Sunday, September 27, 2015

Blackadder

(By Roger Mortis, 227/107)
Не е тајна дека телевизијата влијае врз оформувањето на нашите ставови и погледи кон животот. Може да се преправаме дека не е така, во налет на замислена оригиналност во споредба со `обичните` луѓе, но во тој случај би се работело за самозалажување.
Нема ништо лошо во тоа само по себе бидејќи и телевизијата како и се` друго има широк дијапазон на (не)квалитет. Квалитетот, барем што се однесува на ситкомите, би рекол дека останува од оваа страна на Атлантикот, а квантитетот на онаа.
Можеби познатата изјава на еден филмски режисер дека `Во Холивуд никогаш не го фрлаат ѓубрето, само го ставаат на ТВ` е делумно точна. Секако е точна кога се работи за напливот на ѓубре во вид на локални ТВ-шоуа и серии од земји од третиот свет. Иако во тој случај не е крив Холивуд туку Боливуд.

Ако нешто од телевизијата влијаело на креирање на моите ставови, тогаш тоа е британската ТВ серија Blackadder (на овие простори позната како Црна Гуја, според хрватско-српскиот превод).

За серијата може да се каже дека е ситком но надвор од тоа - не е погодна за класификации.
Дека Црната Змија е најдобриот продукт на осумдесетгодишната британска традиција на телевизиска продукција е аксиома! А дали е најдобра тв-серија на сите времиња е сепак отворено прашање. Иако не и за мене, дека е најдобра на сите времиња ми е одамна јасно.
Како идеја е изнедрена во умот на сценаристот Ричард Кертис и актерот Роуан Аткинсон на кои подоцна им се придружува и Бен Елтон. Идејата ја реализира продуцентот Џони Лојд, нормално за ББЦ. Снимени се 28 епизоди, 24 `редовни` во четири сезони, пилот епизода и три `специјални` во периодот од 1983 до 1999.


Жанровски се разликува од сезона до сезона.
Првата серија се одвива во доцниот среден век, на дворот на кралот Ричард IV, каде неговиот син Едмунд е во центарот на збиднувањата. Иритантна и скоро андрогена појава, Црната Змија се обидува да го исполни погрешното пророштво на три гледачки и да стане крал. Другарчиња (сајдкикс) му се лордот Перси, наивен аристократ со скромна интелигенција и Болдрик, лукав селанец и единствен потомок на несреќната средба помеѓу некаков свињар и жена со брада. Овие тројца остануваат перманентни ликови низ целиот серијал, останатите доаѓаат повеќе како декор.

Втората сезона е сместена во времето на Елизабета прва, кралицата-девица каде Едмунд и пријателите се обидуваат да опстанат и да се збогатат во кругот на тотално нервотичната кралица и нејзиниот привезок, расипаниот прв Лорд Мелчит. Тука имаме големо карактерно отстапување кај Едмунд кој веќе не е мизерна и бедна креатура со крештав глас туку man of his age, заводник, преварант и со забележлив пораст на умствените способности во споредба со неговиот предок.
Тоа што отишло во главата на Едмунд, веројатно сценаристите го позајмиле од главата на Болдрик која станува сосема празна, нешто над минималните услови за да не биде ментално ретардиран. Но и како таков Болдрик успева да направи многу проблеми на самиот себе и на Едмунд. Перси...повторно си е Перси.

Третата сезона се случува за време на Наполеонските војни, Едмунд малку физички различен од претходно но константен во своите бескрајни обиди да се обезбеди себеси со богатство. Повторно е во кругот на власта, иако само периферно како батлер на принцот од Велс. Болдрик е вљубен во една репка, а Перси прави пауза. Но затоа тука е принцот од Велс, англискиот престолонаследник и син на лудиот крал Џорџ. Наследувајќи од татка си слаб ментален склоп, принцот станува цел на едмундовите обиди да стигне до успех и богатство а сето тоа кулминира со стапувањето на Едмунд на тронот...

Четвртата сезона е и најзрелата, сценаристички. Серијал со силна антивоена порака кој се случува во рововите на западниот фронт за време на првата светска војна. Blackadder е веќе помалку резигнирана фигура која својот потенцијал за цинизам, иронија и сарказам го изоштрува и рафинира до крајни граници. Како офицер од понизок ранг, не е воопшто склон кон херојски испади, само се обидува да преживее и ништо повеќе. Но и самото тоа е проклето тешко. Посебно со Болдрик како помошник. И Џорџ. Кој не е принц овојпат, само подофицер. Перси повторно го нема, иако се трансцедентира во ликот на капетан Дарлинг, писар на генералот Мелчит - кој пак е карикатурална фигура со наследен статус во општеството и воено-тактички способности еднакви на оние на пијан Орангутан. Како таков - е смртна закана за обичниот војник кој треба да умре извршувајќи некаква идиотска наредба. Финишот на серијата е трагичен, спомен на милиони изгубени млади животи кои во очите на државата не вределе повеќе од половина метар квадратен освоена територија. По човек...


Пилот епизодата и специјалните епизоди одработуваат други теми, неповрзани со основната серија, но во истиот дух. Посебно онаа божиќната.
Главна улога и носител на серијата е Роуан Аткинсон, легендата на светската комедија и доајен на сатирата, цинизмот, иронијата, сарказмот и метафорите со сексуални конотации. Познат на пошироката публика како Мистер Бин, улога која му донесе милиони фунти.

Зад ликот на јадниот Болдрик се крие Тони Робинсон, неугледен актер кој стекна мал но значаен углед со глумата во Blackadder. Се сретнува и ден денес низ алеите на кабелските телевизии, поточно на Хистори каналот каде е водител на емисии за археологија и историја.
Џорџ го глуми Хју Лори, денес голема ТВ ѕвезда благодарение на духовното чедо на Црната Змија - Др.Хаус.
Перси е Тим Мекинерни, опскурен англиски глумец, кој можеби и не се сеќава дека некогаш воопшто глумел...
Позначајни улоги во серијата имаат и легендите на британското актерство - Стивен Фрај и Миранда Ричардсон.

Во никој случај ситком кој ве тера на церекање или изливи на смеа, хуморот во Црната Змија работи со задршка, како бомба со часовник која најчесто може да се активира при разговор со неинтелигентна особа, со идиотски надреден или било каков наметнат авторитет. А човек може и спонтано да се присети на некоја фраза, онака, додека чека во редица за да плати сметки...

Ако досега сте направиле таков пропуст во својот живот и не сте ја гледале серијата - веднаш упатете се до најблискиот Торент-трекер и искупете се за тој грев. А ако сте ја гледале и `не ви се допаднала` тогаш не знам што би можело да се каже освен - Lord have mercy on your soul...

No comments:

Post a Comment