организации. Иако нејзиниот спектакуларен подвиг е чудесен - тој нема контекст кој им е потребен на навремено "ухлебените" и крајно загрижени особи кои го експлоатираат јавниот простор со глупости низ медиумите во земјите каде што основните егзистенцијални прашања се одамна решени.

Лили не сакала да докаже никому ништо, не пратела никаков дискурс кој би бил употребен за дрдорења на родови теми и дилеми, немала никакви амбиции, скраја било - не следела ниту идеологија или религија.

Лили само сакала да си го пронајде домот.
Да се врати во светот од кој доброволно никогаш не заминала.
Светот кој останал како Светилникот на крајот на желбата за живот.


Родена на крајот на векот, во место во кое нејзиниот живот ќе бидне понесен од трагиката на мноштвото одвратни настани кои започнале да се редат како на филмска лента, една револуција, погроми, една светска војна, друга револуција, па трета, па контрареволуција, глад, болести, очај и страв. Лилиан заедно со потесната фамилија морале да избегаат некаде, а некаде тогаш значело - во Америка.
Среќа во несреќа, имале доволно средства тоа да го сторат, наводно биле Евреи а Евреите наводно сите имаат пари. А веројатно и воопшто не биле Евреи. Нејзиното право име е непознато. Она кое осамнало на пасошот прегледан на островото Елис веројатно било вешт фалсификат чија цел била влез во ветената земја.

Околу 1925 година, Лилиан веќе е во Америка, вработена во некаква фабрика и ако ништо друго барем е безбедна од хаосот кој го остави зад себе во новоиспилениот ентитет наречен Советски Сојуз.

Срамежлива и повлечена, склона на илузии и очекувања за среќен живот и голема љубов, Лилиан се затекнала себеси во најстрашната од сите осамености, онаа во големиот град, онаа која мотивира многу осамени лица да легнат на железничките шини, да посегнат по шишето со смртоносна течност, кон парчето олово истрелано кон черепот, кон гранката или гредата каде што со посредство на јаже или каиш го напуштаат светот на изолацијата...
Иако брзо го совладала англискиот јазик, тоа не и помогнало премногу, на половина пат помеѓу гетоизираната заедница на избеглици од старата Руска Империја и жителите на Њу Јорк, двете страни на клештите кои ја истргнувале душата од телото на јадничката Лили.
Омаловажувана од сонародниците, игнорирана од Њујорчаните, и онака разнишата самодоверба на Лилиан допрела ново дно.
Но не за долго.

Некои подоцнежни и помалку површни истражувачи на животот на госпоѓица Алинг тврделе дека една од компонентите на тагата на Лилиан била и таа што таму некаде, во мизеријата Белоруска, морала да се раздели со нејзината животна љубов, некој тип кој поради немање пари и имање тешка рана од војната не можел да патува со неа во Америка.
Некои би рекле дека во милионски град преполн со секаква раја не би требало да биде проблем за Лили да си најде нова љубов, но тоа било попусто, таа отсекогаш си била така малку...чудна, родена на некој баксузен меридијан, под необичен сплет на распореденост на небеските параметри, со поинаков софтвер во главата.

И така Лилиан одлучила да се врати назад, во немаштијата, кај неименуваниот тип кој можеби и не бил повеќе жив, на местата кои ги знаела уште од мала, да стигне до препознатливите рељефи на ридовите и ливадите низ кои радосно трчала низ пролетните денови како дете.

Но како до пари за билет назад? Бродските цени во тоа време, па макар и за трета класа биле прилично скапи. Помеѓу киријата, храната, превозот и останатите трошоци, сметката никако не испаѓала охрабрувачка. Како до виза за влез во веќе темелно изолираниот Советски Сојуз кој прераснувал во престолнина на Паранојата? Немањето амбасада или конзулат на таа земја во радиус од 5.000км преставувал географски придонес во полза на бирократската злоба.
Можеби за 5-6 години и ќе успее да заштеди. Можеби за десетина СССР ќе отвори амбасада во САД. Можеби...

Но како што кажавме, такви ситници како немање пари и виза не ја уплашиле Лилиан и таа се одлучила да си оди назад - пеш!
Припремите вклучувале чести посети на јавната локална библиотека каде што Лилиан копирала географски карти и исцртувала маршрути и правци на движење. Патот бил избран, скромната заштеда која и останала после набавката на храна, облека, торба и чизми за патување, еквивалент на денешни 300 долари. Комплетот го надополнувала челичка шипка која ја пронашла во фабриката со двојна намена, потпирач при одење и заштита од ѕверови, дво-и четворо ножни.


