(By Roger Mortis, 220/100)
Неговата сопруга отсекогаш се прашуваше зошто Аксел тешко потонува во сон.
Беше навикнат да заспие со цврста прегратка околу својата `подобра половина` а таа навика не го напушташе ниту после четири години заеднички живот.
Можеби со тоа компензираше нешто од минатото за кое ретко зборуваше, можеби се работеше за (пре)силно изразени емоции а можеби потполно едноставно и најлаконски, беше само ствар карактера.
Таа ноќ, после подолго време се појави еден сон, сосема едноставен и лишен од драматика но сепак ги исполнуваше сите услови за да биде наречен Ноќна мора`.
Локацијата на сонот беше недефинирана, како што често се случува при патувањата низ царството на Морфеј. Препознатливи беа три лица, едно возрасно машко и едно возрасно женско, а третото беше дете во износена детска јакна и очигледно за нијанса поголеми кондури отколку што треба.
Детето имаше благо зачудена физиономија а погледот му падна на локалниот киоск каде што се продаваа весници, цигари и разни дрангулии.
Покрај сликичките од фудбалери од некое недефинирано првенство...
Погледот кон сликичките го потсети дека скоро кај некои деца имаше видено албуми во кои ги лепеа сликичките при што кристално чисто во мозокот му се појави сликичката со шарен грб на кој имаше црвен лав на жолто-плава позадина а под неа пишуваше Scotland, на друга имаше чуден стадион со прекрасна зелена трева а на трета - црн играч со смешна коса, за која ако не на детето барем на сонувачот би му текнало дека се вика Dreadlocks фризура.
Бидејќи уште од најмали нозе беше кондиционирано навреме да престане да бара играчки, чоколади и ситнурии, детето не се осмели да упати прашален поглед кон родителите. Но сепак не беше судено искушението да пројде само од себе, таткото застана пред трафиката и купи кутија цигари, само момент пред еден тинејџер да каже `дај десет пакетчиња од тоа сликичките` по што следеше нејасен коментар од продавачот дека ќе му се паднат многу `дупли`.
Детето не знаеше што се тоа `дупли` а тоа не го ни заинтригира, она што му го привлече вниманието беа пакетчињата, светликави и тенки кои во себе ја криеја крајната детска желба, тајната на тоа какви сликички ќе се паднат со разни играчи, стадиони и шарени грбови.
Детето се` повеќе заостануваше влечејчи се и вртејќи се постојано кон трафиката, онака како што мајка му и татко му полека се оддалечуваа од неа...
`Тато, купи ми сликичка` беа зборовите кои тивко ги изусти во тој момент. Таткото прво го погледна детето со израз на страв а потоа се заврте кон мајката со која размени некој, само за нив разбирлив поглед.
Мајката почна некој `педагошки` муабет со синчето, нешто во смисол `што ќе ти се сликички, голем си веќе, седум години направи, треба да имаш симпатија на школо а не да собираш сликички како бебињата`...
Реалноста беше дека двајцата родители во тој момент имаа доволно пари барем за албум а можеби и за неколку пакетчиња, но тие пари одамна беа наменети за нешто сосема друго, можеби половина килограм мешано мелено месо и две кила компири со кои ќе се пројдат барем уште ден-два...Која и да беше точната намена на тие пари, детето воопшто не беше заинтересирано за сето тоа, само знаеше дека сака барем едно пакетче со сликички.
Ниеден сметководител на светот не би успеал да избалансира помеѓу детската желба и моменталните приоритети така што изборот беше очекуван...
Родителите ја применија тактиката на `стратешко повлекување` забрзано оддалечувајќи се од трафиката а воедно и објектот на наивното детско искушение.
Детето попусто се обиде да го тргне татка си за ракав, потоа истото го проба и со мајка си...на кои погледот им се вкрсти повторно, но овој пат со поинаков израз, мешавина од гнев и тага на лицето на таткото, збунет поглед некаде настрана кај мајката...
Детето ја наведна главата и некако немаше сила да се растажи повеќе отколку што тоа беше случај. Продолжи да оди покрај родителите назад кон домот.
И тогаш погледот ненадејно му се фиксираше на пакетче со сликички како се вее на ветрот низ улицата. Беше пресреќно што си најде пакетче на сред улица. Се упати кон него и го подигна од земјата за сето тоа време задржувајќи ја насмевката од уво до уво.
`Мамо, тато, видете шо најдов` му беше првата реакција.
Родителите се свртеа да видат што се случува и го забележаа озареното лице на детето како држи пакетче во рацете.
Она што веднаш им стана јасно на родителите беше дека пакетчето е веројатно празно, бидејќи не постои дете кое би фрлило такво нешто на земја пред да го отвори.
Нешто поспоро но сосема сигурно тоа му стана јасно и на детето кое почна да плаче кога зебележа дека пакетчето е скинато и дека нема ништо во него.
Сепак, бришејќи ги солзите од зацрвенетите образи, детето го метна празното пакетче во џебот, се смири и продолжи да оди напред.
Аксел во тој момент се разбуди, неволно се ослободи од меѓусебната прегратка и седна на креветот.
Беше прекасно за обид за повторно заспивање, за утеха остануваше и повеќе од доволно време за редовниот утрински ритуал со кофеин и никотин, бедни супститути во поглед на исполнување на инстант среќа во споредба со едно пакетче сликички во некое друго време или во некоја друга, потполно исчашена димензија...
No comments:
Post a Comment