(By Roger Mortis, 229/109)
На почетокот беше Зборот. Барем така пишуваше во книгата која Димитрија ја читаше веќе десетина години, секогаш откажувајќи се некаде помеѓу дванаесетта и петнаесеттата страна.
Димитрија одамна очекуваше телефонски повик, долго време чекаше ѕвончето на вратата да заѕвони. Дури и кога отвораше електронска пошта - беше сиот во исчекување. Така еден ден слушајќи ја Everyday од Бади Холи се присети што тоа исчекувал толку време...
Димитрија го очекуваше комбето, она за кое раја тврди дека било жолто, да дојде и конечно да го однесе во институцијата од која што избега во времето уште кога клетите грци станаа европски прваци во фудбал.
Но комбето никако не доаѓаше, умот на Димитрија грчевито се обидуваше да сфати како тоа никој да не приметил дека е отсутен од заводот за ментално здравје `Скопје` во село Бардовци.
Што, зарем работата е до таму стигната да не се евидентираат лудаците по лудници?
Живеејќи постојано во исчекување, Димитрија насекаде гледаше потенцијални работници на заводот како го бараат. Секој цајкан, секој чувар, лекар или војник па дури и секој уличен чистач со флуоресцентен елек - му предизвикуваа нелагодност, паничен страв дека конечно дошол и тој ден, да биде фатен како ретка пеперутка и вратен меѓу меките ѕидови на лудницата.
Животот на Димитрија не беше воопшто гламурозен. Дури и по локални балкански стандарди живееше повеќе од скромно. Монотонијата беше нарушена единствено од неговите лабилни нерви и тиковите кои му играа по фацата. Несериозно беше да очекува богат социјален живот но Димитрија никако не се откажуваше од барањето на среќата. А таа, според него - се криеше во пронаоѓањето на соодветна жена која ќе го усреќи, ќе му роди неколку деца и ќе го обожава како да е комунистички диктатор. Таа жена постоеше и Диме беше одамна смртно сериозно вљубен во неа. Нејзиното име беше необично за овие простори, Џесика, а нејзиното презиме всади сомнеж кај Димета дека се работи за албанка, бидејќи жената на неговиот живот се презиваше Алба.
На почетокот беше Зборот. А тој збор дојде од телевизијата. Таму, сосема ненадејно - Диме слушна дека Џесика стапила во брак.
Неговите нерви не можеа да го издржат тој шок, Диме целосно се препушти на насилните пориви, Диме се претвори во ѕвер, истрча во подрумот и ја зеде пушката.
Дојде времето за пресметка со суровиот свет!
Качувајќи се на покривот, Димитрија внимателно бараше цел по која ќе стрела.
Неколку минути подоцна падна и првата жртва.
Прокнижан од дијаболата на димевата воздушна пушка, првиот гулаб падна на главата на случаен минувач, пензионер. Кој пак веднаш го скри гулабот во ќесето во кое влечкаше леб и `Подравка` инстант-супа - бидејќи не очекуваше ваков небесен поклон. Неделниот ручек ќе биде збогатен со голубија чорба...
No comments:
Post a Comment