Еден ден во доцната пролет 1927, после две години престој во Њу Јорк, Лилиан Алинг тргнала назад. Не се познати реакциите на породицата по тоа прашање но тоа и не е важно.
Планот бил да се изоди преку Канада и Аљаска до Беринговиот проток, ако може да се поминат тие 80-тина километри кои ги делат континентите - пеш, во случај да температурите се доволно ниски за да може да се оди преку мразот, а ако не се, да се набави чамец од локалните Ескими и со него да се совлада тој премин.
Лилиан била забележана во Чикаго, Минеаполис, Винипег и остали градови и села за да нејзнината приказна добие на публицитет во Хејзелтон, Британска Колумбија на пат кон Јукон и повторно влегување во САД овој пат во Аљаска.

Но таму, во Хејзелтон, локалниот шериф бил загрижен.
Бидувајќи доцна есен, евентуално тргнување на Лилиан на планираната рута би значело сигурна смрт при температури од -50 степени и поларните ветришта кои ровареле низ белиот пекол. Соочен со упорноста на Лили, шерифот се одлучил за превентивно дејство. Дали малата по раст госпоѓица го разбудила алтруистичкиот нагон во него или што и да било, тој ја уапсил поради скитништво (!?) и ја сместил во топла и осветлена ќелија со три оброци дневно, да ја закрепне малку и да ја излечи од тврдоглавоста.

Со надоаѓањето на пролетта, физички и психички одморена и опоравена, Лили се збогувала со локалните лица и понекој залутан новинар кој ја пишувал нејзината сторија за неколку големи весници. Сепак морала да надокнади за презимувањето на сигурно и го засилила темпото до неверојатни 50км дневно одење.
Учејќи како да преживува во дивината во `од, хранејќи се со ретките плодови на шумите и горите, таа била на прагот на Чудото. За тоа време, низ Северна Америка весниците објавувајќи ја сторијата за жената која тргнала пеш на пат од 10.000км и донеле кратка но голема популарност, за што таа немала поим.

Следејќи совет на некој скитник, таа се одлучила да ја следи трансконтиненталната телеграфска линија на Јуконскиот сектор при што стигнала во Досон Сити, центар на изгубените души заробени од златната грозница која ледбеела наоколу како дух на пропаднатите надежи на стотици поранешни ископувачи на злато. Таму пронашла работа како келнерка за да ја помине втората зима по патот и да купи чамец и остали ствари.
Со помош на чамецот, преку реката Јукон и некои притоки, таа стигнала до Ноум, мало пристаниште на прагот на Беринговиот проток. Ескимите подоцна им раскажале на новинарите дека и помогнале да го премине протокот и дека таа успеала во тоа!

Но тоа била и последната сигурна информација за неа. Од збогувањето со Ескимите понатаму, Лили влегува во нејасниот свет на мистеријата, на трагедијата, на конфузијата и тагата.
Што се случило со неа после пристигнувањето на азиско-сибирско-советско тло никој не знае со сигурност. Како да била проголтана од Случајноста, од несфатливо огромната пустелија и уште поужасната ситуација позната како Сталиновото царство.
Три децении подоцна, случајна средба на канадски писател со советски морнар на неутрален терен била повод за нови шпекулации. Морнарот тврдел дека во некакво село наречено Провиденија во Сибир ја забележал необичната жена во парталави алишта како се обидува да купи храна и ствари за да продолжи по патот. Но патот бил препречен од локалните власти кои во неа виделе капиталистички шпион, империјалистички провокатор пратен да прави којзнае што на штета на домовината на работничката класа.

Завршила во Архипелагот Гулаг каде што ги оставила своите коски на непозната точка, низ мачните логорски работни денови со малку храна и вода и многу смрт.
Но тоа било само мислење на морнарот и на некои новинари. Други слушнале за скромен дрвен надгробен спомен кој го носел нејзиното име на гробиштата во Јакутск, релативно голем град во Сибир.
Трети верувале дека конечно успеала да се врати дома, но од љубовта на нејзиниот живот останал само затворениот гроб, четврти укажувале на гласини од поранешниот Естонски амбасадор кој во една прилика во Ленинград упатувал на можноста дека Лилиан Алинг го пронашла својот љубен жив - и заедно со него подоцна се криеле од советските власти пребегнувајќи преку граница од Беларус во Естонија каде што под превезот на посакуваната анонимност доживеале релативно среќни десетина години, барем до окупацијата на Естонија од страна на СССР во 1940 година кога повторно морале да бегаат...
Вистината никогаш нема да се дознае, а можеби е подобро така.
Има во оваа тажна сторија доволно штоф за кроење на епилог кој одговара на сечиј карактер, како на песимистичниот кој крајот го лоцира веднаш во пеколот на Гулагот или уште победно - во длабочините на Беринговиот проток, така има простор и за оној оптимистичниот, како шкрабателот на овој тристоти пост кој секако е доволно меланхоличен и би бил среќен доколку крајот бил некаде далеку од прогонот, после многу децении исполенти со среќа на парот исцрпени души, реминисценција на доживеаните авантури, меѓусебно помагање за премостување на последиците од тешките им животи и барем мала надокнада од Судбината, Универзумот или некоја слична илузија за сите страданија кои ги доживеала несреќната Лили Алинг на патот кон Сонот.

