(By Roger Mortis, 250/130)
Во бесконечниот калеидоскоп на етатистички предизвикани несреќи, морбидната фасцинација често се задржува на мега-манијакалните слики и сцени, оние на Хитлер и `Конечното решение`, Сталин и `Архипелагот Гулаг`, Мао со `Големиот скок напред` или Кортес со походот во `Новиот свет`.
Но тука се и помалку експонираните а еднакво или дури и повеќе ужасни слики како оние од `Полињата на смртта` на Пол Пот, приватниот имот на злото на Леополд II Белгиски или мегаломанијата на Франсиско Солано Лопез.
Who the fuck is Франсиско Солано Лопез?
Се работи за историска фуснота на фуснотата, заборавен курвин син и психопат од највисок ранг кој сепак имал зад себе едно неверојатно достигнување а тоа е скоро целосна депопулација на територијата врз која имал власт, како диктатор на Парагвај од 1862 до 1870. Доаѓајќи на власт како едногласен избор на парагвајскиот конгрес на свои 32 години, после смртта на својот татко Карлос - Франсиско бил најновиот изрод во долгата низа владетели кои скоро династички владееле со оваа јужноамериканска република од стекнувањето на независноста од Шпанија.
Франсиско ќе си останел класичен латино-диктатор со сите стереотипни атрибути доколку во младоста не пропатувал низ Европа. Тие патешествија и посети на разни метрополи го заразиле со вирусот на грандоманијата. Посебно Париз со сеуште свежите спомени за големиот војсководец, Наполеон Бонапарта - бил пресуден за младиот наследник да влезе во сериозен милитаристички `филм`.
Парагвај бил основан како резултат на језуитските мисионерски напори да се создаде функционално општество кое ќе биде мешавина на традициите на локалните Индио и `инпутот` на новите колонисти кои верувале во овоземски рај. Иако веројатно единствени во својата искреност и храброст да одат по стапките Исусови во `новиот свет`, да ги третираат домородците како рамни на себеси па дури и да се `плодат и множат` заедно - језуитските `пулени` околу реките Парагвај и Парана немале можност да ја избегнат судбината на скоро сите новостворени држави во првиот бран на деколонизација (оној во Латинска Америка во почетокот на 19.век). А таа била сувопарна - скоро насекаде на власт се наместиле локални олигарси и големи земјопоседници со своите диктаторски династии.
Таа судба го стигнала и Парагвај а врвот на лудилото ќе следи во една од најбизарните војни од почетокот на цивилизацијата до денес - позната како `Војната на тројната Алијанса` или поедноставно `Парагвајската војна`.
После децении на форсирање краен национализам, шовинизам и џингоизам, засилено со екстремна милитаризација на општеството и билдање на вооружените сили, сето тоа измиксано со делузиони ситуации (прогласување на Воена морнарица во земја која што...нема море на пример) и сништа за славно војсководство - резултатот дошол сам по себе. Тоа биле 90.000 војници (во земја со проценети 850.000 жители!?) спремни за акција. Се чекала само искра која ќе го запали лудилото.
И таа искра природно заискрила. Но по игра на случајот - тоа биднало во скоро-соседен Уругвај каде што постоел внатрешен конфликт поради обид на псевдо-либералите за државен удар, подржувани од Бразилската власт. Конзервативната власт во Монтевидео била помагана од парагвајската власт бидејќи `филмот` за станување регионален фактор бил во полн замав во главата на сењор Лопез. Обично ваква спротиставеност на интереси се остава во доменот на дипломатијата, но Лопез немал намера да се потпре на дипломатите, па нели човекот одвај чекал повод за да почне да се трансформира во Гуарани-Наполеон!
Бразилските власти упатиле воена помош на псевдо-либералната страна во конфликтот во Уругвај а во приказната се замешала и државата Аргентина, исто така на страна на псевдо-либералите бидејќи сепак се работело за гужва во Рио де ла Плата а не некаде далеку.
