Sunday, November 29, 2015

Униформи

(By Roger Mortis, 245/125)
Човекот како социјално битие е склон кон тоа да настојува да биде позитивно вреднуван од околината, поблиска или поширока.
Проблемот настанува кога употребува сила за да го постигне тоа.
Дали е Усеин Болт почитуван меѓу атлетичарите? Да, веројатно од мнозината, ако веќе не од сите. Некои му завидуваат, некои му љубоморат, некои можеби и би му напакостиле. Но повеќето би дале све да се на негово место.
Но таа почит е стекната од дела. Затоа што ги остава конкурентите зад него по 20 метра на 200 метра трка. Шта речи?
Млади дечки сонуваат да станат како него, тренираат, се трудат, зошто да не?
Никому не наштетил, никого не присилил да го почитува.
Не е доцент по спринт или магистер по штафетни трки. Нема декрет. Има дела.

Но од друга страна тука е силата, така е полесно.
Цајкан кој очекува респект поради униформата и флуоресцентниот елек. Некој лик кој е советник на советничката на асистентот на заменикот на кафекуварката на градоначалникот. Униформа.
Кинеско одело и џиш машна. Во потрага по респект. Нема зајебанције.
Докторот. Професорот. Наставникот. Попот. Сите сакаат да добијат валидација преку сила. Во ред, попот можеби преку казна со одложено дејство. А титулата е само глорифицирана униформа.


Со тек на време луѓето престануваат да бидат Трајче, Ставре па дури и Бљерим, стануваат подвижни униформи. Бидејќи без униформата се едно големо ништо.

Оние кои не можат да предизвикаат почит по некој природен тек на нештата, со своите дела - се потпираат на силата, на законот, на вертикатала, на принудата. Од наставникот во некоја припиздина до есесовецот со пушката вперена кон некаков Јевгениј или Шломо. Не затоа што имаат било какви особини кои би биле за респект, туку затоа што имаат механизам за присила, од обично пенкало па се до куршум.

Секако, ни од далеку сите униформирани лица не се празен омот. Но исклучоците се екстремно ретки и немаат значајно влијание врз општата слика.
Не може да се негира дека униформата значително го олеснува животот во секоја смисла. Одненадеж, човекот во униформа се чувствува прифатен. Дури и сакан од рајата. Иако таа `љубов` е вткаена во униформата а не во створот од крв и месо кој ја носи. Тој си останува подеднакво небитен како и пред да ја облече униформата.

Прилично прецизна дисекција на овој феномен има кај прекрасниот Чехов, два кратки раскази, `Смртта на чиновникот` и `Дебелиот и слабиот`. Препорака да се прочитаат, и онака се по неколку страници, така што мрзеливоста не би требало да е пречка.
Чехов, за разлика од некои негови современици - бил есенција на концизноста.

Friday, November 20, 2015

Срање у Руанди, срање у Паризу

(By Roger Mortis, 244/124)
Интересен е феноменот на вербални или виртуелни изрази на емпатија на одвешната раја во врска со скорешното `срање у Француској`.
Нема ништо лошо во емпатијата, напротив - но таа секогаш е резервирана за групации кои луѓето ги сметаат за блиски или барем се во сериозна делузија дека им се блиски. И во тоа нема ништо лошо само по себе, но не треба да се забегува.

Овдешна раја може да се идентификува со рандом популација која загинала на концерт во Париз, затоа што и сами одат понекогаш на концерт, или со загинати во кафиќ пошто често одат по кафиќи или со убиени пред стадион пошто се претпоставува дека одат на утакмици на овдешната фудбалска репрезентација или на некој `стадион` од несреќите познати како мак-клубови.
Затоа што Жана и Мишел кои загинале на концерт се некако слични, скоро наши, со мало поместување на параметрите тоа можеле да бидат и Станко и Биљана во Прилеп.
Сето тоа делува препознатливо, туѓо а наше, вообичаена (или барем се тежнее/копнее кон неа) социјална динамика која е нарушена од брадати манијаци кои доаѓаат од пеколот. Некои лица дури можат да ја сфатат ситуацијата како лична навреда, напад врз `нивните` вредности.

Но реалноста е туробна и груба, овдешна раја оди помалку на концерти и утакмици од француска раја, чисто ради стандард, седи на гол цемент на полураспадната трибина или оди во кино со искинати седишта и прожектор произведен во времето на Тито. Слично како и фан на некој клуб од...Либан...
И сето тоа е во ред, животниот стандард не би требало да биде мерило при изразување емпатија.