Убаво е да се верува.
Убаво е да се може тоа.
Како се прави тоа - не би знаел...

Sunday, December 24, 2017

Загрижени Христијани

(By Roger Mortis, 299/179)
Светот на сектите, од перспективата на објективен набљудувач е бескрајно забавен и интересен. Но за членовите на тие секти, светот е мрачен, суморен и често е склон да се ближи кон крајот...
Деновиве актуелен е Ерусалим поради дебиласти политички интриги на претседателот на Империјата, некаков богат кловн со препарирана мртва џинџер мачка на главата.
Но Ерусалим бил актуелен и во блиското минато и тоа на неочекуван начин, далечен од оној кој вклучува палестински "маченици" или еврејски "бранители".

Крајот на милениумот не еднаш беше изедначен со крајот на Времето.
За објективниот набљудувач кој се интересира за секти, крајот на деведесеттите би бил нешто како златното доба на секташтвото, она што биле шеесеттите за Хипиците или педесеттите за Рокенролот.
Една таква апокалиптична секта ни доаѓа од Империјата, од градот Денвер поточно, каде што група вознемирени рисјани од протестанска провиниенција биле организирани околу извесен Монти Милер којшто и самиот бил релативно објективен набљудувач на секти и членувал во разни организации за превенција на секташтвото низ САД.

Но Монти не бил доволно силен и потпаднал на искушението, знаењето околу тоа како функционира еден Култ ги употребил за...стварање на Култ. Од борец против секташтво, низ неочекуван развој на настаните Милер се трансформирал во лидер на секта!
А таа секта си имала име, "Загрижени Христијани" и броела околу триста особи од најразлична возраст низ Колорадо.


Од што тоа христијаните биле толку загрижени?
Од Второто доаѓање секако.
Кое пак било најавено со распадот на СССР, за божиќ 1991 - сосема соодветен датум за почетокот на Последните денови, симболизирани преку падот на Антихристовото атеистичко царство.
Понесени од поразот на клетите безбожни комунисти и општиот притисок створен со приближувањето на годината двеилјадита - Милер и секташите се препуштиле на чудни дејанија, пред се` Милер се прогласил себеси за Второто Исусово доаѓање а своите секташи за нови Апостоли.

Некаде околу 1996, Монти започнал да комуницира со Бог и да пренесува катаклизмични предвидувања како она за скориот пад на Денвер во Адот со посредство на тектонски плочи на 10.Октомври 1998. За следната година програмата предвидувала пат во Ерусалим, промптна умирачка таму за да после три дена дојде до воскресение на лидерот на сектата, Монти Милер, познат и како Ким (?!).
Како што впрочем, и било запишано во Откровението.
Или барем онака како што секташите сметале дека пишува таму.

А предвидувањата не се остварувале.
Бројни секташи ја напуштале сектата.
Во потрага по друг водач.
По друга цел.

И така, преостанатите стотина Загрижени Христијани заминале на патот на убрзувањето на Настаните.
Распродавање на материјалните добра, откажување од овосветовните задоволства и собирање пари за конечниот пат.
Патот до Ерусалим.
Започнале да учат да ракуваат со оружје и експлозиви како и да изведуваат соодветни акции во склад со нивните цели. Планот бил истовремен координиран напад врз Ѕидот на плачот, Базиликата на светиот гроб и Ридот на храмот, трите најсвети места на трите Аврамови религии. Рафална стрелба и експлозии на DIY бомби врз масата народ.

Со тоа ќе се иницира хаосот и огнот
Низ кој ќе се роди новото доба.
Со новиот Исус.
Некогаш познат како Монти Милер
Во Денвер.
Колорадо.


