(By Roger Mortis, 251/131)
Едно од вечните прашања кои никогаш не добиле целосен одговор е прашањето на односот на индивидуалноста во контекст на колективната припадност. Или на колективот во однос на индивидуалноста, во зависност од тоа како се` гледало на таа дихотомија низ вековите.
Дали се работи за меѓусебно исклучиви категории или сепак е возможна коегзистенција?
Можеби личниот идентитет отсекогаш бил жртва на очекувањата на колективот, на наметнатите обврски а најчесто на борбата за гол опстанок?
Иако индивидуалноста како поим е тотално излитена од употреба во рамките на она што некои би го нарекле `Западна цивилизација`, барем од Ренесансните времиња наваму - поимот никогаш не бил тука за да се сфати сериозно, повеќе нешто како `играч од клупа` кој постои само за да биде употребен при кратење време на крај на мечот, некаква идеја која се пласира за да се пополнат страници или медиумски мртов од`.
Зошто, in the name of the Morning Star, индивидуалноста би била пречка за опстанок?
Затоа што на неа се гледа како на закана за постоечката заедница. Затоа што бара голема саможртва без никакви гаранции за било што.
Или пак аатоа што индивидуалноста е тешка. Тешко се гради и е тешка за одржување. Тоа подразбира градење на свој мозаик составен од интереси, перспективи, ставови, погледи, вредности, перцепции - кои се стекнуваат низ текот на животот базирајќи се на сопствените искуства.
А тоа не е баш едноставно, едноставна декларација за индивидуалност не значи многу. Како што декларирање како Самурај нема да ве направи Самурај. Треба време кое раја го нема, треба желба која раја ја нема а потребна е и некоја минимална способност за логичко расудување, караткеристика која скоро целосно отсуствува наоколу...
Од друга страна не треба да се меша индивидуалноста со lone wolf карактер. Индивидуалноста не е синоним за асоцијалност.
Индивидуалецот (ако надвор од внатрешноста на главата индивидуалноста воопшто постои) би можел по свој избор да соработува со други и доброволно да се организира во групи со кои дели заеднички интерес (free association) без да биде присилуван тоа да го стори во веќе постоечките, ако тие не му одговараат или ако не дели заеднички интерес со припадниците на истите. Бидејќи тоа е невозможно, и изгледа дека ќе биде невозможно уште барем неколку векови - останува содржината на сивата маса како единствено место каде индивидуалноста е сеуште можна.
Многу е полесно човек да стане дел од масовното, од веќе понудените матрици, од колективот. Сигурно е и удобно. Социјализацијата, прифаќањето и одобрувањето од масата се подразбираат по дифолт. Одненадеж човек гледа дека луѓето делуваат како да го ценат, како да е прифатен и вреднуван.
За да постои такво масовно групирање мора да постојат однапред зададени, магловити, нејасни и општи категории од кои што поединецот би верувал дека е дел. Ништо конкретно и јасно, само ефтин мистицизам обоен во племенски бои со соодветна симболика. Затоа е лесно да се биде дел од имагинарни заедници. Мозокот, заедно со чувството за моралност и етика, креативноста и сопствената есенција - можат слободно да бидат пуштени на пасење - без тоа да пречи на опстанокот на членот на таквата група. Групата импонира на инертноста, мрзеливоста и инерцијата кај поединецот.
Конфликтот меѓу овие два концепти е неизбежен. Како што е неизбежна и социјалната изолација и малата веројатност за гол физички опстанок на индивидуалецот кој би се дрзнал да ја извади својата душа на светлото на денот.
Затоа нејзиното место е по мрачните тавани полни со пајажина, далеку од очите на светот, во последното место на кое некој би помислил да бара, во длабочините на ноќта, во прегратките на наметнатиот срам...
No comments:
Post a Comment