Проблемот е што луѓето сакаат себеси да се доживуваат како дел од западната цивилизација.
А кутрите не сфаќаат дека не се. Западот не ве смета како составен дел од себе и никогаш нема да ве смета. Уште од Војна Крајина наваму, секогаш ќе бидете Границата меѓу `светлиот` Запад и `мрачниот` Исток. Западната раја не ја смета југоисточната раја за `своја`. До вчера постоеше визно гето за вас. И денес постои Шенген. Постои поради вас. И нема да емпатизираат со вас при слични услови. Како што не емпатизираа премногу за време на Вуковар, Овчара, Книн, Сарајево или 2001. Никогаш нема да се најдете на нивните насловни страни, без разлика колку луѓе загинале. Или евентуално можеби ако загинат толку многу жртви што би им било незгодно да не ве стават на прва страна. Како Сребреница да речеме.
Поимите Ауслендер, Југо, источњак, Вог, балканец - се составен дел од секојдневниот западен вокабулар. Нешто повеќе од Сенд-нигер но многу помалку од белгијанец.
Но и тоа не значи дека не треба да се изрази сочуство кон трагедија на запад, напротив, треба. Сепак, повторно ќе напоменам, не треба да се забегува...

Емпатијата би требало да е дистрибуирана кон сите невини жртви на планетата. Бидеќи ако постои степенување на значајот на жртвите - тогаш тоа не е емпатија туку само израз на наведената желба да се припаѓа некаде, да се доживее себеси како дел од нешто, во случајов западната култура. Или цивилизација, ако ви е подраг тој збор.

Со дете од Конго кое умира на 14 години црнчејќи во рудник никој нема намера да се идентификува, да емпатизира или воопшто да го есапи пошто тоа дете е страно, непрепознатливо, нема обрасци во мозокот кои би навеле на емпатија.
Тука на 14 години дете оди во осмо оделење, се симпатише женска, се играат игрици, се фрла баскет, се спие во детска соба а.к.а. сите оние ствари кои ги нема детето од Конго. Тука никој не оди во рудник на 14 така да нема што да се емпатизира.
Исто како оној митот за индиосите кои наводно не можеле да ги видат шпанските бродови кога се приближувале до некој мезоамерикански брег, не ради кусогледост туку демек немале патерн во умот дека е можно да постои нешто такво како брод.
Или смрт од термобарична бомба. Или од граната. Во Сирија. Секојдневие. Но термобаричната бомба и нејзиното дејство врз луѓето е апстрактна, туѓа, неспознатлива работа - hence неможе да се пати од виртуелна/вербална емпатија или загриженост во врска со `таму некои`...Сенд-нигери.


Тоа што цивилизациски, граѓанството на Република Хунзистан е многу поблиско до блискиот Исток него до западот е непријатен факт кој треба да се прекрие со некоја нова митологија, со Ниче Македон или Кирче Лазароф.
Затоа што искрено се радувате на манџа со запршка каква што се јаде и во Бејрут, а не на Багет.
Затоа што сте корупмирани до сржта и имате полуфункционални општества како нивните. Затоа што градовите ви наликуваат на депонии како и нивните. Затоа што сообраќајната култура ви е далеку послична со онаа во Стамбол него со онаа во Ден Хаг. Затоа што...пиво пред коорепација. Затоа што четири канти за отпад ради рециклажа ви се страни и несфатливи како и на рандом лик од Алепо.
И затоа што сте во единствениот европски регион кој може да генерира војна на стариот континент.

Нормално, не сте тотално исти ниту со рајата од блиски Исток, пред се поради тоа што кај нив е присутна деструктивната улога на радикалниот Ислам кој е подвижна лента за продукција на идиоти, средновековен атавизам залутан во денешно време.
Балканот е посебен, секогаш на граница меѓу истокот и западот, не припаѓајќи целосно ниту на едниот од тие два света. Иако ако сме искрени, многу повеќе сличен на Левантот.

So next time shit hits the fan, put the Kurdistani flag up along with the Belgian one.

Вечера во два чина

(By Roger Mortis, 243/123)
Замислете фина вечера, на која се објавува венчавка, домаќините сите среќни и весели - од семејното скровиште вадат триесет години старо вино, да се прослави како шо е ред, свршеникот и свршеничката се држат за рака, родбина и пријатели им честитаат.
А свршеникот...типот е масовен убиец, присутните го знаат тоа и немаат проблем со тој факт, па и со фактот што ќерката е веќе оплодена од еден убиец.