Но израилските безбедносни сили и разузнавачки агенции веќе биле во исчекување на наплив на разни милениумски секташи и остали лудаци околу крајот на векот. Дали тоа Мосад имал вментато свој крт во Загрижените Христијани или нивното однесување било сомнително?
Природно, група од 20-тина американски секташи би стрчеле низ Ерусалим, и покрај тоа што живееле во изнајмена куќа и се труделе да се вклопат во околината.
Вака или онака, на 3.Јануари 1999, полицијата извршила упад во куќата на секташите при што следело нивно апсење. Бил пронајден секаков материјал но никакво оружје кое очигледно било сместено на друга локација. Четири секташи биле задржани за судење а останатите 15-16 биле веднаш депортирани од Израел и со придружба на агенти на Мосад се вратиле во САД.

После краткотрајна робија, секташите на чело со Милер отишле во Грција да шират секташтво но биле протерани и оттаму за да по некое време во 2002 се вратат повторно дома.
Оттогаш оваа секта имала повторно пад на популарноста и денес тавореле на маргините на секташтвото во САД со одвај педесетина секташи на чие чело сеуште бил Ким Милер.
Правник.
Месија.
Несуден урбан герилец.
И некогашен голем непријател на Култовите...

Tuesday, November 28, 2017

Некромантика

(By Roger Mortis, 298/178)
За несреќниот Анатолиј луѓето имале само една дилема.
Озборувањата се сведувале на дилемата дали Анатолиј е Асексуалец или сепак се работи за Некрофил.
А кога за било кој човек постои таква дилема, тоа е неубав знак.

Ништо убаво не произлегло од житието Анатолиево, напротив, овој несреќник на крај завршил во прегратките на кошулата без ракави, помеѓу меките ѕидови на лудничката ќелија, помеѓу електродите на машината за Електроконвулзивна терапија.

Но не поради озборувања. Сеуште тие ја немаат таа моќ да праќаат луѓе во лудница.
Туку поради долгиот пат кој го изодил Анатолиј, скоро цел живот, стартувајќи уште кога бил основец.
Тој пат започнал на градските гробишта во Нижњи Новгород, во почетокот на седумдесеттите, во тмурните советските времиња, во стариот град по рабовите на европска Русија.
Процесијата била тажна и траурна, сосема очекувано при погреб на единаесет годишно девојче. Присутен на погребот бил и малиот Анатолиј кој не можел да ги оттргне очите од девојчето.
Погледот му бил фиксиран како што никогаш нема да биде фиксирана ракета "воздух-воздух" врз својата цел.
Бидејќи ракетата нема душа.
А Тоља Москвин ја имал.


Фиксацијата не можела да биде ограничена само на гледање на лешот. Чувствувал како нешто да го влече кон неа, како да слушал женски глас кој му зборувал да се приближи.
Малиот несреќник се упатил кон сандакот и оставил еден срамежлив бакнеж на челото на покојната. Па потоа и еден на нејзините усни. Со тоа запечатувајќи го својот емотивен живот засекогаш.

Не се знае кога за прв пат чул за Мајкл Скот.
Не, тоа не е симпатично иритантниот Мајкл Скот од The Office, туку оној кој сметал дека мртвите може да бидат оживеани со помош на одредени ритуали и одредени хемиски формули, шкотскиот математичар, астролог и некромант, заборавен уште од средниот век, кога бил сметан за еден од најголемите интелектуалци во Европа.
И бил сметан за Вештер.
Сепак тоа било пред модата на употреба на вештери како огревен материјал да дојде до израз.

Некаде низ средно, или за време на студиите по Филологија и Лингвистика кои екстремно интелигентниот Анатолиј Москвин ги завршил со врвен успех, се заинтересирал и за Келтската митологија па може таму некаде, во огромната универзитетската бибиотека во Москва, преку лавиринтите на судбината, од некаде да искрснало името и делото на Мајкл Скот.
Како и да било, Тоља создал скромна но релативно стабилна кариера движејќи се на маргините на академскиот пазар на трудот, предавајќи, асистирајќи, преведувајќи, лекторирајќи, пишувајќи за списанија и весници, објавувајќи бизарни дела и работејќи на своето животно дело.

А тоа било попис на сите гробови во Нижњоновгородската област, своевидна database на сите покојни од почетокот на гробната бирократија па се до денешни дни.
За таа помалку морбидна цел, имал подршка од неколку колоритни ликови како Олег Рјабов и Алексеј Лесин кои освен вербално, го помагале и финансиски. Алексеј бил издавач на бизарно списание за сите ствари поврзани со смрт, списание во кое нормално нашиот Тоља бил чест контрибутор.


