Thursday, October 29, 2015

D+1

(By Roger Mortis, 238/118)
Тина не беше склона да гледа вести но овој пат на инсистирање на домашните мораше да направи исклучок.
Настанот кој се случил во арктичкиот круг а кој како последица имал потопување на нуклеарна подморница од страна на патролен авион кој исфрлил противподморничко торпедо со акустично наведување - беше само кулминација на неколкуте кризни месеци меѓу двете суперсили.
Дури и пословично монотониот израз на водителот на вестите го немаше - на негово место имаше гризење на усни и очигледен страв.

Она што дополнително ја вознемири Валентина беше фактот што една од поголемите воени бази се наоѓаше на само дваесетина километри од нејзиниот град.
Се прашуваше што да прави, како да постапи иако до последен момент не сакаше да верува дека сепак, нуклеарната печурка би осамнала над нејзе, над нејзините родители, роднини и пријатели, над нејзиниот сопруг кој работеше во базата...

Паранојата полека но сигурно почна да ја вознемирува, да ја убива во поим, почна да следи вести, да чита весници, да сурфа по нет за последиците од радијација...до таа мера што се одлучи да земе неколку дена неплатен одмор од работа, ако ништо друго барем да си ги смири мислите.
Вестите не носеа ништо добро, беше објавена мобилизација на резервниот состав на вооружените сили а нуклеарната стратешка команда беше ставена под деноноќен аларм. Тина не можеше да го добие својот сопруг на телефон - кој иако цивил мораше да се однесува според воените правила кои во ваква ситуација предвидуваа прекин на комуникација со надворешниот свет.


Четвртиот ден немаше вести. Злокобното шуштење на статиката на омилениот канал на нејзините родители стана предмет на шпекулации. А и тие станаа вишок откако заслепувачка светлина која ја претвори ноќта во ден се појави од северен правец, веројатно од местото во кое беше сместена базата. Следуваше ударниот бран кој иако ослабен поради растојанието од дваесетина километри од нултата точка - сепак беше резултат на детонација на мегатони наспроти старите добри килотони познати од Хирошима, доволно силен да направи пустош. А неговото смртноносно другарче, топлотниот бран пристигна со задоцнување од само неколку секунди, претворајќи ги оние кои се затекнале на отворено - во јагленисани непрепознатливи лешеви.
Оние кои беа засолнети, меѓу нив и Тина и го преживеаа бранот - сега беа на удар на страшната јонизирачка радијација од која немаше спас. Таа навлегуваше во секоја пора, во секоја клетка и сееше смрт.

Тина испадна една од оние помалку среќните, кои не загинаа веднаш - туку беа осудени на мачна и болна смрт.
Освестувајќи се и погледнувајќи наоколу ги здогледа труповите на нејзините родители. Не се ни обѕирна кон парчињата кожа кои висеа од нејзините раце, немаше сила да вреска, да моли, да плаче - само немо ги посматраше своите мртви родители и мртви комшии.

Осамна денот потоа. Д+1, како што милуваа да го регистрираат во врховниот штаб.
Тина се влечеше наоколу во потрага по вода, беше жедна како никогаш во животот, утробата и плачеше за течност. Упатувајќи се до локалниот супермаркет кој иако оштетен сеуште некако стоеше исправен - сретна неколку луѓе со сосема отсутни погледи, ужасни остатоци на некогашни човечки битија, одечки духови кои се тетеравеа наваму-натаму. Иако некој глас од длабочините на свеста и шепотеше дека шишињата со минерална вода се озрачени, Тина едноставно мораше да пие. И пиеше, иако тоа само ја доближи до побрза смрт. А можеби и баш затоа, кој би можел да каже.
Водата ја освежи, малку и го разбистри умот.
Дури тогаш следеше пароксизмот на болката која не можеше да ја изрази поради шокот од сето што се случи.
Седејќи така во едно ќоше на маркетот во главата и дојде помисла дека не се има слушнато со сопругот одамна. Одникаде повикана мисла почна ја убедува дека можеби сепак - преживеал?