Конзервативниот лидер на Уругвај бил соборен во мешавина на државен удар и странска интервенција при што `адутот` на официјален Асунсион морал да ја напушти својата фотеља...
И така, `изненаѓен и увреѓен` поради мешањето на Бразилската власт во тоа што го перцепирал како свој домен на интереси, Лопез се решил да покаже заби. Бидејќи бразилските сили не се обзирале премногу на Лопезовите ултиматуми, на 12.Ноември 1864 насилно бил запленет бразилски брод кој пловел по реката Парагвај. Напнатостите растеле и на 14.Декември истата година - Парагвајската држава му објавува војна на Царството Бразил! Околу 10.000 војници подржани од речни воени бродови навлегле во Мато Гросо, најзабаталената од сите забаталени бразилски провинции. Постојат места во Мато Гросо во кои и до ден денешен немала стапнато човечка нога. Инфраструктурата била непостоечка, комуникации ниту за лек - единствен крвоток биле реките и нивните притоки. Но затоа имало неколку прилично доходовни рудници на дијаманти и злато. Парагвајците мудро го заобиколиле главниот град Кујаба и после неколку нерамноправни битки во кои ги поразиле бразилските војници и доброволци - станале господари на дел од Мато Гросо, ултимативната вукојебина на Јужна Америка.
Следен чекор во билдањето на новата империја било средување на ситуацијата во Уругвај во своја корист. Франсиско Лопез се одлучил на воена инвазија со цел враќање на власт на својот `адут` а за таа цел побарал премин на 20.000 војници низ аргентинска територија за да стигнат во Уругвај. Очекувано, барањето било одбиено, факт кој многу го разбеснил пргавиот Франсиско кој затоа и објавил војна и на Аргентина и во Април 1865 започнал офанзива кон североистокот на Аргентина. На почетокот се` изгледало розефко, парагвајската армија нижела победи и покрај Мато Гросо држела и сериозна територија во Аргентина.
Во меѓувреме Бразил, Аргентина и Уругвај потпишале воен сојуз hence и името на самата војна...
Обединетите сили на трите армии конечно успеале да ги задржат парагвајските единици во крвавата битка кај Јатај во областа Кориентес, во Аргентина. Таму Лопез доживеал тежок пораз и се` чинело дека војната ќе трае кратко. Но така не мислел и Лопез кој оставил цел Корпус да ги брани стекнатите територии во областа Уругвајана. Таа единица била опколена од страна на сојузниците и после неколку крвави месеци постојани напади, парагвајците се предале измачени од глад, болештини и недостаток на муниција. Повеќе сојузнички војници загинале поради хаотичниот троен команден систем и имбецилната некомпетентност на командниот кадар отколку поради Гуарани хероизмот.
Бразилската власт одлучила дека е погоден момент за враќање на Мато Гросо и упатила неколку илјади војници да извршат контранапад. После напорен пат по река и по жестоките џунгли, десеткувани од болести и замор, бразилските единици сретнале само спорадичен отпор. Причина за тоа било што илјадници парагвајски војници веќе биле упокоени поради маларија, тифус и колера, некои се повлекле на парагвајска територија а останале само неколку утврдени претстражи, несериозен проблем за бразилската армија. Природно, откако го вратила Мато Гросо, бразилската власт се упатила во инвазија на самиот Парагвај. Но таму ги чекале новомобилизирани и свежи трупи на `генијот` Лопез кои лесно успеале да ги сопрат напаѓачите.
Пресвртница на војната била битката кај Риахуело во Јуни 1865, речна битка со воени бродови и истовремена копнена конфтонтација која завршила со катастрофа на парагвајската `Воена морнарица`. Бразилците, ионака супериорни во поглед на речна воена техника, довлечкале и парна Фрегата (!?) од Атлантикот до реката Парана, потфат погоден за екранизација од Вернер Херцог. Контролата на Парана која била главна артерија на воената логистика им овозможила иницијатива на сојузниците до крајот на војната.