Но Анатолиј бил крајно осамен. Во Новгород а посебно во Москва, само како што човек може да биде осамен во милионски град, најстрашната врста на осаменост која е полоша од онаа на Арктикот или онаа во Сахара.
Затоа што луѓе има на секој чекор.
А нема збор.
Нема пријателска насмевка.
Нема безгрижен муабет.
Нема ништо.

Освен осаменоста, повременото живеење со родителите кои го подржувале (?!) во неговиот чуден животен пат, на сцена стапила и менталната болест, наводна Параноидна шизофренија, но тоа ќе биде дијагностицирано дури отпосле, по епилогот, можеби само како барање начин да се смести Анатолиј во предвиденото место во општеството.
Анатолиј никогаш немал девојка, не знаел како со жените, бил болно срамежлив, повлечен, збунет и крајно несмасен во нивна близина. Самодовербата му била пониска отколку Мртвото море, погледот изгубено талкал за да избегне поглед очи во очи.
Но на крај на краиштата тие и не му биле потребни.
Барем не во таа форма.
Барем не кога имале пулс.

Можеби за да ја победи самотијата, можеби за да ја убие емотивната глад, да го неутрализира чувството на неадекватност поради својата физичка непривлечност или поради тоа што бил тотален лудак - Анатолиј започнал да откопува гробови.
Гробови на свежо закопани девојки, на возраст од осум до триесетина години.
Слушал како го повикуваат, како им е тешко под мермерните капаци и споменици.
Како никој не доаѓа да ги посети.
Како сите ги заборавиле.

Освен Анатолиј, Тоља, човекот кој ги сакаше погребите.

Вкупно откопал некои 150 гроба но во својот дом пренесол "само" 26 посмртни остатоци.
Веројатно оние кои не биле премногу трули, кои можеле да бидат хммм..."спасени", онакви какви што "враќал" во живот проколнатиот Мајкл Скот, некогаш, меѓу шкотските ридови, низ маглата и реата на мртвилото.
А дома, чекале спремни - када полна со сол, некои хемикалии, нашкрабана тешка езотерија наоколу по ѕидовите и книги. Со рецепти од Мајкл Скот.

И така, ден по ден, нашиот лудак ги сушел и балсамирал лешевите.
Ги облекувал и шминкал. И на крај ги "оживувал" со ритуалите на шкотскиот математичар.
Барем во неговата глава.
Таму тие биле одново живи, благодарни што ги избавил од тесниот дрвен ковчег.
Што им бил друштво.
Што ги прашувал како се`.
Што никогаш не им ги заборавал родендените.


Но во еден случај, родителите на едно покојно девојче, убиено од страна на наркоман во потрага по нешто ситно - биле чести посетители на гробот во својата болка. А таа била страшна, неопислива, кога виделе дека гробот е отворен. И таму ја немало нивната ќерка.
Алармирана била полицијата, медиумите, Радио Милева.
И не било посебно тешко, дури и во стравичната Русија, да се пронајде кривецот.
Тој и онака никогаш не ги криел своите опсесии.
Патот водел право кон станот во зградата, низ хаосот на околу 50.000 книги и списанија, неред и нечистотија.

И така родителите морале да ја закопаат по втор пат својата ќеркичка.
Другите 25 балсамирани "кукли"? Не се знае. Веројатно на општински трошок.

Уапсен во Ноември 2011, Анатолиј бил прогласен за луд и поради тоа избегнал затвор и бил пратен во лудница. На секои две години се вршела ревизија на неговиот случај. Во 2013 и 2015 било одлучено дека сеуште е премногу болен во умот за да биде пуштен.
Исто и во оваа 2017. Што значи дека најрано што ќе може да излезе на слобода е во 2019 година.
Анатолиј се колнел дека никогаш немал сексуални односи со лешевите, дека озборувањата за неговото некрофилство се злобни и одвратни. И веројатно било така, затоа што од она што се знае за некрофилите - тие никогаш не би се оддале на толкав напор и труд за да го задоволат својот нагон.
Но кој би можел да знае...
Подобро да е во право.

А тој само сакал да шета низ гробиштата.
Да си прилегне кога ќе се умори.
Врз нечие вечно почивалиште.
Да ја преспие ноќта таму.
Во друштво.
Како тогаш.
Во советските досадни седумдесетти.
Кога ја поминал првата ноќ на гробишта, до гробот на својата прва љубов, единствената девојка која ја бакнал во животот.

