Monday, September 28, 2015

Еден Денар за државен удар

(By Roger Mortis, 228/108)
Во ова постмодерно, постиндустриско и политички коректно наше време се чини дека митот за `фер и демократски избори` е сеприсутен, непобитен и универзално пожелен. Ако се исклучат мали енклави како Северна Кореја, Саудиска Арабија и Куба - светот изгледа дека се движи по траекторијата која барем официјално, ја одредуваат милиони гласачки ливчиња. Колку е тоа реално е друго прашање, прашање со кое воопшто не се замарал месје Робер Денар, оригиналното `Куче на војната`, лик кој државниот удар го довел до ниво на уметност, а кој слободното време го употребувал за стекнување нималку ласкави титули како полигамист, сериски апостат и полутаен агент.

Откако отслужил воен рок во француската морнарица за време на колонијалната војна во Индокина во почетокот на педесеттите, Боб одлучил да вплови во приватни води бидејќи државната воена служба била богата со ордени но сиромашна со кеш.
Наоѓајки се во Мароко како платеник на колонијалната управа, Денар потпаднал под шармот на некоја еврејка што го навело за прв пат да ја смени својата религија и да се преориентира од католицизам на јудеизам. Не е познато како завршила таа љубовна приказна, но Денар не губел време и се замешал во првиот од како што ќе произлезе, десетиците државни удари во кои учествувал или ги организирал.
Како секој почетник и Боб Денар се одлучил да започне дома, т.е. се вклучил во десничарска група која припремала државен удар во Франција, со цел да падне премиерот Пјер Франс. Откако заговорот бил прерано откриен Боби-бој добил робија од која што излегол благодарение на амнестија произлезена од неговата намера да се вклучи во особено крвавата војна во Алжир.
Не останал премногу време таму во својство на таен агент бидејќи војната и онака била веќе загубена. Боб се враќа `дома` каде што тешко успева да се вклопи во цивилниот живот, се бави едно време со продажба на машини за перење и разни odd-jobs кога дознава за организирање на платенички единици во соседна Белгија кои биле упатувани во Белгиско Конго.
Во тоа време (1961) поради постоење на левичарска власт во Киншаса под водство на Патрис Лулумба, западните сили се одлучиле да иницираат сецесионистичка војна за да го урнат новиот режим - и со таа цел покраината Катанга под водство на некој манијакален лик под име Мојсе Чомбе се отцепила од Конго следејќи го сосема свежиот милениумски стремеж на катанганскиот народ за своја државност.

Проблемот бил во тоа што Катанга немала аскер. Затоа тука биле `Кучињата на војната` меѓу кои и Денар, маса платеници од Европа, збир на сериозно питорескни ликови од екс-есесовци, поранешни членови на Легијата на странци и `Алпските ловци` па се до бивши припадници на САС, ГИГН и разно-разни армии, авијации и морнарици.
Денар баш во таа војна се стекнал со псевдо-легендарен статус откако разбил неколку опсади, извлекол од обиколување неколку единици и ликвидирал извесен број непријателски сили.


Но и покрај платениците, новиот режим во Катанга бил од привремен карактер, после паѓањето на Лулумба и неговата ликвидација - потребата од поделба на Конго-Киншаса исчезнала а самиот сецесионистички режим, потонат во корупција и малверзации - многу лесно пропаднал. Тоа бил знак за Денар да бара ново жариште, овој пат во тогашна Родезија (денешно Зимбабве), малиот апартхејдски брат на Јужна Африка каде што со години беснеел low-level conflict помеѓу белата власт и црнечката герила.

Како некаква реинвенција на легендата за `Дивите гуски`, Боб Денар бил расположен за постојано најмување, некои можеби би повлекле паралела со улична проститутка а некои би додале дека најстар занает не е проституцијата ами военото наемништо, што и не толку далеку од вистината.

Како и да е, Боби се вратил на својот католицизам, служел и како советник на тајната полиција на иранскиот Шах (Савак) и како контра-герилски воин во Нигерија и како платеник во кризата со Јемен, едно време повторно се вратил во Конго-Киншаса (овој пат преименуван во Заир) за да угуши некаков револт, учествувал во португалската колонијална војна во Ангола, се ставил на служба на француски и остали интереси за кои оганизирал државни удари во Бенин, Габон и Гвинеја...листата иако конечна сепак е преголема и преобемна за обичен блог-пост и затоа ќе се задржиме на Денаровата најголема страст, креирање на политиката во Коморскиот архипелаг, зафлено место во Индискиот океан каде што Боб еден период ќе стане Сива еминенција, Калиф над калифот, лик кој просто плаче за една добра екранизација.

Прв пат се појавил на Коморите во 1975 со цел да организира државен удар (а што би барал друго таму) против тогашниот претседател кој не бил по вољата на Париз. Ударот успеал и бил инсталиран нов водач, близок до булеварот Мортие (францускиот Ленгли). Но како и многу други инсталирани лидери и овој не бил среќен во својата улога на марионета и затоа започнал да `забегува` со свои, наводно пролевичарски програми.
Во тоа време, разните диктатори и `доживотни` претседатели во Африка ги плашеле со зборовите `биди мирен синко оти ако не си умен, ќе ти дојде чичко Боб Денар нагости` па така и во овој случај - непослушниот претседател бил отстранет со нов државен удар организиран од Боб. Не само тоа туку претседателот бил ликвидиран, чисто за да се обесхрабрат други слични ситуации...