Иако типот е посебен вид на масовен убиец, пилот да речеме на Ф-16.
Тоа чудо носи до 6 тони бомби и ракети и има вграден шестцевен ротирачки топ со стотици гранати.
И така типот по наредба, со печат на легалност - полетал и го истоварил товарот врз раја, некаде...било каде. 96 загинати, 133 ранети, разрушени куќи, детски тела распарчени наоколу, улични кучиња се гостат со цревата на некое мало девојче. Некои од бомбите не експлодирале при падот (посебно оние во касетните контејнери имаат таква навика) и остануваат да сакатат и убиваат луѓе со месеци и години после летот на пилотот.

Типот сосема доброволно се пријавил во пилотска чколија, доброволно се пријавил во воената авијација и доброволно потпишал договор да следи наредби.
Вечерата врви одлично, сите горди и задоволни, се пие и јаде и се планираат подароци за свадбата. Свадбата на масовниот убиец.


А сега замислете фина вечера, на која се објавува венчавка, домаќините сите среќни и весели - од семејното скровиште вадат триесет години старо вино, да се прослави како шо е ред, свршеникот и свршеничката се држат за рака, родбина и пријатели им честитаат.
Свршеникот...типот е сериски убиец, силувал и убил три девојчиња и нивните искасапени тела ги фрлил во некоја река. Присутните го знаат тоа и немаат проблем со тој факт, па и со фактот што ќерката е веќе оплодена од еден убиец

Needless to say, второво сценарио е невозможно бидејќи доколку знаат дека е сериски убиец веднаш ќе го пријават и ќе биде затворен но и покрај тоа ќе им остане рана на душата цел живот, хистерија и депресија, гној на семејната чест поради фактот што ќерката за малку ќе се омажела за серијаш...

`Знаеш Џесика бејб...мислам дека направи одличен избор, типот е пилот, човек на место, сега во ред - понекогаш долго ќе отсуствува од дома кога оди на мисија но што е тука е, ќе се прилагодиш некако`

`Немој ќерко не плачи, никој не знаеше дека твојот свршеник заклал девојче, ќе го пребродиме ова некако, леле кој срам, зоштооооооооо...`

Две сосема реални сценарија и два сосема различни пристапи кон убијци. Како е тоа можно?
Тоа е моќта која ја имаат мастилото и хартијата, тоа е изопачувањето на перцепцијата кое се продуцира со едноставено удирање на државен печат кој служи за инфузија на оправданост па дури и моралност кај една умирачка за разлика од друга. Този смрт не е смрт.
License to kill & maim little girls.

Утре да донесат закон кој ќе стави легален печат на убивање чисто за забава, никој нема да писне. И второто сценарио ќе стане сосема прифатливо на рајата...

Wednesday, November 18, 2015

Кралството небесно

(By Roger Mortis, 242/122)
Не е тајна дека границата помеѓу религија и секта е понекогаш тешко воочлива и дека најчесто времето е одлучувачки фактор при соодветната категоризација на поимите. Малечка сектичка некогаш било и христијанството во тогашна Јудеја за да после милениум и нешто ситно бидне религија со најмногубројна клиентела на пазарот со замислени другарчиња.
Една таква сектичка, основана од тројца другари во Кина во 1843 набрзо експлодирала (што фигуративно што буквално) на сцената претворајќи ја јужна Кина во руина како последица на последниот драматичен обид да се христијанизира најмногубројната земја на светот.

Она што е посебно спектакуларно во врска со сектата едноставно наречена `Богољубно друштво` и востанијата кои прераснале во граѓанска војна е - бројот на жртвите. Околу таа цифра нема прецизен консензус, но во литературата се сретнуваат проценки кои одат и до 30 милиони мртви што значи дека тој четиринаесет годишен конфликт познат како `Тајпинг востание` бил најсмртоносниот во дотогашната човекова историја, до ден денешен надминат само од Втората светска војна. И секако, останува сосема непознат за пошироката јавност, барем онаа склона кон историја, најзначајниот историски настан за кој никој никогаш не слушнал ништо.