Friday, November 17, 2017

Симпатични животинки

(By Roger Mortis, 297/177)
Патувајќи низ алеите на перцепцијата, човек понекогаш се прашува зошто некои ствари ги доживува како симпатични а некои како антипатични?
Кој е и каков е мистериозниот тај-брејкер кој одлучува дали нешто ќе ни биде симпа а нешто бљак?

Како класичен пример можеме да земеме споредба помеѓу две птици, Тукан и Тигресто папагалче. Додека папагалчето е на врвот на симпатичноста, Тукан никој не сака, не го чуваат по кафези, не го галат по главата, не снимаат видеа со него како се врти на седалката и не ги аплоудираат на Јутјуб.
А за тоа можеби е виновен фактот што туканот е чудна птица. Уствари може да се каже дека целиот организам на туканот постои само како носач на импозантниот клун. Туканот пред се` се состои од клун кој зафаќа некои 70% од неговата појава. Зошто еволутивните процеси забегале натаму не е познато.
Сепак, Туканот, жител на Јужна Америка, е своевидно чудо на природата, летечки клун, интересна птица со живи бои за која човек би се чудел како воопшто се одвојува од тлото со сиот тој клун на себе. I like the Tucano.


Под сводот со лисја и светот во кој живее туканот се мота едно друго симпатично животинче а тоа е тапирот. Тапирот нема ниту една гламурозна особина, не е брз, не е особено бистар и нема особен осет за мирис - но затоа барем е дебел, здепаст и релативно спор. Иако служи како храна за гламурозниот Јагуар и славните и одвратни анаконди, ова битие кое наликува на несреќен спој помеѓу дебел Штакор, Мравојад и Магаре - е бескрајно мило и фино нешто.
Освен во Амазонија, го има и по Малајските џунгли.
Сепак, мора да се каже дека тапирот има една особина која ја нема ниту еден вид меѓу милионите во Амазонија. А тоа е феноменалниот осет за излез од опожарено подрачје. Ако во таа шума има пожар и има Тапир - следи го тапирот и ќе се избавиш од смртта. Игнорирај го тапирот и ќе завршиш како јагленисан леш.
Како и на кој начин ова животно го прави тоа, дали е шесто чуло, дали е некаков мистериозен радар во главата, дали се некои вирбации низ тлото - не се знае. Без разлика на тоа, стои фактот дека тапирот е мајстор за излегување од огнениот лавиринт.


Но врвот на симпатичноста е достигнат од една друга животиња а тоа е Вомбат, сосема необичен торбар од Австралија. На прв поглед делува како зголемена и дебела варијанта на познатата Коала, сепак се работи различно створење, коцкасто и несмасно. Си јаде трева и лисје, си пушта чудни звуци и последно време станува мода да биде домашен миленик.
Нема ништо спектакуларно ниту кај вомбатот, тој е таков каков што е, само си постои и мрзеливо се движи низ австралиските пространства.


Во релативна близина живее едно бизарно, нејасно и нежно животинче кое го нарекуваат Човечка Рипка. Иако не е риба а уште помалку човек, ова змијолико и јагуловидно суштество со раце и нозе (!?) евентуално е некаква роднина на саламандерот или некој сличен облик на водоземство. Нејзината боја е иста со онаа на човечката кожа, нејзините очи се само за украс бидејќи е полуслепа. А таква е бидејќи се прилагодила да живее во подземни води, во пештери, во понорници, во вечен мрак, како и сите балканци уствари. Крајно ендемична, живее само во Динарскиот појас со акцент на Постојнска Јама како место кое привлекува раја од светот да ја види. На тој начин таа е осудена да гледа по цел ден сталактити и сталагмити и да го слуша гадниот јазик на грдите Јанези.


Има едно чудо кое е толку симпатично што станува дути и антипатично, so good it`s actually bad. А тоа нешто има и име.
Мрзливец!
Да, навистина постои животно со такво име. А постои и смртен грев со таков назив.
Нестварно во својата спорост и тупост, ова неинтелигентно животинче со вечен cerek na usnama е тешко за перцепција. А можеби не се церека туку се смее? Но тоа може да се каже и за Гвинплен, јунакот од филмот "Насмеаниот", култно дело на доцниот нем филм.
Понекогаш е тешко да се оддели смеата од церекот...но да се навратиме на мрзливецот, тој природен феномен.
Што да се каже за битие кое го мрзи дури и да се почеша? На сметка на неговата мрзеливост, неговото крзно е дом на бескрајни роеви вошки, болви, гниди, црви, муви, крлежи и остали досадни напасти кои паразитираат врз мрзливецот. Не помага тоа што неговото срце отчукува само по неколку пати во минута, што неговата крв се движи нестварно споро низ крвните садови а неговиот метаболизам е толку спор што го мрзи и да се исере.
Едноставно, тој ги собира гомната во за тоа предвиден меур кој го празни еднаш на петнаесетина дена, кога после целодневно симнување низ цели шест метри дрво со помош на огромните и силни канџи - мрзливецот се празни...


