Tuesday, September 15, 2015

Рајот

(By Roger Mortis, 224/104)
Во бесконечната галерија на религиозно индуцирани глупости постојат и своевидни бисери кои одолеваат на времето и заземаат посебно место во ризицата на човековата креативност.
Една таква приказна е онаа за `Старецот од планината`, човекот кој за разлика од светите списи кои само напразно ветуваат - навистина го изградил Рајот!
И тоа на земјата.

Местото било во околината на тврдината Аламут која се наоѓа во денешен Иран, а тогаш била само една од неколку отцепени територии со одредени симптоми на државност.
Времето било средновековно, забавата била загарантирана, крај на 11-ти и почеток на 12.век, време на почетоците на крстоносните војни во поширокиот регион, период на поделба кај една секта на шиитскиот Ислам под име Исмаелити од чија фракција позната како Низарски Исмаелити потекнувал и споменатиот `Старец од планината`, Хасан-ал-Сабах.

Човек со мисија од Алах да ја шири речта на својата секта, Хасан отишол многу подалеку од својата иницијална задача, до таа мера што е тешко да се дефинира од денешна перспектива. Мистик, основач на клуб на убијци, креатор на политиката во регионот, алфа и омега, од се` по нешто, полумитска фигура за која пишувале и славните скитници Марко Поло и Мохамед Ибн-Батута.
Оригиналноста кај Хасан се состои најмногу во тоа што дошол на идеја да го изгради Рајот, Џенетот, горе-долу онака како што бил опишан во Куранот. Но тоа не била цел сама по себе туку само средство со кое ќе обезбеди фанатично лојална група на специјални агенти кои предано ќе ги извршуваат наредбите. Обуката на мала формација агенти била од насушна потреба за опстанокот на псевдо-државичето поради немањето доволно луѓе за организирање на војска. Затоа мали групи одлично обучени и опремени Федаини кои хируршки прецизно ќе удрат во самиот нервен систем на противникот (врховната власт, финансиската и воена елита) биле неопходни.

Но како да се обезбеди лојалност на тие луѓе, кои колку и да биле обучени и извежбани сепак биле само луѓе, склони на земни задоволства, пари и статус?
Таа дилема не му давала мир на Хасан се` додека не се присетил дека ниту едно земно задоволство не може да се мери со она кое го нуди Рајот. И за таа намена, на супер-тајна локација изградил велелепна оаза која изобилувала со најдобра храна и пијалаци, најквалитетната облека и обувка која виреела по Ориентот, каде што од чешмите течеле Шербет и Мед, а гранките на дрвјата натежнувале со зрели плодови, местото имало совршена послуга и секако, бројна група на прекрасни Хурии, жени кои биле спремни да ги задоволат сите потреби на еден маж, од оние најбаналните па се до оние кои ниту самиот маж не би сакал да си ги признае на самиот себе.


Колку оваа идеја била резултат на генијалноста на Хасан толку била предизвикана и од консумацијата на Хашиш и Опиум, две супстанци кои делувале особено стимулативно на фантазијата низ вековите...

После напорната и темелна обука, кандидатот бил повикуван кај Сабах каде што му биле давани Шербет и Хашиш. После нежното паѓање во сон, кандидатот се будел во Рајот! Простите млади дечки од персиските и асирските вукојебини наеднаш се најдувале на едно сосема совршено место кое било пофантастично во реалноста отколку што тие самите би се осудиле некогаш да мечтаат, каде ниту една желба не останувала незадоволена. Лишени од секаква грижа и непријатност - останувале во Рајот извесно време после кое изненадно се буделе повторно во тврдината Аламут, повторно опкружени од секојдневието...

Одненадеж лишени од рајските задоволства, кандидатите би сториле апсолутно се` за повторно да се најдат таму, желбата за Рајот им останувала врежана во умот засекогаш, посилна од секој инстинкт и секој нагон. Како такви, биле совршени агенти, дисциплинирани и мотивирани да се инфилтрираат во дворовите на непријателски калифи, шеици и имами, кралеви и цареви, секаде до каде што допирале Хасановите планови. Многу богаташи и крунисани глави кои одбивале да платат годишна `такса` за Хасан, посебно омразените турци-селџуци - се буделе со последно предупредување во вид на нож забоден во перница. Некои плаќале веднаш, некои биле убивани но после некое време гласот за Асасините почнал да влева страв и паника така што `таксата` била плаќана без проблем.
Некои владетели се обидувале со сила да стават крај на Асасинската секта но тоа завршувало безуспешно, со тешки порази од рацете на дечките кои би победиле секого само за да се вратат во рајот.
Асасините се здобиле со непропорционално влијание во регионот ако се земе во превид нивниот мал број и мала територија, благодарејќи на постоењето на рајот...нешто слично би било кога денес Луксембург би бил голем фактор во Европа. Но Луксембург нема свој рај, е кога сме кај тоа го нема и Брисел...

За разлика од денешните исламски фундаменталисти-самоубијци кои `на жими мајка` веруваат дека после смртта ќе се најдат во рајот, нездрав микс од очај, ефтин мистицизам и скромна интелигенција - Асасините повремено се најдувале во сосема реален Рај и никогаш не се самоубивале туку се бореле до последна капка крв со надеж дека ќе стапнат пак во рајот на овој свет.


Не се знае точно колку време постоел рајот, се шпекулира со некои век и половина, за кое време генерации Федаини жареле и палеле James Bond style низ регионот и пошироко, нивните услуги почнале да ги користат и сунити и христијани и евреи, а после почетните судири со темпларите - не само што склопиле примирје со нив туку станале и сојузници!
Самиот `старец од планината`, Хасан-ал-Сабах умрел во 1124.година а `проектот` се одржал до средината на 13.век кога конечно Аламут и останатите тврдини паднале под наездата на манијакалните варвраски степски орди познати под заедничко име - Монголи.
Сировите креатури биле во поход за освојување на светот, воена супер-сила пред која не можеле да се одржат ниту Федаините. Иако еднаш успеале да го вратат Аламут под асасинска контрола, монголите биле едноставно...премногу на број. После неуспешниот обид за атентат над тогашниот монголски Кан, асасините побегнале од регионот, оставајќи ја територијата на милост и немилост на монголската наезда.

Што се случило со рајот не се знае, бидејќи локацијата на истиот не се дознала никогаш, но не е тешко да се претпостави дека без постојан поток на злато за финансирање на еден таков проект - рајот едноставно бил изеден од забот на времето, иако останала една мала легенда која и пркоси на времето во сета своја генијална забеганост.

Низарските исмаелити постојат како шиитска секта и ден денес (династијата на милијардери и џет-сетери на Ага-Кан се нивни припадници) и можеби се најпрогресивната исламска деноминација во моментот.
Поимот Асасини, изведен од Хашиш(ини), модерно кажано џанаци или наркоси на хаш - како синоним за убиец/атентатор си нашол пат до многу светски јазици благодарение баш на оваа секта. Тоа е скромното наследство кое оваа секта го оставила на светот...

No comments:

Post a Comment