Монотонијата меѓу конфучијански настроеното население ја разбил извесен Хонг Сиу Чуан, припадник на малцинството Хака кој се обидел да влезе во државната администрација доминирана од Манчу кинези кои не биле особено склони да го делат лебот државен надвор од своето `племе`. Влезот во тој свет на бирократи бил условен од серија на тестирања на кои кондидатите требало да го покажат своето знаење. Хонг се обидел четири пати - и четири пати паднал. Дали поради неисполнети сништа или поради разгореното лудило - Хонг почнал да добива `визии`, he found Jesus и почнал да размислува како да го преслика небесниот ред на земјата. Неколку западни протестантски мисионери биле повеќе од расположени да му дадат соодветна литература која Хонг детално ја проучил. Но господинот Сиу Чуан отишол и чекор понатаму  - се прогласил себеси за одамна изгубениот, бесмртен брат на Исус кој конечно го открил својот хиберниран идентитет!


Природно, улогата на еден таков ентитет е мешовита - небесно-овоземна, па така и Хонг се прокламирал како `Небесниот крал` и почнал да работи на својата теологија и идеологија. А таа била екстремна се разбира, микс од прото-комунистички егалитаријанизам, рамноправност на половите, строг протестантски пуританизам, апокалиптичен милениаризам, целосно демонизирање на Конфучијанизмот и следствено со тоа - борба против клетата варварска династија Чинг која неколку века седела на кинескиот трон и за која Хонг тврдел дека е резултат на парење на некакви демони...

Откако сосема неочекувано привлекол дваесетина илјади следбеници низ Јужна Кина, Хонг го прогласил надоаѓањето на Небесното кралство на мирот. Секташите биле на јасно дека небесното кралство набрзо ќе се соочи со Армагедон, последната битка помеѓу доброто и злото. И за таа цел почнале сериозно да се вооружуваат и да формираат добро подготвена паравојска, барем онолку добра колку што била и Зелената империјална армија на династијата Чинг. Но со таа разлика што државните војници пателе од сериозен недостаток на фанатизам кој пак го имало и за извоз во редовите на Небесната армија.

Фрапантен е фактот што за само неколку години се` до кобната 1850. сектата врбувала десетици илјади припадници но треба да се знае дека тој период не бил баш најсјајниот во милениумската кинеска историја, династијата Чинг се наоѓала во декадентна фаза чиј терминален период веќе бил во тек а кој ќе стигне до апотеоза во 1911, тешкиот пораз во Опиумските војни против Британија, ескалацијата на старите традици на наркоманија низ царството, финансиската криза, епидемиите, поплавите и гладта низ многу региони - заедно со неколкуте активни востанија во тој момент направиле нешто како perfect storm каде што само недостигале секташите на Хонг за да ситуацијата излезе од контрола.

А таа излегла од контрола во декември 1850, кога секташите тргнале во офанзива. На 1.јануари 1851 прогласен бил почеток на крајот на Злото и триумф на Доброто кога империјалните трупи се обиделе да ги сосечат секташите во корен со напад врз нивното упориште во градот Џинтиан. Тешкиот пораз на империјата во судар со обична секта бил знак за мобилизација на безбројно членство, разочарано од постоечкиот систем. Неколкуте следни месеци и неколкуте судари со државната власт при што во сите судари победиле `Небесните` - одиграле одлучувачка улога за стабилизација на сектата. Во следните неколку години се` смета дека борбените сили на Небесното кралство на мирот броеле преку милиони изгубени души.

Во Март, 1853, востаниците го освоиле регионалниот центар Нанџинг кој го прогласиле за своја престолнина. После преземањето на уште неколку поголеми урбани центри, следен на листата на желби на Хонг бил Пекинг, седиштето на кинескиот трон. Но по се` изгледа дека секташите ги прецениле своите сили и доживеале неуспех при опсадата на Пекинг. Тогаш за прв пат започнале и поделбите и фракциите во самата секта. Следел бурен период на нови освојувања, пребегнувања од една страна на друга и обратно, кокетирање со западните мисионери со цел да се добие меѓународно признание на новото кралство од страна на своите рисјански `браќа` од западниот свет и искоренување на Конфучијанизмот од запоседнатите територии.
Гледајќи во амбисот на сопствената власт, за тоа време династијата Чинг и царската армија се решиле на трансформација. Биле ангажирани странски советници и наемници, биле купувани огромни количини пешадиско западно оружје и артилерија и интензивна дипломатска активност со цел да се обезбеди западна поддршка.

