Wednesday, November 11, 2015

Годишнина

(By Roger Mortis, 241/121)
На денешен ден, 11.11, пред 97 години, во 11.11 часот претпладне стапило во сила примирјето помеѓу Антантата и Централните сили со што официјално завршила Големата Војна, подоцна нагалено викана `Прва светска`. Иако ни од далеку тоа не бил прв глобален конфликт (таа чест би ја имале Седумгодишната војна, Француската револуционерна војна и нејзиниот привезок Наполеонските војни) тоа била првата глобална индустријализирана кланица во историјата, првиот светски судар во ерата на Машината.

Иако официјално завршила во знакот на четири кеца останува да ја фрла својата сенка до ден денес, како веројатно најголема пресвтрница во модерната историја. Без неа немало да го има ни Адолф ниту Ленин ниту Ататурк ниту Југославија ниту Хаус оф Сауд...се плашам дека не 97 туку и 197 години ќе бидат малку за да се залечат раните кои започнале едно сончево сараевско утро на 28.јуни 1914...

И покрај проаѓањето на еден век, и покрај смртта на последниот познат ветеран пред неколку години - опашката на тој конфликт сеуште се влече наоколу. Војна на сите војни. Онаа втората била само второ полувреме. Баналната фраза околу тоа дека `оние кои не учат од историјата се осудени да ја повторуваат` имплицира дека луѓето можат да учат од минатото.
Како што може да се забележи, очигледно е дека никој ништо не сфатил...


Првата војна е многу помалку присутна во медиумите, јавниот дискурс, во кооперациските муабети и во сеќавањето на рајата - од онаа втората. Зошто е тоа така е мистерија. Можеби затоа дека втората војна била доволно црно-бела за да се доживее како судар меѓу доброто и злото. Можеби пак само се работело за пофотогеничен судар.
Првата војна нема недостиг од култни ликови и орудија, Лоренс од Арабија, Црвениот Барон, Стариот Шарл, дебелата Берта, Мата Хари, Цепелините над Лондон, Апокалипсата кај Скагерак па и најголемиот воен тактичар на сите времиња - никогаш поразениот Пол Емил фон Летов-Форбек кој со шака колонисти и домородни Аскари врзувал за себе непропорционално големи сили на Антантата во јужна и централна Африка.
Но и покрај тоа, отсуствува заслуженото внимание.

А се` започнало така наивно...

Австроунгарската власт, накурчена поради наводното учество на српската власт во атентатот на Фрањо Фердинанд ја отворила војната со речни оклопни бродови кои го гранатирале Белград. Неколку дена подоцна Германија ја напаѓа Белгија for some reason (Шлифеновиот план) а подоцна и Франција.
Русија како сојузник на Франција ја напаѓа Германија од исток а Британија се приклучува веднаш, прво на море а подоцна и на копно. Заедно со Британија се приклучуваат и доминионите-држави од Империјата и за неполн месец дена војната станува глобална. Луѓето уживале во летото, во некои земји се одело и на одмор, лабаво...и оп! За две недели цел свет е во војна...


Се смета за прв глобален конфликт во кој на сцена стапил индустрискиот начин на убивање. Дотогаш често морало да го убиеш противникот гледајќи го во очи. Оттогаш може и од подалеку.
На сцена стапуваат митралезот (го имало и пред тоа, но овој пат се употребува масовно, од цело село) минофрлачот, бојните отрови, тенкот, подморницата, авионот и бодликавата жица. Веројатно најиновативна војна во историјата на човекот, никогаш не дебитирале толку многу револуционерни начини за убивање на луѓе како тогаш.

Бројот на жртви е тешко да се утврди некои тврдат 10 а некои одат и до 40 милиони. Зависи од методологија, дали епидемиите кои се шират поради ратот се сметаат за жртви на ратот, дали геноцидот на ерменците се смета како дел од ратот, дали срањата во Ирска се бројат и слично но некоја средна цифра би била 21 милион мртви и барем пет пати по толку сакати, ранети, оболени и забегани.

Не вториот ами првиот рат е заслужен за денешната карта на светот. Зошто е така е долга и широка.
Што се однесува до овие простори, бројот на овдешно население кое гине е барем двојно поголем него во втората војна. Разорувањата се исто неспоредливи, цел фронт минувал тука, Битола била скапана од гранатирање.
Во Битола има и француски и германски гробишта каде се закопани илјадници загинати.
А втората војна го има сиот хајп, првата е заборавена. Тоа е така веројатно поради нацистите, впечатлива раја биле, со униформи од Хуго Бос.

Пресвртот на ратот е т.н. `чудо на Марна` во 1914 кога французите ги сопираат германците и војната оттогаш се претвора во рововска забава на западниот фронт, без никакви промени до крајот. Друг момент е поразот на германските подморници кои (fun fact) биле најблизу да ја добијат војната за централните сили. Германија се распаѓа одвнатре, немаат средства и на тамошната раја им доаѓа преку глава од војна, масовни дезертирања, избувнуваат револуции и востанија, Кајзерот бега во Холандија и Германија се предава.

Престануваат да постојат Руското царство, Отоманската империја, Австро-Унгарија и Германската империја. На нивно место никнуваат нови држави, Германија станува република, Југославија и Чехословачка се појавуваат на сцена и со Версај - сцената е подготвена за следниот карневал на Злото, после 21 година - кој ќе биде три пати поголем.


Постои категорија на граѓани кои го глорифицираат минатото, кои бараат митски `прави мажи` во униформираните овци од тоа време. За оние што мислат дека пост-трауматски стрес синдроми и виетнамски синдроми се измислица на новите размазени генерации а дека старите биле храбри мажишта кои мува не ги лазела, think again.
Само што тогаш траумата се викала shell-shock и сите симптоми останувале семејно табу.
Никој не смеел да дознае за секојдневните кошмари, за тресењето на разни делови од телото, за неизмерната болка вкоренета во душата, за мокрењето во гаќи при некој посилен звук.
Такво било времето, маж не бил маж ако пред своите или пред јавноста покажувал некаква емоција. А најчесто морал да ја крие и од самиот себе.

Бидејќи и наредните генерации требало да бидат жртвувани. Би било крајно себично од просечен тогашен верник во натприроден или секуларен Бог да го прекине циклусот на злото. Требало да им се пружи шанса на нови поколенија да присуствуваат на нови масовни кланици.

2 comments:

  1. Изјава на економистот Кејнс кога ја посетил Германија по војната и реперкусиите на новата политика кон Германија: Војнава е одложена за само 20 години. За малку промашил.

    ReplyDelete
  2. И не само Кејнс, имало многумина кои давале слични предупредувања само што никој не ги слушал. За среќа после втората војна не ја повторија истата грешка, напротив, сфатиле дека среќен, богат и дебел германец нема да прави срања :)

    ReplyDelete