Но сите овие погоренаведени животни во овој бесцелен рант бледнеат пред неговото величество, господарот на чудното, доајенот на бизарното - Клунарот. Интересен е неговиот назив на хрватски - Čudnovati kljunaš, што е сосема добро одбрана придавка за ова нејасно животно.
Се работи за недефинирано створење кое е цицач, но и покрај тоа несе јајца, ги квачи (!?) и се испилува како птица, има клун како оној на патка, секако сразмерно зголемен за да одговара на големината на Клунарот. А не е воопшто птица. Има и некакви рудиментарни заби со кои џвака.
Тука се и неговите шепи и нозе кои и поркај тоа што имаат големи канџи тие се искомбинирани со пераи со пловна кожа, повторно птичји елемент накалемен на оној на цицачот.

Ако тоа не е доволно необично, треба да се спомене и отровното осило кое скриено вреба потенцијална опасност и е спремно за дејство и самоодбрана. Осилата се карактеристични за некои инсекти, никако за цицачи.
Неговите очи се длабоко и чудно всадени и делуваат како оние кај змии, крокодили и слични рептилски бештии. Поседува и Сонар, сличен на оној кај китовите, а антена му е клунот преку кој ги собира сигналите кои се одбиваат од околината и на тој начин го лоцира евентуалниот плен.


Кога за прв пат бил забележан при крајот на 18.век во Австралија (каде што единствено живее) луѓето биле шокирани од неговата појава а првите научници пред кои било доведено мртво клунарче биле навредени бидејќи помислиле дека некој се обидува да направи шега, да ги измами и исмее преку франкештајновско спојување на делови од разни мртви животни и птици. Сепак не се работело за превара и реалноста за постоењето на Клунарот набрзо осамнала како непобитен факт.

И покрај дебелото крзно (?!), водата е неговото царство каде што е брз и спретен, а копното е негова резервна територија на која е спор и несмасен. Дебелиот опаш истоветен со оној на дабарите воопшто не му смета во движењето. Подеднакво добро дише и во вода и на суво. Можеби фактот што нема стомак како цицачите туку некаков недефиниран дигестивен тракт е само уште еден во низата поединости кои го прават исклучително интересно животинче. На нет може да се погледнат видеа каде што припитомени клунари уживаат да бидат чешкани како мачките. One cheeky freak of the week.

Абориџинската легенда кажува за времето на Сонот а таму се сонувал и оној сон за Стварањето.
Таму, надлежните божанства биле зафатени измислувајќи животни и птици.
Кога завршиле со работа и ги креирале сите живи битија на планетата - забележале дека во сета таа гужва им останале разни органи и екстремитети како неупотребен вишок.
Бидувајќи несклони на расфрлање, им било жал да ги остават така сите тие органи, сами и бесцелни по себе, туку се решиле да состават една целина од тоа што преостанало.
Таа целина било она што е денес познато под името - Клунар.

Friday, October 27, 2017

А што беше тоа човек?

(By Roger Mortis, 296/176)
Демоните на физичката болка се интресна појава. Иако крајно досадни, неповторливо иритантни - тие понекогаш знаат да го упатат човек низ широчините на меморијата, низ булеварите на паметењето и да ископаат зборови и реченици од некои одамна заборавени времиња, искажани или запишани на некои сосема небитни места.

Едно од основните прашања на кое сеуште нема конечен, јасно дефиниран одговор е што е тоа што не` дефинира како луѓе.
Генетиката кажува дека сме физичка инкарнација на ДНК записот, психологијата и социологијата објаснуваат дека се работи за влијанието на програмите кои ги даунлодираме преку нашиот биолошки хардвер и понатаму ги процесираме преку нашиот софтвер во главата, религиите кажуваат за творба на Семоќно битие според "Неговиот лик".

Еден феномен кој малку се судира со сите овие ситуации (а можеби и подржува некои од нив) е оној за Дивите деца, кои од најмала возраст или како бебиња се оставени да умрат а потоа по игра на случајот (или судбината ако така сакате) биднуваат “усвоени“ од животни при што живеат, јадат, се однесуваат и социјализираат исто како животните со кои се движат, на пример одат на четири нозе, лаат, гризат...