Тина мораше жестоко да се бори со рационалното во себе кое јасно и кажуваше дека сопругот е претворен во пепел. Мораше да го задуши и да верува во нешто, било што. Иако последно време односите со сопругот беа далеку од идилични, сепак тој беше нејзината најголема љубов а ден потоа - и причина да се соземе и да ги зграби неколкуте часа...или денови...кои и преостануваа.

Даниел, нејзниот сопруг, работејќи како цивил во базата се повинуваше на правилата на работата. Но таа вечер, дали поради страв или параноја, одлучи да си оди дома. Побара отпуст кој брзо беше одбиен, си даде отказ кој не беше прифатен, се докажуваше и расправаше со надредените, попусто. Едноставно знаеше што ќе се случи и мораше да најде излез. Физичкиот излез нормално беше блокиран од војници, но Даниел знаеше дека постојат места од кои може да се извлече надвор.
Но што ќе му вреди ако излезе од базата без својот автомобил? Сепак се дваесет километри во прашање.
Се реши да се обиде со автостоп.
И за чудо, успеа, беше прибран од еден постар брачен пар во еден Форд Ескорт во поодминати години.
На патот накај дома, на некои три-четири километри од градот, после една кривина која одеше зад еден голем рид - дојде блесокот. И ударот. И топлината. И јонизираните честички.
Освестувајќи се по некое време, разбуден од ужасните крици на стариот брачен пар, имајќи ја квази-среќната околност на ридот кој колку толку го заштити од ударот - Даниел погледна околу себе и излезе од колата. Доволно знаше за дејството на Бомбата за да му биде јасно дека не го слушаат и не го гледаат. Да се обиде да им помогне беше бесцелно. А толку беше жеден...

На Тина во мозокот и татнеше само една мисла, да го најде сопругот. Ни сама не знаеше зошто а не се ни замараше со тоа. Знаеше само дека не сака да умре сама, на улица, како јагленисаните кучиња пред влезот на маркетот.
Бидејќи малкуте возила кои не беа уништени беа онеспособени поради електромагнетниот пулс кој ја следи експлозијата - Тина се упати во супер-маркетот и го зграби првиот точак кој и падна при раце.


Даниел немаше избор освен да тргне пешки.
Едното око му крвареше а лицето му беше изобличено.
Една мисла почна да му го обзема умот - а што ако Тина преживеа? И Даниел мораше да го ликвидира рационалното во себе...и да продолжи напред. Чекор по болен чекор.

Тина упорно вртеше на педалите, не обзирајќи се на крвавите колена и на монструозната болка. Вртеше како тоа да и беше последно нешто во животот. Тоа впрочем и беше најверојатно последно нешто во нејзниниот живот.

На напуштениот контролен пункт кој се наоѓаше на неколку километри од градот, Тина застана да здивне. Повторно се препушти на празнење на шишето вода кое го понесе со себе. Во далечината здогледа човечка прилика како несигурно се движи по сред пат кон пунктот. Тина мислеше да го праша патникот-намерник дали нешто знае за базата, дали некој преживеал...кога одеднаш почна да ја разпознава физиономијата на Даниел, која иако нарушена, сепак и беше најинтимно позната. Во нејзиниот ум повеќе немаше место за неверица и скепса. Се обиде да се протне под рампата која немаше сила да ја подигне, но силата ја издаде и падна. Следно што осети беа рацете на Даниел околу неа, и чудниот, бизарен и никогаш виден израз на неговото лице.

Црните облаци кои преку целиот ден се собираа над регионот - конечно се истурија на земјата. Радиоактивниот дожд обично доаѓа последен, како задоцнет гостин во оргијата на смртта. Така беше и сега.
Тина се обиде да каже нешто но освен тешко распознатливи звуци не можеше да каже ништо. Кај Даниел беше слична ситуација.
И онака не им требаше говор, нивните очи знаеа све, им беше јасно све, имаа одговор за све.
Испуканите и раскрвавени усни им се споија, не обзирајќи се на црните капки кои се слеваа по нивните лица.
Колку време им преостанува? Часови, можеби неколку дена? Не знаеа точно, а не беше ни важно.
Прегрнати под една стреа на контролниот пункт, решија да ја дочекаат смртаа заедно, препуштени на последното нешто што сеуште имаше смисол во бесмислениот свет накиснат од црн дожд - нивната љубов.

No comments:

Post a Comment