Thursday, October 29, 2015

Свирачот од Хамелн

(By Roger Mortis, 237/117)
Кобната човечка самоизмама дека е можно да се добие нешто за ништо, да се впушти во секс и да се остане невин, да се добие злато од безвредни метали - веројатно постои од кога постои и човекот иако нејзиниот интензитет е нерамномерно географски распореден. Посебно е изразена на овие простори каде што се трансформирала во една од долгата низа на килави транзициски мудрости каде што обично се работи за некој лик кој немал ништо за да после извесен период, на непознат и мистериозен начин - станал богат и со тоа ги материјализирал фантазиите на локалната раја за инстант здобивање со моќ и статус...

Постои една интересна прикаска која ја сублимира оваа трагична самоизмама, која потекнувала од доцното средновековие на територијата која шест векови подоцна ќе стане позната како Германија.

Имено во 1284 година, во некое гратче по име Хамелн - граѓаните биле соочени со наезда на стаорци кои во тоа време биле страшна закана, посебно како носители на болви кои носеле чума (ситуација која ќе ескалира глобално седумдесетина години подоцна).
Штетниците ги јаделе и загадувале и онака оскудните резерви со храна што било причина за појава на глад. Градските власти се обидувале да најдат начин да се ослободат од глодарската инвазија - но без успех. Се` до еден убав ден кога на сцена се појавил странецот, јунакот, факторот икс - некој свирач во шарена облека кој пристигнал од непознат правец во градот и на градските татковци им соопштил дека може за 24 часа да го реши проблемот со стаорците по скромна цена од 100 златници.

Власта била сомничава кон странецот но бидејќи немале избор - се` согласиле на цената, нивната скептичност била толкава што наместо 100 му ветиле 1000 златници доколку навистина успее да ги елиминира стаорците.
Свирачот прифатил, и наредното утро од неговиот кавал почнале да се шират необични звуци низ градот. Стаорците почнале да `маршираат` спрема замамниот такт на музиката која доаѓала од кавалот и почнале да го следат свирачот кој ги наведувал кон реката. За неколку часа сите градски стаорци се удавиле во реката благодарејќи на хипнотичкиот транс кој бил предизвикан од музиката на свирачот.


Граѓаните избезумени од радост почнале да слават а што направила градската власт во тој момент? Одлучиле дека 1000 златници се премногу, макар се работело за една таква монументална услуга. Свирачот инсистирал на својата првобитна побарувачка од 100 златници, но повторно попусто - стаорците и онака исчезнале и парите биле поделени помеѓу власта. Свирачот си останал со кавалот...во устата.

Но свирачот не бил лик со кој лесно се излегува на крај, а неговата одмазда била екстремна.
Наредното утро осамнало тивко и језиво, лишено од вообичаениот детски жагор.
Откако го пребарале целиот град - граѓаните пронашле само едно дете, куцо или сакато - кое раскажало што се случило.
Свирачот тоа утро - одејќи низ градските улици свирел некоја друга мелодија која овој пат не праќала стаорци во хипно-транс туку привлекувала деца. Долгата колона на деца која ја привлекол на тој начин - исчезнала во околните шуми со исклучок на куцото дете кое не можело да ги следи останатите и на тој начин единствено се спасило од непознатата судбина.
Следниот ден свирачот се појавил повторно во градот и си ги побарал заслужено заработените 100 златници во замена за детските животи. Овој пат властите немале избор и му платиле на свирачот кој пак ги одвел граѓаните до една пештера во шумата каде што живи и здрави - се наоѓале градските деца како колатерала за неблагодарните граѓани кои сакале да добијат нешто а да не вложат ништо.

Свирачот си продолжил понатаму низ лавиринот на легендите со своите чесно заработени пари а граѓаните биле среќни што нивните деца се спасени од трагичен крај соодветен на оној на стаорците.

Оваа приказна имала стотици верзии низ подоцнежните векови, самите браќа Грим подоцна се зафатиле со адаптација, а најалтрустичната варијанта кажува дека свирачот не бил странец во градот туку локален жител кој со помош на кавалот ги удавил стаорците за време на епидемија на чума, влегувајќи самиот во реката за да ги насочи глодарите таму и со својата саможртва го спасил градот од смрт.

Како и многу други стари прикаски - и оваа е полна со архетипи и стереотипи, поуки и наравоучение. Едно од нив е сосема благородната вистина дека сите оние кои сакаат да добијат нешто а да не вложат ништо - се извор на зло и страдање кое се простира по патот на нивната идиотска самоизмама.

1 comment:

  1. An update, the Rats are back after 754 years, the Piper`s nowhere to be seen now, presumably grew cynical.

    http://www.bbc.com/news/world-europe-18203263

    ReplyDelete