Friday, June 19, 2015

Стендек

(By Roger Mortis, 178/58)
И после година и половина не се знае ништо за судбината на исчезнатиот Малезиски патнички Боинг Б-777. И покрај безбројните шпекулации и теории многу е веројатно дека никогаш нема да се дознае реалната ситуација а ако некогаш се дознае тоа би можело да биде само по игра на случајноста.

Како во случајот на еден одамна исчезнат авион за кој се ределе многу приказни...
Во 1947 британски патнички Авро Ланкастриан (за оние кои се фанови на летечки машини - адаптација на бројните бомбардери Ланкастер, познати по ноќните посети над германски градови) на компанијата Бритиш Саут Америкен на пат од Буенос Аирес кон Сантиаго во Чиле - исчезнал без никаков траг.
Овој случај станал славен меѓу љубителите на мистерии поради последната порака на пилотот која гласела `Стендек`, збор без некое особено значење кој бил повторен на барање на контролата на лет неколку пати. Подоцна овој збор бил толкуван на разни начини, од забеганост на пилотот па се` до добрите стари мали зелени вонземјани кои киднапираат раја. Нејаснотијата на последната комуникација само придонесувала за мистичноста во овој случај.
Бензин на мистериозниот оган додавале и изјави на радио аматери дека и по последниот регистриран контакт со контролата, примиле `сос/мејдеј/something` сигнали.


Потрагата не дала никакви резултати и случајот останал без објаснение. Со децении се шпекулирало за судбината на авионот, се` до 1998 кога бил најден првиот траг од авионот (дел од еден од моторите) од страна на планинари во Андите.
Подоцна војници на Аргентинската армија нашле некои остатоци од лешеви за да во 2002, цели 55 години после настанот, преку ДНК идентификација се потврди идентитетот на патниците и судбината на авионот кој закачил врв со долниот дел од трупот и се срушил врз глечер.

Снегот кој силно врнел го прекрил авионот и оставил останатата работа да ја заврши глечерот.
Глечерот, делувајќи во склад со својата нестабилна природа целосно го прекрил авионот со мраз, едноставно го голтнал и го лансирал меѓу легендите...

Со подоцнежно топење на мразот, после половина век - од замрзнатата планинска утроба на светлина на денот излегла тажната реалност.
За потомците и понекој сеуште жив современик на патниците - конечно случајот добил епилог.

Можно е и во случајот со Малезискиот авион да се случило некакво фрик сценарио како погоре наведеното со што вистината би останала во домен на шпекулации се додека контра-фрик-ивент не би дал некакви одговори.

No comments:

Post a Comment