После таа победа, сојузниците со околу 60.000 војници вршат инвазија на Парагвај. Во почетните борби, домаќините успеваат по цена на големи жртви да ги задржат напаѓачите. But the end was Nigh, nevertheless. Во новонастанатата ситуација кај диктаторот Лопез се појавуваат скромни признаци на рационалност и во Септември 1866 тој свикува мировна конференција. Периодот на луцидност го држи Франсиско само до самата конференција на која ги одбива сите предлози на сојузниците и војната продолжува понатаму...
А ветриштата на војната имаат свои каприци кои се плаќаат со нови и нови жртви, страдање и агонија. Непосредно после неуспешната конференција, сојузниците продолжуваат со офанзивата низ Парагвај и покрај жестокиот отпор и големите загуби. Се случува неочекуваната битка кај Курупаити, релативно добро утврдена позиција која ја напаѓаат сојузничките сили. Следува тотален дебакл на сојузниците, посебно на бразилската царска армија во една од најпонижувачките порази во современата воена историја. Парагвај губи 54 мртви и 68 ранети а сојузниците околу 4.500 мртви и непознат број ранети, исчезнати и дезертирани војници. Парагвајците не прифаќале бели знамиња туку убивале се` што мрда, на тој начин вршејќи жесток воен злостор...
Во `нормални` околности, ваква катастрофа би го сменила текот на војната во корист на победникот - но во овој случај тоа било малку веројатно. Поради загубите и малиот резервен фонд на машко военоспособно население, парагвајската власт почнала да регрутира и шуто и рогато, од 14 до 70 години, полесно ранетите бидувале набрзина `закрпени` и пратени на фронт а не борбените линии осамнале и жени...
Сојузниците имале барем 30 пати повеќе население од Парагвај, излез на море и можност за набавка на оружје и опрема. Парагвај бил опколен и без начин да набави било што. Бразилската речна флота ги контролирала сите реки и притоки и полека но сигурно сојузниците освојувале дел по дел од Парагвај. Чудно но вистинито - парагвајските `патриоти` се бореле често до последен човек нанесувајќи тешки загуби на агресорите. Сепак тоа било само одложување на неизбежното...
Точно на Нова година, 1.Јануари 1869, паднал и Асунсион. Сојузниците почнале да слават крај на војната и конечна победа...но така не мислел Лопез и еден дел од армијата кои се повлекле низ руралните предели и започнале герилска кампања.
Немајќи повеќе возрасни војници за мобилизација, парагвајските офицери врбувале деца од 12 до 15 години на кои со јаглен им цртале брада и мустаќи за да делуваат `возрасни` а како замена за пушки им биле поделени ножеви, секири, вили, стапови, чекани...и изделкани парчиња дрво во вид на пушка, избоени така што да даваат илузија дека се работи за вистинска пушка. Не е познато дали сериозно очекувале дека искусните сојузнички војници ќе бидат измамени од дрвените пушки но како и да е, мора да се земе предвид дека лудилото веќе си пуштило длабоки корени, повеќе отколку во многу други војни.
Очајот (левел Хитлерјугенд во Април 1945) колку и да бил тажна и залудна работа - сепак на момент ги запрел сојузниците. Лопез успеал да присобере околу 25.000 деца, старци и жени во обид да направи последен мега-херојски last stand со кој би издејствувал нова мировна конференција. Неколку битки и неколку порази подоцна, несудениот парагвајски Бонапарта бил `сардисан` во едно село во Март 1870. со помалку од 300 војници. Одбивајќи да се предаде, иако ранет - лично го предводел последниот суицидален јуриш. Лопез за разлика од својот идол - паднал на бојното поле перфориран од куршуми со што завршила кариерата на несомнено храбриот иако не баш најбистар диктатор кој започнал војна против три земји истовремено.