Можеби сте слушнале од баби и дедовци дека во некое село имало дете кое што го оставиле на мечките или волците и слично, Цепенков пишува за дивото дете "Мечо", а низ интернетот се пронаоѓаат стории како онаа за Оксана Малаја, жената-пес.

Оксана била пронајдена во Овидјополскиот реон во Југозападна Украина.
Нејзината појава би била типична за една девојка од тие простори.
Но Оксана не е девојка.
Не е ниту е човек.
Оксана е куче.

Родена во семејство од дното на доцната советска реалност, татко и мајка алкохоличари но и своевидни пионери на тешката наркоманија во тој реон од Украина via новопристигнатиот "афганистанец", хероин кој го довлечкале воените ветерани во раните осумдесетти.
Крајно сурови и сирови, парот човеколики отпадоци ја оставиле Оксана покрај некаква шумичка, за среќа немајќи доволно социопатија да ја убијат, но во секој случај претпочитајќи го Коњот пред осуммесечната ќерка.

Оттогаш па се до раните деведесетти, никој не се заинтересирал за судбината на Оксана.
Останувале само повремените муабети на локалната раја дека слушнале од некого за некакво девојче кое се движи четвороношки вклучено во глутница на кучиња.
Овој пат информацијата не била урбан мит туку реалност. Не се знае точно како но после неколку средби со девојчето кое лаело, завивало, душкало и уринирало поткревајќи ја "шепата", било организирано враќање на Оксана меѓу хомо-сапиенсите при што била фатена после голема борба која содржела и касање. Не знаејќи што да прават, луѓето ја одвеле во локалниот дом за ментално заостанати деца.


Оттогаш започнува мачна епопеја на една личност која морала да го изоди патот на драматична метаморфоза од пес во човек. И тоа во пост-советска Украина.
Низ годините до полнолетство, Оксана тешко се привикнувала на животот во домот. Ќотекот станал вообичаена воспитна мерка а околијата во која Оксана постојано бегала од домот станала магнет за луѓе кои сакаат да видат нешто невообичаено, да се уверат во нешто митско. Украинските неверни Томи ја пронаоѓале како се приклучува на песји глутници и превртува канти за отпадоци, како глода коски и како им `ржи во обид за отпор.

Враќана постојано во домот, со текот на времето Оксана започнала да учи да оди на две нозе, некако да го користи гласниот апарат за формирање зборови, да врши нужда во тоалет...
Релативна слава Оксана доживеала преку документарец на ББЦ кога имала дваесетина години кога сеуште била повеќе пес него човек.

Денес Оксана е сепак повеќе човек него куче, живее некаде во Украина, зборува со извесна потешкотија во говорот, се лути кога ја нарекуваат "жената-пес", во настап на сентименталност (чисто човечка особина) има желба еден ден да ја најде мајка си која ја оставила како бебе да умре во шумата...и има дечко со кого што живее.

Познати се илјадници слични случаи уште од најстари времиња, документирани и потврдени случаи за деца-кучиња, деца-шимпанза, деца-горила, деца-кенгури, деца-мечки, деца-леопарди...

Најславниот случај е можеби оној на Дивиот Петар од Хановер во 18.век кој поминал околу 12 години како животиња, пред да биде пронајден и како сензација биде прикажуван низ панаѓури, пазари и селски собири низ Германија и Англија како “човекот-ѕвер“.
Стекнал голема слава и за 60 години колку што поминал во општеството научил цели три збора...


                                          Оксана Малаја денес.

Најчудно е можеби тоа што тие деца се хранат со иста храна со која се хранат и животните, без облека одат наоколу изложени на секакви температури а гласот и движењата воопшто не се разликуваат од оние на животните со кои живеат...и преживуваат и раснат со години и години без некои проблеми.
Овие случаи укажуваат на премостување на генетиката, барем кога се работи за менталниот свет, за човекот како подвижен хард-диск на кој може да се даунлодира, брише и пак префрли животна програма различна од онаа генетски преродредената.

Каде престанува биолошката предодреденост а каде започнува можноста за целосно нова парадигма? Кој е начинот за изнаоѓање на нов пат низ крстопатот на судбината, без трагичните игри на животот и без суровоста на Случајот?
Тоа се прашањата кои си пробиваат пат низ болката и остануваат во меморијата барем неколку дена, низ призмата на нејасната емпатија и понекоја залутана солза...