Западните колонијални сили, барем официјално - се одлучиле на поддршка на режимот со цел Кина да остане една целина. Никој не бил расположен да соработува со крајно фанатична рисјанска секта на чие чело бил лудак. Лудак со епизоди на генијалност - но сепак лудак.
А тука биле и `подароците` за странските амбасадори и воени аташеа и трговијата со Опиум која носела огромни средства на британците. А сите пороци, вклучително и наркоманијата биле забранети во новото Небесно кралство. Стравувајќи од сериозен пад на своите профити, британските компании и власта се решиле да помогнат на династијата Чинг, заедно со новата републиканска империја позната како САД и одамна присутните французи по Индокина.

После спектакуларната победа на секташите во битката кај Џиангнан во 1860. кога царската војска ја презела најголемата до тогаш офанзива против Небесното кралство - се чинело дека судбината на Кина е решена во корист на сектата.

Но она што не било толку очигледно, големите `внатресекташки` поделби, епидемиите и топењето на средствата потребни за водење војна - влијаело секташите да фрлат се` на карта на освојување на Шангај, главниот трговски центар на Кина. Со освојување на Шангај - западните сили би биле ставени пред свршен чин а империјата би го загубила главното пристаниште и извор на приходи.
Нападот на Шангај во Август 1860. бил почеток на крајот на сектата. Уште еднаш, востаниците се покажале немоќни да скршат огромен фортифициран град со опсада. Кинеската војска заедно со странските наемници раководени од американецот Фредерик Ворд (кој нема жив да го дочека крајот на војната) и легендарниот британски авантурист генералот Чарлс Гордон (познат како Гордон од Картум, градот каде што подоцна ќе заврши со главата набиена на Махдиевско копје) - успеале да ги одбијат напаѓачите.


После овој пресврт, малку по малку иницијативата прешла на страна на владините сили и со тек на време - после многубројни битки и операции - сектата била приклештена во својот главен град Нанџинг и околијата. Започнала опсада во Јуни 1864, за чие време се упокоил лидерот на сектата Хонг - веројатно самиот си го одзел животот измачуван од тешки болки како последица на труење со расипана храна. Истоштени и при крај со муниција - илјадници секташи фанатично се бореле до смрт, до последен куршум и до последен јуриш со сабја. Малкумина се предавале а борбите за секоја улица и за секоја куќа може да се сметаат за предвесници на модерните битки, Лиеж, Севастопољ, Берлин или Грозни каде што добро забарикадирани бранители се бореле до смрт со агресорите во еден нов вид на конфликт, сосема урбан и сосема тотален.
Власта го платила поразот на сектата со најмалку 120.000 жртви само во последната битка, а колку настрадале од страната на востаниците - не е познато. Ако се земат предвид и репресалиите кои следеле, цифрата би можела да се искачи до половина милион мртви, ранети и исчезнати што значи дека опсадата на Нанџинг била дотогаш најтешката битка во историјата на човештвото.

Неколку дена по смртта на водачот, паднал и Нанџинг и тоа бил крајот на Небесното кралство на мирот. Царските власти, загрижени од евентуално ново собирање на секташи - одлучиле да го кремираат Хонг Сиу Чуан а пепелта да ја стават во топовско ѓуле и да ги испукаат посмртните останки на Хонг во непознат правец. Не верувам дека некогаш постоела пооригинална погребна церемонија, која сепак ја исполнила својата превентивна задача во еден свет доминиран од суеверие, религиозно лудило, Опиум и Колера.

Иако самото Небесно кралство пропаднало, преживеаните стотици илјади секташи се свртеле кон герилска војна која траела најмалку до 1871. кога била поразена последната голема паравоена Тајпинг армија. Во одредени региони - секташите ровареле се` до крајот на деветнаесеттиот век...

Тајпинг востанието било почеток на крајот на три илјади години кинеска монархија, настан кој имал несразмерни последици како на азиската така и на глобалната историја. А неговите траги може да се забележат и ден денес, на пример кога човек купува нов Таблет или мобилен телефон за смешни пари, како последица на синџирот настани кој започнал сосема невпечатливо, со еден лудак кој пател од `визии` и кој заедно со неколку другари основал своја сектичка...

