Tuesday, June 30, 2015

Божиќното примирје

(By Roger Mortis, 188/68)
Последниот Божиќ се навршиле точно сто години од еден неверојатен настан кој е важен денес исто колку и тогаш и кој секогаш ја враќа вербата во човештвото, барем на краток момент кој не трае повеќе од едно трепнување...

Божиќ, 1914.
Западниот фронт, смрт и страдање, јуриши кон бодликавата жица преку ничијата земја, од Ла Манш до Швајцарската граница се случувала масовна кланица.
Да бидат работите уште погадни, ако тоа е можно, и природата се придружила кон човечкото зло испраќајки ги најниските зимски температури откога истите се мереле.
Снајпери вребале прилика да убијат понекој невнимателен војник или уште подобро, офицер на противникот.

Во таква атмосфера пристигнала и Божиќната ноќ.
На двете страни на рововите на линијата на фронтот луѓето чмаеле, се срмзнувале и чекале да се раздени.

Одненадеж чудни звуци почнале да допираат од германските ровови. Со секој тон се` поразбирливо, низ маглата и смдеата на трули лешеви, низ кратерите полни со затруена вода, стаорци, крв и блато, низ матната ноќ, преку ничијата земја - до Британските и Француските уши почнале да надоаѓаат стиховите на Stille Nacht, Heilige Nacht. Прво поедини гласови а потоа се повеќе и повеќе Германски војници почнувале да пеат. Наскоро, низ целата линија, десетици илјади грла ја пееле најпознатата Божиќна песна.


Низ образите на премрзнатите и шокирани сојузнички војници се појавиле и првите солзи. Веројатно тоа било последно што го очекувале на светот во тој момент. Смртта секако била очекувана со многу поголема сигурност. Песната почнала срамежливо да се пее и на Англиски и Француски, во обете варијанти.

Една песна три јазици, една ноќ.

После извесно време стражите забележале Германски војници со бели знамиња и без оружје како се појавуваат на ничијата земја и како зборуваат нешто. Неколку поочајни, позабегани или почовеколики војници од сојузничката страна (за кого како) самоволно се упатиле да се сретнат со своите `непријатели`. Дошло до првиот мирен контакт меѓу луѓето на двете страни. Набрзо средбата станала масовна и се разменувале цигари, оние кои го знаеле јазикот на противникот почнале муабет, се поделиле скромните оброци меѓусебно.

На Британците им текнала и сосема Британска идеја во мугрите, се појавиле неколку импровизирани фудбалски топки и започнале неколку фудбалски меча. Тој ден никој не запукал и наредбите скоро и да биле игнорирани насекаде.

Офицерскиот кадар на двете страни бил шокиран и загрижен од ваквите испади на човечност и високите генерали одлучиле да стават крај на толку девијантни и непатриотски појави како играње фудбал и делење порција со довчерашен противник. Паднале и првите смртни пресуди за предавство и луѓе биле стрелани за делење цигара со човекот мобилизиран и донесен на фронтот - од спротивната страна.

Наредните денови млади луѓе биле изнесувани на стрелање, биле седнувани на столче во мугрите откако претходно цела ноќ биле изолирани во бараки, веројатно за да го контемплираат својот `грев`, врзани за столчето и неможејќи да ги контролираат меурот и дебелото црево од страв, врискајќи и плачејќи - само допринесувале за проклетството на ситуацијата, сцени кои се невозможни  за ниедна филмска лента, но кои служеле како опомена дека државата очекува да го убиеш посочениот врсник, `непријателот`, а не да пееш Божиќни песни со него.

Настанот очекувано останал на маргините на историјата, иако е поважен од сите одвратни битки и воени операции кои збришале цела една генерација...

Таа ноќ. Тоа утро. Тој Фудбал.
Таа ноќ ги искупила сите гревови на човештвото во еден магичен момент.

No comments:

Post a Comment