Wednesday, November 18, 2015

Кралството небесно

(By Roger Mortis, 242/122)
Не е тајна дека границата помеѓу религија и секта е понекогаш тешко воочлива и дека најчесто времето е одлучувачки фактор при соодветната категоризација на поимите. Малечка сектичка некогаш било и христијанството во тогашна Јудеја за да после милениум и нешто ситно бидне религија со најмногубројна клиентела на пазарот со замислени другарчиња.
Една таква сектичка, основана од тројца другари во Кина во 1843 набрзо експлодирала (што фигуративно што буквално) на сцената претворајќи ја јужна Кина во руина како последица на последниот драматичен обид да се христијанизира најмногубројната земја на светот.

Она што е посебно спектакуларно во врска со сектата едноставно наречена `Богољубно друштво` и востанијата кои прераснале во граѓанска војна е - бројот на жртвите. Околу таа цифра нема прецизен консензус, но во литературата се сретнуваат проценки кои одат и до 30 милиони мртви што значи дека тој четиринаесет годишен конфликт познат како `Тајпинг востание` бил најсмртоносниот во дотогашната човекова историја, до ден денешен надминат само од Втората светска војна. И секако, останува сосема непознат за пошироката јавност, барем онаа склона кон историја, најзначајниот историски настан за кој никој никогаш не слушнал ништо.

Монотонијата меѓу конфучијански настроеното население ја разбил извесен Хонг Сиу Чуан, припадник на малцинството Хака кој се обидел да влезе во државната администрација доминирана од Манчу кинези кои не биле особено склони да го делат лебот државен надвор од своето `племе`. Влезот во тој свет на бирократи бил условен од серија на тестирања на кои кондидатите требало да го покажат своето знаење. Хонг се обидел четири пати - и четири пати паднал. Дали поради неисполнети сништа или поради разгореното лудило - Хонг почнал да добива `визии`, he found Jesus и почнал да размислува како да го преслика небесниот ред на земјата. Неколку западни протестантски мисионери биле повеќе од расположени да му дадат соодветна литература која Хонг детално ја проучил. Но господинот Сиу Чуан отишол и чекор понатаму  - се прогласил себеси за одамна изгубениот, бесмртен брат на Исус кој конечно го открил својот хиберниран идентитет!


Природно, улогата на еден таков ентитет е мешовита - небесно-овоземна, па така и Хонг се прокламирал како `Небесниот крал` и почнал да работи на својата теологија и идеологија. А таа била екстремна се разбира, микс од прото-комунистички егалитаријанизам, рамноправност на половите, строг протестантски пуританизам, апокалиптичен милениаризам, целосно демонизирање на Конфучијанизмот и следствено со тоа - борба против клетата варварска династија Чинг која неколку века седела на кинескиот трон и за која Хонг тврдел дека е резултат на парење на некакви демони...

Откако сосема неочекувано привлекол дваесетина илјади следбеници низ Јужна Кина, Хонг го прогласил надоаѓањето на Небесното кралство на мирот. Секташите биле на јасно дека небесното кралство набрзо ќе се соочи со Армагедон, последната битка помеѓу доброто и злото. И за таа цел почнале сериозно да се вооружуваат и да формираат добро подготвена паравојска, барем онолку добра колку што била и Зелената империјална армија на династијата Чинг. Но со таа разлика што државните војници пателе од сериозен недостаток на фанатизам кој пак го имало и за извоз во редовите на Небесната армија.

Фрапантен е фактот што за само неколку години се` до кобната 1850. сектата врбувала десетици илјади припадници но треба да се знае дека тој период не бил баш најсјајниот во милениумската кинеска историја, династијата Чинг се наоѓала во декадентна фаза чиј терминален период веќе бил во тек а кој ќе стигне до апотеоза во 1911, тешкиот пораз во Опиумските војни против Британија, ескалацијата на старите традици на наркоманија низ царството, финансиската криза, епидемиите, поплавите и гладта низ многу региони - заедно со неколкуте активни востанија во тој момент направиле нешто како perfect storm каде што само недостигале секташите на Хонг за да ситуацијата излезе од контрола.

А таа излегла од контрола во декември 1850, кога секташите тргнале во офанзива. На 1.јануари 1851 прогласен бил почеток на крајот на Злото и триумф на Доброто кога империјалните трупи се обиделе да ги сосечат секташите во корен со напад врз нивното упориште во градот Џинтиан. Тешкиот пораз на империјата во судар со обична секта бил знак за мобилизација на безбројно членство, разочарано од постоечкиот систем. Неколкуте следни месеци и неколкуте судари со државната власт при што во сите судари победиле `Небесните` - одиграле одлучувачка улога за стабилизација на сектата. Во следните неколку години се` смета дека борбените сили на Небесното кралство на мирот броеле преку милиони изгубени души.