Wednesday, November 11, 2015

Годишнина

(By Roger Mortis, 241/121)
На денешен ден, 11.11, пред 97 години, во 11.11 часот претпладне стапило во сила примирјето помеѓу Антантата и Централните сили со што официјално завршила Големата Војна, подоцна нагалено викана `Прва светска`. Иако ни од далеку тоа не бил прв глобален конфликт (таа чест би ја имале Седумгодишната војна, Француската револуционерна војна и нејзиниот привезок Наполеонските војни) тоа била првата глобална индустријализирана кланица во историјата, првиот светски судар во ерата на Машината.

Иако официјално завршила во знакот на четири кеца останува да ја фрла својата сенка до ден денес, како веројатно најголема пресвтрница во модерната историја. Без неа немало да го има ни Адолф ниту Ленин ниту Ататурк ниту Југославија ниту Хаус оф Сауд...се плашам дека не 97 туку и 197 години ќе бидат малку за да се залечат раните кои започнале едно сончево сараевско утро на 28.јуни 1914...

И покрај проаѓањето на еден век, и покрај смртта на последниот познат ветеран пред неколку години - опашката на тој конфликт сеуште се влече наоколу. Војна на сите војни. Онаа втората била само второ полувреме. Баналната фраза околу тоа дека `оние кои не учат од историјата се осудени да ја повторуваат` имплицира дека луѓето можат да учат од минатото.
Како што може да се забележи, очигледно е дека никој ништо не сфатил...


Првата војна е многу помалку присутна во медиумите, јавниот дискурс, во кооперациските муабети и во сеќавањето на рајата - од онаа втората. Зошто е тоа така е мистерија. Можеби затоа дека втората војна била доволно црно-бела за да се доживее како судар меѓу доброто и злото. Можеби пак само се работело за пофотогеничен судар.
Првата војна нема недостиг од култни ликови и орудија, Лоренс од Арабија, Црвениот Барон, Стариот Шарл, дебелата Берта, Мата Хари, Цепелините над Лондон, Апокалипсата кај Скагерак па и најголемиот воен тактичар на сите времиња - никогаш поразениот Пол Емил фон Летов-Форбек кој со шака колонисти и домородни Аскари врзувал за себе непропорционално големи сили на Антантата во јужна и централна Африка.
Но и покрај тоа, отсуствува заслуженото внимание.

А се` започнало така наивно...

Австроунгарската власт, накурчена поради наводното учество на српската власт во атентатот на Фрањо Фердинанд ја отворила војната со речни оклопни бродови кои го гранатирале Белград. Неколку дена подоцна Германија ја напаѓа Белгија for some reason (Шлифеновиот план) а подоцна и Франција.
Русија како сојузник на Франција ја напаѓа Германија од исток а Британија се приклучува веднаш, прво на море а подоцна и на копно. Заедно со Британија се приклучуваат и доминионите-држави од Империјата и за неполн месец дена војната станува глобална. Луѓето уживале во летото, во некои земји се одело и на одмор, лабаво...и оп! За две недели цел свет е во војна...


Се смета за прв глобален конфликт во кој на сцена стапил индустрискиот начин на убивање. Дотогаш често морало да го убиеш противникот гледајќи го во очи. Оттогаш може и од подалеку.
На сцена стапуваат митралезот (го имало и пред тоа, но овој пат се употребува масовно, од цело село) минофрлачот, бојните отрови, тенкот, подморницата, авионот и бодликавата жица. Веројатно најиновативна војна во историјата на човекот, никогаш не дебитирале толку многу револуционерни начини за убивање на луѓе како тогаш.

Бројот на жртви е тешко да се утврди некои тврдат 10 а некои одат и до 40 милиони. Зависи од методологија, дали епидемиите кои се шират поради ратот се сметаат за жртви на ратот, дали геноцидот на ерменците се смета како дел од ратот, дали срањата во Ирска се бројат и слично но некоја средна цифра би била 21 милион мртви и барем пет пати по толку сакати, ранети, оболени и забегани.

Не вториот ами првиот рат е заслужен за денешната карта на светот. Зошто е така е долга и широка.
Што се однесува до овие простори, бројот на овдешно население кое гине е барем двојно поголем него во втората војна. Разорувањата се исто неспоредливи, цел фронт минувал тука, Битола била скапана од гранатирање.
Во Битола има и француски и германски гробишта каде се закопани илјадници загинати.
А втората војна го има сиот хајп, првата е заборавена. Тоа е така веројатно поради нацистите, впечатлива раја биле, со униформи од Хуго Бос.

