Tuesday, August 25, 2015

Стаорци на крстарење

(By Roger Mortis, 221/101)
Никого не изненадуваат поделени флаери на кои покрај телефонскиот број за контакт има фотографии од рандом куче или маче кое исчезнало. Се случува. Но потполно да исчезне брод in this day and age е секако нешто несекојдневно.
И тоа не било каков брод, скромен рибарски тролер или малечка едрилица, туку патнички круз лајнер...кој исчезнал сам од себе.

Токму тоа му се случило на `Љубов Орлова`, руски брод за крстарење во далечната 2013.
Изграден во Југославија во 1976 како еден од осумте идентични патнички бродови од класата `Марија Јермолова`, градени за СССР според наводен договор на Тито и Брежњев околу помагање на јужнословенската бродоградителна индустрија, овој брод бил специјализиран за крстосувања околу Антарктикот, најмалку антропофилниот континент од сите.
`Љубов Орлова` не бил именуван како што бил именуван поради еротоманска опсесија на некоја пост-советска бродска компанија со орли.
Ниту со соколи или јастреби. Едноставно се работело за омилената Сталинова филмска дива, Љубов Петровна Орлова, бољшевичкиот пандан на Марлен Дитрих и Хеди Ламар.

Бродот ја завршил кариерата во 2012 и бил довлечкан до Доминикана каде требало да биде исечен на делови. Арно ама се откачил од реморкерот кој го влечел кон последното пристаниште и стекнал mind of its own. Бидејќи не му се допаѓало да заврши рециклиран, забегал по Атлантикот а бидејќи немало активен ГПС уред на него и не му било тешко да исчезне...
Последен пат бил забележан во Јануари 2014 недалеку од Ирска.


Шпекулациите зборувале за стаорците на бродот кои сосема ненадејно се нашле на луксузно крстарење а кои откако изеле све што можело да се изеде дури и од страна на стаорец - соочени со глад се свртеле кон самите себе и започнал глодарски канибалски бал.

Не е познат изворот на оваа информација која осамнала во британските таблоиди, како што не е познат и изворот на сигналите за помош кои биле примени од бродот, од радио-уред наменет исклучиво за таа намена - и тоа долго време по исчезнувањето. Стаорците се прилагодливи битија но и од нив е претерано да се очекува еволуција во радио-оператери за толку кратко време.
Друга можност е (поради тоа што бродот се мотал околу Ирска), `Љубов Орлова` да била киднапирана од Лепрекани кои го одвеле бродот во Тир-на-Ног, `рајот` според келтската паганска митологија.

Лепреканите настрана, останува нејасно каква комбинација на некомпетентност, глупост и мистичен сплет на околности му овозможил на 5.000-тонски брод да исчезне пловејќи низ Атлантикот, без погон, без гориво, без навигација и без луѓе на него, на очиглед на локалните морнарици и крајбрежни стражи. Морските струи се моќни, но не толку моќни да скријат од поглед цело челично чудовиште.

Очигледно Морето останува последната граница а `Љубов Орлова` пост-модернистичка варијанта на `Мари Селест`.

No comments:

Post a Comment