Во Март, 1853, востаниците го освоиле регионалниот центар Нанџинг кој го прогласиле за своја престолнина. После преземањето на уште неколку поголеми урбани центри, следен на листата на желби на Хонг бил Пекинг, седиштето на кинескиот трон. Но по се` изгледа дека секташите ги прецениле своите сили и доживеале неуспех при опсадата на Пекинг. Тогаш за прв пат започнале и поделбите и фракциите во самата секта. Следел бурен период на нови освојувања, пребегнувања од една страна на друга и обратно, кокетирање со западните мисионери со цел да се добие меѓународно признание на новото кралство од страна на своите рисјански `браќа` од западниот свет и искоренување на Конфучијанизмот од запоседнатите територии.
Гледајќи во амбисот на сопствената власт, за тоа време династијата Чинг и царската армија се решиле на трансформација. Биле ангажирани странски советници и наемници, биле купувани огромни количини пешадиско западно оружје и артилерија и интензивна дипломатска активност со цел да се обезбеди западна поддршка.

Западните колонијални сили, барем официјално - се одлучиле на поддршка на режимот со цел Кина да остане една целина. Никој не бил расположен да соработува со крајно фанатична рисјанска секта на чие чело бил лудак. Лудак со епизоди на генијалност - но сепак лудак.
А тука биле и `подароците` за странските амбасадори и воени аташеа и трговијата со Опиум која носела огромни средства на британците. А сите пороци, вклучително и наркоманијата биле забранети во новото Небесно кралство. Стравувајќи од сериозен пад на своите профити, британските компании и власта се решиле да помогнат на династијата Чинг, заедно со новата републиканска империја позната како САД и одамна присутните французи по Индокина.

После спектакуларната победа на секташите во битката кај Џиангнан во 1860. кога царската војска ја презела најголемата до тогаш офанзива против Небесното кралство - се чинело дека судбината на Кина е решена во корист на сектата.

Но она што не било толку очигледно, големите `внатресекташки` поделби, епидемиите и топењето на средствата потребни за водење војна - влијаело секташите да фрлат се` на карта на освојување на Шангај, главниот трговски центар на Кина. Со освојување на Шангај - западните сили би биле ставени пред свршен чин а империјата би го загубила главното пристаниште и извор на приходи.
Нападот на Шангај во Август 1860. бил почеток на крајот на сектата. Уште еднаш, востаниците се покажале немоќни да скршат огромен фортифициран град со опсада. Кинеската војска заедно со странските наемници раководени од американецот Фредерик Ворд (кој нема жив да го дочека крајот на војната) и легендарниот британски авантурист генералот Чарлс Гордон (познат како Гордон од Картум, градот каде што подоцна ќе заврши со главата набиена на Махдиевско копје) - успеале да ги одбијат напаѓачите.


После овој пресврт, малку по малку иницијативата прешла на страна на владините сили и со тек на време - после многубројни битки и операции - сектата била приклештена во својот главен град Нанџинг и околијата. Започнала опсада во Јуни 1864, за чие време се упокоил лидерот на сектата Хонг - веројатно самиот си го одзел животот измачуван од тешки болки како последица на труење со расипана храна. Истоштени и при крај со муниција - илјадници секташи фанатично се бореле до смрт, до последен куршум и до последен јуриш со сабја. Малкумина се предавале а борбите за секоја улица и за секоја куќа може да се сметаат за предвесници на модерните битки, Лиеж, Севастопољ, Берлин или Грозни каде што добро забарикадирани бранители се бореле до смрт со агресорите во еден нов вид на конфликт, сосема урбан и сосема тотален.
Власта го платила поразот на сектата со најмалку 120.000 жртви само во последната битка, а колку настрадале од страната на востаниците - не е познато. Ако се земат предвид и репресалиите кои следеле, цифрата би можела да се искачи до половина милион мртви, ранети и исчезнати што значи дека опсадата на Нанџинг била дотогаш најтешката битка во историјата на човештвото.

Неколку дена по смртта на водачот, паднал и Нанџинг и тоа бил крајот на Небесното кралство на мирот. Царските власти, загрижени од евентуално ново собирање на секташи - одлучиле да го кремираат Хонг Сиу Чуан а пепелта да ја стават во топовско ѓуле и да ги испукаат посмртните останки на Хонг во непознат правец. Не верувам дека некогаш постоела пооригинална погребна церемонија, која сепак ја исполнила својата превентивна задача во еден свет доминиран од суеверие, религиозно лудило, Опиум и Колера.

Иако самото Небесно кралство пропаднало, преживеаните стотици илјади секташи се свртеле кон герилска војна која траела најмалку до 1871. кога била поразена последната голема паравоена Тајпинг армија. Во одредени региони - секташите ровареле се` до крајот на деветнаесеттиот век...

Тајпинг востанието било почеток на крајот на три илјади години кинеска монархија, настан кој имал несразмерни последици како на азиската така и на глобалната историја. А неговите траги може да се забележат и ден денес, на пример кога човек купува нов Таблет или мобилен телефон за смешни пари, како последица на синџирот настани кој започнал сосема невпечатливо, со еден лудак кој пател од `визии` и кој заедно со неколку другари основал своја сектичка...

No comments:

Post a Comment