Пресвртот на ратот е т.н. `чудо на Марна` во 1914 кога французите ги сопираат германците и војната оттогаш се претвора во рововска забава на западниот фронт, без никакви промени до крајот. Друг момент е поразот на германските подморници кои (fun fact) биле најблизу да ја добијат војната за централните сили. Германија се распаѓа одвнатре, немаат средства и на тамошната раја им доаѓа преку глава од војна, масовни дезертирања, избувнуваат револуции и востанија, Кајзерот бега во Холандија и Германија се предава.

Престануваат да постојат Руското царство, Отоманската империја, Австро-Унгарија и Германската империја. На нивно место никнуваат нови држави, Германија станува република, Југославија и Чехословачка се појавуваат на сцена и со Версај - сцената е подготвена за следниот карневал на Злото, после 21 година - кој ќе биде три пати поголем.


Постои категорија на граѓани кои го глорифицираат минатото, кои бараат митски `прави мажи` во униформираните овци од тоа време. За оние што мислат дека пост-трауматски стрес синдроми и виетнамски синдроми се измислица на новите размазени генерации а дека старите биле храбри мажишта кои мува не ги лазела, think again.
Само што тогаш траумата се викала shell-shock и сите симптоми останувале семејно табу.
Никој не смеел да дознае за секојдневните кошмари, за тресењето на разни делови од телото, за неизмерната болка вкоренета во душата, за мокрењето во гаќи при некој посилен звук.
Такво било времето, маж не бил маж ако пред своите или пред јавноста покажувал некаква емоција. А најчесто морал да ја крие и од самиот себе.

Бидејќи и наредните генерации требало да бидат жртвувани. Би било крајно себично од просечен тогашен верник во натприроден или секуларен Бог да го прекине циклусот на злото. Требало да им се пружи шанса на нови поколенија да присуствуваат на нови масовни кланици.

Tuesday, November 10, 2015

Винстоне, сине...помагај!

(By Roger Mortis, 240/120)
Некои, некаде, некогаш...се запознавале со дистопијата како феномен преку книги и филмови. Поимите како `Големиот брат` или `Орвелијански` станаа дел од секојдневниот речник на популацијата. Но и покрај безброј книги, филмови, документарци, тв-серии и стрипови кои се денес достапни а кои се бават со дистописки теми - се случи нешто чудно.

Нажалост ја имаме таа `чест`, историски момент, да се наоѓаме во real time дистопија.
Како и жабата од експериментот со врелата вода, кога истата бега од садот ако биде ставена веднаш во врела вода а останува да биде сварена ако полека се повишува температурата на водата - така и ние, читајќи и гледајќи на екран дистописки теми, не сме успеале да ги препознаеме симптомите навреме. И сега се вариме во дистописката чорба.


Бидејќи денес...дистопијата ние веќе ја живееме. Возрасни луѓе се самоцензурираат. Да не чуе некој нешто. Да не поткаже некој некаде. И она малку човечко кое им вирее во мозокот, го убиваат. Пошто отиде кралската рента. Дивидентата на стравот. Двестате евра. Таквите ја хранат таа дистопија. Во нејзиниот желудник завршуваат нашето минато, сегашност и иднина, завршуваат судбините на уште неродени деца.

Но и тоа не е најстрашно. Најстрашното доаѓа за следните генерации кои од wage slaves ќе се промовираат во chattel slaves. Кога за напишано мислење на виртуелен медиум ќе се оди на робија, ќе се јаде ќотек и ќе се останува на улица. Кога цената на гол физички опстанок значително ќе се наголеми, како што веќе се наголемува. Што значи за некои 10 до 15 години од денес.

Последниот бастион на независната мисла, покрај внатрешноста на черепот (за што нашироко расправаше граѓанинот Винстон Смит) претставува виртуелниот свет.
Но виртуелата е само одраз на реалноста.
Бројноста и активноста на членството на некаква виртуелната платформа/заедница која би била намерно или случајно собиралиште на ликови со алтернативни погледи кон стварноста - не е секогаш одраз на евентуалната можност за генерирање фактор кој ќе може да влијае врз јавното мислење.
Тоа е и проблемот со виртуелните заедници.
Продорот на активноста од страниците со бинарен код кон реалноста изгледа дека е малку возможен.
Ако не се продолжена рака на некаков real life активизам тогаш и дометот на таквите заедници останува ограничен во рамките на виртуелноста.