Неполн месец после смртта на Лопез - војната завршила. А последиците, земено процентуално - ги надминуваат и оние на `Нултата година` на Пол Пот и оние на `Слободната држава Конго` на Леополд II. Парагвај изгубил дел од територијата, но бил оставен да `државствува` и понатаму. На врвот на успехот - Парагвајската држава имала армија од 150.000 војници, што е на границата на возможното, ако не се знае што све не се подразбирало под `војник`. Тоа бил збир на машки лица од 12 до над 70 години, на ранети и болни, па дури и жени. Наредната година по завршувањето на војната бил извршен попис кој покажал 220.000 жители од кои само 29.000 возрасни мажи над 18 години!
Тоа значи дека Франсиско Солано Лопез и неговата хунта загубиле три четвртини од вкупното население на својата држава, а соодносот на возрасни мажи и жени веднаш после војната бил скоро 5:1 во корист на жените!
Цифрата од 630.000 мртви не ги вклучува новородените во периодот од 1864-1871 кои умреле поради глад, болести и инфекции. Сојузниците загубиле најмалку 100.000 војници и цивили со што конечната цифра иако недофатлива секако би била над 750.000 мртви, што ја засенува и Американската граѓанска војна која се водела истовремено на север и ја прави Парагвајската војна најкрвава во модерната историја на панамериканскиот континент.
Некои историчари тврдат дека Парагвај не се опоравил целосно од таа војна до ден денешен.
Сојузничките војници раскажувале за апокалиптични сцени низ Асунсион во самракот на сударот. Јагуари, битија крајно несклони да се експонираат во урбани средини - се гоштевале со ранетите и болните низ улиците. Глутници кучиња влечкале лешеви на деца оставајќи крвав траг низ правливите сокаци на етатизмот.
Не верувам дека постои поголем симбол на целосна катастрофа отколку сцена во која наоколу се мотаат Јагуари of all creatures, кои привлечени од мирисот на смртта ноншалантно се движат по улица и си одбираат жртви.
Со недели и месеци немало кој да ги закопа лешевите кои трулеле на врелото сонце привлекувајќи библиски сцени преку наезда на инсекти и глодари. И оние мажи кои преживеале биле одечки скелети, лица-лузни, осакатени сенки кои безволно се тетеравеле во непознат правец, ментални руини немоќни да направат било што...
Повторно, како и во многу наврати фантазијата е немоќна пред реалноста во поглед на ужасот.
Тотално уништена и онаа малку инфраструктура која постоела, демоцид од епски размери, губење на скоро целото писмено и образувано население, упокоена сета возрасна машка работна сила потребна за реставрација на системот, уништено земјоделие и сточарство и тешки намети за користење на речните патишта - сето тоа значело совршен рецепт за децении и децении страданија за тамошната раја во мера тешко разбирлива, мачна за перцепција, одвратна за контемплација.
А како што може да се заклучи од погоре постираната почесна поштенска марка во чест на Лопез при 100. годишнината од крајот на војната - етатистичкото лудило во таа заборавена земја сеуште е силно и го слави `херојството` на `домољубниот лидер` кој `јуначки се борел на три фронта` и бил на пат да стане деминутивен Наполеон.
Цената, т.е. демоцидот на три четвртини население на една тажна, небитна и напатена територија заедно со страдањата кои ако постои рисјански пекол - би биле еталон за мерка `болка` кај дежурните ѓаволи покрај казаните - биле резултат на патолошките мечтаења на претставниците на државната власт, ништо повеќе.
Но ништо од тоа не е најжалната работа во сета таа неважна историја.
Не се ниту Јагуарите кои кинат раце и нозе по улиците, војниците кои си ги серат цревата поради Колера, 12-годишни дечиња кои со нацртана брада со јагленче и со дрвена пушка-играчка бидуваат разнесени од граната, ниту гладот ниту мачната и бавна смрт.
Најжална е неразнишаната верба во идејата на етатизмот и покрај се`.
Viva el Estado !
No comments:
Post a Comment