(By Roger Mortis, 248/128)
При разговор понекогаш може да се слушне поимот `Лоботомија` или придавката `лоботомиран`. Иако соговорникот најчесто ја употребува во потценувачки цели во некаков контекст, малкумина од оние кои го употребиле тој необично звучен и сочен збор всушност знаат што е тоа лоботомија.
Лоботомијата претставува посебна неврохируршка постапка со која по хируршки пат се отстранува дел од мозокот на пациентот. Се изведува врз пациенти со најтешки психијатриски пореметувања, кога психологот и психијатарот дигнале раце и го сметаат пациентот за безнадежен случај, кога сите сеанси, терапии, психоанализи, лекови, електро и инсулински шокови, епилептични шокови со Кардиазол па и Егзорцизам (зошто да не?) се безуспешни...тогаш како последна инстанца останува лоботомијата, некој вид на “сребрен куршум“ за спас на умоболниот пациент.
Во зависност од тоа какво пореметување треба да се третира во основа постојат три вида лоботомии :
- Фронтална лоботомија, која се користи за најтешки случаи и се изведува со бушење дупка во черепот на пациентот при што се елиминира дел од фронталниот кортекс на мозокот. За оваа цел се користи металниот инструмент Леукотом со кој се сече мозокот, а има и друга посуптилна варијанта каде се вбризгува висококонцентриран алкохол во кортексот.
- Префронталната лоботомија, која исто така се користи во тешки случаи, но за разлика од фронталната се употребува прецизен скалпел со кој се сече дел од кортексот.
- Трансорбитална лоботомија, која што се користи во не толку тешки случаи и била најчесто употребувана од трите видови. Процедурата се состои од ставање на специјални инструменти во очните дупки од каде се допира до фронталниот кортекс и се врши кратка и брза интервенција со прекинување на некои нерви. Пациентите кои биле подложени на трансорбитална лоботомија носеле затемнети очила некое време по операцијата, поради заштита на очите.
Покрај разликите во техничката изведба кај овие три вида на лоботомија, тука се разликите и во резултатите од истите. Процедурите со фронтална и префронтална најчесто завршуваат со добивање на пациент-растение, но со трансорбиталната пациентите можат да продолжат со животот горе-долу...да речеме нормално...
Инаку првите лоботомии датираат уште од антички времиња иако не под тоа име, кога се бушеле дупки во черепите на умоболни лица и се вадел дел од мозокот на примитивен начин за да се “истераат лошите духови“ (постапка позната како Трепанација) кои како се верувало го “запоседнале“ човекот, т.е. лудилото за кое се немало јасна претстава што претставува точно...
Интересот за бушење дупки во главите на лудите пациенти бил распален во средината на деветнаесеттиот век благодарејќи на една бизарна случка која вклучувала необично дебела глава. Таа глава припаѓала на извесен Финиас Гејџ, лоботомиран before it was cool. Иако не бил лоботомиран во прецизна медицинска смисла, овој работник на железницата во САД стекнал светска слава поради неверојатните околности под кои преживеал забивање на метална шипка во черепот. Шипката влегла преку окото на Финиас а излегла од задната страна на главата. И покрај тоа, Гејџ преживеал - но со драстично изменет карактер и однесување, а неговиот медицински случај послужил како инспирација за многу идни неврохирурзи, убедени во можностите на хируршка модификација на однесувањето на пациентите...
Пионер во областа на лоботомијата бил германскиот лекар Готлиб Буркхарт кој ги извел првите `груби` лоботомии во модерна смисла во 1888 година.
Др. Буркхарт лечел неколку пациенти со лоботомирање. Првиот лоботомиран пациент умрел за пет дена, вториот за нешто подолго поради јак епилептичен напад, кај третиот операцијата била успешна но за жал извршил самоубиство по неколку месеци, четвртиот и петтиот не покажале никава реакција после лоботомијата а шестиот и седмиот станале некако премногу “тивки“ после процедурата...
Со тек на време лоботомијата се усовршувала, а револуција направил португалскиот лекар Антониу Егаш Муњиз кој во триесеттите години ги дефинирал трите вида на лоботомија во зависност од потребата за третман и степенот на умоболност кај пациентот. Во кариерата извршил стотици лоботомии.
На неговата работа се надоврзале англичаните Фултон и Карлајл кои лоботомирале шимпанза со наводно установено лудило во лабораторија - за да добијат експериментални резултати кои подоцна би ги користеле при лоботомирање луѓе.
За залугите во усовршувањето на лоботомијата - Др.Муњиз добил Нобелова награда за медицина во 1949 година. Ваквата одлука на Нобеловиот комитет подоцна предизвикала контроверзи бидејќи оваа процедура почнале да ја сметаат за нехумана и варварска.