Sunday, November 8, 2015

Јаго и Натемаго

(By Roger Mortis, 239/119)
Неодамна на страниците на британските таблоиди осамна не претерано важна вест во врска со омилената островска тема, фудбалот - a таа е дека извесен шпански играч, сега веќе поранешен играч на ФК Ливерпул за две сезони колку што поминал на славниот Енфилд - успеал да научи само два збора на англиски...
Не знам зошто но после една ваква, навидум тотално небитна информација, мојот скромен мозок започна да креира обрасци што ме наведе на помисла дека една стара изрека која гласи `роди ме мајко со спортски талент и фрли ме на буниште` може да биде сосема точна.

Case in point - Вејн Руни.
Овој славен играч на уште пославниот клуб Манчестер Јунајтед најдобро би можел да биде опишан како крајно неинтелегентно свинче со физиономија на ирски селанец кој постојано џвака компири. И како таков си зема 300.000 фунти (415.000 евра) НЕДЕЛНА плата, настрана парите од спонзори и реклами. Си има фина сопруга (која ако не бил познат играч не би го ни погледнала макар и да и се фрли пред шофершајбна), дробна челад, слава, популарност и све по ред.

Аналогно на него, сличен случај е ликот Ѓоковиќ Н. кој повеќе наликува на арнаутин него на четник, еманира некоја аграрно-затуцана аура, евентуално може да поврзе две реченици без да добие мигрена, но затоа на еден Гренд-слем зема по три милиони долари. И се` што со тоа доаѓа...
Но кулминацијата на битката помеѓу спортскиот талент вс. здравиот разум е веќе наведениот шпански екс-играч на Ливерпул под име Јаго Аспас за кој немам информации колку бил платен но сигурно земал барем 20 до 25.000 фунти неделно (ако не и повеќе) и покрај тоа што не е нешто посебно талентиран па дури може да се каже дека е есктремно лош дури и во таа единствена професија во која судбината го делегирала - на тој начин спасувајќи го од дом за ментално заостанати лица.


Неговите `успеси` на фудбалски план се еквивалентни на неговите лингвистички `подвизи` и на општиот впечаток кој го остава како појава бидејќи делува како да го исфрлила плимата на некоја плажа заедно со разни скапани трупци, мртви скуши и алги.

Вистина е дека британските таблоиди се одамна скарани со точното пренесување на инфо и дека нивните наслови треба да се земаат со сериозна резерва. Но колку и да е човек сомничав кон таблоидите, останува впечатокот за професионалните спортисти како особи со скромни умствени способности.

И тука некаде е време да се прејде кон поентата. Бизарниот факт што Руни зема неделно колку и врвен неурохирург во Англија - годишно. Или неделно колку што просечен работник во Англија зема за 15 години. А каква би била споредбата со неговите телевизиски фанови?
Работник или работничка во Република Хунзистан, со 200 евра месечна плата (2400 евра годишно или 1700 фунти)...зема во тек на една работна година помалку отколку Руни за еден час, и тоа не работен час туку еден час, било кој од 24-те во денот. Бидејќи Вејн и кога го распростира своето сало во фотеља и кога оди во тоалет и кога спие...прави по 1780 фунти - секој еден час. За да ја заработи неделната плата Руниева, на овдешен шљакер би му требале 176 работни години. Под претпоставка да влезе на пазарот на труд со 18, би имал барем 194 годинки во моментот на изедначување на неделната плата на напаѓачот на `црвените ѓаоли`.
Во реалноста тоа значи дека барем два а неретко и три животи не би биле доволни за достигнување на неделните Руниеви примања.

Секако мора да се напомене дека постои метод во лудилото, постојат колку толку рационални објаснувања зошто е тоа така, точно е дека пазарот го наметнува вреднувањето, икономија уан-он-уан и тие ствари, неврохирургот не собира 75.000 раја на стадион секое коло и шљакерот не е интересен за објективот на ниту една камера на светот - но и покрај сето тоа не можам да се ослободам од филингот дека нешто е морбидно сјебано во светот при таква поставеност на нештата...

А тоа е само Вејн Руни, суперстар. За фактот што Јаго Аспас има неделна плата која би спасила илјадници деца од смрт секоја година - нема рационално објаснување, логиката е тука немоќна, економијата и пазарните принципи се срамат што не се успешни при обидот да го објаснат Јаго кој не може да привлече никого на стадион ниту пак да привлече камера кон себе но поради некои мистериозни и за обичните смртници несфатливи причини е прилично богат (иако не особено славен) човек.