Tuesday, December 29, 2015

Авиони за раја

(By Roger Mortis, 253/133)
Those Magnificent Men in their Flying Machines...

Време е за попладневен rant а низ синапсите на мозокот ненадејно се оформува нејасна мисла околу летањето. Но не на пернати створови туку на луѓе. And there it goes...

Летањето со умот е една од најстарите човекови навики. Човекот летал со умот со илјадници години се` до еден тмурен октомвриски ден во 1783 кога конечно се случила транзицијата од умствено кон вистинско летање а тоа било благодарејќи на двајца браќа познати како Монголфие кои наспроти советите и прогнозите на `добронамерните` граѓани и селани - успеале да се вивнат во небесата со помош на летало полесно од воздухот (познато како Балон). Небесата, дотогаш резервирани за птици, ангели и архангели - конечно биле отворени за човечко присуство.

После 120 години доминација на балоните и дирижаблите на сцена стапуваат и првите летала потешки од воздухот и на тој начин се створиле услови за развој на она што денес го знаеме како воздушен транспорт. Авионскиот посебно, бидејќи рака на срце - дирижаблите или како што рајата милува да ги нарекува према генеричкиот поим - `Цепелини` - владееле со небото за време на раните денови на авионот. Во основа огромни торби полни со водород, спори и тромави - тие сепак биле начинот на кој авијацијата се стекнала со своите први клиенти на кои им требало побрзо патување отколку со воз или брод.

Можеби најреволуционерен вид транспорт кој се појавил било кога е авионскиот транспорт.
Брзината и дометот, комбинирани со релативната удобност и неспоредливата сигурност го ставаат овој вид траснпорт во сосема нова категорија.


Официјално од 1903 и браќата Рајт, неофицијално од 1901 и Густав Вајскоф започнува остварувањето на вековниот сон на човештвото да се вивне на небото без никакви религиски конотации. Брзината на развојот на цивилната авијација е спектакуларен. Само неполна деценија после првиот официјален лет на авион во светот, во 1911 - францускиот пилот и конструктор Луи Блерио го гради првиот наменски патнички авион со затворена кабина за четири патници, Блерио-24.

Во 1913 се појавува првиот повеќемоторен патнички авион на Игор Сикорски, наречен Роскиј Витјаз само како stepping stone кон првиот сериски изработуван патнички авион `Иља Муромец` кој пренесувал 16 патници во удобна кабина, но царските бирократи немале слух за новото чудо на техниката и евентуално отварање на авионска линија. Подоцна авионот бил преработен во бомбардер и користен на Источниот фронт за време на Големата војна.


Крајот на Првата светска војна оставил стотици тешки бомбардери кои немале веќе функција и илјадници пилоти без работа. Амбициозните пионери од двете страна на Атлантикот увиделе можност за стварање на нов вид сообраќај, основани се првите авиокомпании, воените авиони се преработени во патнички или поштенски и огромен број пилоти наоѓаат работа. Подоцна се појавуваат и првите `флајт атендант`, од почеток мажи, подоцна и жени. Британските пилоти Алкок и Браун во 1919 први го прелетуваат Атлантикот со Викерс Вими адаптиран бомбардер (не, Чарлс Линдберг не е прв) со што укажуваат на можноста за интерконтинентални патувања.
Патничкиот авион Е-4 на фирмата Цепелин-Штакен од 1919 е еден од оние производи кои што биле толку пред своето време што тогашната раја останала збунета и не успеала да им најде соодветна намена. Секако и фактот што Германија била во хаос во тоа време не помогнал воопшто...


Аеродромите во тоа време биле само нешто порамни ливади отколку вообичаено, ретко каде имало бетонски или асфалтни писти што го лимитирало користењето на авионите при лошо време. Во таа ситуација дошло златното време на хидроавионите, гигантски машини за прекуокеански летови кои примале повеќе патници од нивните сувоземни конкуренти а можеле да слетаат во било кое пристаниште.
Подоцна, како резултат на тоа што во Втората светска војна се градат масовно аеродроми со асфалт и бетон, хидроавионите малку по малку исчезнуваат од линиите а местото им го препуштаат на се` поусовршените патнички линиски авиони. Од таа ера вредно е да се напомене и легендарниот Даглас ДЦ-3 (познат и по својата воена дезигнација Ц-47 Дакота), сеприсутен со својата едноставна елегантност, леснотијата за одржување и општиот симпатичен впечаток кој го остава на сите, од дивјак во прашумите на Нова Гвинеја кој основал нова религија (Карго култ) поради двомоторната `Дакота` сметајќи ја за божанство (!?) па се до rank and file лицата кои професионално се бавеле со летање.
Десетици примероци и ден денес сеуште летаат на редовни линии или служат како воени транспортери по светот, осумдесетина години после летот на првиот прототип.


Со пристигнувањето на млазната ера и британскиот Де Хевиленд Комет во 1949, се преполовува времето потребно за патување. Релациите за кои требало недели и месеци да се поминат со бродови, почнале да се поминуваат за неколку часа или најмногу еден ден, незамисливи ствари пред појавата на летечките машини.

Од тогаш до денес, има неколку правци во кои се движи патничката авијација.
Првиот е зголемување на бројот на патници, се градат се` поголеми авиони со повеќе места, Боинг Б-747 и денешниот Ербас А-380 претставуваат врв во тој поглед.
Вториот е економичноста, се воведуваат нови турбофански мотори со помала потрошувачка, профилите на крилата и `винглетите` на типсовите на крилата играат улога во намалениот расход на гориво, на сцена стапуваат и нискотарифните компании кои обично имаат униформна флота од еден вид авиони (Рајан Ер користи исклучиво Б-737 на пример) штедејќи на све и слетувајќи на секундарни аеродроми.

Третиот е сигурноста на летот каде се постигнати одлични резултати и денес овој вид транспорт е најсигурен на планетата, во однос на поминати километри вс. жртви.
Четвртиот е брзината каде за жал нема некои поголеми промени, нивото е сеуште на гореспоменатиот Комет од пост-WW2 периодот, единствениот авион - исклучок беше француско-британскиот Конкорд, надзвучен авион кој летал на редовни линии со 2.200 км на час. Arguably the sexiest thing in the world aside from a woman, овој бисер на применетиот дизајн и триумф на аеродинамичноста во 2003 беше повлечен од употреба.


А тоа би биле скоро три века после првата идеја за патување низ воздухот. Воздушниот транспорт прв пат бил конципиран од страна на забеган португалски поп во 1709 година. Истиот завршил во лудница, што била очекувана реакција на тогашниот свет во врска со летање на било што непредвидено од дежурните божанства. Нацртите од неговиот воздушен брод сеуште постојат а неговата трагичната судбина била само првата жртва на патот кон еден нов свет чии контури нејасно се оцртувале во генијалната глава на попот...

No comments:

Post a Comment