Sunday, March 25, 2012

Кога чудакот со илјада гласови занеме

(By The Marked One, 134/031)
Чудакот навистина имаше илјадници гласови.
Секој глас беше посебен, колоритен и сосем реален, уникатен во многу погледи. Секој од нив некако таинствено се проткајуваше меѓу останатите, архетип на индивидуалната волја, а сепак заедно грмеа посилно од катаклизмична вулканска ерупција. Нешто што тој одамна го беше изумил, сознание кое го беше запоставил како кујнска алатка која ретко се користи.

Долго време чудакот зборуваше со себеси, во еманципирачки акт наспроти опресијата на осаменоста емулираше дебата, за чудо секогаш доаѓајќи до разни констатации кои понекогаш и не му беа по волја. Беше тоа одамна, а воздухот во неговата кревка куќарка која осамена се клацкаше во планинските венци, одеднаш се промени. Чудакот не ја насети промената, беше сосем внесен во дебатирачките игри и воопшто не обрна внимание.

Всушност, џагорот беше доволно бучен, расправата доволно разгорена при што чудакот никогаш не забележа дека еден од гласовите засекогаш згасна. Чудакот имаше илјада гласови, еден од нив, дали повеќе или помалку во моментов не правеа разлика.


Но гласовите продолжија да исчезнуваат. Еден по еден, како мали светулки, ѕвезди кои го достигнале својот финален стадиум згаснуваа во ноќта. Мирисот на смртта, гнил и застоен, тлееше во воздухот. Се чинеше дека чудакот конечно стануваше се посвесен за зголемувачката тишина. Џагорот полека замираше, беше тих, ослабен, како да доаѓа од некоја огромна далечина.

Чудакот сепак остана со неверица на лицето, сеуште убедувајќи се дека гласовите ќе се вратат. Зборуваше полека, со смирен израз на лицето а сепак длабоко во себе го чувствуваше надоаѓањето на пропаста.
Не мина долго, а чудакот забрзано занемуваше. Се обидуваше да ги повика своите гласови, поставувајќи го грлото во специфични позиции, чиниш инструмент, во беспомошен обид да ги врати. Веќе избезумен по неуспешните обиди, почна да се тресе и безумно да си нанесува повреди по телото. Дивјачки се удираше по главата, се гризеше по рацете и си ги гребеше градите.
По десетина минути кога заморот конечно го кутна, легна врз прашливиот под покриен со модринки и длабоки рани, заспивајќи веднаш.

Кога утредента се разбуди, стана и тргна да се замие во тоалетот. Се погледна себеси, се насмевна и рече : “Бурна вечер...”
Никаков звук не произлезе од неговата уста. Се обиде повторно. И повторно. Се обиде со други зборови, реченици. Други гласови. Безуспешно. Врескаше, или барем се обиде, бесчујно, со израз на болна агонија на лицето.

Поразен, кутнат од сопствената клета судбина се испружи на подот и ги затвори очите.

No comments:

Post a Comment