Во САД лоботомијата доживеала свои ѕвездени мигови, на пример до 1951 биле изведени преку 20.000 лоботомии, во Канада се вршеле по 150 до 160 лоботомии годишно, во Британија биле лоботомизирани 17.000 пациенти, а врвот оваа постапка го доживеала во Скандинавија каде се изведувале далеку најмногу лоботомии по глава на жител.
Меѓу најпознатите случаи на лоботомија се оние на Розмари Кенеди, сестрата на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди која била лоботомирана на нејзини 23 години, шведската сликарка Сигрид Хјертен која умрела веднаш по лоботомирањето, Јозеф Хасид, феноменално талентиран еврејски пијанист чија светска кариера била прекината поради неуспешна лоботомија, канадаскиот пејач Ализ Роби, Хауард Дали кој бил присилно лоботомиран на 12 годишна возраст и подоцна напишал книга за неговите страдања, оскаровецот-актер Вернер Бакстер, холивудската актерка Франсес Фармер, Роза Вилијамс (сестра на писателот Тенеси Вилијамс) а пред неколку години се појави информација дека Ева `Не плачи за мене, Аргентино` Перон, сопруга на аргентинскиот лидер Хуан Перон и симбол на нацијата - била лоботомирана неколку месеци пред смртта во последен обид да се внесе разум кај неа...преку дупка во черепот.
Многу познати личности за влакно избегнале да бидат лоботомирани, два такви случаи имало во `МекЛин` ВИП лудницата во САД каде своевремено се разгледувала можноста за лоботомија на поетесата Силвија Плат, пејачот Реј Чарлс и други повеќе или помалку славни особи...
Најпродуктивна болница за лоботомија била `Данверс` лудницата во истоимениот град во Масачусетс која што станала синоним за практикување лоботомија (иако најчесто присилна) врз бројни пациенти. Интересно, во СССР оваа процедура се користела само неколку години и била напуштена како пракса поради нехуманоста па дури и забранета во 1950.
Во САД голем проблем претставувал фактот што лудниците биле преполни и немало место за нови пациенти, ниту пак средства за доволен третман на оние кои веќе биле институционализирани што навело многу лекари да се решат за лоботомија кај тешките случаи само за да не се замараат повеќе со нив и да ослободат место за нови пациенти...Најозлогласен бил Волтер Фриман, доајенот на бушењето черепи, Мајкл Џордан на лоботомијата, кој е рекордер по изведени лоботомии во светот (лоботомирал буквално илјадници лица). Кај него завршувале и луѓе од кои семејството сакало да се отараси па ги праќале на лоботомија под едноставен изговор дека ги фаќа лудило. Многу потенцијални наследници на имот и пари завршиле под чеканот и шилото за кршење мраз на Фриман поради вакви причини.
За успешноста имало различни мислења но со тек на време преовладало мислењето дека резултатите се скромни поради можноста лудиот да заврши како идиот или имбецил. Подоцна бројот на лоботомии бил значително намален со појавувањето на лекот Торазин кој се сметал за “хемиска“ лоботомија. Белгија на пример наводно сеуште ја има оваа терапија и годишно се изведувале околу 70 лоботомии...
Во четирите овдешни заводи за ментално здравје, популарно наречени лудници (Бардовци, Демир Хисар, Негорци и Демир Капија) овој третман никогаш не бил во програмата на лечење на умоболни.
Лоботомијата како феномен била и сеуште е инспиративна во литературата, филмот и музиката. Во литературата најпознато дело кое ја обработува лоботомијата (покрај другото) би било „Лет над кукавичкото гнездо“ од Кен Кејси.
Што се однесува до филмската уметност, највпечатлив филм секако е екранизацијата на Кејсиевиот роман „Лет над кукавичкото гнездо“ - еден од најдобрите филмови на сите времиња и отскочна даска за многу подоцна прославени глумци, „Пи“ (со славната сцена на своерачна лоботомија со бор-машина) и „Франсес“, потресна биографска драма за горенаведената актерка Франсес Фармер чија неприлагоденост кон околината очекувано била протолкувана како лудило, а лудилото третирано со шилец во черепот...
Музиката ги памети панк-рокерите Рутс чија песна со едноставен наслов `Лоботомија` е повеќе критика кон општествените норми отколку опејување на самата процедура, тука се нивните жанровски колеги Рамонси со нивната `Тинејџерска лоботомија` каде што се пее баш за самата постапка како таква, интересна нумера е не особено познатата `I`d rather have a bottle in front of me` на Ренди Хензлик која зборува за преферирањето на алкохолот пред Фронталната лоботомија, а од нашите краишта се издвојува песната на Партибрејскерси - `Лоботомија`...
Нешто напишано во некое друго, неубаво и хаотично време и место, уредено и постирано encore тука поради феноменот `Idle mind as the playground for the Devil`.
No comments:
Post a Comment