На Денар островите му прираснале за крвавото срце, закоравениот платеник се разнежнил во тропскиот рај, повторно ја сменил верата (овој пат од католицизам во ислам), се оженил неколку пати и воспоставил претседателска гарда од 500 специјалци кои лично ги организирал и дрилал.
Таа гарда најмалку била тука за да го штити најновиот претседател инсталиран од Париз туку постоела како рекетарска служба на Денар и негова лична преторијанска гарда. Бидејќи типот станал де-факто цар на островите. А цар може да пројде и без круна, но без своја лична гарда - никако.

Неговата организација постојано го кршела ембаргото кон Јужна Африка и служела за тајни испораки на оружје и опрема на апартхејдскиот режим, купени од Франција. Авиони Мираж, оклопни возила, ласерски наведувани бомби па дури и нуклеарни реактори си го пронашле својот пат кон Кејп Таун.
За тие услуги, Денар бил богато награден од француските тајни служби, со што за некое време инвестирајќи ги парите низ островите се претворил во локален тајкун. Неколку бракови подоцна, исламот му здодеал и повторно се вратил на католицизмот...

Изгледало дека нашиот `јунак`, полигамист и полиглот - ќе си остане доживотно на островите како бубрег во лој...но темни облаци почнале да се собираат над брковите на Боб, најновиот коморски претседател не бил среќен што мора да биде `втора виолина` во архипелагот, ако на тоа се додаде можноста за приграбување на приграбеното - на Денар му било заповедано да ја распушти гардата. Одбивајќи, Денар и `кучињата` се нашле во вооружен судар со коморската армија и полиција при што кулминацијата била особено филмска, Денар со неколку елитни колеги се пробил до претседателската палата и лично го застрелал претседателот, но во сета гужва и самиот бил ранет. Во новонастанатата ситуација, Боб одлучил да ги напушти островите и се упатил во Јужна Африка со цел да се избегне масовно крвопролевање. Во тој период и самиот станува `терет` на француските тајни служби, бидејќи се` почесто си работи за себе отколку за нарачателите.

Нај-нај новиот претседател го прогласува Боб за Персона-нон-грата на островите со што само ќе си потпише смртна пресуда, Денаровата одмазда ќе го стигне неколку години подоцна.
Во меѓувреме досадувајќи се во Франција и покрај повторниот трансфер во ислам, Боб го планира јубилејниот дваесетти државен удар на Коморите. Сосема приватно и без знаење на француските власти, Боб присобира стари колеги, ветерани од африканските војни и во 1995 се упатува на своите омилени острови.
На чело на 33 закоравени платеници кои со помош на гумени чамци се префлаат од еден изнајмен брод на Коморите, Боб става крај на владеењето на уште еден претседател. Поголемиот дел на претседателската гарда, обучена баш од него - не дава никаков отпор и се става на располагање на својот стар основач кој важи за култен војник на тие простори.

Неговата власт трае кратко, некои десетина дена бидејќи Жак Ширак и друштво почнуваат да се сомневаат дека добриот стар Боби полудел. Поминато било времето на наемнички подвизи, кучињата на војната се` помалку можат да работат на своја рака, `филмските` акции без дозвола `од горе` биле одбивни за Версај.
Веројатно и тоа што Денар не известил никого за планот да стане `цар` на Коморите била една од капките кои ја прелеале чашата...


Упатени биле две фрегати и две корвети натоварени со специјалци, легионери и падобрански единици а од воздух подршка на операцијата `Азалеја` (како што била наречена француската воена интервенција за соборување на Боб Денар) пружале хеликоптери, набљудувачки авиони `Бреге Атлантик` и транспортните `Трансал Ц-160` кои требало да истоварат падобранци за освојување на клучните стратешки точки на островите.

Неочекувано авантуристите се нашле во тешка положба, иако Боб покрај 33-те колеги имал на располагање и преку 500 `гардисти` од кои можел да очекува лојалност, заедно со неколку тешки митралези кои ги донеле со себе - сепак сето тоа било премалку за да се помисли на сопирање на француската интервенција. После спорадични борби во кои загинале четири а биле ранети девет `гардисти` и неколку легионери - `војната` заршила со предавањето на Денар и новата власт. Денар бил приведен и однесен во Париз каде што бил осуден...условно (!?) бидејќи неговите стари контакти од француските разузнавачки служби и политичарите на кои им правел услуги - се погрижиле забеганиот авантурист да не пројде ниту еден ден во ќелија.

Наоѓајќи се надвор од својот природен хабитат (државни удари и специјални мисии по Африка), малтретирајќи се со правосудните органи кои со години му наоѓале нови `закачки`, Боб Денар покајнички повторно го примил католицизмот, за последен пат менувајќи ја верата.
И токму навреме - бидејќи во 2007 наводно се упокоил. Наводно - затоа што се појавиле информации, сведоци кои го виделе на разни локации низ Африка подоцна, дека искористувајќи некои од десетиците алијаси со соодветна пасошка документација, Боб едноставно избегал од Франција...

Која и да е реалната верзија за финишот на Денар, дали веќе го имаат изглодано црви или пак некаде пие коктел под тропското зајдисонце - тоа е сепак крајот на еден неверојатно живописен лик кој ја надминува бирократско-воената рамка на злокобната француска надворешна политика и забегува во категорија сама за себе, категорија за која не може да се каже ништо добро освен дека во неа никогаш не е досадно...

No comments:

Post a Comment